ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w93 1/11 стр. 26-30
  • Да се служи со чувство на итност

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Да се служи со чувство на итност
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Обучени од војната
  • Почеток на кариерата
  • Сопруга која се цени
  • Мисионерска служба во Индонезија
  • Среде државен удар
  • Понатамошни порази од противниците
  • Во Јужна Америка
  • Јехова докажа дека е со мене
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Јехова ме поучи да ја вршам неговата волја
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Исправни одлуки што ми донесоа трајни благослови
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Реалноста ги надмина моите очекувања
    Разбудете се! 2000
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
w93 1/11 стр. 26-30

Да се служи со чувство на итност

РАСКАЖАЛ ХАНС ВАН ФУРЕ

Едно утро во 1962, Пол Кушнир, надгледник на подружницата на Друштвото Стражарска кула во Холандија, се состана со мене во пристанишниот предел на Ротердам. Гледајќи во мене преку масата во една мрачна кафеана, рече: „Дали сфаќаш Ханс дека, ако ја прифатиш оваа задача, ти и жена ти ќе добиете карта само за еден правец?“

„ДА, И сосема сум сигурен дека и Сузи ќе се согласи“.

„Добро тогаш, разговарај со Сузи за тоа. Колку поскоро ќе ми ја кажеш одлуката, толку подобро.“

Следното утро го доби одговорот: „Одиме“. Така, на 26. декември 1962 се испоздравивме со роднините и пријателите на снежниот амстердамски аеродром Скипол и полетавме кон недопреното мисионерско подрачје — Холандска Нова Гвинеја (денешен Западен Иријан, Индонезија) — земјата на Папуанците.

Дали имавме сомнежи околу прифаќањето на оваа предизвикувачка задача? Не баш. Со целото свое срце ги посветивме своите животи за вршење на Божјата волја и имавме доверба дека тој ќе нѐ поткрепува. Осврнувајќи се наназад на нашите животи, можеме да видиме дека нашата доверба во Јехова никогаш не била изиграна. Но, пред да ви раскажеме што се случи во Индонезија, дозволете најнапред да ви раскажам нешто за претходните години.

Обучени од војната

Кога Артур Винклер, еден храбар Сведок, го посети нашето семејство прв пат во 1940 година, имав само десет години. Моите родители беа многу изненадени кога открија што вели Библијата за лажните науки на т. н. христијанство. Бидејќи Холандија тогаш беше окупирана од страна на нацистичка Германија, Јеховините сведоци беа прогонувани и моите родители требаше да одлучат дали да се поврзат со една забранета организација. Се одлучија на тој чекор.

Поради тоа, храброста на мајка ми и нејзината спремност да ја рискира својата слобода, па дури и животот, оставија на мене длабок впечаток. Во една прилика возела 11 километри со велосипед и чекала во мракот со торба полна со библиски трактати. Во договореното време за посебната акција која требала да биде извршена, возела колку што можела побрзо, рамномерно вадејќи трактати и расфрлајќи ги по улиците. Еден велосипедист кој ја следел конечно ја стигнал и, речиси без здив, извикал: „Дамо, дамо, загубивте нешто!“ Кога мајка ми ни ја раскажуваше оваа анегдота, одвај си дојдовме на себеси од смеење.

Бев многу млад, но знаев што сакам да направам од својот живот. За време на еден од нашите состаноци во средината на 1942, кога водителот праша: „Кој сака да се крсти следниот пат?“, јас кренав рака. Моите родители загрижено се погледнаа, изразувајќи сомнеж дали сум го сфатил значењето на една ваква одлука. Но, иако имав само 12 години, сфаќав што значи да бидеш предаден на Бог.

Проповедањето од куќа до куќа со нацисти зад петиците изискуваше претпазливост. За да ги избегнеме домовите на оние кои можеа да нѐ пријават на нацистите, јас го сторив следново: во деновите кога симпатизерите на нацистите закачуваа постери на своите прозорци, возев со велосипедот наоколу и ги забележував нивните адреси. Еднаш ме забележа еден човек и викна: „Браво момче! Само запиши ги — запиши ги сите!“ Бев ревен, но се чини не и доволно разборит! Кон завршетокот на војната во 1945, се радувавме на изгледите за поголема слобода за проповедање.

Почеток на кариерата

На 1. ноември 1948, откако го завршив школувањето, ја добив мојата прва полновремена проповедничка задача како пионер. Еден месец подоцна брат Винклер го посети семејството кај кое бев сместен. Сигурно дошол за да оцени каков сум, бидејќи набргу после тоа бев повикан да работам во подружницата на Друштвото во Амстердам.

Подоцна бев замолен да ги посетувам собранијата на Јеховините сведоци како покраински надгледник. Потоа, есента 1952, примив позив да го посетам 21. клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower во Њујорк за да примам мисионерска обука. Така, кон крајот на 1952, осуммина од Холандија се качивме на прекуокеанската линија Nieuw Amsterdam и отпатувавме за Америка.

При крајот од наставниот курс, Максвел Френд, еден од инструкторите, рече: „Повеќето од работите кои овде ги научивте ќе ги заборавите, но се надеваме дека овие три работи ќе останат со вас: верата, надежта и љубовта“. Во моето срце и ум складирани се и драгоцените спомени за Јеховината организација во која се работи со чувство на итност.

После тоа, многу се разочарав. Половина од холандската група — вклучувајќи ме и мене — беа доделени да се вратат назад во Холандија. Иако бев разочаран, не бев исфрлен од рамнотежа. Само се надевав дека нема да морам да чекам како Мојсеј од старо време 40 години за да добијам доделба во странска земја (Дела на св. апостоли 7:23-30).

Сопруга која се цени

Кога Фриц Харстанг, пријател кој ми беше како татко, дозна за моите планови да се женам, доверливо ми рече: „Не можам ни да си замислам подобар избор“. Таткото на Сузи, Кејси Стуфе, беше водечки борец во отпорот против нацистите за време на Втората светска војна. Но кога дошол во допир со Сведоците во 1946, тој веднаш ги прифатил библиските вистини. Набргу тој и три од неговите шест деца — Сузи, Мариан и Кенет — се крстиле. На 1. мај 1947 сите три започнале со полновремената служба како пионери. Во 1948 Кејси го продал дуќанот и исто така почнал да пионери. Подоцна забележал: „Тоа беа најсреќните години во мојот живот!“

Се запознав со Сузи во 1949 кога таа беше повикана да работи во Амстердамската подружница. Меѓутоа, следната година отпатува со сестра ѝ Мариан за да присуствуваат на 16-иот клас на Гилеад, а после тоа отпатуваа со брод на нивната мисионерска задача — Индонезија. Во февруари 1957, после пет години мисионерска служба во Индонезија, Сузи се врати во Холандија за да се венча со мене. Во тоа време служев како покраински надгледник и низ сите години на нашиот брак таа секогаш одново покажуваше спремност да прави лични жртви во име на службата за Царството.

После нашата венчавка продолживме да ги посетуваме собранијата во различни делови на Холандија. Годините на мисионерска работа на тешки задолженија добро ја подготвиле Сузи за нашите патувања со велосипед од едно до друго собрание. Додека двајцата бевме во покраинската служба, во 1962 се случи брат Кушнир да ме посети во Ротердам и да нѐ покани да се преселиме во Западен Иријан (Индонезија).

Мисионерска служба во Индонезија

Пристигнавме во градот Маноквари — сосем поинаков свет! Во тропските ноќи се слушаа стравични звуци помешани со жештините и прашината. А Папуанците од внатрешноста носеа само едно парче ткаенина на колковите, носеа мачети и обичаваа да одат позади нас, обидувајќи се да ни ја допрат белата кожа — не ни беше лесно да навикнеме на сето тоа.

Во текот на неколку седмици по нашето пристигнување, свештениците прочитаа писмо од нивните говорници со кое предупредуваа на Јеховините сведоци, а на сите кои присуствувале им врачиле по еден примерок. Дури и месната радио–станица ја пренесе содржината на писмото. Потоа нѐ посетија тројца свештеници и бараа да се преселиме во внатрешноста на земјата и да работиме меѓу, како што тие ги нарекуваа, „паганите“. Еден папуански полициски службеник од висок ранг исто така нѐ замоли да си одиме, а еден член на тајната полиција ни рече дека планирале да нѐ убијат.

Сепак, не ни се противеа сите. Политичкиот советник за Папуанците, еден Холанѓанец кој требаше да замине за Холандија, нѐ запозна со неколкумина папуански великодостојници. „Јеховините сведоци ќе донесат подобар вид христијанска религија од онаа што вие ја знаете“ — им рече. „Затоа треба да им изразите добредојде.“

Подоцна, еден владин службеник ѝ пришол на Сузи на улица и ѝ шепнал: „Јавено ни е дека сте започнале ново дело овде и затоа не можеме да ви дозволиме да останете. Но, ах, . . . кога барем би имале црква“. Полн погодок! За кратко време ги урнавме ѕидовите во нашата куќа, поставивме столчиња, инсталиравме говорнички пулт и надвор ставивме табла со натпис „Царска сала“. Потоа го повикавме службеникот да нѐ посети. Тој кимна со главата, се насмеа и го стави прстот на чело, сакајќи да каже: ‚Нема што, умно‘.

На 26. јуни 1964, после една и пол година откако пристигнавме, првите 12 Папуанци од нашите библиски студенти се крстија. Кратко после тоа, се крстија уште десет, а на нашите состаноци присуствуваа во просек 40 души. Беа испратени двајца индонезиски пионери да ни помагаат. Кога собранието во Маноквари добро се утврди, во декември 1964 година, подружницата на Друштвото на Индонезија ни додели друга проповедничка задача.

Пред да заминеме, шефот на Одделението на владата за односи со јавноста нѐ тргна настрана и ни рече: „Жал ми е што си заминувате. Секоја седмица свештениците ме молеа да ве испратиме оттука затоа што, како што велат тие, сте им ги собирале плодовите. Но, јас им велев: ‚Не, туку тие, вушност, ви ги ѓубрат дрвјата‘“. И додаде: „Каде и да отидете, продолжете да се борите. Вие ќе победите!“

Среде државен удар

Една септемвриска ноќ, 1965, додека служевме во главниот град Џакарта, комунистичките востаници убија повеќе воени водачи, ја запалија Џакарта и започнаа национална борба со која на крајот го соборија претседателот на нацијата Сукарно. Загинаа околу 400.000 души!

Еднаш, додека проповедавме, во соседната улица се слушнаа пукотници и имаше пожар. Наредниот ден слушнавме дека војската сакала да ја уништи соседната комунистичка зграда. Станарите изгледаа преплашено кога им приоѓавме, но кога ќе ја слушнеа нашата библиска порака, ќе се опуштеа и ќе нѐ повикаа внатре. Со нас се чувствуваа безбедно. Во тој период сите се научивме да се потпираме на Јехова и да задржиме рамнотежа под неповолни услови.

Понатамошни порази од противниците

Кон крајот на 1966 се преселивме во градот Амбон кој се наоѓа на живописните острови Молукан на југ. Меѓу тамошниот пријателски настроен и отворен народ најдовме многу духовно заинтересирани. Нашето малечко собрание брзо растеше и на состаноците присуствуваа и до стотина. Поради тоа, црковните службеници на т. н. христијанство го посетија секретаријатот за верски односи со цел да извршат притисок на шефот за да нѐ принудат да го напуштиме Амбон. Но таму, на неговата маса здогледале ширум отворени книги на Watch Tower Society! Не успевајќи да го наговорат шефот, контактирале со службениците на министерството за религија во Џакарта, со барање да нѐ протераат не само од Амбон туку и од цела Индонезија.

Овој пат се чини успеаја бидејќи 1. февруари 1968 ни беше назначен како датум за иселување. Меѓутоа, нашите христијански браќа во Џакарта контактираа со еден висок муслимански службеник во министерството за религија и тој ни помогна да биде повлечена одлуката. Последователно, поранешниот полицаец беше сменет и на уште неколку мисионери им беше дозволено влегување.

Така, во текот на наредните десет години, окружени со величествени планини, шуми и езера во северна Суматра, работевме со мисионери од Австралија, Австрија, Германија, Филипините, Шведска и Соединетите Држави. Делото на проповедање напредуваше, особено меѓу поголемите етнички групи на подрачјето Батак.

Меѓутоа, религиозните сплеткари конечно успеаја во донесувањето на забрана на нашето проповедничко дело во декември 1976 и следната година повеќето од мисионерите заминаа на доделби во други земји. На крајот, во 1979 моравме да заминеме и ние.

Во Јужна Америка

Во тоа време имавме околу 50 години и се прашувавме дали ќе можеме да се прилагодиме на друга земја. „Ќе ја прифатиме ли новата задача или ќе се укотвиме на некое место?“ — праша Сузи.

„Па, Сузи“ — ѝ одговорив — „каде и да нѐ повикал Јехова да одиме, тој се грижел за нас. Кој знае какви понатамошни благослови нѐ чекаат во иднина?“ Така пристигнавме на нашата нова доделба, јужноамериканската земја Суринам. За два месеца повторно бевме во патувачката служба и набргу се чувствувавме како дома.

Осврнувајќи се на нашата полновремена служба која трае повеќе од 45 години, јас и Сузи сфаќаме колку била важна подршката на нашите родители која ни помогна да тежнееме кон мисионерската служба. Во 1969, кога прв пат ги видов своите родители после шест години, татко ми ме тргна настрана и ми рече: „Доколку се случи мајка ти прва да умре, не мораш да доаѓаш дома. Остани на твојата задача. Јас ќе се погрижам сам. Но доколку се случи поинаку, ќе мораш мајка ти да ја прашаш за тоа“. Мајка ми го рече истото.

Родителите на Сузи го имаа истиот несебичен став. Еднаш Сузи беше одвоена од нив 17 години, но тие никогаш не ѝ пишаа ниту еден обесхрабрувачки збор. Се разбира, ако на нашите родители немаше да им биде достапна помош од некоја страна, ќе моравме да се вратиме дома. Всушност, нашите родители го имаа истото ценење за мисионерската задача и сѐ до својата смрт му служеа на Јехова со истото чувство на итност кое тие го всадија и во нашите срца (Спореди 1. Царства 1:26-28.)

Се храбриме и од писмата на оние кои редовно ни пишуваат. Неколкумина од нив никогаш не пропуштаат да ни се јават секој месец во текот на повеќе од 30 години мисионерска служба! Но, над сѐ, го имаме во мислите нашиот драг небесен Татко Јехова кој знае како да ги поткрепи своите слуги на Земјата. Затоа, додека денес се приближуваме кон завршетокот на настаните кои ги очекуваме, јас и Сузи сакаме ‚цврсто да ја задржиме на ум присутноста на Јеховиниот ден‘, продолжувајќи да му служиме на Јехова со чувство на итност (2. Петрово 3:12, NW).

[Слика на страница 26]

Кога се венчавме 1957

[Слика на страница 29]

Какво воодушевување — уште шест млади пионери!

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели