Зошто да се признае грешката?
ТОА бил еден од најнеобичните судири во воената историја. Една невооружена пратеничка одвратила 400 бесчувствителни војници решени да се одмаздат поради една навреда. Откако ги слушнал молбите на само една храбра жена, водачот на овие луѓе се откажал од својата мисија.
Тој водач бил Давид, кој подоцна станал цар на Израел. Ја послушал жената по име Авигеја бидејќи сакал да му угоди на Бог. Кога таа тактично му укажала дека ако му се одмазди на нејзиниот маж, Навал, тој ќе биде виновен за крв, Давид извикал: „Благословен Господ, Бог Израилев, Кој те испрати денес во пресрет мој, и благословен да биде твојот разум и благословена да бидеш ти, поради тоа што сега не ме остави да пролевам крв и да се одмаздам за себеси“. Давид бил благодарен што Бог ја употребил Авигеја да го спречи да направи сериозна грешка (1. Царства 25:9-35).
Во еден псалм Давид запрашал: „Кој може да ги согледа своите грешки?“ (Псалм 18:12). Како него, и ние можеби не сме свесни за своите грешки сѐ додека некој не ни укаже на нив. Во други случаи, неугодните последици нѐ присилуваат да согледаме дека сме погрешиле, сме биле немудри или нељубезни.
Нема причина за очајување
Иако секој од нас прави грешки, тоа не треба да биде причина за очајување. Дипломатот Едвард Џон Фелпс забележал: „Човекот кој не прави грешки обично не прави ништо“. И христијанскиот ученик Јаков рекол: „Сите ние многу грешиме“ (Јаков 3:2). Дали детето ќе научи да оди ако ниту еднаш не се сопне? Не, бидејќи детето се учи од грешките и тоа и понатаму се обидува сѐ додека не постигне рамнотежа.
За да водиме урамнотежен живот, исто така, треба да учиме од нашите и од грешките на другите. Бидејќи Библијата раскажува за искуствата на многумина чии околности можеби ги одразуваат нашите сопствени, може да ни помогне да избегнеме да ги правиме истите грешки кои тие ги направиле. Што, тогаш, можеме да научиме од нивните грешки?
Понизноста — битно својство
Една поука е дека Бог не ги прекорува сите кои прават грешки, туку ги осудува само оние кои одбиваат да ги исправат иако е тоа можно. Израелскиот цар Саул не ги послушал Јеховините упатства за уништувањето на Амаликијците. Кога бил соочен со пророкот Самуел, Саул најпрво ја потценувал сериозноста на работите, а потоа се обидел да ги обвинува другите. Тој бил повеќе заинтересиран да го обели образот пред своите луѓе отколку да го поправи она што е погрешно. Затоа ‚Господ го отфрлил како цар‘ (1. Царства 15:20-23, 30).
Иако Сауловиот наследник, Давид, направил сериозни грешки, нему му било простено бидејќи тој понизно прифатил совет и укор. Давидовата понизност го навела да внимава на зборовите од Авигеја. Неговите трупи биле спремни за борба. Но сепак, Давид пред своите луѓе признал дека донел брзоплета одлука. Таквата понизност му помогнала на Давид во текот на својот живот да бара прошка и да ги исправа своите чекори.
Понизноста исто така ги наведува Јеховините слуги да ги исправат непромислените забелешки. За време на сослушувањето пред Синедрионот, првосвештеникот заповедал на Павле да му удрат шлаканица. Апостолот остро возвратил: „Бог тебе ќе те удри, ѕиду варосан!“ (Дела на св. апостоли 23:3). Можеби заради слабиот вид, Павле не сфатил кому му се обраќа, додека присутните не запрашале: „Божјиот првосвештеник ли го хулиш?“ На тоа, Павле веднаш ја признал своајта грешка, велејќи: „Не знаев, браќа, дека тој е првосвештеник; бидејќи е напишано: ‚Началникот на твојот народ да не го злословуваш‘“ (Дела на св. апостоли 23:4, 5; 2. Мојсеева 22:28). Да, Павле понизно ја признал својата грешка.
Тие ги признале грешките
Библијата исто така покажува дека некои го промениле својот погрешен начин на размислување. На пример, размисли за псалмистот Асаф. Бидејќи се чинело дека на злите луѓе добро им оди, тој рекол: „Зар залудо го држев срцето свое во праведност“. Но, Асаф се вразумил откако го посетил Јеховиниот дом и медитирал за добивките од чистото обожавање. Освен тоа, тој ја признал својата грешка во 72-от Псалм.
Јона исто така дозволил погрешното размислување да го замрачи неговото гледиште. По проповедањето во Ниневија, наместо за поштедувањето на жителите на тој град, тој бил заинтересиран за личното оправдување. Јона бил незадоволен кога Јехова не ги казнил Ниневјаните заради нивното каење, но Бог го исправил. Јона сфатил дека неговото гледиште било погрешно, бидејќи библиската книга која го носи неговото име чесно ги разоткрива неговите грешки (Јона 3:10–4:11).
Погрешно претпоставувајќи дека Јехова Бог, а не Сатана Ѓаволот, ја причинува неговата неволја, Јов се обидел да докаже дека не ги заслужува своите страдања. Тој не бил свесен за поголемото спорно прашање: Дали Божјите слуги ќе му останат верни под искушение? (Јов 1:9-12). Подоцна Елијуј, а потоа и Јехова му помогнале да ја согледа својата грешка, и тој признал: „Јас го говорев она што не го разбирав . . . Затоа јас се откажувам и се покајувам во прав и пепел“ (Јов 42:3, 6).
Признавањето на грешките ни помага да задржиме добар однос со Бог. Како што и претходните примери покажаа, тој нема да нѐ прекори за нашите грешки ако ги признаеме и сториме сѐ што можеме за да го исправиме погрешното размислување, непромислените зборови или брзоплетите постапки. Како можеме да го примениме ова спознание?
Преземајќи нешто во врска со нашите грешки
Понизно да се признае една грешка и да се преземе нешто во врска со тоа може да ги зајакне семејните врски. На пример, заради умор или додевање, еден родител можеби бил прилично груб во укорувањето на своето дете. Одбивањето да се поправи оваа грешка може да има лоши последици. Согласно со тоа, апостолот Павле напишал: „И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов [Јеховин, НС]“! (Ефесјаните 6:4).
Еден млад христијанин по име Пол со задоволство се присеќава: „Тато секогаш се извинуваше ако осетеше дека претерал. Тоа ми помогна да го почитувам“. Дали е потребно извинување во одредена ситуација, е предмет на лична одлука. Сепак, извинувањата треба да бидат проследени со искрени напори да се избегнат слични грешки во иднината.
Што ако сопругот или сопругата направи грешка која причинува бол? Искрено признавање, срдечно извинување и дух на проштевање ќе помогнат да се задржи нивниот однос полн со љубов (Ефесјаните 5:33; Колосјаните 3:13). Хезус, еден Шпанец во своите 50-ти, со жив темперамент, не е премногу горд за да ѝ се извини на својата сопруга, Албина. „Ние го имаме обичајот да се извиниме кога меѓусебно ќе се навредиме“, вели таа. „Ова ни помага меѓусебно да се поднесуваме во љубов.“
Кога некој старешина ќе направи грешка
Признавањето на грешките и искреното извинување ќе им помогнат и на христијанските старешини да соработуваат во хармонија и да ‚се натпреваруваат во почитувањето еден кон друг‘ (Римјаните 12:10). Еден старешина може да не е склон да признае грешка бидејќи се плаши дека тоа ќе го поткопа неговиот авторитет во собранието. Но сепак, ако се обидува се да се оправда, да игнорира или намали некоја грешка, шансата да предизвика другите да изгубат доверба во неговиот надзор е поголема. Зрел брат кој понизно се извинува, можеби за некоја непромислена забелешка, го заслужува почитувањето на другите.
Фернандо, старешина од Шпанија, се сеќава на една ситуација кога еден покраински надгледник, претседавајќи на некој поголем собир на старешини, дал неточен исказ во врска со тоа како би требало да се води состанокот. Кога еден брат со респект го коригирал она што тој го рекол, покраинскиот надгледник веднаш признал дека погрешил. Фернандо се сеќава: „Кога го видов како ја признава својата грешка пред сите тие старешини, бев импресиониран. Многу повеќе го почитував после тоа извинување. Неговиот пример ме научи колку е важно да ги согледувам моите сопствени недостатоци“.
Биди брз да ја признаеш грешката
Едно извинување обично се цени, посебно ако следува брзо. Всушност, колку порано признаеме една грешка толку подобро. На пример: На 31. октомври 1992, Папата Јован Павле II признал дека Инквизицијата пред 360 години постапила „погрешно“ казнувајќи го Галилео заради тврдење дека Земјата не е центар на универзумот. Но сепак, одложувањето на извинувањето за едно толку долго време има тенденција да ја намали неговата вредност.
Истиот случај е и со меѓусебните односи. Брзото извинување може да ја излечи раната предизвикана со еден нељубезен збор или постапка. Исус нѐ поттикнува да не се колебаме во помирувањето, велејќи: „Ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот“ (Матеј 5:23, 24). Честопати, обновувањето на мирољубиви односи едноставно бара да признаеме дека сме постапиле погрешно и да побараме прошка. Колку подолго чекаме да го сториме тоа, толку е потешко.
Среќни да ги признаеме грешките
Како што покажуваат примерите на Саул и Давид, начинот на кој се однесуваме спрема нашите грешки може да влијае на нашите животи. Саул тврдоглаво одбил совет, и неговите грешки се намножиле, конечно кулминирајќи со неговата смрт во Божја немилост. Меѓутоа, Давид и покрај своите грешки и гревови, покајнички прифатил исправка и му останал верен на Јехова. (Спореди со Псалм 31:3-5.) Зарем тоа не е и наша желба?
Најголемата награда за признавање и поправање на една грешка или покајание за грев е кога знаеме дека Бог тоа го простил. „Блажени се оние . . . чии гревови се покриени“, рекол Давид. „Блажен е оној човек, на кого Господ не му зема за грев“ (Псалм 31:1, 2). Значи, колку мудро е да се признае грешката!
[Слика на страница 29]
Дали едно дете ќе научи да оди ако ниту еднаш не се сопне?