Драги објавители на Царството!
Кога ќе размислиме за активностите во делото за Царството во нашата земја, имаме многу причини да се радуваме заради ‚плодот за вечен живот‘ што го собравме во изминатата службена година (Јован 4:35, 36). Во споредба со 2005 службена година имавме 5 отсто пораст во бројот на објавители. Во месецот кога започнавме да ја користиме новата книга Што учи Библијата, бројот на лицата со кои проучуваме се зголеми за повеќе од 50, а во мај го достигна дотогаш најголемиот број од 855 лица. Колку убав потенцијал за понатамошен пораст!
Јехова великодушно одговори и на нашите молитви за повеќе работници на жетвата. Среќни сме што во нашата земја беше испратен првиот мисионерски пар за да служи на подрачјето (Лука 10:2). Заедно со нив, сега на жетвата служат 100 полновремени работници!
Оваа службена година беа завршени две нови Сали на Царството, а при крај е и третата во Прилеп. Но, највозбудлив момент за сите нас беше кога во јули го добивме Светото писмо — превод Нов свет на македонски јазик! Бидејќи сега ја имаме Божјата реч со нејзината потполна моќ и убавина, жетвата ќе достигне нов врв во текот на новата службена година.
Бидете уверени дека многу ги цениме вашиот удел во делото за Царството, вашата вера и истрајност. Во новата службена година, да се сконцентрираме на тоа да проповедаме на нашите подрачја за да дадеме темелно сведоштво низ цела Македонија. Така, ќе добиеме вечни благослови затоа што служиме во духовната жетва (Јован 4:36).
Вашите браќа,
Бетел, Македонија