ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Службата за Јехова ме прави среќен
ПРВАТА задача што ја добив во Бетелот во Канада беше да го чистам подот во објектот каде што беше печатницата. Тоа беше во 1958 год., кога имав 18 години. По кратко време, почнав да работам на машина што ги отсекуваше рабовите на списанијата веднаш штом ќе се испечатеа. Уживав во животот и бев многу среќен што служам во Бетел!
Следната година, бетелското семејство беше известено дека се потребни доброволци кои ќе служат во подружницата во Јужноафриканската Република, каде што требаше да се постави нова ротациона машина за печатење. Се пријавив, и многу се израдував што бев избран. Беа избрани и тројца други Канаѓани — Денис Лич, Бил Меклелан и Кен Нордин. Ни беше кажано дека ќе добиеме карта во еден правец.
Ѝ се јавив на мајка ми и ѝ реков: „Мамо, имам нешто да ти кажам. Одам во Јужноафриканската Република!“ Мајка ми беше тивка жена, но имаше цврста вера и многу го сакаше Јехова. Во тој разговор не ми кажа многу, но знаев дека ја имам нејзината поддршка. Иако на моите родители не им беше лесно што заминувам толку далеку, тие никогаш не ми приговорија за таа одлука.
НА ПАТ КОН ЈУЖНОАФРИКАНСКАТА РЕПУБЛИКА
Заедно со Денис Лич, Кен Нордин и Бил Меклелан додека патуваме со воз од Кејптаун за Јоханесбург во 1959
Шеесет години подоцна, ние четворицата повторно се среќаваме во подружницата во Јужноафриканската Република во 2019
Најпрво отидовме во Бетелот во Бруклин, каде што три месеци добивавме обука за еден посебен вид печатење. Потоа се качивме на еден товарен брод кој одеше за Кејптаун (Јужноафриканска Република). Само што имав наполнето 20 години. Откако пристигнавме во Кејптаун, вечерта тргнавме со воз на долго патување за Јоханесбург. На разденување застанавме во едно мало гратче во полупустинската област Кару. Беше жешко, зачадено и насекаде се креваше прашина. Ние четворица гледавме низ прозорецот и се прашувавме какво ли е ова место. Бевме загрижени како ќе ни биде на новата задача. Со години подоцна, кога повторно ја посетувавме оваа област, сфативме дека животот во овие мали гратчиња е многу пријатен и спокоен.
Неколку години имав задача да работам на извонредната и сложена линотип машина, подготвувајќи ги редовите со букви за да се печатат списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Подружницата печатеше списанија на многу африкански јазици, и тоа не само за Јужноафриканската Република туку и за многу други земји во Африка. Бевме среќни што новата машина за печатење, поради која дојдовме дури од Канада, работеше со полна пареа!
Подоцна работев во канцеларија во склоп на одделението што се грижеше за преведувањето, печатењето и транспортот на литературата. Бев доста зафатен, и животот ми беше исполнет.
БРАК И НОВА ЗАДАЧА
Јас и Лора додека служиме како специјални пионери во 1968
Во 1968 год. се оженив со Лора Боуен, која живееше близу Бетел. Таа служеше како пионер и помагаше за преведувачкото одделение како дактилографка. Во тоа време, оние што ќе стапеа во брак обично не остануваа во Бетел, па така добивме задача да служиме како специјални пионери. Бев малку загрижен. Откако 10 години служев во Бетел, каде што ми беше обезбедено храна и сместување, се прашував како ќе успееме да ги покриеме сите трошоци со малата сума пари што ја добивавме како специјални пионери. Секој месец, и двајцата добивавме по 25 ранди (сума што тогаш изнесуваше 35 американски долари), но само ако ја исполневме одредената квота на часови, повторни посети и оставена литература. Тие пари требаше да ни стигнат за кирија, храна, превоз, како и за медицински и други лични трошоци.
Добивме задача да служиме во една мала група близу градот Дурбан, кој излегува на Индискиот Океан. Голем дел од населението таму беа Индијци. Многумина од нив беа потомци на работници кои при крајот на 19 век дошле во Јужноафриканската Република за да работат на плантажите со шеќерна репка. Иако со текот на годините го смениле своето занимање, тие сѐ уште ја имаа задржано својата култура и кујна, во која спаѓаа прекрасни јадења со кари. А бидејќи зборуваа англиски, ни беше лесно да им проповедаме.
Од специјалните пионери се очекуваше секој месец да поминуваат во служба по 150 часа. Затоа, јас и Лора испланиравме првиот ден да проповедаме шест часа. Беше многу топло и влажно. Бидејќи немавме повторни посети и библиски курсеви, моравме да поминеме шест часа во служба од врата до врата. Некое време откако почнавме, погледнав во часовникот и видов дека поминале само 40 минути! Се прашував како воопшто ќе успееме да служиме како специјални пионери.
За кратко време си направивме добар распоред. Секој ден си подготвувавме сендвичи и си стававме супа или кафе во термос. Кога имавме потреба од пауза, ќе ја паркиравме нашата мала кола под сенката на некое дрво. Понекогаш, околу нас ќе се собереа прекрасни Индијчиња кои внимателно нѐ набљудуваа. За само неколку дена сфативме дека, откако ќе поминеа првите два-три часа, остатокот од денот ни минуваше многу брзо.
Колку бевме радосни што можевме да им ја пренесеме библиската вистина на гостопримливите луѓе што живееја на тоа подрачје. Увидовме дека Индијците се пријатни луѓе, имаат почит кон другите и го сакаат Бог. Многу хиндуси ја прифатија пораката што им ја проповедавме. Тие сакаа да учат за Јехова, Исус, Библијата, идниот нов свет во кој ќе владее мир и за надежта за мртвите. По една година водевме 20 библиски курсеви. Секој ден одевме на ручек кај некое од семејствата со кои проучувавме. Бевме многу среќни.
По кратко време добивме нова задача — да служиме во покраинското дело покрај брегот на прекрасниот Индиски Океан. Секоја седмица престојувавме во домот на некое семејство додека ги посетувавме собранијата и соработувавме со објавителите со цел да ги охрабриме. Тие нѐ сметаа како дел од нивното семејство, и уживавме додека поминувавме време со нив, со нивните деца и со нивните миленичиња. По две прекрасни години во таа служба, неочекувано добивме телефонски повик од подружницата. Братот ни рече: „Би сакале да се вратите во Бетел“. Му одговорив: „Нам ни е многу убаво тука“. Сепак, бевме спремни да ја прифатиме секоја задача што ќе ја добиевме.
ПОВТОРНО ВО БЕТЕЛ
Во Бетел бев доделен во Одделението за служба, каде што имав можност да работам со голем број зрели и искусни браќа. Во тоа време, откако ќе посетеше некое собрание, покраинскиот надгледник испраќаше извештај до подружницата. Потоа, Одделението за служба испраќаше писмо до собранието на темел на извештајот на покраинскиот надгледник. Овие писма имаа за цел да ги охрабрат собранијата и да им го пружат потребното водство. Браќата кои служеа како секретари имаа многу работа. Тие ги преведуваа на англиски писмата што покраинските надгледници ги пишуваа на јазиците коса, зулу и некои други, а потоа ги преведуваа на тие африкански јазици писмата што подружницата ги пишуваше на англиски. Многу го ценам трудот што го вложуваа овие вредни преведувачи. Тие ми помогнаа и да разберам со какви потешкотии се соочуваа нашите браќа и сестри кои беа од црната раса.
Во тој период, во Јужноафриканската Република имаше апартхејд. Луѓето од секоја раса живееја во посебни населби и не смееја да се дружат со оние што се од друга раса. Нашите браќа кои беа црнци зборуваа, проповедаа и одржуваа состаноци на своите јазици.
Не познавав многу Африканци од црната раса бидејќи моето собрание проповедаше на подрачје каде што се зборуваше англиски. Но, во Бетел имав можност да дознаам нешто повеќе за црнците во Африка, како и за нивната култура и обичаи. Дознав со какви предизвици се соочуваат браќата за да се справат со локалните традиции и религиозни верувања. Тие беа многу храбри. И покрај тоа што се соочуваа со силно противење од своето семејство и од соселаните, тие одбиваа да учествуваат во небиблиски обичаи и да прават работи поврзани со спиритизам. Во селските подрачја луѓето беа многу сиромашни. Многумина од нив немаа речиси никакво образование, но многу ја почитуваа Библијата.
Имав чест да работам на некои правни случаи поврзани со слободата на вероисповед и со неутралноста. Многу ми ја зајакна верата примерот на децата на Јеховините сведоци кои покажуваа верност и храброст со тоа што одбиваа да учествуваат во молитви и во пеење верски песни, иако беа истерувани од училиште поради тоа.
Во малата африканска земја која тогаш се нарекуваше Свазиленд, браќата се соочија со уште една тешка ситуација. Кога умре цар Собуза II, од сите граѓани се бараше да учествуваат во одредени обичаи за оплакување на починатиот. Мажите требаше да си ја избричат главата, а жените да си ја скратат косата. Многу браќа и сестри се соочија со прогонство затоа што одбија да учествуваат во овој обичај кој беше поврзан со обожавање на предците. Бевме трогнати од нивната лојалност кон Јехова! Нашите браќа во Африка ни беа пример за верност и стрпливост. Тоа многу ја зајакна нашата вера.
ПОВТОРНО ВО ПЕЧАТНИЦАТА
Во 1981 год. повторно бев испратен да служам во печатницата. Овојпат добив задача да помагам во развојот на печатењето со помош на компјутери. Тоа беа возбудливи времиња. Имаше огромни промени во светот на печатарската дејност. Еден локален трговски застапник ѝ даде на подружницата нова печатарска машина на пробен период без никакви обврски. На крајот, подружницата купи пет вакви машини со кои беа заменети деветте стари линотип машини. Исто така, беше поставена нова ротациона машина за офсет печатење. Ова овозможи процесот на печатење значително да се забрза.
Компјутерите ни помогнаа да измислиме нови начини за поставување на текстот на страниците со помош на МЕПС (Повеќејазичен електронски фотослог систем). Од времето кога ние четворицата дојдовме од Канада во Јужноафриканската Република, технологијата навистина многу напредна! (Иса. 60:17). Во меѓувреме, сите ние стапивме во брак со духовно зрели сестри кои служеа како пионери. Јас и Бил продолживме да служиме во Бетел, а Кен и Денис основаа семејства и живееја во близина.
Во подружницата имаше сѐ повеќе работа. Постојано растеше бројот на јазици на кои се преведуваше и печатеше библиската литература, која потоа требаше да се испорача до други подружници. Поради тоа, имаше потреба од нов бетелски комплекс. Браќата почнаа да градат на една прекрасна локација западно од Јоханесбург, и овој Бетел беше посветен во 1987 год. Се радувам што можев да бидам сведок на сиот тој напредок, како и да служам повеќе години во Одборот на подружницата на Јужноафриканската Република.
ДОБИВАМЕ НОВА ЗАДАЧА
Во 2001 год. многу се изненадивме кога бев поканет да служам како член на новоформираниот Одбор на подружницата во САД. Од една страна, ни беше жал што требаше да ги оставиме нашите задачи и да се разделиме од нашите пријатели во Јужноафриканската Република. Но, од друга страна, се радувавме што нѐ очекуваше ново поглавје во животот — да бидеме членови на бетелското семејство во САД.
Меѓутоа, нѐ загрижуваше мислата дека ќе бидеме далеку од мајка ѝ на Лора, која беше во поодминати години. Не можевме многу да правиме за неа од Њујорк, но трите сестри на Лора беа спремни да ѝ ја пружат потребната грижа во физички, емоционален и финансиски поглед. Тие рекоа: „Ние не можеме да бидеме во полновремена служба, но ако се грижиме за мама, вие ќе може да продолжите“. Навистина сме им многу благодарни.
Иста таква спремност имаа брат ми и снаа ми, кои живееја во Торонто (Канада) и се грижеа за мајка ми, која тогаш беше вдовица. Всушност, таа живееше со нив повеќе од 20 години. Многу сме им благодарни за љубовта и грижата која ѝ ја покажуваа сѐ до нејзината смрт, која настапи кратко откако ние пристигнавме во Њујорк. Навистина е голем благослов да имаш такви членови на семејството кои се спремни да прават промени во своите животи за да се грижат за остарените родители, што понекогаш знае да биде голем предизвик.
Мојата прва задача во САД беше поврзана со печатењето на литературата кое дотогаш беше доста пософистицирано и поедноставено. Од неодамна работам во Одделението за набавка. Ни причинува големо задоволство што последниве 20 години сме дел од оваа огромна подружница, која сега има околу 5.000 членови на бетелското семејство, како и околу 2.000 бетелски соработници!
Пред 60 години не ни помислував дека денес ќе бидам овде. Лора ми е голема поддршка сите овие години. Навистина водев исполнет живот! Многу ги цениме сите задачи кои можевме да ги извршуваме, како и прекрасните луѓе со кои соработувавме, вклучувајќи ги и браќата и сестрите што ги запознавме додека посетувавме разни подружници низ целиот свет. Сега сум над 80 години и имам помалку работни обврски. Но, има мнозина помлади браќа кои се обучени и кои се грижат за работата.
Псалмистот напишал: „Среќен е народот кому Јехова му е Бог“ (Пс. 33:12). Колку вистинити се овие зборови! Многу сум благодарен што сите овие години можев да му служам на Јехова заедно со неговиот среќен народ.