Апостолските отци — навистина ли оделе по стапките на апостолите?
ВО ПОЧЕТОКОТ на 2 век од н.е., лажните учења почнале да ги валкаат чистите води на христијанската вистина. Како што стои во пророштвата напишани под водство на светиот дух, по смртта на апостолите некои ја напуштиле вистината и се свртеле кон „измислени прикаски“, или митови (2. Тимотеј 4:3, 4). Некаде во 98 год од н.е., последниот жив апостол, Јован, предупредил дека ќе се појават такви погрешни учења и луѓе ‚што ќе се обидуваат да ги заведат‘ верните христијани (1. Јованово 2:26; 4:1, 6).
Наскоро, на сцената се појавиле луѓето кои станале познати како апостолски отци. Како реагирале тие на верската измама? Дали го послушале предупредувањето што го дал апостол Јован под водство на светиот дух?
Кои биле тие?
Изразот „апостолски отци“ се однесува на верски писатели што можеби познавале некого од Исусовите апостоли или, пак, биле поучувани од учениците што учеле од апостолите. Тие живееле некаде од крајот на 1 век до средината на 2 век од н.е.a Меѓу нив биле Клемент од Рим, Игнациј од Антиохија, Папиј од Хиераполис и Поликарп од Смирна. Во истиот период пишувале и автори чии имиња се непознати, а ги напишале делата како Дидахи, Посланието на Варнава, Мачеништвото на Поликарп и второто писмо на Клемент.
Денес, тешко може да се процени колку се совпаѓаат учењата на апостолските отци со Исусовите учења. Целта на тие луѓе несомнено била да зачуваат или да рашират извесен тип христијанство. Тие го осудувале идолопоклонството и нискиот морал. Верувале дека Исус е Божји Син и дека воскреснал. Меѓутоа, не можеле да го спречат сѐ поголемиот бран на отпадништво. Напротив, некои од нив дури и му дале уште поголем замав.
Незначителни промени?
Извесни текови на раната „христијанска“ мисла отстапиле од учењата на Христос и неговите апостоли. На пример, спротивно на обичајот што го вовел Исус на Господаровата вечера, која е позната и како Последната вечера, авторот на Дидахи предложил виното да се подава пред лебот (Матеј 26:26, 27). Овој писател исто така рекол дека, ако нема доволно вода за некој да се крсти со целосно нурнување, ќе биде доволно да му се полие малку вода врз главата (Марко 1:9, 10; Дела 8:36, 38). Во истиот текст, христијаните се поттикнати задолжително да постат двапати седмично и да ја кажуваат молитвата Оченаш точно трипати на ден (Матеј 6:5-13; Лука 18:12).
Во врска со ова, Игнациј сметал дека христијанското собрание треба да е организирано поинаку и во него да претседава само еден бискуп „на местото на Бог“. Овој бискуп требало да биде поставен над многу свештеници. Ваквите идеи го отвориле патот за нови бранови на небиблиски учења (Матеј 23:8, 9).
Преувеличување, мачеништво и идолопоклонство
Некои апостолски отци отишле во погрешен правец затоа што ги преувеличувале работите. Папиј жеднеел по вистината и се повикувал на Христијанските грчки списи. Но сепак, во исто време верувал дека, за време на прореченото Илјадагодишно владеење на Христос, секоја винова лоза ќе има по 10.000 гранки, секоја гранка по 10.000 гранчиња, секое гранче по 10.000 ластари, секој ластар по 10.000 гроздови, во секој грозд ќе има по 10.000 зрна, а секое зрно ќе дава по 1.000 литри вино.
Поликарп бил спремен попрво да умре со маченичка смрт отколку да се откаже од својата христијанска вера. Се вели дека него го поучувале апостолите и други луѓе што го познавале Исус. Тој цитирал од Библијата и изгледа дека се трудел да живее според христијанските начела.
Меѓутоа, почитта што некои ја имале кон Поликарп се граничела со идолопоклонство. Во книгата Мачеништвото на Поликарп стои дека, по неговата смрт, „верниците“ правеле сѐ за да дојдат до неговите мошти. Тие сметале дека неговите коски биле „повредни и од најскапоцените камења, почисти и од злато“. Јасно е дека затруените води на заблудата надоаѓале во сѐ поголеми бранови.
Апокрифни текстови
Некои апостолски отци прифатиле како вдахновени извесни текстови што не биле дел од Библијата. На пример, Клемент од Рим ги цитирал апокрифните дела Мудрост и Јудита. Писателот на Посланието до Поликарп ја спомнува книгата Товит за да ја поткрепи идејата дека оној што дава милостина може да се спаси од смртта.
Во 2 век од н.е., се појавиле лажни евангелија преку кои се рашириле неточни извештаи за Исусовиот живот, а апостолските отци честопати им верувале на таквите извештаи и ги цитирале. На пример, Игнациј цитирал од таканареченото Евангелие според Евреите. А во врска со Клемент од Рим, во една книга пишува: „Изгледа дека Клемент го запознал Христос преку небиблиските списи, а не преку евангелијата“.
Голем бран на заблуди
Служејќи се со митови и со мистични и филозофски идеи за да ја објаснат христијанската вера, овие луѓе го отвориле патот за еден голем бран на заблуди. На пример, Клемент се осврнал на митот за фениксот како доказ за воскресението. Фениксот, кој е митска птица што наводно повторно оживеала од сопствената пепел, бил поврзан со обожавањето на сонцето во египетската митологија.
Друг писател што ја извалкал библиската вистина бил авторот на Посланието на Варнава. Тој поучувал дека Мојсеевиот закон е само алегорија. Според него, чистите животни — преживарите со раздвоени копита — ги претставуваат луѓето што размислуваат за Божјата реч. Истиот писател рекол дека раздвоените копита означуваат дека праведниот човек „оди во овој свет“, додека во исто време се надева на животот на небото. Ваквите толкувања не се темелат на Библијата (3. Мојсеева 11:1-3).
Сведоштвото на апостол Јован
Во 1 век, апостол Јован предупредил: „Сакани, не верувајте ѝ на секоја изјава, која наводно е вдахновена од Бог, туку испитајте дали таквите изјави потекнуваат од Бог, зашто многу лажни пророци излегоа во светот“ (1. Јованово 4:1). Колку биле соодветни овие зборови!
До крајот на 1 век, многу таканаречени христијани веќе отстапиле од учењата на Исус и неговите апостоли. Наместо да го спречат бранот на отпадништво, апостолските отци го забрзале тој процес. Тие ја затруле вистината. За таквите, апостол Јован рекол: „Секој што оди предалеку и не останува во Христовото учење, го нема Бог“ (2. Јованово 9). За сите оние што искрено сакаат да ја дознаат библиската вистина, ова предупредување од Бог било и останува бистро како солза.
[Фуснота]
a Писателите, теолозите и филозофите кои обично се нарекувале црковни отци, живееле помеѓу 2 и 5 век од н.е.
[Истакната мисла на страница 29]
Некои апостолски отци, меѓу кои бил и Клемент, во своите списи се осврнувале на митови и на мистични и филозофски идеи
[Слика на страница 28]
Поликарп бил спремен да умре со маченичка смрт
[Извор на слика]
The Granger Collection, New York