Еден цар ја осквернува Јеховината светиња
„Но луѓето кои Го почитуваат својот Бог, ќе се засилат [ќе превладаат, НС]“ (ДАНИИЛ 11:32).
1, 2. Кој драматичен судир ја обележува човечката историја повеќе од 2.000 години?
ДВАЈЦА сопернички цареви се вклучени во тотална војна за превласт. Прво едниот, а потоа другиот добива надмоќ додека битката трае повеќе од две илјади години. Во наше време битката влијаела на повеќето луѓе на Земјата и ја ставила на испит беспрекорноста на Божјиот народ. Таа завршува со еден настан што не го предвидела ниту една страна. Оваа драматична историја однапред му била откриена на древниот пророк Даниел (Даниил, поглавја 10 до 12).
2 Пророштвото се однесува на текуштото непријателство помеѓу северниот и јужниот цар, а за кое детално беше дискутирано во книгата “Your Will Be Done on Earth” (Да биде волјата твоја на земјата).a Во таа книга беше покажано дека северниот цар првобитно била Сирија, на северот од Израел. Потоа, улогата ја презел Рим. На почетокот, јужниот цар бил Египет.
Судир во времето на крајот
3. Според ангелот, кога требало да се разбере пророштвото за северниот и јужниот цар, и како?
3 Ангелот кој му ги откривал овие работи на Даниел, рекол: „А ти, Данииле, сокри ги овие зборови и запечати ја оваа книга до последното време; мнозина ќе ја прочитаат [ќе талкаат, НС] и знаењето [точното спознание, НС] ќе се умножи“ (Даниил 12:4). Да, пророштвото се однесува на времето на крајот — период што започнал во 1914. Во текот на тоа обележано време мнозина требало да „талкаат“ низ Светото Писмо и, со помошта на светиот дух, точното спознание, вклучувајќи и разбирање на библиските пророштва, да стане изобилно (Соломонови изреки 4:18). Колку што навлегуваме подлабоко во тоа време, се разјаснуваат сѐ повеќе и повеќе детали за пророштвата на Даниел. Тогаш, како да го разбереме пророштвото за северниот и јужниот цар во 1993, денес, 35 години по излегувањето на публикацијата “Your Will Be Done on Earth”?
4, 5. а) Каде е сместена 1914 година во Данииловото пророштво за северниот и јужниот цар? б) Што требало, според ангелот, да се случи во 1914?
4 Почетокот на времето на крајот во 1914 било означено со Првата светска војна и другите светски неволји што ги прорекол Исус (Матеј 24:3, 7, 8). Можеме ли да ја одредиме таа година од Даниеловото пророштво? Да. Почетокот на времето на крајот е „определеното време“ на кое се прави осврт во Даниил 11:29. (Види “Your Will Be Done on Earth”, страници 269-270.) Тоа време Јехова го одредил уште во времето на Даниел затоа што дошло на крајот од 2.520-те години на кои се укажува во пророчки значајните настани од Даниил, поглавје 4.
5 Овие 2.520 години, од уништувањето на Ерусалим во 607. пр. н. е. за време на Даниеловата младост, па до 1914 н. е., биле наречени „одредените времиња на народите“ (Лука 21:24, НС). Кои политички настани требало да го означат нивниот завршеток? Еден ангел му го открил тоа на Даниел. Ангелот рекол: „Во определеното време тој [северниот цар] пак ќе појде против југ, но последниот поход нема да биде како поранешниот“ (Даниил 11:29).
Царот ја губи војната
6. Кој бил северниот цар во 1914, а кој јужниот?
6 Од 1914, улогата на северниот цар ја презела Германија, чиј водач бил Кајзер Вилхелм („кајзер“ — од римската титула „цезар“). Избувнувањето на непријателства во Европа била уште една во серијата пресметки помеѓу северниот и јужниот цар. Улогата на вториов, на јужниот цар, сега ја презела Британија, која брзо го окупирала Египет, област на првобитниот јужен цар. Додека војната траела, на Британија ѝ се придружила нејзината поранешна колонија Соединетите Американски Држави. Јужен цар станала Англо-американската светска сила, најмоќната империја во историјата.
7, 8. а) На кој начин во Првата светска војна работите не испаднале „како поранешните“? б) Каков бил исходот од Првата светска војна, но според пророштвото, како реагирал северниот цар?
7 Во претходните судири помеѓу двата цара, Римската империја, како северен цар, постојано победувала. Овојпат, работите ‚не биле како поранешните‘. Зошто не? Затоа што северниот цар ја изгубил војната. Една причина била што „китимските кораби“ дошле против северниот цар (Даниил 11:30). Што биле овие кораби? Во времето на Даниел, Китим бил Кипар, а на почетокот од Првата светска војна Кипар бил анектиран од страна на Британија. Освен тоа, според The Zondervan Pictorial Encyclopedia of the Bible, името Китим „е проширено да го опфати З[ападот] воопшто, но особено поморскиот З[апад]“. Преводот New International Version изразот „китимски кораби“ го преведува како „бродови на западните крајбрежни земји“. Во Првата светска војна, се покажало дека китимските кораби се бродовите на Британија, кои испловувале од западниот европски брег. Подоцна Британската морнарица била зајакната со бродови од западниот континент Северна Америка.
8 Под овој напад, северниот цар станал ‚ослабен со духот‘ и во 1918 капитулирал. Но, не бил готов. „Ќе се врати, ќе се озлоби [ќе фрла обвинувања, НС] против светиот завет и ќе ја изврши својата намера и пак ќе се договори со отстапниците од светиот завет“ (Даниил 11:30). Како што пророкувал ангелот, така и било.
Царот дејствува делотворно
9. Што довело до појавата на Адолф Хитлер, и како тој ‚дејствувал делотворно‘?
9 По војната, во 1918, победничките сојузници ѝ наметнале казнен мировен договор на Германија, очигледно со намера да се држи германскиот народ скоро во изгладнетост за неодредено време. Како резултат на тоа, после неколку години тетеравење во голема криза, Германија станала зрела за појавата на Адолф Хитлер. Во 1933, тој постигнал врховна моќ и непосредно извршил злобен напад врз „светиот завет“, претставен со помазаните браќа на Исус Христос. Притоа дејствувал делотворно против овие лојални христијани така што сурово прогонувал мнозина од нив.
10. Кому му се додворувал Хитлер барајќи поддршка, и со какви резултати?
10 Хитлер уживал економски и дипломатски успеси и дејствувал делотворно и на тоа поле. За неколку години Германија ја направил сила на која требало да се смета, а во овие настојувања му помагале оние кои ‚отстапиле од светиот завет‘. Кои биле тие? Очигледно, водачите на т. н. христијанство кои полагале право на заветен однос со Бог, но далеку пред тоа престанале да бидат ученици на Исус Христос. Хитлер успешно ги повикал оние кои ‚отстапиле од светиот завет‘ да го поддржат. Римскиот папа склучил конкордат со него, а Римокатоличката црква, како и Протестантските цркви во Германија, го поддржувале Хитлер за време на неговото 12-годишно угнетувачко владеење.
11. Како северниот цар ‚ја обесветил светињата‘ и ‚ја отстранил постојаната жртва‘?
11 Хитлер бил толку успешен што отишол во војна, точно како што прорекол ангелот. „И ќе има раце што ќе се кренат, што излегуваат од него; и навистина ќе ја обесветат светињата, тврдината, и ќе ја отстранат постојаната жртва“ (Даниил 11:31а, НС). Во стариот Израел светињата била дел од храмот во Ерусалим. Меѓутоа, кога Евреите го отфрлиле Исус, Јехова ги отфрлил нив и нивниот храм (Матеј 23:37–24:2). Од првиот век наваму, Јеховиниот храм всушност бил духовен храм, со неговата светиња над светињите на небесата и со духовно предворје на Земјата во кое служат помазаните браќа на Христос, Првосвештеникот. Од 1930-тите, големото мноштво обожавало во заедница со помазаниот остаток; затоа, за нив се вели дека служат ‚во Божјиот храм‘ (Откровение 7:9, 15; 11:1, 2; Евреите 9:11, 12, 24). Земското предворје на храмот било осквернато со немилосрдното прогонување на помазаниот остаток и нивните придружници во земјите каде што доминирал северниот цар. Прогонувањето било толку жестоко што постојаното обележје — јавната жртва на фалба на Јеховиното име — била отстранета (Евреите 13:15). Сепак, историјата покажува дека наспроти ужасно страдање, верните помазани христијани, заедно со ‚другите овци‘, продолжиле да проповедаат илегално (Јован 10:16).
„Мерзоста“
12, 13. Што била „мерзоста“ и — како што предвидел верниот и разумен роб — кога и како била повторно поставена?
12 Кога се наближил крајот на Втората светска војна, уследил друг развој на настаните. „Ќе постави мерзост на запустувањето“ (Даниил 11:31б). Оваа „мерзост“ [одвратна работа, НС], што ја споменува и Исус, веќе е препознаена како Лигата на народите, скерлетно-црвена дива ѕверка, која според Откровението, отишла во бездна (Матеј 24:15; Откровение 17:8; види Light [Светло], книга втора, страница 94). Таа го сторила ова кога избувнала II Светска војна. Но, на Теократскиот конгрес Нов свет што го одржале Јеховините сведоци во 1942, Натан Х. Нор, третиот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society, дискутирал за пророштвото од Откровение 17 и предупредил дека ѕверката пак ќе се појави од бездната.
13 Историјата ја потврдува вистинитоста на овие зборови. Помеѓу август и октомври 1944, во дворецот Дамбартон Оукс во Соединетите Држави, почнало да се работи на повелбата на она што подоцна било наречено Обединетите нации. Повелбата ја прифатила 51 нација, вклучувајќи го и поранешниот Советски Сојуз, и кога на 24. октомври 1945 стапила во сила, покојната Лига на народите фактички излегла од бездната.
14. Кога и како се променил идентитетот на северниот цар?
14 Германија била главниот непријател на јужниот цар за време на двете светски војни. По II Светска војна, еден дел од Германија отишол на страната на јужниот цар како негов сојузник. Но другиот дел од Германија сега стапил во сојуз со една друга моќна империја. Комунистичкиот блок, кој сега вклучувал дел од Германија, застанал во силна опозиција на Англо-американската алијанса, а соперништвото помеѓу двата цара било наречено Студена војна. (Види “Your Will Be Done on Earth”, страници 264-284.)
Царот и заветот
15. Кои се оние кои ‚постапуваат злобно против сојузот‘ и каков однос имаат тие со северниот цар?
15 Ангелот сега вели: „И оние кои постапуваат злобно против сојузот, тој ќе ги доведе до отпад со ласкави зборови“ (Даниел 11:32а, НС). Кои се тие кои постапуваат злобно против сојузот? Повторно, тоа можат да бидат само водачите на т. н. христијанство, кои тврдат дека се христијани, но со своите постапки го осквернуваат самото име на христијанството. Во текот на Втората светска војна, „советската влада направи напор да ја искористи материјалната и моралната поддршка на Црквите за одбраната на татковината“ (Religion in the Soviet Union, од Валтер Коларц). По војната, црквените водачи се трудеа да го одржат тоа пријателство и покрај атеистичката политика на силата која сега беше северен цар.b Така, т. н. христијанство, повеќе од било кога порано, стана дел од овој свет — одвратен отпадник во очите на Јехова (Јован 17:14; Јаков 4:4).
16, 17. Кои се тие „кои имаат увид“, и како поминале под северниот цар?
16 Но, што е со искрените христијани? „Што се однесува до народот кој го познава својот Бог, тие ќе превладаат и ќе дејствуваат делотворно. А што се однесува до оние кои имаат увид меѓу народот, тие ќе им пружат разбирање на мнозина. И тие сигурно ќе бидат наведени на спрепнување преку меч и пламен, заробеништво и пљачкање, на неколку дена“ (Даниел 11:32б, 33, НС). Христијаните кои живеат под северниот цар, а кои исправно се „во потчинетост на претпоставените власти“, не биле дел од овој свет (Римјаните 13:1; Јован 18:36). Внимавајќи да му го плаќаат царевото на царот, тие исто така му го давале „Божјето на Бога“ (Матеј 22:21). Поради тоа, нивната беспрекорност била ставана на испит (2. Тимотеј 3:12).
17 Каков бил резултатот? Тие и ‚превладале‘ и ‚се спрепнале‘. Се спрепнале на тој начин што биле прогонувани и многу страдале, некои дури биле убиени. Но, превладале во тоа и во најголемиот дел останале верни. Да, тие го победиле светот, исто како што Исус го победил светот (Јован 16:33). Освен тоа, никогаш не престанале да проповедаат, дури и кога се нашле во затвор или во концентрационен логор. На тој начин, им ‚поделиле разбирање на многумина‘. И покрај прогонувањето, во повеќето земји со кои владеел северниот цар, бројот на Јеховините сведоци пораснал. Благодарение на верноста на ‚оние кои имале увид‘, во тие земји се појавил еден постојано растечки дел на „големото мноштво“ (Откровение 7:9-14).
18. Каква „извесна помош“ дошла од помазаниот остаток кој живеел под северниот цар?
18 Говорејќи за прогонувањето на Божјиот народ, ангелот прорекол: „И во времето на страдањето свое [кога ќе бидат наведени на спрепнување, НС] ќе имаат извесна помош“ (Даниил 11:34а). Како се случило тоа? Како прво, триумфот на јужниот цар во Втората светска војна доведе до огромна помош за христијаните кои живееја под соперничкиот цар. (Спореди Откровение 12:15, 16.) Потоа, оние кои беа прогонувани од силата која потоа служеше како северен цар, одвреме-навреме доживуваа олеснување и, додека Студената војна постепено спласнуваше, многумина лидери увидоа дека верните христијани не претставуваат закана и затоа законски ги признаа.c Голема помош, исто така, дојде и преку нараснатиот број на големото мноштво кое одговори на верното проповедање на помазаниците и им помогна, како што е опишано во Матеј 25:34-40.
Чистење на Божјиот народ
19. а) Како некои ‚им се присоединиле дволично‘? б) Што е мислено со изразот „до времето на крајот“? (Види ја фуснотата.)
19 Не сите кои покажале интерес да му служат на Бог во текот на ова време имале добри мотиви. Ангелот предупредил: „Мнозина ќе се присоединат кон нив, но дволично — и од разумните некои ќе пострадаат [ќе бидат наведени на спрепнување] за да ги испитаат, очистат и обелат за последното време [до времето на крајот, НС], зашто уште има време до рокот“d (Даниил 11:34б, 35, НС). Некои покажале интерес за вистината, но не биле спремни искрено да се предадат за да му служат на Бог. Други, кои изгледало дека ја прифаќаат добрата вест, всушност биле шпиони за властите. Еден извештај од една земја вели: „Некои од овие бескрупулозни лица беа признати комунисти кои се вовлекоа во Господовата организација, покажуваа голема ревност и дури беа наименувани на високи службени положби“.
20. Зошто Јехова дозволил некои верни христијани да се „спрепнат“ поради некои вовлечени лицемери?
20 Вовлечените предизвикале некои верни да паднат во рацете на властите. Зошто дозволил Јехова да се случат такви работи? Заради претопување и чистење. Како што Исус ‚се научил на послушност преку она што пострадал‘, така и овие верни души се научиле на истрајност преку испитувањето на нивната вера (Евреите 5:8; Јаков 1:2, 3; спореди Малахија 3:3). Така тие се ‚испитани, очистени и обелени‘. Огромна радост ги очекува таквите верни кога ќе дојде одреденото време да биде наградена нивната истрајност. Тоа ќе го видиме додека понатаму дискутираме за Данииловото пророштво.
[Фусноти]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc. и објавена на англиски во 1958 на Меѓународниот конгрес на Јеховините сведоци „Божествена волја“.
b Во ноември 1992, World Press Review истакна една статија од The Toronto Star, во која пишуваше: „Низ повеќе изминати години, Русите доживеаја да видат десетици случаи на порано непобитни илузии за историјата на нивната земја како се распаѓаат пред фактите. Но обелоденувањето за соработката на црквата со комунистичкиот режим претставува најпотресен удар“.
d „До времето на крајот“ би можело да значи „во текот на времето на крајот“. Зборот што овде е преведен со „до“, се појавува во арамејскиот текст на Даниил 7:25 и таму значи „во текот“ или „за“. Зборот има слично значење во Хебрејскиот текст на 4. Царства 9:22, Јов 20:5 и Судиите 3:26. Сепак, во повеќето преводи на Даниил 11:35, е преведен со „до“, и ако е ова исправното значење, тогаш „времето на крајот“ овде мора да е времето на крајот на истрајноста на Божјиот народ. (Спореди “Your Will Be Done on Earth”, стр. 286.)
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто треба да очекуваме денес да имаме појасно разбирање на Данииловото пророштво?
◻ Како северниот цар ‚фрлал обвинувања и дејствувал делотворно‘?
◻ Како класата на робот го предвидела повторното појавување на „мерзоста“?
◻ Како помазаниот остаток ‚се спрепнал, превладал и добил извесна помош‘?
[Слика на страница 15]
За време на Хитлер, северниот цар целосно закрепнал од поразот од јужниот цар во 1918
[Слика на страница 16]
Водачите на т. н. христијанство се обидувале да одржуваат врска со северниот цар
[Извор на слика]
Зоран/Sipa Press