Папиј ги ценел Господовите изјави
„ЈАС . . . не ги сакам оние кои многу зборуваат, туку оние кои поучуваат за она што е вистинито.“ Така напишал Папиј, христијанин од вториот век од новата ера.
Папиј живеел во времето непосредно после смртта на апостолите на Исус Христос. Всушност бил познајник со Поликарп кој, пак, наводно учел од апостолот Јован. Овие сведоштва, заедно со методот со кој Папиј стекнувал спознание, покажуваат дека тој најверојатно бил добро информиран.
Грижлива метода
Жедта за вистината кај Папиј е очигледна од петте книги кои го сочинуваат неговото дело за Господовите изјави. Без сомнение, Папиј на почетокот ги помнел повеќето изјави што ги чул, а кои се однесувале на вистината. Подоцна, кога бил во својата резиденција во фригискиот град Хиераполис (Мала Азија), Папиј ги прашувал старешините да се увери дали тие некогаш виделе или слушнале некој Исусов апостол. Ревно ги прашувал и го запишувал сето она што тие ќе го речеле.
Папиј објаснува: „Нема да се двоумам да го запишам . . . сето она што во било кое време ќе го слушнев од старешините, внимателно ќе го запомнев, уверувајќи ве во нивната вистинитост. Затоа што јас, за разлика од повеќето луѓе, не ги сакам оние кои многу зборуваат, туку оние кои поучуваат за она што е вистинито; ниту оние кои издаваат туѓи наредби, туку оние кои ги бележат заповедите дадени од Господ за верата и кои произлегуваат од самата вистина. И ако дојде кај мене некој кој бил следбеник на старешините, јас ќе го прашам за извештаите дадени од старешините — што рекол Андреј или Петар, или што рекле Филип, Тома, Јаков, Јован или Матеј, или кој и да е друг ученик на Господ“.
Неговото дело
Без сомнение на Папиј му било достапно богатство на духовно спознание. Можеме само да си замислиме колку внимателно ги слушал деталите околу личниот живот и служба на секој од апостолите. Околу 135. н. е., Папиј го запишал сето она што сакал да го каже во својата книга. За жал, оваа книга исчезнала. Иренеј, христијанин од вториот век н. е., како и историчарот Евзебиј од четвртиот век, цитирал од оваа книга. Всушност, таа сѐ уште се читала во 9. век н. е., а можеби постоела сѐ до 14. век.
Папиј верувал во претстојната Христова милениумска влада (Откровение 20:2-7). Според Иренеј, тој пишувал за времето „кога созданието, обновено и ослободено, ќе има изобилство од сите видови храна, од роса од небото и плодност на земјата, токму како што старешините, кои го виделе Јован, ученикот на Господ, раскажувале дека слушнале како Господ ќе поучува за тие времиња“. Папиј понатаму напишал: „На оние со вера овие работи им се веројатни. А кога Јуда, издајникот, одбил да верува и прашал ‚на кој начин Господ ќе ги исполни тие работи?‘, Господ рекол, ‚оние кои ќе живеат во тоа време ќе видат‘“.
Папиј пишувал во време кога се ширел гностицизмот. Гностиците ги измешале филозофијата, спекулацијата и паганскиот мистицизам со отпадничкото христијанство. Всушност, објаснението на Папиј за Господовите говори или изјави биле обид од негова страна да го спречи напливот на гностицизмот. После него, Иренеј продолжил да ѝ пружа отпор на лажната и преувеличена духовност на гностиците. Гностицистичката литература мора да била обемна, бидејќи го предизвикала Папиј да направи саркастична алузија кон „оние кои имаат мошне многу да речат“. Неговата цел била јасна — да ја осуети лагата наспрема вистината (1. Тимотеј 6:4; Филипјаните 4:5).
Коментари за Евангелијата
Во фрагментите од делата на Папиј кои сѐ уште постојат, можеме да најдеме забелешки на изјавите кои ги запишале Матеј и Марко. На пример, за Марковиот документ, Папиј рекол: „Марко, кој го интерпретирал Петар, запишал внимателно сѐ што запомнил“. Понатаму, сведочејќи за точноста на Евангелијата, Папиј продолжува: „Така Марко не направил никаква погрешка кога ги запишал работите како што ги запомнал; затоа што се грижел да не испушти ништо од она што го слушнал, или да не вметне некаква лажна изјава“.
Папиј пружа надворешен доказ дека Матеј првобитно го напишал евангелието на хебрејски јазик. Папиј вели: „Тој ги запишал говорите на хебрејски јазик и секој од нив го интерпретирал колку што можел подобро“. Најверојатно е дека Папиј се осврнал и на евангелистичките извештаи на Лука и Јован, како и на другите ракописи од Христијанските грчки списи. Ако е така, тој би бил еден од најраните сведоци кој ја установил нивната автентичност и божествена вдахновеност. Меѓутоа, за жал, само неколку фрагменти од делата на Папиј преживеале.
Свесен за своите духовни потреби
Како надгледник во собранието во Хиераполис, Папиј бил неуморен истражувач. Со тоа што бил неуморен истражувач тој покажал искрено ценење за Писмата. Папиј исправно судел дека секоја изјава на Исус Христос во врска со науката или Неговите апостоли би била далеку повредна да се објаснува отколку каприциозните изјави кои постоеле во литературата во негово време (Јуда 17).
Наводно Папиј умрел со маченичка смрт во Пергам 161. или 165. н. е. Колку длабоко влијаеле врз неговиот живот и однесување учењата на Исус Христос, не може со сигурност да се каже. Сепак, имал искрена желба да учи од Писмата и да дискутира за нив. Така постапуваат вистинските христијани и денес, бидејќи се свесни за своите духовни потреби (Матеј 5:3, NW). А како Папиј, и тие ги ценат изјавите на Господ.