Христијанското семејство соработува меѓусебно
„Сега ве опоменувам, браќа, . . . да бидете цврсто обединети во ист ум и во ист тек на мислите“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 1:10, NW).
1. Каква е ситуацијата во поглед на единството во многу семејства?
ДАЛИ твоето семејство е обединета фамилија? Или се чини дека секој оди по свој пат? Дали вие соработувате? Или сте ретко сите заедно на едно место во исто време? Самиот збор „фамилија“a подразбира соединето домаќинство. Сепак, сите семејства не се обединети. Еден британски предавач дури рекол: „Наместо да биде темел на доброто општество, семејството . . . е извор на сите наши незадоволства“. Дали е тоа случај и во твоето семејство? Ако да, дали мора да биде така?
2. Кои библиски личности даваат доказ дека потекнувале од добри семејства?
2 Единството или неединството на едно семејство обично зависи од водството, сеедно дали го пружаат двајца родители или само еден. Во библиски времиња, обединетите семејства, кои заеднички обожавале, уживале Јеховин благослов. Тоа било случај во древниот Израел, каде што ќерката на Јефтај, Самсон и Самуил, секој на различен начин, дале доказ дека потекнуваат од побожни семејства (Судии Израилеви 11:30-40; 13:2-25; 1. Царства 1:21-23; 2:18-21). Во раните христијански времиња, Тимотеј, Павловиот верен придружник на некои од неговите мисионерски патувања, бил воспитуван од баба му Лоида и мајка му Евника во спознание за Хебрејските списи. Каков истакнат ученик и мисионер станал тој! (Дела на св. апостоли 16:1, 2; 2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15; види и Дела на св. апостоли 21:8, 9).
Зошто да се соработува меѓусебно?
3, 4. а) Кои особини треба да бидат очигледни во едно обединето семејство? б) Како може домот да биде повеќе отколку обична куќа?
3 Зошто е корисно за семејствата да соработуваат меѓусебно? Затоа што тоа го изградува меѓусебното разбирање и почитување. Наместо да се дистанцираме едни од други, остануваме присни и даваме поддршка. Една неодамнешна статија во списанието Family Relations (Семејни односи) навела: „Од описот на специфичните својства на ‚цврстите семејства‘ произлезе една релативно јасна слика. Таквите особини вклучуваат обврска и меѓусебно ценење, заедништво, добра комуникација, способност за решавање на проблемите и јака духовна димензија“.
4 Кога во едно семејство постојат овие особини, домот не е повеќе како бензинска пумпа, место каде што се запира за гориво. Тој е повеќе од обична куќа. Тој е примамливо место коешто ги привлекува членовите на семејството. Тој е пристаниште на топлина и наклоност, сочувство и разбирање (Соломонови изреки 4:3, 4). Тој е гнездо каде што постои семејно единство, а не скорписко легло на напнатости и раздор. Но како се постигнува тоа?
Заедништво во семејната студија
5. Што практицираме со цел да го научиме вистинското обожавање?
5 Вистинското обожавање на Јехова се учи преку користење на нашата способност на расудување, односно ‚силата на разумот‘ (Римјаните 12:1, NW). Нашето однесување не би требало да се раководи од моментални емоции како оние што се предизвикуваат преку беседнички проповеди и блескави ТВ свештенички служби. Наместо тоа, ние сме мотивирани преку нашето редовно студирање и медитирање за Библијата и литературата за студирање на Библијата што ја обезбедува „верниот и разумен роб“ (Матеј 24:45, NW). Нашите христијански постапки се резултат на добиениот Христов ум во секоја ситуација или искушение коешто би можело да се појави. Во тој поглед, Јехова е нашиот Голем Воспитувач (Псалми 24:9; Исаија 54:13; 1. Коринтјаните 2:16).
6. Кој пример за семејната студија го имаме ширум светот?
6 Семејната библиска студија игра битна улога во духовноста на секое христијанско семејство. Кога вие имате семејна студија? Ако е препуштена на случајот или пак е импулсивна одлука, тогаш во најдобар случај е нередовна. Заедништвото во семејната студија бара редовен, утврден план. Така сите ќе знаат кој ден и во колку часот се очекува да бидат присутни за да се радуваат на духовниот семеен собир. Над 12.000-те членови на бетелската фамилија ширум светот знаат дека нивната семејна студија е во понеделник навечер. Колку е импресивно за овие бетелски доброволци да помислат дека сите учествуваат во истата студија како што завршува денот, на островите на Пацификот и на Нов Зеланд, потоа постепено во Австралија, Јапонија, Тајван, Хонгконг, преку Азија, Африка и Европа, и конечно во Северна и Јужна Америка. Иако оддалечени со илјадници километри и многу јазици, оваа семејна студија на членовите на бетелската фамилија им вдахнува чувство на заедништво. Во помал обем, вие можете да го негувате истото чувство преку вашата семејна студија (1. Петрово 2:17; 5:9).
7. Според Петар, како би требало да гледаме на речта на вистината?
7 Апостолот Петар нѐ советува: „Како новородените деца, бидете желни за вистинско и разумно млеко, та во него да пораснете за спасение, бидејќи вкусивте дека е Господ благ“ (1. Петрово 2:2, 3). Колку прекрасна слика создава Петар со тие зборови! Тој го употребил грчкиот глагол epipothésate, кој, според делото Linguistic Key to the Greek New Testament (Лингвистички клуч за грчкиот Нов Завет), доаѓа од збор што значи „жедува, посакува, копнее“. Тоа вклучува силна желба. Дали си забележал како животинското доенче желно ја бара брадавицата на мајка си и колку е задоволно човечкото бебе кога цица на градите од мајка си? Би требало да ја имаме истата желба за речта на вистината. Грецистот Вилијам Баркли изјавил: „За искрениот христијанин, студирањето на Божјата реч не е напор туку уживање, зашто знае дека неговото срце во неа ќе ја најде храната по која копнее“.
8. Со кој предизвик се соочува семејниот поглавар при водењето на семејната студија?
8 Семејната студија му наложува голема одговорност на семејниот поглавар. Тој мора да се погрижи студијата да биде интересна за сите и да можат сите да учествуваат. Децата не би требало да мислат дека студијата е всушност само за возрасните. Квалитетот на студијата е поважен отколку количината на обработениот материјал. Оживеј ја Библијата. Каде е прикладно, помогни им на твоите деца да си ги претстават подрачјата и карактеристиките на Палестина каде што се одиграле настаните за кои се зборува. Сите треба да бидат охрабрени лично да истражуваат и тоа да го споделат со семејството. На овој начин и децата можат ‚да растат пред Јахве‘ (1. Самуел 2:20, 21, Ст).
Заедништво во евангелизирањето
9. Како може делото на проповедање да се направи среќно семејно доживување?
9 Исус рекол: „Кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието“ (Марко 13:10). Тие зборови на секој совесен христијанин му даваат еден налог — да евангелизира, да ја споделува добрата вест за владата на Божјето Царство со други. Ако се прави ова како семејство, тоа може да биде охрабрувачко и радосно искуство. Мајките и татковците се гордеат кога нивните деца ја нудат добрата вест. Една двојка со три сина на возраст помеѓу 15 и 21 година вели дека секогаш имале навика во среда после училиштето и во сабота наутро да ги придружуваат своите деца во делото на јавно проповедање. Таткото рекол: „Секојпат ги учиме по нешто. И се грижиме тоа да биде радосно, охрабрувачко искуство“.
10. Како можат родителите да им бидат од корист на децата во службата?
10 Соработувањето како семејство во проповедањето и поучувањето може да биде многу плодно. Понекогаш луѓето реагираат попозитивно на едноставната но искрена понуда на детето. Потоа, тука се тато и мама да помогнат ако затреба. Родителите можат да се погрижат нивните деца да добијат напредна обука и така да станат слуги ‚кои нема од што да се срамат, кои исправно управуваат со речта на вистината‘. Заедничкото проповедање на овој начин им дозволува на родителите да го набљудуваат ставот на своите деца, делотворноста и добрите манири во службата. Ако постои редовна рутина, тие можат да го видат напредокот на детето и доследно да го обучуваат и охрабруваат за да ја зајакнат неговата или нејзината вера. Истовремено, децата можат да видат дека нивните родители се добри примери во службата. Во овие критични и насилни времиња, работењето како обединето и грижливо семејство може дури да пружи мера на сигурност во населбите со висока стапка на криминал (2. Тимотију 2:15, ДК; Филипјаните 3:16).
11. Што може лесно да ја намали ревноста на децата за вистината?
11 Децата лесно ги откриваат двојните мерила кај возрасните. Ако родителите не покажуваат вистинска љубов кон вистината и кон службата од куќа до куќа, тешко може да се очекува децата да бидат ревносни. Така, еден здрав родител чија единствена служба на проповедање е седмичната библиска студија со децата, може скапо да плати кога тие ќе пораснат (Соломонови изреки 22:6; Ефесјаните 6:4).
12. Како можат некои семејства да добијат посебен благослов од Јехова?
12 Една од предностите ако сте „цврсто обединети во истиот разум“ е таа што можеби семејството ќе може да соработува за барем еден член да служи како полновремен слуга во собранието. Многу семејства ширум светот го прават ова и сите добиваат благослов од искуствата и зголемената делотворност на нивниот пионер (2. Коринтјаните 13:11; Филипјаните 2:1-4).
Заедништво при решавањето на проблемите
13, 14. а) Кои ситуации можат да влијаат на хармонијата во семејството? б) Како можат да се спречат многу семејни проблеми?
13 Во овие тешки времиња на „стрес“ и „опасност“, сите ние сме под притисок (2. Тимотеј 3:1, Revised Standard Version; Phillips). Проблеми има на работа, во училиштето, на улица и дури и во самиот дом. Некои страдаат од лошо здравје или од долготрајни емоционални проблеми, кои понекогаш доведуваат до напнатости и недоразбирања во семејството. Како да се решаваат таквите ситуации? Дали така што секој ќе се повлече во својата школка? Да се изолираме иако го делиме истиот дом? Не. Наместо тоа, треба да ги изнесуваме своите грижи и да бараме помош. А има ли подобро место за ова од љубезниот семеен круг? (1. Коринтјаните 16:14; 1. Петрово 4:8).
14 Како што знае секој лекар, подобро е да се спречи, отколку да се лекува. Истото важи и за семејните проблеми. Отворената и искрена дискусија честопати спречува проблемите да станат сериозни. Дури и ако се јават сериозни проблеми, ним може да им се пристапи, па дури и да се решат ако семејството заеднички ги разгледа библиските начела што се вклучени. Често несогласувањето може да се претвори во благ однос ако се применуваат Павловите зборови од Колосјаните 3:12-14 (NW): „Облечете се во нежна наклоност на сочувство, доброљубивост, понизност на мислите, благост и долготрпеливост. Поднесувајте се еден со друг и простувајте си спремно еден на друг ако некој има причина за поплака против друг. . . . Облечете се во љубов, бидејќи таа е совршена врска на единство“.
Заедништво во рекреацијата
15, 16. а) Која особина треба да ги одликува христијанските семејства? б) Каков вид луѓе создаваат некои религии, и зошто?
15 Јехова е среќен Бог, а вистината е среќна порака — порака на надеж за човештвото. Освен тоа, еден од плодовите на духот е радост. Оваа радост е далеку поинаква отколку моменталното ликување на атлетичарот кој триумфира во некој натпреварувачки спорт. Таа е длабоко втемелено чувство на задоволство со кое се прелева срцето како резултат на негувањето присен однос со Јехова. Тоа е радост чиј темел е Бог. Тоа е радост темелена на духовни вредности и изградувачки односи (Галатјаните 5:22; 1. Тимотеј 1:11, NW).
16 Затоа, како христијански Сведоци на Јехова, немаме причина да бидеме смуртени или без смисла за хумор. Некои религии создаваат такви луѓе затоа што природата на нивната вера ги нагласува негативните фактори. Нивните учења создаваат мрачен и невесел вид на обожавање, кој не е ниту библиски, ниту урамнотежен. Тие не создаваат среќни семејства кои му служат на Бог. Исус ја увидел потребата од рекреација и разонода. Во една прилика, на пример, ги повикал своите ученици да појдат ‚на осамено место и да се одморат малку‘ (Марко 6:30-32; Псалми 125:1-3; Јеремија 30:18, 19).
17, 18. На кои соодветни начини можат да се разонодуваат христијанските семејства?
17 На семејствата исто така им треба време за одмор. Еден родител рекол за своите деца: „Се забавуваме заеднички на многу начини — одиме на плажа, играме фудбал во паркот, организираме излети на планина. Повремено, заеднички имаме ‚пионерски ден‘ во службата; потоа прославуваме со некое посебно јадење и можеби дури си даваме подароци едни на други“.
18 Други предлози за кои родителите би можеле да размислат се семејни излети во зоолошка градина, во забавни паркови, музеи и на други привлечни места. Пешачењето низ шума, посматрањето на птиците и градинарството се активности во кои може заеднички да се најде радост. Родителите можат исто така да ги охрабрат децата да научат да свират некој музички инструмент или да ги ангажираат во некое практично хоби. Секако, урамнотежените родители ќе одвојат време за игра со своите деца. Ако семејствата си играат заедно, поверојатно е дека ќе останат заедно!
19. Кој современ тренд може да му наштети на семејството?
19 Современ тренд е младите да бараат да се одделат од семејството и да си тераат по свое што се однесува до разонодата. Иако не е лошо ако едно младо лице има некое хоби или омилена лична забава, не би било мудро да се дозволи таквите интереси да создадат трајна одвоеност од останатите во семејството. Наместо тоа, сакаме да го примениме начелото што го изнел Павле: „Не гледајте поедини само на својата сопствена корист, туку и на користа на другите!“ (Филипљанима 2:4, Ст).
20. Како можат собирите и конгресите да бидат радосни времиња?
20 Колку нѐ радува сите нас кога на конгресите и собирите гледаме семејства кои седат заедно! На тој начин постарите деца често можат да помогнат околу помладите. Таквата подготовка исто така ја спречува склоноста кај некои тинејџери да одат во групи во задните редови и да ѝ посветат малку внимание на конгресната програма. Дури и патувањето до и од собирите може да биде радосно ако семејството се договори по кој пат ќе појдат, кои места да ги видат по патот и каде да престојуваат. Замисли си колку возбудливо било во Исусово време кога семејствата патувале заедно до Ерусалим! (Лука 2:41, 42).
Благослови од заедништвото
21. а) Како можеме да се стремиме кон успех во бракот? б) Кои се четири добри предлога за траен брак?
21 Успешни бракови и обединети семејства никогаш не се постигнуваат лесно и тие не настануваат случајно. На некои им се чини полесно да кренат раце од сѐ, да го раскинат бракот со развод и да се обидат да почнат сѐ одново. Но честопати, истите проблеми им се јавуваат и во вториот или третиот брак. Многу подобар одговор е оној христијанскиот: Стреми се кон успех со применување на библиските начела за љубов и почитување. Обединетите семејства зависат од духот на обострано попуштање, од несебичност. Еден брачен советник изнел едноставна формула како бракот да се направи траен. Тој напишал: „Четирите пресудни фактори што се затапени во скоро сите добри бракови се спремноста да слушаш, способноста да се извиниш, умешноста да пружиш цврста емоционална поддршка и желбата срдечно да допреш“. Тие фактори навистина можат да помогнат бракот да се направи траен затоа што и тие се темелени на здрави библиски начела (1. Коринтјаните 13:1-8; Ефесјаните 5:33; Јаков 1:19).
22. Кои се некои од користите ако семејството е обединето?
22 Ако го следиме библискиот совет, ќе имаме цврст темел за обединето семејство, а обединетите семејства го сочинуваат темелот за обединето и духовно јако собрание. На тој начин, ќе добиеме изобилен благослов од Јехова додека обединето му принесуваме сѐ поголема фалба.
[Фуснота]
a „Зборот фамилија потекнува од л[атинскиот] familia, првоб[итно ги означувал] слугите и робовите на една голема куќа, потоа самата куќа со господарот, господарката, децата — и персоналот“ (Origins—A Short Etymological Dictionary of Modern English од Ерик Партриџ).
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто е корисно семејството да соработува меѓусебно?
◻ Зошто е битна редовна семејна библиска студија?
◻ Зошто е добро за родителите да се ангажираат во службата на подрачјето заедно со своите деца?
◻ Зошто е корисно ако проблемите се дискутираат во кругот на семејството?
◻ Зошто христијанските семејства не треба да бидат мрачни и невесели?
[Слика на страница 17]
Дали твоето семејство ужива заедно барем во еден оброк дневно?
[Слика на страница 18]
Семејните излети треба да бидат разонодувачки и пријатни