На Исток и на Запад, Јехова го зајакнува својот народ
НА ПОДРАЧЈАТА каде делото на проповедање е забрането, во земји растргнати од насилство и земји каде забраните неодамна беа укинати — навистина по целата Земја — Јехова не престанува да ги снабдува своите Сведоци со ‚сила која е над она што е нормално‘ (2. Коринтјаните 4:7, НС).
Напредок и покрај забраната
На еден архипелаг на Далечниот Исток делото на проповедање е под забрана 17 години. Дали се обесхрабрени Сведоците? Не, воопшто! Во мај достигнаа нов највисок број од 10.756 објавители од кои 1.297 служеле како полновремени слуги. Како што светските прилики се влошуваат, луѓето на островите се сѐ понаклонети да ја слушаат вистината. Така известија 15.654 домашни библиски студии што ги водат со заинтересираните луѓе. Пред тоа, на состаноците кои мирно се одржаа како спомен на Исусовата смрт присуствуваа 25.397 луѓе.
Додека се одржуваа обласните конгреси „Божествена поука“ — и овој пат дискретно, според месните околности — браќата се радуваа кога на својот месен јазик добија примерок од изданијата кои излегле и во САД. Преведувачите, коректорите и останатите, доброволно работеа и прекувремено за да можат на време да го подготват објавувањето на најважното издание на стотици страници. А и една печатница со задоволство соработуваше на прекрасната работа на печатење и подврзување. Делегатите беа среќни кога ја добија публикацијата богато украсена со повеќе од илјада колор фотографии. Многу владини службеници ги почитуваат Јеховините сведоци, но противењето главно доаѓа од свештенството на т. н. христијанство. Се надеваме дека забраната наскоро ќе се укине.
Што станува со двете Америки?
Јеховините сведоци во овие западни држави се обединети со нивните браќа на Истокот во храброто соочување со проблемите, а Јеховиниот свет дух им помога да ги надвладеат тешките ситуации. Земи го, на пример, следниов извештај од една јужноамериканска земја, каде групите кои го контролираат производството и продажбата на илегална дрога редовно патуваат низ џунглите.
Една група Сведоци се качила во автобус за едно изолирано подрачје. Кога се симнале од автобусот, забележале едно тесно странично патче што водело од селото. Така петмината браќа тргнале да видат каде води тесното непоплочено патче, а на сестрите и децата им доделиле да работат во селото. Еден од браќата раскажува:
„Видовме мошне малку куќи во текот на пешачењето од два саата. Во еден момент, осуммина наоружани мажи со капи преку лицата наеднаш изникнаа од шумите. Некои носеа митралези, а некои мачети. Каде ли упаднавме? Прашавме што бараат, но ни рекоа да бидеме мирни и да не зборуваме — само да врвиме напред. Така и направивме! Со уште два саата пешачење низ најгустиот дел од џунглата со грмушки дојдовме до една чистинка која очигледно беше воен логор. Гардисти со митралези беа насекаде. На среде се наоѓаше една пристојно изградена куќа во која нѐ внесоа.
Кога седнавме ни се обрати еден од нив кој очигледно беше главен во логорот. Беше уредно облечен, добро образован и сосем достоинствен. Покажа на еден од нашата група браќа и му рече да стане. Потоа го праша: ‚Што мислите вие за [нашата] група?‘ Потполно сфаќајќи каде сме, братот одговори: ‚Па, ние знаеме за вашата група, но немаме никаков интерес за неа или за било која друга политичка групација. Единствената причина зошто сме овде е да проповедаме за Царството на Јехова Бог преку Исус Христос. Тоа набргу ќе ги уништи сите политички влади од овој систем на ствари и ќе им донесе величествени благослови на луѓето на оваа Земја под рајски услови — нешто што ниту еден човек или група луѓе не можат да го сторат‘.
Ставот на овој човек се измени. Почна да поставува прашања. ‚Каде го дознавте сето ова? Како сте се подготвиле да зборувате вака?‘ За саат и половина можевме да дадеме добро сведоштво за светските прилики и да покажеме дека само Библијата ја знае единствената надеж за човештвото. Исто така го објаснивме и 13. поглавје од Римјаните — дека ние ги слушаме властите кои се на сила, но, кога постои конфликт помеѓу Јеховината Реч и нивната, прво го слушаме нашиот Бог Јехова. На крајот му понудивме од книгите кои ги носевме со нас. Зеде три од нив и Библија и, на наше изненадување, ни даде прилог за нив. Рече дека ќе ги прочита.
Потоа му даде знак на еден од своите да нѐ изведе од логорот. Набргу се најдовме на патот за назад, благодарејќи му на Јехова за победата која ја добивме на уште едно поле на сведочење.“
Во раскинатата од војни Африка
На средина помеѓу далечниот Исток и далечниот Запад лежи африканскиот континент. Племенските војни втурнаа некои земји во вртлог од насилство. Во Либерија, Јеховиниот народ уште еднаш се најде сериозно погоден од превирањата на граѓанската војна. Најнапред, во текот на октомври и ноември 1992, имаше борби во главниот град и неговата околина. Потоа, како што војната се ширеше низ земјата, сите собранија се распуштија бидејќи браќата избегаа во шумите заедно со останатото население. Меѓутоа, нивната ревност не се намали. Како што бегаа, така и проповедаа, а последицата беше огромно сведоштво дадено до најоддалечените делови во внатрешноста.
Едно собрание од протерани браќа изгради привремена Царска сала среде една плантажа на каучук. Во еден град, близу до линијата на фронтот, во текот на денот жителите бегаа во околната каучукова плантажа за да го избегнат бомбардирањето од воздух. Месните браќа, вклучувајќи ги многуте изгонети објавители од главниот град Монровија, организираа служба на полето и секој пат можеше да се видат како им проповедаат на илјадници кои седеа под каучуковите дрвја! Секој пат кога ќе се појавеше авион, браќата и сестрите скокаа во најблискиот ендек, а потоа, кога опасноста ќе поминеше, продолжуваа со своето сведочење.
За чудо, илјада и повеќе собраниски објавители кои можеа да испратат извештај до Заедницата, и покрај ваквите услови на граѓанска војна, во просек имаа 18,1 саати служба на проповедање и водат 3.111 библиски студии месечно.
Во Африка, во текот на изминативе четири години, забраната на делото на Јеховините сведоци се укина во 18 земји. И, најрадосниот момент! На 12. август, забраната на Сведоците во Малави, која стапи на сила во октомври 1967, се укина. Илегалното проповедање на добрата вест за цело време напредувало, но сега Сведоците можат да напредуваат во слобода, иако ќе мораат да го чекаат воскресението за да им изразат добредојде на многуте свои драги соработници кои беа убиени од страна на противниците.
Во Мозамбик, на 4. октомври 1992 стапи на сила мирољубив договор. Подрачјата, кои порано беа недостапни поради опустошувачката војна во изминатите 16 години, сега можат да се достигнат. На подрачјето Кариоко беше обновена врската со 375 браќа и сестри кои изгубиле секаков контакт со организацијата за изминативе седум години. Се одржа Ден на посебен состанок во Мланџе, главниот град на областа која порано беше позната по концентрациониот логор и центарот за „превоспитување“ на Јеховините сведоци, од кои повеќето беа бегалци од Малавија. Изненади присуството на 2.915 души, вклучувајќи го и началникот на градот кој им изрази добредојде на Јеховините сведоци. Така, поранешниот центар за „превоспитување“ стана центар за божествена поука во текот на тој ден.
Еден мисионер пишува: „Што се однесува до браќата кои се нашле во логорите за бегалци во провинцијата Тете, направена е занимлива забелешка од страна на еден претставник на УНХЦР (Висок комесаријат за бегалци на Обединетите нации). Тој рече дека Јеховините сведоци ги организирале своите логори одвоено од другите групи. ‚Нивниот логор‘ — рече тој — ‚е единствениот кој е прописно уреден‘ — и додаде: — ‚Јеховините сведоци се чисти, организирани и образовани луѓе.‘ Тогаш ми понуди да ме повезе со авион над шумата за самиот да погледам. Одозгора пилотот покажа на два логора. Едниот беше беден и валкан, со куќи од кал подигнати една до друга без план. Другиот беше со добар план и куќи во редови одвоени една од друга со патеки. Куќите изгледаа уредно, со изметени дворови. Некои дури беа офарбани со рачно изработена боја. ‚Погодете кој од овие два им припаѓа на вашите луѓе?‘ — рече пилотот. За мене беше голема радост да сретнам браќа во тој логор. Денес има осум собранија во ова село од Сведоци“.
Во „земјата на орелот“
Не, не станува збор за американскиот орел! Помеѓу Исток и Запад се наоѓа една европска држава, Албанија, чие име Шкиприја на истоимениот јазик значи „Земја на орелот“. Неодамна во оваа земја се укина 50-годишната свирепа забрана над Јеховините сведоци и тие сега можат да се обединат со своите браќа од Исток и Запад во уживањето на слободата на обожавање. Тие навистина ‚си го откупуваат поволното време‘ (Ефесјаните 5:16, НС). Првиот конгрес во историјата на Албанија, еднодневен состанок, се одржа во Народниот театар во главниот град Тирана, во недела на 21. март. Во сабота попладне, група од 75 Сведоци волонтери претворија едно разурнато место за состанување во сјајна, чиста, конгресна сала. Управата остана без зборови. А треба и да се забележи дека од 75-те волонтери, само околу 20 биле крстени!
Времето не можеше да биде подобро. Додека прекуокеанските делегати пристигнуваа, поздравите — повеќето со гестови и прегратки — го направија овој Ден на посебен состанок навистина посебен. Со рацете испружени кон небото, брат Нашо Дори изрече молитва со која го отвори конгресот. Тој е крстен 1930 и е речиси слеп. Програмата беше изнесена на албански и тоа поголемиот дел од страна на специјални пионери од странство. Петсто осумдесет и петте присутни на конгресот ја пееја песната „Христијанско предание“ — една од шесте песни кои беа преведени на албански за оваа прилика — додека новите браќа и сестри, вкупно 41, чекореа кон базенот кој со многу љубов го поставија во месната Царска сала браќата од Грција кои ги посетуваат. Каква промена! Порано, да поседуваш Библија значело да бидеш испратен во работнички логор, а состаноците биле ограничени само на група од по две до три лица.
Наредниот ден после конгресот, во канцеларијата на Друштвото се јавил директорот на театарот. Обично, него не го интересира кој го користел театарот. Тоа е работа на помошник-директорот. Но, рекол: „Морав да ви јавам за да ви заблагодарам. Никогаш ова место не сум го видел толку чисто. Кога би морал да опишам, би рекол дека вчера над нашиот театар се спуштило едно ветре од небото. Секогаш кога ќе сакате да ги користите нашите простории, ве молиме, дојдете и вие ќе бидете први на списокот. Всушност, би требало да доаѓате секои три месеци без да плаќате.“
Сведоците се вратија во своите места зајакнати, благодарни и почнаа да се подготвуваат за Споменот на Исусовата смрт. Само 15 дена подоцна, во вторник на 6. април, се одржа првата легална Спомен-свеченост на седум места.
Во градот Берат, бројот на присутни на состаноците се качува до околу 170 души и месниот свештеник е бесен. Од 33 објавители на Царството во Берат, 21 се крстени на конгресот. Берат извести 472 присутни на Споменот. И посетеноста на Споменот во други места беше за истакнување, главно како резултат на прекрасното водство пружено од страна на специјалните пионери.
Во најкатоличкиот град на Албанија, Скадар, каде постои и базилика, црквата почнала да печати месечен лист и секое издание се занимавало со темата: „Како да ги избегнете Јеховините сведоци“. Последното издание коментирало: „Инвазија на Јеховините сведоци во Скадар!“ Тамошната огромна армија од два Сведока собрала 74 пристојни и сериозни луѓе за Споменот. Откако го послушале говорот за Споменот, 15 семејства замолиле за домашна библиска студија. Во еден друг град, Драч, каде постои армија од четири Сведоци, имаше извонреден број од 79 присутни.
Поради противењето од страна на католички младинци кои се заканувале дека ќе ги гаѓаат Сведоците со камења, Спомен-свеченоста во планинското село Калмети и́ Вогел морала да биде преместена во домот на еден месен брат каде мирно се собрале 22 присутни. Во оваа група има пет објавители од кои три се крстени на конгресот во Тирана.
Во Влора двајца младичи добиле примерок на Стражарска кула, го прочитале и му пишале на Друштвото: „Ние сега се нарекуваме себеси Јеховини сведоци затоа што ја дознавме вистината од Стражарска кула. Ве молиме, пратете ни помош.“ Таму беа доделени двајца специјални пионери, па едниот од двајцата младичи бргу се оспособил за објавител. Среќен е што бил меѓу 64-те присутни на Споменот во Влора.
Еден брат Албанец, кој ја дознал вистината во Соединетите Држави, се вратил во 1950-ите во својот роден град Ѓирокастра каде служел до своите крајни можности сѐ до смртта. Семето на вистината го посеал во срцето на својот син. Кога забраната се укина, синот го замоли Друштвото за помош. Во близина, во едно село северно од Ѓирокастра, се нашло уште едно заинтересирано лице кое побарало помош. Така испратиле таму четири специјални пионери. Изутрината во средата после Споменот еден од нив телефонирал во канцеларијата на Друштвото во Тирана: „Не можев да се воздржам, а да не ви кажам колку многу сторил Јеховиниот дух. Толку сме среќни. Споменот беше вистински успех.“ Присуствувале 106 души, вклучувајќи ја групата од седум објавители на Царството.
Што е со вкупната посетеност на Споменот? Во 1992, кога имаше само 30 објавители на Царството, беа присутни 325. Во 1993, со 131 објавител, беа присутни 1.318 посетители. Во двете години, посетеноста беше десет пати поголема од бројот на објавителите. Колку е возбудливо да се види како „од мал народ ќе се намножат илјади“ во еден таков краток временски период! (Исаија 60:22).
„Продолжи ги јажињата свои“
Додека делото на проповедање на Јеховините сведоци се шири до сите краишта на Земјината топка, одѕвонува повикот: „Рашири го местото на шаторот свој; покривите твои на живеалиштето твое прошири ги продолжи ги јажињата свои и зацврсти ги колците свои; зашто ти ќе се рашириш десно и лево“ (Исаија 54:2, 3). Ова проширување во Божјиот „голем шатор“ (НС) — претставен со собрание од негови обожаватели ширум светот — навистина е очигледно во Источна Европа, особено во земјите на поранешниот Советски Сојуз. Откако ги поткрепуваше своите слуги во текот на децениите под забрана, Јехова денес ги обезбедува Сведоците со потребната динамична енергија за проширување и зајакнување на организацијата.
Во Москва (Русија), на стадионот Локомотив, од 22-25. јули имаше највисок број од 23.743 присутни на значајниот меѓународен конгрес од серијата конгреси „Божествена поука“ за изминатава година. Кој би претпоставувал пред две години дека вакво нешто ќе биде можно? Но, ете, се случи! Повеќе од 1.000 дојдоа од Јапонија и Кореја, речиси 4.000 дојдоа од Соединетите Држави и Канада и илјадници други дојдоа од преку 30 земји од Јужниот Пацифик, Африка, Европа и други подрачја — навистина средба на Истокот и Западот. Колку само охрабрувачки беше за сите нив да се смешаат слободно со повеќе од 15.000 руски браќа и сестри! Радоста немаше граници.
Се крстија одушевувачки број од вкупно 1.489 нови Сведоци. На крштението му беше дадено голем публицитет во медиумите насекаде во светот, вклучувајќи ја и прекрасната фотографија на насловната страница од The New York Times. Иако аплаузот за крштението беше громогласен, го надмина оној во текот на завршниот говор кога, откако говорникот им се заблагодари на 4.752 доброволци и службеници кои помогнале конгресот да успее, рече: „Над сѐ, му благодариме на Јехова!“ Да, Јеховиниот дух го задржуваше силното противење од православните верници и ја овозможи виталната енергија која го направи конгресот возбудлива реалност.
Но, допрва требаше да се случи нешто во украинскиот град Киев, од 5-8. август. Уште еднаш, спремни доброволци целосно го дотерале стадионот, па оваа мамутска Царска сала смести 64.714 луѓе како најголем број присутни. Уште еднаш, Сведоци дојдоа од Исток, Запад и од сите краишта на светот. Главните говори беа изнесени на 12 јазика. Околу 53.000 делегати, кои пристигнаа со огромни превозни средства, мораше да бидат пречекани на станиците и аеродромите и да бидат транспортирани до местата за сместување во хотелите, училиштата и во приватните домови, како и на речните бродови. Сето тоа беше направено со минимални трошоци благодарение на љубезноста и ефикасноста на организацијата што донесе изрази на восхитеност и фалби од градската полиција.
Кулминацијата на возбудливата конгресна програма беше крштението кое траеше два и пол саати. Своето предание на Јехова го симболизираа вкупен број од 7.402 нови браќа и сестри, додека аплаузот одекнуваше како ехо околу огромниот стадион. Ова е повеќе од претходниот највисок број за сите времиња од 7.136 колку што се крстиле 1958 во Њујорк Сити кога се собрале 253.922 делегати.
Додека овој период на судење денес се приближува кон својот крај, луѓето слични на овци од Исток, Запад и дури од „краиштата земни“ се собираат во едно единство неспоредливо во целата човечка историја. Навистина, „големо мноштво народ . . . — од сите племиња и колена, народи и јазици“ му се придружува на духовниот Израел во објавувањето на нивната вера во Исусовата скапоцена откупна жртва, основата на сѐ што ќе се изврши со оправдувањето на Јеховината суверена влада (Дела 1:8; Откровение 7:4, 9, 10).
[Слики на страници 8 и 9]
Истокот се сретнува со Западот во Москва и Киев