Прашања од читателите
Дали изразот „даруван со дух“ (НС), во 1. Коринтјаните 14:37 значи дека некој примил свет дух во смисла дека е помазан, или дека има чудесен дар од духот?
Во New World Translation of the Holy Scriptures (Нов свет преводот на Светото Писмо) овој цитат гласи: „Ако некој смета дека е пророк или даруван со дух, нека ги признае работите онака како што ви ги пишувам, затоа што тоа се Господови заповеди“ (1. Коринтјаните 14:37).
Читателот може да го сфати изразот „даруван со дух“ од аспект на фактот што христијаните од првиот век биле родени со дух и станале духовни синови Божји. Или, пак, изразот може да се сфати дека се однесува на оној кој примил посебен дар на светиот дух. Ова последново е поверојатно, како што ќе ни помогне и следново излагање.
Апостолот Павле на ова место го употребил грчкиот збор пнеуматико́с, кој во основа значи „она што му припаѓа на духот, духовно“. Облици од овој збор се користени во изразите: „тело духовно“, „духовен благослов“, „духовно разбирање“ и „духовен дом“ (1. Коринтјаните 15:44; Ефесјаните 1:3; Колосјаните 1:9; 1. Петрово 2:5).
Во овие примери, во Библијата е означен предметот (тело, благослов, разбирање, дом) кој е опишан со „духовен-духовно“. Но, во други примери, смислата и толкувањето на „духовен“ мора да се одреди од контекстот. На пример, во 1. Коринтјаните 2:14, 15 се споредува ставот на телесниот човек со ставот на хо пнеуматико́с што во овој случај логично значи „духовниот човек“.
Во првото послание до Коринтјаните од 12. до 14. поглавје се опишуваат чудесните дарови на светиот дух. Бог им ги дал овие дарови на некои рани христијани за да покажат дека тој повеќе не го употребува телесниот Израел, туку дека го благословил христијанскиот „Израил Божји“ (Галатјаните 6:16). За овие дарови Павле напишал: „Постојат разни дарови, но Духот е еден и ист“ (1. Коринтјаните 12:4). Меѓу даровите на духот биле: посебна мудрост, спознание и вера, како и прорекување, зборување на јазици и толкување на јазици (1. Коринтјаните 12:8-11).
Христијаните во Коринт, на кои Павле им пишувал, биле помазани со Божјиот свет дух. Павле рекол: „Туку се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог“ (1. Коринтјаните 6:11; 12:13). Да, сите примиле „залог на Духот“ (2. Коринтјаните 5:5). Меѓутоа, сите не примиле посебен дар преку светиот дух. Изгледа многумина биле одушевени со зборувањето на јазици, придавајќи му непотребна важност на овој дар. Павле им пишал со цел да го исправи нивното размислување и укажал дека луѓето ќе имаат повеќе корист од дарот на прорекување отколку од дарот зборување на јазици. При крајот на 12. поглавје, Павле ги советувал Коринтјаните: „Покажувајте ревност за поголеми дарби“ (1. Коринтјаните 12:28-31).
Потоа, на почетокот од 14. поглавје, тој ги поттикнал: „Стремете се кон љубовта; ревнувајте за [та пнеуматика́], а особено да пророкувате“. Да ревнуваат за што? Овие христијани не требало да ревнуваат за духовно помазание, бидејќи веќе го имале. Логично е дека Павле мислел на „даровите“ на духот, за кои, кон крајот од 12. поглавје, ги поттикнувал да ревнуваат. Затоа Нов свет преводот на Светото Писмо 1. Коринтјаните 14:1 го преведува вака: „Продолжете ревно да тежнеете по духовни дарови“. Други библиски преводи го преведуваат та пнеуматика́ со „духовните дарови“ или „даровите на Духот“.
Со помош на изнесеново, можеме да забележиме дека, кон крајот на 14. поглавје, Павле го поистоветил прорекувањето со пнеуматикос. Како и во првиот стих, од контекстот е видливо дека мислел да се биде даруван со дух. Во The New Testament in Modern Speech (Новиот Завет на современ јазик) од Р. Ф. Вејмаут е усвоен преводот: „Ако некој себеси се смета за пророк или за човек со духовни дарови, нека ја признае Господовата заповед како што јас сега ја пишувам“.
Да, сите христијани, без обѕир дали го имале дарот на прорекување или, пак, некој друг дар на духот, потребно било да го прифатат и следат советот што им го напишал Павле, имајќи предвид како сето тоа ќе се одрази на собранието.