Јехова — вистинскиот и жив Бог
ФАРАОНОТ на Египет дрско и презирно прашал: „Кој е Јехова?“ (2. Мојсеева 5:2, NW) Како што во претходната статија беше покажано, со ваквиот свој став на Египќаните им навлекол неволји и смрт, како и воден гроб за себе и својата војска.
Во древниот Египет, Јехова Бог ја покажал својата надмоќ над лажните богови. Но, уште многу може да се научи за него. Кои се некои од фасетите на неговата личност? И, што бара тој од нас?
Неговото име и слава
Кога го изнел своето барање пред египетскиот фараон, Мојсеј не рекол: ‚Вака и вака вели Господ‘. Фараонот и Египќаните многу свои лажни богови ги сметале за господи. Не, Мојсеј го употребил божественото име Јехова. Тој лично слушнал како е изговорено одозгора кога бил пред грмушката што горела во Мидијанската земја. Инспирираниот извештај вели:
„И уште му зборуваше Бог на Мојсеја, па му рече: ‚Јас сум Господ [Јехова, NW]. . . . Ги чув воздишките на синовите Израилеви, кои Египтјаните ги измачуваат, и се сетив на заветот Мој. Затоа, појди и кажи им на синовите Израилеви, велејќи: ‚Јас сум Господ [Јехова, NW], ќе ве изведам од египетското насилство, ќе ве избавам од ропството нивно, ќе ве спасам вас удирајќи со силна рака и со суд голем. Ќе ве земам за свој народ, ќе ви бидам Бог, па ќе познаете дека Јас сум Господ [Јехова, NW], Бог ваш, Кој ќе ве изведе од Египетската земја. И ќе ве воведам во онаа земја, за која кренав рака и се заколнав дека ќе му ја дадам на Авраама, на Исака и на Јакова; и ќе ви ја дадам вам во наследство. Јас Господ [Јехова, NW]!‘“ (2. Мојсеева 6:1-8).
Токму тоа Јехова и го направил. Ги ослободил Израелците од египетското ропство и им овозможил да ја заземат земјата Ханаан. Како што ветил така и се случило. Колку соодветно! Неговото име Јехова значи „Оној кој предизвикува да настане“. Библијата го ословува Јехова и со титули како што е „Бог“, „Суверен Господ“, „Творец“, „Татко“, „Семоќен“ и „Највишиот“. Сепак, неговото име Јехова го идентификува како вистинскиот Бог кој напредно ги спроведува своите величествени намери (Исаија 42:8).
Кога би ја читале Библијата на нејзините првобитни јазици, Божјето име би го нашле на илјадници места. На хебрејски тоа е претставено со четирите согласки јод хе вав хе (יהוה) познати како тетраграматон, а се читаат оддесно налево. Оние кои зборувале хебрејски ги надополнувале самогласните гласови, но, денес луѓето не знаат точно кои биле тие самогласки. Додека некои претпочитаат да го изговараат Јахве, обликот Јехова е вообичаен и прикладно го идентификува нашиот Творец.
Употребата на името Јехова исто така го одвојува Бог од оној кој е наречен „мојот Господ“ во Псалм 109:1, кој во македонскиот превод гласи: „Му рече Господ [хебрејски יהוה] на мојот Господ: ‚Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои‘. Потврдувајќи дека на ова место во хебрејскиот текст се појавува Божјето име, New World Translation гласи: „Изјавата на Јехова до мојот Господ е: ‚Седни од мојата десна страна додека не ги поставам твоите непријатели како подножје за твоите нозе‘“. Овие зборови на Јехова Бог пророчки се однесуваат на Исус Христос, кого писателот го нарекува „мојот Господ“.
Јехова си стекнал име во времето на фараонот. Преку Мојсеј, Бог му рекол на овој бесчувствителен владетел: „Оти овој пат ќе ги пуштам сите зла, за да познаеш дека нема друг како што сум Јас на целата земја. Оти сега, ако ја пружам Својата рака, ќе те поразам тебе и народот твој со помор, така што ќе се истребите од земјата. А те оставив досега само за да ја покажам над тебе силата Своја, за да биде проповедано името Мое по целата земја“ (2. Мојсеева 9:14-16).
Што се однесува до излегувањето на Израел од Египет и соборувањето на некои од хананејските цареви, жената Раав од Ерихон им рекла на двата еврејски шпиони: „Знам, дека Господ ви ја дал вам оваа земја, бидејќи ужас нѐ опфати од вас, и сите жители на оваа земја се исплашија од вас; зашто чувме, дека Господ [Јехова, NW] Бог ја исуши пред вас водата во Црвеното Море кога сте доаѓале од Египет, и како сте постапиле со двајца аморејски цареви од онаа страна на Јордан, Сион и Ог, кои сте ги погубиле. Кога го чувме тоа, срцето ни се стегна и во никого од нас не остана дух против вас; зашто Господ [Јехова, NW], вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу“ (Исус Навин 2:9-11). Да, Јеховината слава се расчула.
Јехова и неговите особини
Псалмистот изразил ваква искрена желба: „И да познаат, дека името Ти е Господ [Јехова, NW], и дека Ти си единствен Севишен над целата земја“ (Псалми 82:18). Бидејќи Јеховиниот суверенитет е универзален, Исусовите прогонувани следбеници можеле да се молат: „Владико [Суверен Господе, NW], Ти си Бог, Кој го создал небото и земјата, и морето и сѐ што се наоѓа во нив“ (Дела на св. апостоли 4:24). И колку е утешно спознанието дека Јехова ја ‚услишува молитвата наша‘! (Псалми 64:2).
Јеховиниот главен атрибут е љубовта. Навистина, „Бог е љубов“ — самата срж на оваа особина (1. Јованово 4:8). Не само тоа, „во Него има мудрост и сила“. Јехова е семудар и семоќен, но тој никогаш не ја злоупотребува својата моќ (Јов 12:13; 37:23). Можеме исто така да бидеме уверени дека Јехова секогаш ќе постапува праведно со нас, бидејќи „правдата и судот се основа на Неговиот престол“ (Псалми 96:2). Доколку згрешиме, но се покаеме, можеме да најдеме утеха во спознанието дека Јехова е „Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински“ (2. Мојсеева 34:6). Не е чудо што можеме да имаме радост додека му служиме на Јехова! (Псалми 99:1-5).
Неспоредлив небесен цар
Јеховиниот син, Исус Христос рекол: „Бог е дух“ (Јован 4:24). Затоа Јехова е невидлив за човечките очи. Всушност, Јехова му рекол на Мојсеј: „Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив“ (2. Мојсеева 33:20). Небесниот Цар е толку славен што луѓето не би можеле да издржат и да преживеат кога би го виделе.
Иако Јехова е невидлив за нашите очи, постојат многубројни докази за неговото постоење како Семоќен Бог. Навистина, „она, што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божеството, се гледа уште од создавањето на светот, гледани според . . . созданија[та]“ (Римјаните 1:20). Земјата — со нејзината трева, дрвја, плодови, растенија и цвеќиња — сведочи за Јеховиното Божество. За разлика од безвредните идолски богови, Јехова дава дожд и плодоносни времиња (Дела на св. апостоли 14:16, 17). Погледни ги ѕвездите на ноќното небо. Каков огромен доказ за Јеховиното Божество и организациска способност!
Јехова ги организирал и своите свети, интелигентни духовни суштества на небото. Како хармонична организација, тие ја извршуваат Божјата волја, како што вели псалмистот: „Благословувајте Го Господа — сите ангели Негови, крепки по сила, кои го извршуваат Неговиот збор, слушајќи го гласот од зборот Негов; благословувајте Го Господа — сите Негови војски, Негови служители, кои ја исполнувате волјата негова“ (Псалми 102:20, 21). Јехова исто така го организирал и својот народ на Земјата. Нацијата Израел била добро организирана, а и првите следбеници на Божјиот Син. Слично и денес, Јехова има светска организација сочинета од ревни Сведоци кои ја објавуваат добрата вест дека Божјето Царство е близу (Матеј 24:14).
Јехова е вистинскиот и жив Бог
Јеховиното Божество било покажано на толку многу начини! Тој ги понижил египетските лажни богови и безбедно ги довел Израелците во Ветената земја. Созданијата обемно сведочат за Јеховиното Божество. И едноставно не може да се споредува со безвредните идолски богови на лажната религија.
Пророкот Јеремија ја покажал големата спротивност помеѓу Јехова, живиот Бог, и безживотните идоли направени од човек. Оваа спротивност е добро изразена во десетото поглавје од книгата на пророкот Јеремија. Меѓу другото, Јеремија напишал: „[Јехова] Бог е вистина; Он е жив Бог и вечен Цар“ (Јеремија 10:10). Живиот и вистински Бог Јехова, ги создал сите работи. Тој ги ослободил Израелците кои страдале под египетското ропство. И за него ништо не е невозможно.
Јехова, „Царот на вековите“, ќе одговори на молитвата: „Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (1. Тимотеј 1:17; Матеј 6:9, 10). Небесното Месијанско Царство кое веќе е во рацете на Исус Христос, наскоро ќе преземе акција против злобните и ќе ги уништи сите Јеховини непријатели (Даниил 7:13, 14). Тоа Царство ќе нѐ воведе и во нов свет на бесконечни благослови за послушното човештво (2. Петрово 3:13).
Има уште многу работи кои би можеле да се научат за Јехова и неговите намери. Зошто самиот не се одлучиш да стекнеш такво спознание и да делуваш во склад со него? Ако го направиш тоа, ќе имаш предност да се радуваш на вечен живот во земски рај под владата на Царството. Ќе живееш во време кога тагата, болката, па дури и смртта повеќе нема да постојат, а земјата ќе биде полна со познавање на Јехова (Исаија 11:9; Откровение 21:1-4). И ти можеш да имаш таква иднина ако ги бараш, ги најдеш и делуваш во склад со библиските одговори на прашањето — „Кој е Јехова?“
[Извор на слика на страница 7]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.