Објавителите на Царството известуваат
Чесноста ја препорачува нашата служба
ЧЕСНОСТА е основно барање за христијаните. Апостолот Павле во Евреите 13:18 (NW) напишал: „Веруваме дека имаме чиста совест бидејќи сакаме да се однесуваме чесно во сите работи“. Нашето практикување на чесноста ‚науката на нашиот Спасител, Бога, ја украсува во сѐ‘ (Тит 2:10). Чесноста, како и проповедањето за Царството на двајца христијани во Јужното Пацифичко царство на Тонга дало силно сведоштво. Подружницата на Стражарска кула во Западна Самоа раскажува:
„Со години една брачна двојка Сведоци им зборувала за Божјето Царство на луѓето во четири села на нивниот остров но без видливи резултати. Потоа, додека нејзиниот сопруг бил болен, жената морала да се грижи за нивната плантажа и да ја сече и суши копрата, нивниот единствен извор на приход. Кога пристигнало времето купувачите да ја испитаат копрата, со нејзините пет вреќи била помешана и вреќата на некој друг. Соседите ја наговарале да ја задржи вреќата што била вишок и на тоа да гледа како на Божји благослов. Меѓутоа, сестрата одбила и дури иако ѝ било платено за шест вреќи, таа го примила износот кој точно ѝ припаѓал. Нејзината чесност била забележана.
Подоцна, кога сопругот морал да патува на друг остров, сопственикот на еден дуќан го замолил да му купи некои работи. Сведокот го направил тоа и му го вратил кусурот. Човекот бил вчудоневиден. Рекол дека тоа било прв пат некој да му го врати кусурот. Другите, кога би ги замолил да му купат нешто, секогаш го задржувале кусурот. Во една друга прилика, кога на Сведокот му било потребно нешто од дуќанот на овој човек, човекот му го дал клучот од дуќанот, покажувајќи му да си земе што му е потребно и да го остави надоместот во дуќанот. Останатите присутни го прашале сопственикот зошто му го дал клучот од дуќанот на Сведокот, а не на нив. Сопственикот објаснил дека Сведокот бил единствениот во селото кому може да му верува.
Помеѓу селаните се зборувало за доброто однесување на оваа двојка. Сведоците се познати по нивната чесност, нивниот став за неутралност во политиката и нивното сведочење за Божјето Царство, што ја покажува разликата помеѓу верувањата на селаните и библиската наука. Сега, кога се јавуваат прашања во врска со Библијата, луѓето често доаѓаат кај Сведоците за одговори. Сопругот морал дури и да станува навечер од кревет, да оди на селскиот собир и да одговори на прашањата кои се појавиле во врска со Библијата. Кога се одржувале погреби во селото, често пати бил замолен да објасни што Библијата вели за мртвите и неговите коментари биле прифаќани“.
Така, чесноста на оваа брачна двојка Сведоци и нивното проповедање за Царството дало добро сведоштво на овој прекрасен остров во Јужниот Пацифик. Тие се надеваат дека и останатите ќе ја студираат Библијата и ќе заземат свој став за вистината. Ако го сторат тоа, Јехова Бог сигурно ќе ги благослови (Јован 8:32).