Тие сочувствително ги пасат овчичките
ОД СИТЕ животни кои живеат крај човекот, ниту една не е како домашната овца. Повеќето животни ги имаат силата и инстинктите што се потребни за да бараат храна и да им избегаат на суштествата што ги демнат, но овцата е поинаква. Таа е ранлива за грабливците затоа што има многу мала способност да се брани. Без овчар, овцата е плашлива и беспомошна. Кога е одвоена од стадото, лесно се губи. Затоа послушните овци имаат неодоливи причини да се чувствуваат привлечени кон својот пастир. Без него, шансите за опстанок би им биле мали. Поради овие карактеристики, Библијата фигуративно ги употребува овците за да ги опише луѓето што се невини, малтретирани и што не можат да се бранат.
Без сомнение, овчарот добро си ја заслужува платата. Животот не му е лесен. Изложен е и на жештина и на студенило и доживува бессони ноќи. Мора да го заштити стадото од грабливци, често самиот изложувајќи се на опасност. Со оглед дека овчарот мора да го држи стадото заедно, голем дел од времето го поминува барајќи овци кои заскитале или се загубиле. Мора да ги негува болните и повредените. Слабите и уморни јагниња мора да ги носи. Постојано е присутна грижата да најде соодветна залиха од храна и вода. Не е необично овчарот ноќе да спие надвор за стадото да биде безбедно. Според тоа, пастирењето е строг живот што може да го води човек кој е храбар, марлив и снаодлив. Пред сѐ, мора да има способност да покажува искрена заинтересираност за стадото кое му е поверено на грижа.
Пасење на Божјето стадо
Библијата го опишува Божјиот народ како послушни овци, а оние кои се задолжени за нив како пастири. Самиот Јехова е ‚Пастирот и Владиката [надгледникот, NW] на нашите души‘ (1. Петрово 2:25). Исус Христос, „добриот Пастир“, ја изразил својата желба овците да имаат сочувствителна нега кога му рекол на апостол Петар: ‚Храни ги моите јагниња, паси ги моите овчички, храни ги моите овчички‘ (Јован 10:11; 21:15-17, NW). Христијанските надгледници се свечено задолжени да ‚ја пасат црквата [собранието, NW] на Бога‘ (Дела на св. апостоли 20:28). А нивната работа како духовни пастири бара особини на еден добар дословен пастир — храброст, марливост, снаодливост и, како главно, сесрдна заинтересираност за доброто на стадото.
Во деновите на Божјиот пророк Језекиил, повеќето пастири кои биле наименувани за се грижат за потребите на Јеховиниот народ во Израел пропуштиле да ги исполнуваат своите задолженија. Божјето стадо страшно страдало, а повеќето го напуштиле вистинското обожавање (Језекиил 34:1-10). Денес, свештениците на т. н. христијанство велат за себе дека се пастири на наводното христијанско собрание, но неговата духовно болна состојба докажува дека свештениците се како злите измамници кои ги запоставувале и ги злоупотребувале луѓето кога Исус бил на Земјата. Религиозните водачи на т. н. христијанство личат на „наемникот“ кој „не се грижи за овците“ (Јован 10:12, 13). На никој начин не се спремни, способни или оспособени да го пасат стадото на Бог.
Пастири кои навистина се грижат
Исус дал совршен пример за сите кои ќе го пасат Јеховиното стадо. На секој начин бил полн со љубов, доброљубив, сочувствителен и од помош за своите ученици. Тој ја презел иницијативата да ги бара оние кои имаат некаква потреба. Иако Исус бил зафатен и често изморен, секогаш одвојувал време да ги сослуша нивните проблеми и да ги охрабри. Неговата спремност да ја предаде својата душа во нивна корист е краен израз на љубов (Јован 15:13).
Денес, сите наименувани собраниски старешини, како и слугите помошници, ја делат оваа одговорност спрема стадото. Затоа, дури ни потенцијалните материјални предности што можат да ги имаат во друга земја не ги наведуваат повеќето од овие одговорни мажи да се преселат и да ги остават собранијата без соодветна помош и надзор. Бидејќи живее во ‚тешки времиња‘, на стадото му е потребно охрабрување и водство (2. Тимотеј 3:1-5). Секогаш постои опасноста некој да стане плен на Сатана кој „обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ (1. Петрово 5:8). Сега, повеќе од кога и да било порано, е животоважно христијанските старешини ‚да ги поучуваат неуредните, да ги тешат малодушните, да ги поткрепуваат слабите‘ (1. Солунјаните 5:14). Неопходна е постојана будност ако сакаат да спречат непостојаните да отстапат од стадото (1. Тимотеј 4:1).
Како пастирот може да распознае кога на една овца ѝ треба помош? Некои од поочигледните знаци се неприсуствување на христијанските состаноци, нередовно учество во службата на подрачјето и склоност да се избегнува блиско дружење со другите. Слабости можат исто така да се откријат ако внимателно се забележи ставот на овците и битната содржина на нивните разговори. Може да бидат склони да ги критикуваат другите, при што веројатно покажуваат чувство на огорченост. Нивните разговори може да почиваат прекумерно на материјалистички цели наместо на духовни. Глобалниот недостиг на ентузијазам, оптимизам и радост може да значи дека им ослабела верата. Натажениот израз на лицето може да биде знак дека се притиснати од противнички настроените роднини или од световните пријатели. Кога ќе ги забележи овие знаци, пастирот може да се труди да определи кој вид помош е потребна.
Кога посетуваат соверник за да му помогнат, христијанските пастири треба да ја задржат на ум својата првенствена цел. Тоа не е само да се направи друштвена посета и да се зборува за секојдневности. Целта на апостол Павле кога ги посетувал браќата била ‚да им предаде некој духовен дар за нивното зацврстување, односно кога бил меѓу нив, заедно да се утешат преку општата вера‘ (Римјаните 1:11, 12). За ова да се постигне, потребна е претходна подготовка.
Прво, анализирај го поединецот и обиди се да одредиш каква е неговата духовна состојба. Кога ќе го утврдиш тоа, размисли малку кој вид упатство, охрабрување или совет ќе користи најмногу. Божјата Реч, Библијата, треба да биде главниот извор на информации бидејќи таа „дејствува“ (Евреите 4:12). Можеш да побараш низ списанијата Стражарска кула и Разбудете се! статии кои се занимаваат со конкретните потреби на овците кои се соочуваат со посебни проблеми. Развеселувачки и охрабрувачки искуства можат да се најдат во Yearbook of Jehovah’s Witnesses (Годишник на Јеховините сведоци). Целта е да се каже нешто духовно што ќе биде ‚добро за изградување на лицето‘ (Римјаните 15:2, NW).
Пастирење што е изградувачко
Еден пастир на стадо од дословни овци знае дека тие зависат од неговата заштита и грижа. Највообичаените опасности доаѓаат од скитање, болест, измореност, повреденост и грабливци. На сличен начин, духовниот пастир мора да препознае и да излезе на крај со слични опасности кои се закануваат на доброто на стадото. Во продолжение се наведени типични проблеми и неколку предлози што да се рече за да се изнесат духовно изградувачки информации.
1) Слично на непретпазливите овци, некои христијани одлутуваат од стадото на Бог бидејќи се привлечени од наоко безопасни и угодни привлечности. Вниманието може да им биде одвлечено, па дури и да заскитаат затоа што тежнеат по цели кои се поврзани со материјализам, рекреација или забава (Евреите 2:1). Таквите поединци може да бидат потсетени колку времињата се итни, колку е потребно да останат блиску до Јеховината организација и колку е важно да ги ставаат интересите на Царството на прво место во животот (Матеј 6:25-33; Лука 21:34-36; 1. Тимотеј 6:8-10). Корисни совети се наоѓаат во статијата „Да се задржи рамнотежа — Како?“ од Стражарска кула, 15. мај 1984, страници 8-11 (англ.).
2) Еден пастир треба да ѝ пружи нега на секоја овца која е подложна на болести. Слично на тоа, духовните пастири мора да им помогнат на христијаните кои духовно се разболуваат поради негативни фактори кои влијаат на нивниот живот (Јаков 5:14, 15). Може да се невработени, да имаат сериозни здравствени проблеми или да доживуваат тешкотии во семејниот живот. Таквите лица може да имаат мал апетит за духовната храна или да се дружат со Божјиот народ. Затоа се изолираат и се обесхрабрени. На нив им е потребно некој да ги увери дека Јехова се грижи за нив и дека ќе ги поткрепи во тешки времиња (Псалми 54:22; Матеј 18:12-14; 2. Коринтјаните 4:16-18; 1. Петрово 1:6, 7; 5:6, 7). Може исто така да биде корисно повторно да се разгледа статијата „Гледај право напред како христијанин“ што се наоѓа во Стражарска кула од 1. октомври 1980, страници 5-8 (срп.).
3) Пастирот мора да гледа по овците кои се изморуваат. Некои верно истрајале во Јеховината служба со години. Се бореле со многу испити и искушенија. Сега покажуваат знаци дека се изморуваат од правење добро и можеби искажуваат сомневања околу потребата за интензивна проповедничка активност. Неопходно е да им се освежи духот при што ќе се обнови нивното ценење за радостите и благословите кои доаѓаат од искрената служба за Бог по примерот на Исус Христос (Галатјаните 6:9, 10; Евреите 12:1-3). Можеби ќе можат да им помогнат да увидат дека Јехова ја цени нивната лојална служба и може да ги зајакне за идните активности на негова фалба (Исаија 40:29, 30; Евреите 6:10-12). Може да биде корисно да разменат мисли од статијата „Не попуштајте во правење на добро“ што се појави во Стражарска кула од 1. ноември 1988, страници 18-23.
4) Како кога овца ќе се повреди, некои христијани се повредени од она што го забележуваат како навредливо однесување. Сепак, ако им простуваме на другите, нашиот небесен Татко ќе ни го подари потребното простување (Колосјаните 3:12-14; 1. Петрово 4:8). Некои браќа или сестри можеби добиле совет или укор за кој сметаат дека е неправеден. Меѓутоа, секој од нас може да извлече корист од духовниот совет и укор, а и утешно е да се знае дека Јехова ги кара оние кои ги сака (Евреите 12:4-11). Поради тоа што не им биле доделени предности на службата за кои сметале дека се оспособени, други допуштиле лутината да создаде расцеп помеѓу нив и собранието. Но кога би се одделиле од Јеховината организација, не постои друго место каде што би отишле по спасение и вистинска радост. (Спореди Јован 6:66-69.) Други корисни информации покрај овие може да се најдат во статијата „Да ја задржиме нашата христијанска единственост“ што се наоѓа во Стражарска кула од 15. август 1988, страници 28-30 (англ.).
5) Овците мора да бидат заштитени од грабливци. На сличен начин, на некои може да им се противат роднините кои не се верници или колегите на работа. Нивната беспрекорност може да биде нападната кога притисоците ќе ги наведат да ја смалат службата на Бог или да престанат да учествуваат во христијанската служба. Меѓутоа, тие се зајакнати кога ќе им се помогне да сфатат дека противењата се за очекување и дека всушност се еден доказ дека ние сме вистински ученици на Исус Христос (Матеј 5:11, 12; 10:32-39; 24:9; 2. Тимотеј 3:12). Може да биде корисно да се истакне дека ако се верни, Јехова никогаш нема да ги напушти и ќе ги награди за истрајноста (2. Коринтјаните 4:7-9; Јаков 1:2-4, 12; 1. Петрово 5:8-10). Статијата со наслов „Радосно да се истрае и покрај прогонство“ во Стражарска кула од 1. август 1982, страници 27-32, пружа додатни охрабрувања.
Пастири — исполнете ги своите одговорности
Потребите на стадото на Бог се многубројни, а соодветното надгледување е работа што изискува. Христијанските пастири затоа мораат да бидат сочувствителни, искрено грижливи и да се интересираат да бидат од корист. Важни се трпеливоста и разборот. Додека на некои поединци им е потребен совет и опомена, други може да извлечат најголема корист од охрабрувањето. На некои лица може да им бидат доволни неколку посети, додека на други може да им е потребна редовна домашна библиска студија. Во секој случај, главната цел е да се пружи духовно изградувачко водство или љубезен совет кој ќе го мотивира поединецот да започне со добри навики за проучување, да почне или да продолжи редовно да ги посетува собраниските состаноци и да има активно учество во христијанската служба. Ова се главните начини да се поддржат соверниците и да им се помогне да го отворат патот за слободен протек на Јеховиниот свет дух.
Пастирите кои пружаат таков вид поддршка ја извршуваат највредната служба во корист на стадото на Бог. (Види Стражарска кула од 1. април 1986, страници 17-21). Она што го прават духовните пастири стадото многу го цени. Откако примил таква помош, еден семеен поглавар навел: ‚После 22 години во вистината, нѐ привлече светот со материјализмот. Често сакавме да присуствуваме на состаноците, но едноставно изгледаше дека не можеме. Не се вклопувавме потполно во Сатановиот систем, па затоа бевме потполно одвоени, изолирани. Тоа нѐ разочаруваше и потиштуваше. Ни требаа зборови на охрабрување. Кога нѐ посети еден старешина, радо ја прифативме можноста за библиска студија кај нас дома. Сега сите се вративме во Јеховината безбедна организација. Не можам да искажам колку сум среќен!‘
Постои причина за голема радост кога нашите залутани или обесхрабрени браќа и сестри се духовно оживеани и повторно активирани (Лука 15:4-7). Намерата што ја има Јехова со својот народ ќе се оствари кога тие ќе се обединат „како стадо овци во кошара“ (Михеј 2:12). Во ова безбедно засолниште, тие наоѓаат ‚мир за душите нивни‘ со помош на добриот Пастир, Исус Христос (Матеј 11:28-30). Обединетото стадо ширум светот добива водство, утеха и заштита, како и изобилство на духовна храна.
Денес, преку оваа пастирска активност, Јехова врши дело полно со љубов кое е во согласност со неговото древно ветување: „Јас сам ќе ги побарам овците Мои и ќе ги прегледам [ќе се грижам за нив, NW]. . . . ќе ги ослободам од сите места, каде што биле прснати . . . Ќе ги пасам на добро пасиште . . . Изгубената ќе ја најдам . . . ранета ќе превијам и болна ќе излекувам“ (Језекиил 34:11-16). Колку сме утешени кога знаеме дека Јехова е наш Пастир! (Псалми 22:1-4).
Поради божествените подготовки за пасење на стадото на Бог, како Јеховини слуги можеме да чувствуваме исто што и Давид кој рекол: „Мирно легнувам и спијам; оти Ти, Господи, си ми влил надеж да живеам без опасност“ (Псалми 4:8). Да, Јеховиниот народ се чувствува безбедно под неговата љубезна грижа и е благодарен што христијанските старешини сочувствително ги пасат овчичките.
[Извор на слика на страници 20 и 21]
Potter’s Complete Bible Encyclopedia