Јехова, мојата верба уште од младоста
РАСКАЖАЛ БАЗИЛ ЦАТОС
Беше 1920 година; место — ридовите на Аркадија на прекрасниот Пелопонез во Грција. Бев во кревет, смртно болен од злогласната шпанска треска која косеше низ светот.
СЕКОЈПАТ кога ќе заѕвонеа црквените ѕвона, знаев дека ја објавуваат смртта на уште една жртва. Дали сум јас следната? На среќа оздравев, но, милиони луѓе не. Иако тогаш имав само осум години, ова страшно искуство сѐ уште ми е живо во сеќавањето.
Први интереси за духовни работи
Набргу после тоа почина дедо ми. По погребот, се сеќавам, заедно со мајка ми и сестра ми стоевме на балконот од куќата. Сакајќи веројатно да ја ублажи нашата голема жалост, тивко рече: „Ете, деца, секој од нас мора да остарее и умре“.
Иако таа го кажа тоа толку нежно, нејзините зборови ме вознемирија. ‚Колку жалосно! Колку неправедно!‘ — си помислив. Но и двајцата се разведривме кога после тоа додаде: „Но, кога Господ повторно ќе дојде, ќе ги воскресне мртвите, и нема повеќе да умираме!“ Ах, тоа беше утешително!
Оттогаш живо се заинтересирав да откријам кога ќе настапи тоа среќно време. Прашував многу луѓе, но ниту еден не знаеше да ми каже, ниту се чинеше дека некој воопшто и е заинтересиран да разговара за тоа.
Еден ден, кога имав околу 12 години, татко ми доби книга од брат му кој живееше во Соединетите Држави. Се викаше The Harp of God (Божја харфа) издадена од Watch Tower Bible and Tract Society. Погледнав во табелата со содржина, и очите ми се зарадуваа кога го здогледав поглавјето „Враќањето на нашиот Господ“. Го прочитав со голем интерес, но се разочарав што не беше наведена годината на неговото враќање. Сепак, во книгата беше изнесено дека тоа нема да се случи многу далеку во иднината.
Набргу почнав да одам во средно училиште и бев зафатен со учењето. Сепак, одвреме навреме, стрико ми од Америка ни испраќаше примероци на Стражарска кула, кои ги читав со задоволство. Исто, секоја недела одев на неделното училиште каде често пати ни доаѓаше владиката и ни држеше предавања.
Една недела, владиката беше многу возбуден и рече: „Градот е преплавен со посетители кои носат публикации со еретичка содржина“. Држејќи еден примерок на Стражарска кула викаше: „Ако некој од вас најде ваква публикација дома, нека ја донесе в црква за да ја изгорам јас“.
Неговиот тон ме вознемири, а неговиот осветољубив дух уште повеќе. Затоа не се потчинив на неговото барање. Сепак, му пишав на стрико ми и го замолив да не ни испраќа повеќе изданија од Watch Tower. Но, сѐ уште се интересирав за Христовото враќање.
Расте духовниот апетит
Кога дојде летниот распуст, го зедов својот куфер и почнав да се пакувам. На дното беа три брошури печатени од Watch Tower Society. Не знам како, но не сум ги забележал пред тоа. Едната од нив имаше наслов Каде се мртвите?
‚Изгледа занимливо‘, си помислив. Иако се сетив на предупредувањето на владиката, одлучив грижливо да ги прочитам брошурите за да пронајдам грешки за кои мислев дека веројатно се во нив. Зедов молив и внимателно го започнав своето истражување. За изненадување, сѐ што беше напишано во брошурата изгледаше разумно и секоја изјава беше поткрепена со библиски цитат така што читателот можеше да си провери во Библијата.
Бидејќи ние немавме Библија, се прашував дали цитатите се злоупотребени со цел да се поддржи намерата на авторите. Затоа му пишав на стрико ми да ми испрати примерок на целата Библија. Тој веднаш го стори тоа. Два пати ја прочитав од корица до корица и, иако внатре имаше многу работи што не можев да ги разберам, особено ме заинтересираа книгите Даниел и Откровение. Сакав да ги разберам работите кои тие ги прорекуваа, но околу мене не постоеше никој кој би можел да ми помогне.
Го напуштив училиштето во 1929, а набргу после тоа стрико ми од Америка повторно ми испрати примероци на Стражарска кула. Повторно почнав да им се радувам и тоа сѐ повеќе и повеќе, па го замолив редовно да ми ги испраќа. Почнав и на другите да им зборувам за надежта во иднината што ја дознав од списанијата. Но, мојот живот тогаш ненадејно се промени.
Во Бурма — духовен напредок
Браќата на мајка ми беа имигранти во Бурма (денешен Мјанмар), а семејството увиде дека ако и јас им се придружам, тоа ќе ги прошири моите хоризонти и можеби ќе ми отвори можност за работа. Ориентот секогаш ме фасцинирал, затоа бев возбуден од можноста да отидам таму. Во Бурма и понатаму добивав Стражарска кула од стрико ми, но јас никогаш лично не сретнав некој од Истражувачите на Библијата, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци.
Еден ден, бев зарадуван кога во Стражарска кула најдов нарачка за книгата Светлина (Light) во два тома во кои се објаснува библиската книга Откровение. Понатаму, дознав дека за активноста на Истражувачите на Библијата во Бурма се грижи подружницата на Watch Tower Society во Индија, сместена во Бомбај. Веднаш пишав побарување за книгата Светлина, а исто така замолив да бидат испратени Истражувачи на Библијата од Индија за да проповедаат во Бурма.
Книгата веднаш стигна по пошта и, после отприлика една недела, ме посетија месните бурмански Истражувачи на Библијата. Бев среќен кога дознав дека постои малечка група во Рангун (денешен Јангон), главниот град на Бурма, каде што живеев. Ме поканија на својот редовен час за проучување на Библијата, а исто така и да учествувам со нив во проповедањето од куќа до куќа. На почетокот малку се воздржував, но набргу почнав да се радувам во ширењето на библиското спознание меѓу будисти, Хиндуси и муслимани, како и меѓу оние кои исповедаа христијанство.
Подружницата во Индија испрати во Рангун двајца полновремени слуги (наречени пионери), Еварт Франсис и Рендал Хопли. И двајцата потекнуваа од Англија, а во Индија служеле веќе со години. Тие многу ме охрабрија и, во 1934, се крстив во знак на моето предание на Јехова.
Еден храбар Сведок
Во меѓувреме, индиската подружница испрати уште пионери во Бурма. Двајца од нив, Клод Гудман и Рон Типин ја посетиле железничката станица и му зборувале на Сидни Кут, шефот на станицата. Тој ги примил книгите, цели ги прочитал и почнал да ѝ пишува на својата омажена сестра Дејзи Д’Суза во Мандалеј. И нејзе книгите ја заинтересирале, па побарала уште.
Дејзи, која била активен католик, беше личност со ретка храброст. Почнала да ги посетува своите соседи и да им зборува за она што го дознала. А кога ја посетил парохискиот свештеник кој се интересирал зошто таа престанала да оди во црква, таа му покажала дека Библијата не ги поддржува науките кои тој ги поучува, како што е огнениот пекол.
Најпосле, тој ја прашал: „Откако сите овие години им зборував за огнениот пекол, како можам сега да им кажам дека такво место не постои? Никој повеќе нема да сака да дојде в црква“.
„Ако сте чесен христијанин“, му одговорила Дејзи, „тогаш ќе ги поучувате за вистината, без обѕир на последиците.“ А потоа додала: „А ако вие тоа не го сторите, тогаш јас ќе го сторам тоа!“ И така и било.
Дик, Дејзи и нивните две постари ќерки се крстија во Рангун во исто време кога се крстив и јас. Три години подоцна, во 1937, се оженив со нивната втора ќерка Филис.
Бегство во Индија
Јапонските сили ја нападнаа Бурма за време на Втората светска војна, и на 8. март 1942 падна Рангун. Странските државјани беа принудени бргу да бегаат за Индија. Стотици се обидоа преку џунглите, но многумина умреа на патот. Случајно лично го познавав офицерот за евакуација, затоа бев во можност да си обезбедам карти за еден од последните товарни бродови кои патуваа од Рангун за Калкута. Напуштањето на нашиот дом и поголемиот дел од имотот во таквата брзина беше тажен момент за сите. Бурма беше окупирана од страна на Јапонците од 1942 до 1945.
Кога стигнавме во Индија, финансиите ни беа многу мали, а не беше лесно да се најде работа. Тоа резултираше во еден испит на верата. Запознав еден британски офицер кој ми понуди доходна цивилна работа, но тоа вклучуваше да се служи како дел од воената постројка. Со Јеховина помош, успеав да ја одбијам понудата и така да си ја зачувам христијанската совест чиста (Исаија 2:2-4). И на други начини ја чувствувавме Јеховината љубезна рака.
Живеевме во Њу Делхи, главниот град на Индија, каде беше речиси невозможно да се добие сместување. Сепак, најдовме простран стан во центарот на градот. Имаше голема дневна соба и одделен влез, па оваа соба служеше како Царска сала за собранието на Јеховините сведоци — Делхи, во наредните неколку години. Меѓутоа, поради забраната на сите публикации на Watch Tower Society во Индија, која беше поставена во 1941, не можевме да добиваме библиска литература.
Како се укина забраната
Една недела, во 1943, на оние кои одеа на миса во црквите во Делхи, им раздале леток потпишан од 13 свештеници на различни цркви. Со летокот се предупредуваше: „ГРАЃАНИ НА ДЕЛХИ, ПАЗЕТЕ СЕ ОД ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ“. Обвинението беше поради тоа што бевме забранети во Индија од политички причини.
Со одобрение на подружницата во Бомбај, бргу отпечативме и разнесовме леток кој ги разоткриваше свештениците. Бидејќи јас бев претседавачки надгледник, моето име и адреса беа отпечатени на дното од овој леток кој содржеше силни зборови. Набргу после тоа, кога полицијата нѐ најде мене и Маргит Хофман како разнесуваме примероци на летокот, нѐ уапсија и затворија. Меѓутоа, набргу бевме ослободени со кауција.
Подоцна, Маргрит, со намера да сведочи, го посетила дома сер Сривастава, познат министер во кабинетот на вицекралот на Индија. Сер Сривастава гостољубиво ја примил и, за време на разговорот, таа му раскажала дека нашата литература неправедно е забранета во Индија. Истиот ден Маргрит случајно се сретнала и со еден член на парламентот од државата Мадрас. Тој бил во градот во посета на една седница на парламентот. Му спомнала и нему за неправедната забрана на нашата литература и тој ветил дека ќе го постави тоа прашање на еден од наредните состаноци.
Во тоа време, јас работев како физиотерапевт во месната болница. Ете, се случи сер Сривастава да се повреди и болницата ме испрати мене за да се види дали би можело да му се помогне со физиотерапија. Открив дека сер Сривастава е еден срдечен човек и, додека весело си прикажувавме, патем му спомнав дека г-ѓа Хофман и јас бевме ослободени од затвор со кауција. Му објаснив дека поради притисокот на свештенството нашата библиска литература е забранета врз политичка основа, а ние сме апсолутно аполитични. Претставникот на нашата подружница Едвин Скинер, продолжив јас, поднесе барање за интервју за да ја објасни нашата позиција, но беше одбиен.
Неколку дена подоцна, сер Сривастава ми рече: „Г-дин Џенкинс [владин службеник кој не беше наклонет спрема нашето дело] ќе даде оставка по неколку дена, а неговото место ќе го преземе сер Френсис Муди. Повикајте го Г-дин Скинер да дојде, и јас ќе го претставам на сер Френсис“.
Сер Сривастава се погрижи за состанокот, како што и вети. Во текот на истиот, сер Франсис Муди му рекол на брат Скинер: „Не можам ништо да ви ветам, но ќе го разгледам предметот“. Бидејќи парламентот требаше да се отвори по неколку дена, брат Скинер остана за да го дочека исходот. Како што ветил, членот на парламентот од Мадрас станал и запрашал: „Вистина ли е дека публикациите на Watch Tower Bible and Tract Society се забранети од политички причини?“
„Не, забраната е поставена од безбедоносни причини“, одговорил сер Франсис Муди, „но владата сега одлучи да ја отповика забраната.“
Каков возбудлив момент беше тоа за нас кога ја слушнавме веста! Една недела подоцна, подружницата во Бомбај доби писмо со кое се потврдуваше крајот на забраната.
Повраток во Бурма, опустошена од војната
После Втората светска војна, во Бурма се врати британската власт, а неколку месеци подоцна во Рангун се вратија десет Сведоци. Бевме среќни кога повторно ги видовме неколкуте месни Сведоци кои останале. Земјата жалосно изгледаше. Јавните служби, вклучувајќи ја и електрификацијата и јавниот превоз, беа онеспособени. Затоа купивме џип од војската и го употребивме за корисна цел, да ги превезуваме луѓето на состаноците кои ги организиравме набргу откако се вративме.
Еден интересент ни понуди земјиште и со помошта на доброљубивите луѓе на подрачјето изградивме доволно голема Царска сала. Беше конструирана од дебели бамбусови стапови, ѕидовите беа од испреплетени бамбуси и имаше сламен покрив. Овде, во Април 1947, Натан Х. Нор, тогашниот претседател на Watch Tower Society и неговиот секретар, Милтон Г. Хеншел, одржаа говори за време на нивната посета на Рангун. Во тоа време бевме 19 Сведоци во цела Бурма. Но на јавниот говор на брат Нор, кој беше одржан во New Excelsior Theatre, беа присутни 287!
Се преселивме во Австралија
На 4. јануари 1948, Бурма доби независност од Велика Британија, и повеќето Европјани сметаа дека е најдобро да ја напуштат земјата. После внимателно разгледување во молитва, јас и Филис одлучивме, заедно со ќерката, да имигрираме во Австралија. Се сместивме во Перт, главниот град на Западна Австралија.
Напуштајќи ја Бурма повторно, овој пат засекогаш, беше за нас многу тажен момент. Одвреме навреме, ќе слушневме нешто за нашите драги таму и бевме среќни што знаевме дека делото за Царството силно напредувало во таа земја.
Започнувајќи од 1978, четири години имавме задоволство да служиме во сите собранија на грчко говорно подрачје во поголемите австралиски градови. Тоа подразбираше многу патување, бидејќи од западниот до источниот брег на овој голем континент има преку 4.200 километри. По кусо време, здравјето ни ослабе поради климата, која многу се разликува од една држава до друга. Затоа, повторно се преселивме во Перт, каде продолжив да служам како старешина во едно од 44-те собранија во градот.
Како што годините поминуваа, видот многу ми слабееше и тешко можев да читам. Сепак, и покрај здравствените проблеми, нашите срца се сѐ уште млади. И двајцата со верба го чекаме среќниот ден кога секој кој се плаши од Јехова ќе го види сонцето од неговата наклоност кога ‚ќе изгрее и исцеление ќе има во зраците негови, и [ние] ќе излеземе и ќе се разиграме како нахранети теленца‘ (Малахија 4:2).a
[Фуснота]
a На 13. декември 1992, кога оваа животна приказна беше довршувана, брат Цатос заспа во смртен сон.
[Слика на страница 24]
Моето семејство со брат Хеншел и брат Нор во Бурма (Мјанмар) 1947.
[Слика на страница 25]
Базил Цатос со својата сопруга Филис во Австралија