ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w96 1/1 стр. 24-28
  • Јехова никогаш не нѐ напушти

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јехова никогаш не нѐ напушти
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Дознавање на библиската вистина
  • Проповедање наспроти противење
  • Тешкотии за време на II светска војна
  • Испитани по прашањето за неутралноста
  • Враќање во нашето родно село
  • Снабдувањето со литература прекинато
  • Тешкотиите се зголемуваат
  • Драматични промени
  • Само за Божјето Царство
  • Јехова дава ‚сила која ја надминува нормалната‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Како ја згаснав мојата духовна жед
    Разбудете се! 2003
  • На Исток и на Запад, Јехова го зајакнува својот народ
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Повеќе од 50 години ‚преминување‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
w96 1/1 стр. 24-28

Јехова никогаш не нѐ напушти

РАСКАЖАЛ НАШО ДОРИ

Мбрештан е мало планинско село во јужна Албанија, недалеку од Грција. Таму сум роден во 1907 година. Кога имав пет години, почнав да одам во грчко училиште, но моето школување беше прекинато кога италијанските сили ја нападнаа Албанија во текот на I светска војна. По војната, го продолжив моето школување, но на албански јазик.

ИАКО моите родители не беа многу религиозни, тие ги држеа традициите на албанската Православна црква. Брат му на дедо ми беше поп во Мбрештан, па така јас работев во црквата и добив претстава за тоа што се случува во неа. Ритуалите изгледаа толку бесмислени, а лицемерството ми сметаше.

Следејќи го месниот обичај, моите родители ми избраа една млада жена за да ме оженат. Арџиро беше од блиското село Грабова, а се венчавме во 1928 година, кога таа имаше 18 години.

Дознавање на библиската вистина

Отприлика во тоа време јас се пожалив од Православната црква пред еден братучед кој беше дојден во посета од Соединетите Држави. „Во Америка, близу мојот дом“, одговори тој, „има една група луѓе кои немаат црква, но ја проучуваат Библијата.“ Ми се допадна идејата за проучување на Библијата без црква. Затоа прашав дали би сакал да ми испрати некаква библиска литература.

По една година, кога сосема бев заборавил на нашиот разговор, добив пакет од Милвоки (Висконсин). Внатре беше книгата The Harp of God (Божја харфа) на албански и Стражарска кула на грчки. Ја прелистав книгата и забележав еден осврт на вистинската црква. Тоа ме вознемири. ‚Не сакам да имам ништо со некаква црква‘, си реков. И така, не ја прочитав книгата темелно.

Во 1929 година бев испратен во војска во Тирана, главниот град на Албанија. Таму се запознав со Штати Мучи, кој читаше грчка Библија. „Одиш в црква?“, прашав јас. „Не“, одговори тој. „Ја напуштив црквата. Јас сум еден од Меѓународните истражувачи на Библијата.“ Со еден војник и со Штати отидовме на еден состанок во недела. Таму дознав дека вистинската црква не е зграда или религија, туку таа е составена од помазаните Христови слуги. Сега разбрав за што зборуваше книгата Божја харфа.

Кон средината на 1920-тите години, Нашо Идризи и Спиро Врухо се беа вратиле од Соединетите Држави во Албанија и ги ширеа библиските вистини што ги дознале таму. Почнав да ги посетувам состаноците во Тирана заедно со грст други Истражувачи на Библијата. Наскоро ми стана јасно дека сум ја пронашол Јеховината организација. Така, на 4 август 1930 година се крстив во една блиска река.

Потоа се вратив во Мбрештан за да продолжам со мојот чевларски занает. Но, што е уште поважно, исто така почнав да ги делам со другите библиските вистини што ги бев научил. Им велев: „Исус Христос не е како на иконите во црквата. Тој е жив!“

Проповедање наспроти противење

Во 1925 година, власта ја приграби Ахмед Беј Зогу, кој во 1928 се прогласи себеси за крал Зогу I и владееше до 1939 година. Неговиот министер за човечки права издаде одобрение за нашето христијанско дело. Сепак, имавме проблеми. Тоа беше затоа што Муса Јука, министерот за внатрешни работи, беше тесно поврзан со папата во Рим. Јука нареди да се признаат само три религии — муслиманската, православната и католичката. Полицијата се обидуваше да ни ги земе книгите и да го запре проповедањето, но не успеа.

Во текот на 1930-тите, често пати одев во Берат, поголем град во Албанија, од каде Михал Свеци го водеше нашето проповедничко дело. Подготвувавме проповеднички турнеи низ земјата. Еднаш бев испратен во градот Скадар на две недели, каде што можев да оставам многу литература. Во 1935 година, една наша група изнајми автобус за да проповеда во градот Келцир. Подоцна беше испланирана една поголема проповедничка турнеја низ Албанија во градовите Пермет, Лесковик, Ерсека, Корча, Поградец и Елбасан. Турнејата ја завршивме во Тирана, токму навреме за прославата на Споменот на Христовата смрт.

Една резерва од духовна храна ни помогна да останеме духовно јаки, па затоа никогаш не се чувствувавме напуштени. Од 1930 до 1939 година, редовно добивав Стражарска кула на грчки. Моја цел беше исто така да ја читам Библијата најмалку еден час дневно, и тоа го правев околу 60 години сѐ додека не ми ослабе видот. Дури од неодамна целата Библија стана достапна на албански јазик, и затоа ми е драго што научив грчки како дете. Други албански Сведоци пред II светска војна исто така научија да читаат грчки така што и тие беа во можност да ја читаат целата Библија.

Во 1938 година се крсти Арџиро. До 1939 година ни се родија седум од нашите десет деца. За жал, три од нив умреа уште како мали.

Тешкотии за време на II светска војна

Во април 1939 година, токму пред почетокот на II светска војна, италијанските фашистички трупи ја нападнаа Албанија. Кратко после тоа, делото на Јеховините сведоци беше забрането, но нашата мала група од околу 50 објавители на Царството продолжи да проповеда. Околу 15.000 наши книги и брошури беа конфискувани и уништени за време на II светска војна.

Јани Комино имаше големо складиште за литература кое беше поврзано со неговата куќа. Кога италијанските сили дознаа дека книгите се печатени во Соединетите Држави, се вознемирија. „Вие сте пропагандисти! Соединетите Држави се против Италија!“, рекоа. Младите ревносни браќа Томај и Васили Цама беа уапсени, а кога се дозна дека книгите што ги дистрибуирале дошле од Комино, и тој беше уапсен. Наскоро ме повика полицијата на сослушување.

„Дали ги познаваш овие луѓе?“, прашаа.

„Да“, одговорив јас.

„Дали соработуваш со нив?“

„Да“, одговорив. „Ние сме Јеховини сведоци. Ние не сме против владата. Ние сме неутрални.“

„Дали сте дистрибуирале ваква литература?“

Кога одговорив потврдно, ми ставија лисици и на 6 јули 1940 година ме затворија. Таму им се придружив на петмина други од моето село — Јосиф Каци, Љукан Барко, Јани Комино и браќата Цама. Додека бевме в затвор, запознавме тројца други Сведоци — Гори Начи, Никодим Шити и Леонидас Попе. Сите деветмина бевме збутани во една ќелија која беше 1,8 на 3,7 метри!

По неколку дена, сите заедно бевме оковани и однесени во градот Пермет. По три месеци, бевме префрлени во затворот во Тирана и држани уште осум месеци без сослушување.

Најпосле, излеговме пред воен суд. Брат Шити и јас добивме по 27 месеци, брат Комино 24 месеци, а останатите беа ослободени по 10 месеци. Бевме префрлени во затворот во Ѓирокастра, каде што брат Голе Фљоко во 1943 година издејствува да бидеме ослободени. После тоа, со семејството се преселивме во Пермет, каде што станав надгледник на малото собрание.

Иако нашето дело беше забрането и во земјите околу нас беснееше II светска војна, ние продолживме да правиме онолку колку што можевме за да го исполниме нашиот налог да ја проповедаме пораката за Царството (Матеј 24:14). Во 1944 година, вкупно 15 Сведоци се наоѓаа в затвор. Сепак, во текот на овие тешки времиња, никогаш не се чувствувавме напуштени од Јехова.

Испитани по прашањето за неутралноста

Иако во 1945 година војната заврши, нашите тешкотии продолжија, па дури и се зголемија. За време на изборите на 2 декември 1946 година, беше спроведено задолжително гласање. Секој кој ќе се осмелеше да се воздржи од гласање, беше сметан за државен непријател. Оние кои припаѓаа на нашето собрание во Пермет, почнаа да се прашуваат: „Што треба да правиме?“

„Ако имате доверба во Јехова“, одговорив, „нема потреба мене да ме прашувате што да правите. Вие веќе знаете дека Јеховиниот народ е неутрален. Тој не е дел од светот“ (Јован 17:16).

Дојде денот на изборите и во нашата куќа дојдоа владини претставници. Почнаа сосема спокојно: „Па, да се напиеме по едно кафе и да поразговараме. Дали знаете кој ден е денес?“

„Да, денес се одржуваат избори“, одговорив јас.

„Поарно да побрзате, оти ќе задоцните“, рече еден службеник.

„Не, јас немам намера да одам. Нашиот глас е за Јехова“, возвратив.

„Во ред, тогаш дојди и гласај за опозицијата.“

Објаснив дека Јеховините сведоци се апсолутно неутрални. Кога нашиот став стана добро познат, врз нас се вршеше уште поголем притисок. Ни беше наредено да престанеме да ги одржуваме нашите состаноци, па затоа почнавме да се состануваме тајно.

Враќање во нашето родно село

Во 1947 година, со семејството се вративме во Мбрештан. Кратко потоа, едно студено декемвриско попладне бев повикан во канцеларијата на Сигурими (тајната полиција). „Знаеш ли зошто те викнавме?“, праша службеникот.

„Претпоставувам дека сте слушнале некакви обвиненија против мене“, одговорив. „Но, Библијата вели дека светот ќе нѐ мрази и затоа обвиненијата не ме изненадуваат“ (Јован 15:18, 19).

„Немој да ми зборуваш за Библијата“, рече тој отсечно. „Ќе ти ја скинам главата.“

Службеникот и неговите луѓе ја напуштија канцеларијата, а мене ми рекоа да чекам надвор на студено. По некое време повторно ме викна во неговата канцеларија и ми нареди да престанеме да одржуваме состаноци во нашиот дом. „Колкумина живеат во вашето село?“, праша тој.

„Сто и дваесет“, реков.

„Од која религија се тие?“

„Албански православци.“

„А ти?“

„Јас сум Јеховин сведок.“

„Сто и дваесет луѓе одат во еден правец, а ти одиш во друг?“ Потоа ми нареди да запалам свеќи во црквата. Кога реков дека нема да го сторам тоа, почна да ме тепа со стап. Беше околу еден часот изутрина кога конечно бев ослободен.

Снабдувањето со литература прекинато

Кога заврши II светска војна, повторно почнавме да добиваме Стражарска кула по пошта, но на крајот списанијата повеќе не стигнуваа. Тогаш, една ноќ околу 22.00 часот, бев повикан од тајната полиција. „Дојде едно списание на грчки“, ми рекоа, „и би сакале да објасниш за што се работи.“

„Јас не знам грчки баш добро“, реков. „Мојот сосед знае подобро. Можеби тој ќе може да ви помогне.“

„Не, сакаме ти да ни го објасниш ова“, рече еден службеник вадејќи неколку примероци на Стражарска кула на грчки.

„Ах, овие се мои!“, извикав. „Секако, можам да го објаснам ова. Знаете, овие списанија доаѓаат од Бруклин, Њујорк. Таму се наоѓа главното седиште на Јеховините сведоци. Јас сум Јеховин сведок. Но, изгледа дека направиле грешка со адресата. Овие списанија требало да ми бидат испратени мене, а не вам.“

Тие не сакаа да ми ги дадат списанијата, и од тоа време па сѐ до 1991 година — значи повеќе од 40 години — не добивме никаква библиска литература во Албанија. Во текот на сите тие години продолживме да проповедаме, користејќи ги само нашите Библии. Во 1949 година во затвор се наоѓаа 20-тина Сведоци; некои беа осудени на петгодишна робија.

Тешкотиите се зголемуваат

Во 1950-тите, на луѓето им беше заповедано да носат документи кои покажуваат дека ја поддржуваат војската. Но, Јеховините сведоци одбија да носат вакви документи. Поради тоа, брат Комино и јас поминавме уште два месеци в затвор.

Во периодот кога државата дозволуваше постоење на некои религии, ние имавме извесен степен на слобода. Меѓутоа, кога во 1967 година беа забранети сите религии, Албанија официјално стана потполно атеистичка земја. Сведоците продолжија со обидите да одржуваат состаноци, но тоа стана многу тешко. Некои од нас си шиевме посебни џебови во поставите од палтата, така што можевме да сокриеме мала Библија. Потоа одевме в поле за да ја читаме.

Некои Сведоци од Тирана беа фатени додека ја читале Библијата и тројца од нив беа казнети на пет години робија во оддалечени работни логори. Како последица на тоа, страдаа нивните семејства. Нас од малечките, изолирани села, не нѐ испраќаа, бидејќи не нѐ сметаа за сериозна закана. Но, нашата неутралност доведе до тоа имињата да ни бидат избришани од списоците за храна. Затоа, животот беше многу тежок. Исто така, умреа уште две наши деца. Сепак, никогаш не се почувствувавме напуштени од Јехова.

Во Албанија преовладуваше страв. Секој беше посматран, а тајната полиција пишуваше извештаи за секој оној кој се осмелуваше да изрази некакво мислење поинакво од она на владејачката партија. Затоа бевме многу претпазливи при правењето пишани извештаи за нашата активност. Не можевме да се состануваме за духовно охрабрување во групи поголеми од двајца или тројца. Но сепак, никогаш не престанавме да проповедаме.

Обидувајќи се да внесе конфузија меѓу браќата, тајната полиција рашири гласини дека еден истакнат Сведок од Тирана бил шпион. Тоа предизвика некои да ја изгубат довербата и некако го вознемири нашето единство. Поради тоа што немавме никаква текушта библиска литература и никаков контакт со Јеховината видлива организација, неколкумина му подлегнаа на стравот.

Освен тоа, властите раширија гласини дека Спиро Врухо, еден високо почитуван христијански старешина во Албанија, извршил самоубиство. „Гледате“, рекоа тие, „дури и Врухо се откажа.“ Подоцна стана очигледно дека брат Врухо всушност бил убиен.

Во 1975 година, Арџиро и јас престојувавме неколку месеци кај нашиот син во Тирана. За време на изборите, властите во градот вршеа притисок врз нас, заканувајќи се: „Ако не гласате, син ви ќе ја изгуби работата“.

„Син ми е на таа работа веќе 25 години“, одговорив јас. „Вие имате детални податоци за него и за неговото семејство. Јас не сум гласал преку 40 години. Оваа информација постои во досието. Ако не, тогаш вашите податоци не се во ред. Ако тоа стои во досието, тогаш вие сте биле нелојални спрема партијата штом сте му дозволиле да работи толку многу години.“ Кога го слушнаа ова, властите рекоа дека тие нема да вршат притисок во врска со ова спорно прашање, доколку се вратиме во Мбрештан.

Драматични промени

Во 1983 година, од Мбрештан се преселивме во Лач. Кратко потоа, во 1985 година, умре диктаторот. Тој владееше уште од тие први задолжителни избори во 1946 година. Со текот на времето, неговата статуа, подигната на главниот плоштад во Тирана, како и статуата на Сталин, беа симнати.

Во текот на децениите додека траеше забраната на нашата активност, со многу Сведоци се постапуваше брутално, а некои дури и беа убиени. Еден човек им рекол на некои Сведоци на улица: „За време на комунистите, сите ние се откажавме од Бог. Само Јеховините сведоци му останаа верни и покрај искушенијата и тешкотиите“.

Кога беше дадена поголема слобода, во јуни 1991 година, деветмина известија активност во христијанската служба. Во јуни 1992 година, еден месец по укинувањето на забраната, во делото на проповедање учествуваа 56 лица. Кратко пред тоа истата година, бевме пресреќни што имавме 325 присутни на Споменот на Христовата смрт. Оттогаш, бројот на лицата кои проповедаат порасна на преку 600, а на Споменот на 14 април 1995 година присуствуваа вкупно 3.491 лице! За мене беше неопислива радост да видам како во последниве години толку многу млади придоаѓаат во нашите собранија.

Арџиро му остана верна на Јехова и ми беше лојална сиве овие години. Додека бев в затвор или додека патував во проповедничкото дело, таа марливо се грижеше за потребите на нашето семејство без да се жали. Еден од нашите синови и неговата сопруга се крстија во 1993 година. Тоа нѐ направи посебно среќни.

Само за Божјето Царство

Ме радува што гледам како Јеховината организација во Албанија е толку обединета и како ужива духовен напредок. Се чувствувам како остарениот Симеон во Ерусалим кому, пред да умре, му била дадена драгоцената предност да го види одамна ветениот Месија (Лука 2:30, 31). Сега, кога ќе ме прашаат кој облик на влада повеќе ми се допаѓа, велам: „Не сум ниту за комунизмот ниту за капитализмот. Не е битно дали земјата ја поседува народот или државата. Владата гради патишта, доведува струја во оддалечени села и обезбедува извесен ред. Меѓутоа, Јеховината влада, неговото небесно Царство, е единственото решение за тешките проблеми со кои се соочува Албанија, како и останатиот свет“.

Она што го прават Божјите слуги по целиот свет додека го проповедаат Божјето Царство, не е дело на некој човек. Тоа е Божје дело. Ние сме негови слуги. Иако имавме многу тешкотии во Албанија и долго време бевме отсечени од Јеховината видлива организација, никогаш не бевме напуштени од него. Неговиот дух секогаш беше со нас. Тој го водеше секој наш чекор по патот. Самиот го почувствував тоа во мојот живот.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели