Зошто да му служиме на Јехова?
„ЈЕХОВИНИОТ ден е близу! ‚Големата неволја‘ само што не пристигнала и нема да преживееш доколку не му служиш на Бог.“ Како би реагирал кога некој би ти го рекол тоа? (Софонија 2:2, 3; Матеј 24:21).
Секако дека треба да го држиме во мислите Јеховиниот ден, а преживувањето во големата неволја која претстои навистина зависи од верната служба кон Бог. Но дали тие факти треба да бидат главна причина зошто му принесуваме на Јехова Бог света служба? Зошто ти му служиш на Јехова?
Потребен е исправен мотив
Ако некој не му служи на Бог со исправен мотив, би можел да се откаже доколку неговите очекувања не се остварат во одреденото време. На пример, некои луѓе очекувале Исус Христос да се врати во 1843 или 1844, датуми кои поминале без да се остварат нивните желби. Во врска со ова, интересно е да се забележи тоа што го напишал Џорџ Сторз, издавач на Bible Examiner, а подоцна познаник со Чарлс Тејз Расел, првиот претседател на Друштвото Стражарска кула. Во Bible Examiner од септември 1846, Сторз напишал:
„Обврската да му се служи на Бог е поставена на многу повисоко место отколку самиот факт дека денот веќе е при крај. . . . Реакцијата која ќе настане ако ’46 и ’47 поминат, како што и можат, без да посведочат за адвентот ќе биде разочарувачка за секакво сваќање. Искуството го докажува тоа — мислам на искуството од ’43 и ’44. Каде е сега големиот дел од оние кои се изјаснуваа дека се ‚подбудени да му служат на Бог‘ како што требало со тој повик на времето за Господовото доаѓање? А ехото вели — КАДЕ!!! Едвај еден од десет такви сега се наоѓа како оди во верата така што ѝ оддава чест на својата христијанска вероисповест. Зошто не? Тие имале погрешни мотиви. Нивната себичност била таа која првенствено ги привлекла и подбудила. Слични се на грешник кој мисли за себе дека е близу до смртта на болничка постела или во бура на море. Ако мора да умре, тогаш ќе стане христијанин. Кога би знаел дека е надвор од опасност, би бил рамнодушен како и секогаш.“
Да му се служи од исправни мотиви
Себичноста и стравот од уништување можат да натераат некои површно да ја извршуваат Јеховината волја. Други можат да бидат толку восхитени со надежта за живот во Рајот што би му служеле на Бог само од таа причина. Сепак, кога луѓето би биле мотивирани првенствено од такви мотиви, мислејќи дека Јеховиниот ден и големата неволја не се толку близу, можеби не би биле склони да му служат на Бог ревно.
Се разбира, не е себично да се радуваме на Божјите ветувања и проречени благослови. Тој сака да се радуваме на изгледите кои се поставени пред нас како следбеници на неговиот Син Исус Христос. „Бидете радосни во надежта“, рекол апостол Павле, додавајќи: „Во маката бидете трпеливи, а во молитвата постојани“ (Римјаните 12:12). Заедно со молитвата, „радоста пред Господа“ ни помога да истраеме во искушенијата и трпеливо да го чекаме остварувањето на Божјите ветувања (Неемија 8:10). Во меѓувреме, имаме многу причини да му служиме на Јехова. Кои се некои од нив?
Должност и предност
Како Универзален Суверен, Јехова заслужува и очекува исклучителна оддаденост (2. Мојсеева 20:4, 5). Така, секој христијанин има иста мера на обврска кон Бог без обѕир дали големата неволја започнува утре, следната година, или подоцна. Тој е обврзан да му служи на Јехова несебично поради тоа што го љуби Бог со целото свое срце, душа, ум и сила (Марко 12:30). Некои први христијани сметале дека Јеховиниот ден ќе настапи непосредно, но нивното очекување не се остварило, а тие умреле без да го видат тој настан (1. Солунјаните 5:1-5; 2. Солунјаните 2:1-5). Меѓутоа, ако останале верни до смртта, овие помазани следбеници на Христос на крајот примиле награда со воскресение во небесен живот (Откровение 2:10).
Крстените Сведоци на Јехова би требало да му служат верно поради тоа што доброволно ја прифатиле обврската да ја вршат неговата волја. Замисли само! Како и светите ангели, можеме да ја вршиме волјата на Универзалниот Суверен (Псалми 102:20, 21). Исус толку високо ја ценел таквата предност што рекол: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил да го извршам Неговото дело“ (Јован 4:34). Ако го имаме истиот дух, ревносно ќе ги објавуваме фалбите за Јехова и ќе им зборуваме на другите за неговите цели, како што ни се откриени во Писмата. На ваков начин, ние сме исто така во предност духовно да им помогнеме на другите. И, секако, вршењето на Божјата волја од љубов кон него е прекрасна предност, без обзир на тоа кога започнува Јеховиниот ден.
Благодарноста ја овозможува мотивацијата
Благодарноста за Божјата љубов што ја овозможил откупната жртва на неговиот Син, би требало исто така да нѐ мотивира да му служиме на Јехова. Некогаш сме биле отуѓени од Јехова Бог поради гревот. Меѓутоа, Исус рекол: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). Јехова во овој поглед ја презел иницијативата, како што напишал Павле: „Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5:8). Благодарноста за овој израз на Божјата љубов би требало да нѐ натера да му служиме со цело срце.
Ценењето за Јеховините духовни и материјални подготовки ни дава понатамошна причина да му служиме верно. Божјата Реч е сигурен водич — светилка за нашиот пат. Публикациите овозможени преку „верниот и разумен роб“ (NW) ни помагаат да ги ускладиме нашите животи со божествената волја (Матеј 24:45-47; Псалми 118:105). И поради тоа што ние најнапред го бараме Царството, Јехова се грижи за нас и во материјален поглед (Матеј 6:25-34). Дали ти го покажуваш твоето ценење за овие работи?
Благодарност за слободата од лажната религија што ни ја дал Бог ја исполнува следната причина лојално да му служиме на Јехова. Религиозната блудница, Големиот Вавилон, „седи над многу води“ што значи над „луѓето и народите, племињата и јазиците“ (Откровение 17:1, 15). Сепак, таа не седи над Јеховините слуги и нема над нив религиозно влијание и власт. На пример, тие ја одбиваат лажната религиозна наука дека човечката душа е бесмртна. Знаат дека човекот бил создаден како „жива душа“, дека мртвите „ништо не знаат“ и дека ќе има воскресение (1. Мојсеева 2:7; Проповедник 9:5, 10; Дела на св. апостоли 24:15). Затоа, ниту се плашат од мртвите ниту ги обожаваат. Дали благодарноста за таквата духовна слобода те поттикнува да се спротивставиш на отпадот и да се држиш за чистото обожавање на Јехова? (Јован 8:32).
Ценењето за Јеховината секојдневна поддршка би требало да ја зголеми нашата одлучност лојално да му служиме. Псалмистот Давид изјавил: „Благословен да е Господ секој ден! Ако некој нѐ претоварува, Бог ни помога“ (Псалми 68:19, Даничиќ-Караџиќ). На други места псалмистот рекол: „Татко ми и мајка ми ме оставија, но Господ ме прими“ (Псалми 26:10). Да, оној кој верно му служи на Јехова може да го фрли врз Бог својот симболичен товар, како што се грижите и потешкотиите. Дали ти покажуваш ценење за Јеховината сигурна поддршка со тоа што му служиш верно? (Псалми 144:14).
Возвишувај го Јехова и неговото царствување
Желбата да го славиме Јехова би требало исто така да нѐ мотивира да му служиме. Небесните суштества се претставени како го слават Бог со зборовите: „Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!“ (Откровение 4:11). Цар Давид го возвишувал Бог со зборовите: „Твое е, Господи, и величието, и силата, и славата, и победата, и блесокот . . . Твое е, Господи, царството . . . Од тебе е и богатството и славата; Ти владееш над сѐ . . . и сега, Боже наш, Те славословиме и го фалиме Твоето величествено име“ (1. Летописи 29:10-13). Како Јеховини слуги, зарем не се чувствуваме обврзани да го славиме со зборови и дела додека го чекаме исполнувањето на неговите ветувања? (1. Коринтјаните 10:31).
Силниот поттик да зборуваме за Божјето Царство дава уште една подбуда да му служиме на Јехова. Овој искрен мотив добро е изразен во зборовите на псалмистот: „Нека Те прославуваат, Господи, сите Твои дела, и нека Те благословуваат светиите Твои, и нека ја проповедаат славата на Твоето царство, а да прикажуваат и за силата Твоја. За да им се кажува на синовите човечки за Твојата сила и за велелепната слава на Твоето царство. Твоето царство е царство на сите векови, а владеењето Твое над сите поколенија“ (Псалми 144:10-13). Објавувањето на пораката за Царството е налог за христијаните и најважното дело кое треба да се изврши денес (Матеј 24:14; 28:19, 20). Дали имаш горлива желба да го славиш Јехова и да им кажуваш на другите за неговото Царство?
Посветувањето на Јеховиното име и одбраната на неговиот суверенитет би требале да бидат од таква важност за нас што ќе сакаме да му служиме верно. Можеме да се молиме за посветување на Јеховиното име и за одбрана на неговиот суверенитет (Матеј 6:9). Можеме да делуваме во склад со нашите молитви со редовно учество во христијанската служба и со ширење на вистината за таквите животоважни работи (Језекиил 36:23; 39:7).
Радост и задоволство
Со тоа што верно ќе му служиме на Јехова, имаме задоволство да го израдуваме неговото срце и да докажеме дека Ѓаволот е лажливец. Иако Сатана лажно тврди дека луѓето му служат на Бог од себични причини, нашата лојална служба на Јехова која ја извршуваме од љубов докажува дека клеветите на исмејувачот се лажни (Јов 1:8-12). Тоа ни дава добра причина да го извршуваме она што е речено во Соломонови изреки 27:11: „Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, — и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети“. Понатаму, кога му служиме на Јехова лојално наспроти сето она што Сатана го прави за да нѐ спречи, нашиот беспрекорен пат веројатно ќе ги зацврсти нашите соверници (Филипјаните 1:12-14).
Радоста и задоволството да учествуваме во духовната жетва исто така би требало да нѐ поттикне верно да му служиме на Јехова. Исус се радувал кога им помагал на луѓето, особено во духовен поглед. Матеј 9:35-38 вели: „И одеше Исус по сите градови и села, и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот. А штом виде многу народ, се сожали, зашто беа изморени и прснати како овци без пастир. Тогаш им рече на Своите ученици: ‚Жетвата е голема, а работници малку; затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва‘“. Ако делото на жетва трае подолго отколку што сме очекувале, тоа ќе ни даде повеќе можност да најдеме радост и задоволство во духовното помагање на другите. Тоа е, исто така, начин да покажеме љубов за ближниот која се очекува од нас (Матеј 22:39).
Зошто ти му служиш на Бог?
Разгледавме само неколку од многуте мотивирачки причини да му служиме на Јехова верно. Добро е да размислуваме во молитва за нашите лични причини зошто му служиме на Бог, зашто секој од нас ќе му даде одговор за тоа (Римјаните 14:12; Евреите 4:13). А оние кои ќе продолжат со своите себични мотиви нема да имаат божествена наклоност.
Што можеме да очекуваме ако првенствено сме заинтересирани за посветување на Јеховиното име и ако од несебични мотиви му принесуваме света служба на Бог ? Па, Јехова ќе нѐ благослови и нас и нашата служба! (Соломонови изреки 10:22). Исто така, ќе добиеме бескраен живот затоа што на Јехова сме му служеле верно.
[Слика на страница 9]
Во Јапонија, илјадници му служат на Јехова
[Слика на страница 10]
Служба за Јехова на Брегот на Слоновата Коска
[Извор на слика на страница 8]
ШЕСТ ПРОПОВЕДИ на Џорџ Сторз (1855)