Возбудливи конгреси ја унапредуваат божествената поука
ДЕНЕС светот доживува експлозија од информации. Преку телевизијата, радиото, книгите или компјутерите, постои речиси неограничен прилив на спознание за практично секоја тема која може да се замисли. Сепак, луѓето се разболуваат и умираат. Криминал, глад и сиромаштво постои насекаде во светов, а емоционалните болести погодуваат повеќе луѓе од кога и да е порано. Сето расположливо спознание не успеало да ги поправи работите. Зошто? Затоа што човештвото ја игнорира Божјата мудрост.
Колку прикладна, според тоа, беше темата „Божествена поука“ избрана за неодамнешните конгреси на Јеховините сведоци! Програмата ги потсети присутните дека само поуката што се наоѓа во Божјата Реч, Библијата, има вистинска, животоспасувачка вредност.
Првиот конгрес започна во четврток на 3. јуни, во Јуниондејл (Њујорк, САД). Оттогаш па наваму, програмата беше презентирана во различни градови од една земја во друга, а заврши на континентите Африка и Јужна Америка.
Попладнето од првиот ден
Секој ден имаше тема која нагласуваше еден аспект од божествената поука. На пример, програмата за првиот ден се темелеше на темата „Да се запознае учењето кое е од Бога“ (Јован 7:17). Оваа мисла беше добро развивана како што денот одминуваше.
После песна и молитва, претседавачот на конгресот ја отвори програмата со говорот под наслов „Божествената поука нѐ зближува“. Тој покажа дека Јеховиниот народ е обединет со тоа што ги истражува Јеховините патишта и оди по неговите патеки (Михеј 4:1-5). Божествената поука го јакне нивното единство. Конгресните делегати беа охрабрени да се радуваат во нивното обединето обожавање (Псалм 132:1-3).
Нешто подоцна тоа попладне, редовните собраниски состаноци беа разгледувани низ циклус од предавања со наслов „Состаноци кои нѐ подучуваат за Јеховините патишта“. Првиот говорник ги потсети конгресните делегати дека кога се состануваме, му оддаваме чест на Јехова и на тој начин примаме Негов благослов. Следниот говорник ја нагласи потребата од учествување на состаноците. Правејќи го тоа, ние го фалиме Јехова јавно, ја покажуваме нашата вера и ја јакнеме верата на другите. Третиот говорник од циклусот од предавања ја истакна потребата да се спроведе во пракса она што го учиме на состаноците. Треба да бидеме „извршители на словото, а не само слушатели“ (Јаков 1:22).
Како следно беше прекрасното предавање за пеењето фалби на Јехова. Пеењето од срце е значаен дел од нашето обожавање. По овој говор следеше клучното предавање „Божествената поука триумфира“. Каква одлична тема! „Јехова е Изворот на најдобрите поуки кои некој може да ги прими“, рече говорникот. Потоа, после кратката дискусија за чудото човечки мозок, тој рече: „Би требало нашите мисловни способности првенствено да ги користиме за да примиме божествена поука. А тоа ќе доведе до вистинска мудрост“. Колку вистинито!
Следното утро
„Украсувајте ја науката на нашиот Спасител, Бог“ беше темата на вториот ден од конгресот (Тит 2:10). Ова начело дојде до својот врв со говорот „Божествената поука против демонските учења“. Да, демоните исто така имаат свои учења (1. Тимотеј 4:1). Како што говорникот објасни, божествената поука триумфира над Сатановата „мудрост“ на тој начин што ги разоткрива лажните учења и лукавите начини на делување на Ѓаволот. Поради тоа, околу 4.500.000 праведни христијани повеќе не се робови во Сатановата темнина (Јован 8:32).
Сепак, сѐ уште мораме и понатаму да му се спротивставуваме на Сатана. Тоа беше нагласено преку говорот „Дали му се спротивставуваш на световниот дух?“ Духот на овој свет е смртоносен. Поттикнува расипан морал, бунтовен став према властите и алчна желба за материјалните работи. Христијанинот мора постојано да се испитува себеси. Дали сѐ уште има високи мерила со оглед на она што го гледа, слуша или чита? Охрабрувајќи, говорникот рече: „Вие сте за пофалба браќа и сестри, и вие млади, заради вашите сериозни напори кои веќе ги правите во овој поглед“ (1. Јованово 2:15-17).
Постои еден фактор кој ни отежнува да се спротивставуваме на духот на овој свет. Што е тоа? Сите сме несовршени. Вистина, Исус умрел за нашите гревови, но ние сѐ уште мораме да се бориме против склоноста да грешиме. Тоа беше разгледувано во говорот „Борење со стисокот на гревот над паднатото тело“. Меѓу другото, говорникот рече дека можеме да ја добиеме нашата борба со гревот ако ја облечеме новата личност и го избегнуваме сето она што ги предизвикува нашите грешни склоности.
„Направи ја здравата поука твој животен пат“ беше насловот на следниот говор. Некои му посветуваат претерано внимание на физичкото здравје. Меѓутоа, вистината е дека духовното здравје е далеку поважно. Говорникот нагласи дека е потребно да ги прифатиме сериозно нашите одговорности што се однесува до ова и имаше посебно охрабрувачка реч за христијанките. Тој рече: „Ние длабоко ги почитуваме и постарите и помладите сестри кои се прилично урамнотежени помеѓу нивната ревност за службата и нивните лични одговорности“. Да, и сите ние му благодариме на Јехова за здравите учења кои нѐ одвојуваат од светот.
Завршното предавање на претпладневната програма беше „Божествената поука ја открива смислата на животот“. Говорникот рече: „Порано или подоцна, скоро секој се прашува: ‚Која е смислата на животот?‘“. Со моќни аргументи тој пружи доказ дека само Библијата дава реален одговор на ова прашање. Потоа говорникот илустрира дека Божјите прекрасни ветувања на делотворен начин ни даваат смисла во животот. Веројатно, повеќето во публиката размислуваа: „Ова е токму она што е потребно да го слушнат луѓето на моето подрачје“. Водечкото тело имаше исто мислење. Новата брошура со наслов Која е смислата на животот? беше објавена на крајот на овој говор. Колку радосни беа сите! Пладневната пауза ни пружи прилика да ја разгледаме новата публикација.
Второто попладне
Првото предавање попладнето ја имаше утешната тема „Фрлете ги сите свои грижи на Јехова“. Многу работи предизвикуваат загриженост; сепак, Божјата Реч ни вели дека можеме да ги фрлиме сите наши грижи на него (1. Петрово 5:6, 7). Вистина, некои проблеми потрајуваат и во врска со ова предавачот охрабри: „Биди стрплив. Чекај на Јехова. Цврсто верувај дека следењето на Библијата е секогаш најдоброто. Ако цврсто ги чуваме нашите срца до Јехова, ќе можеме да се радуваме на ‚мирот Божји‘ кој го надвишува секој ум“ (Филипјаните 4:6, 7).
Следните четири говори покажаа дека божествената поука може да се примени на семејниот живот. Првиот, „Бракот да се направи трајна заедница“, ги потсети делегатите дека во Јеховини очи бракот не е играчка, како што го сметаат многумина во светот. Меѓутоа, за бракот да се направи успешен мораме да го следиме Јеховиното водство. Тој нѐ создал. Затоа, неговата инспирирана Реч ги содржи најдобрите можни совети за бракот.
Предавањето „Работи напорно за спасението на твоето домаќинство“ ги разгледуваше предизвиците да се грижиме за семејството во овие критични времиња (2. Тимотеј 3:1). Родителите ги поучуваат своите деца на телесна хигиена, добро однесување, како да работат, да бидат дарежливи и да се грижат за други. Што е најважно, мораат да ги поучуваат своите потомци да станат предадени слуги на Јехова (Изреки 22:6).
Во следното предавање, „Родители, на вашите деца им треба особено внимание“, предавачот ги потсети делегатите дека е потребно да ги пофалуваат своите деца, но исто така да не ги затвораат очите пред нивните слабости. Родителите особено мораат да бидат будни за тенденциите кон непослушност, материјализам или себичност.
Особено младите делегати внимателно го слушаа предавањето „Млади — чии учења ќе ги земете во обѕир?“ Времињата се тешки за денешните млади христијани. Да се постапува како светот е лесно, но тоа води кон смрт. Иако на една млада личност ѝ е потребна храброст да одбере да остане што поблиску до божествената поука, тоа донесува големи благослови денес и вечен живот во иднина (1. Тимотеј 4:8).
Вториот ден заврши со одушевувачката драма „Млади кои сега се сеќаваат на нивниот Творец“. Во уводот, режисерот ги нарече младите во Божјата организација „теократска војска која лојално е ангажирана во оддадена служба за Јехова Бог и неговиот поставен небесен Цар, Исус Христос“. Тој додаде: „Нашите млади навистина прават нешто добро!“ Драмата сликовито ни покажа дека, ако родителите добро го поучуваат своето дете, тоа ќе биде предност за детето кога ќе порасне и самото ќе му служи на Јехова.
Претпладнето од третиот ден
Темата за третиот ден беше „Продолжете да ги поучувате луѓето од сите народи“ (Матеј 28:19, 20). Делегатите без сомнение очекуваа навремен совет за делото на проповедање и не беа разочарани. Циклусот од предавања со наслов „Радосно да го исполнуваме нашиот налог за проповедање и поучување“ ги зацврсти во одлуката и понатаму да учествуваат во делото на сведочење. Во уводното предавање се дискутираше за првите посети, во второто за повторните посети, а во третото за библиските студии. Мисионери низ целиот свет беа поканети да се вратат дома и да присуствуваат на конгрес со своите семејства и пријатели. На некои конгреси мисионерите учествуваа во овој дел од програмата. Беше задоволство да се добие некаков увид во успехот кој тие го имаат на нивните доделби. Следното предавање „Да се достигне секој човек со добрата вест“ ја разгледуваше важноста на неформалното сведочење.
Претпладнето заврши со говорот за крштение, секојпат како кулминација на големите собири на Јеховините сведоци. Од конгрес на конгрес, огромни групи на новопредадени стоеја пред насобраното мноштво и уверено одговарија со „да“ на двете прашања што им беа упатени. Потоа се подложија на јавно крштевање. Каков моќен доказ за големиот учинок на божествената поука!
Попладнето на третиот ден
Попладневната програма започна со една длабока библиска дискусија. Јеховините сведоци се запознаени со зборовите од Матеј 24. поглавје и Лука 21. поглавје. Дали некои си помислија дека ништо ново не би можело да се каже за овие поглавја од Библијата? Колку само погрешија! Говорите, „Кој ќе биде знакот на твојата присутност?“ и „Кажи ни, кога ќе биде тоа?“, ги водеа делегатите низ едно одушевувачко разгледување на делови на овие две поглавја и понудија осовременети објаснувања на некои стихови. После предавањето се водеа живи дискусии меѓу делегатите кои си ги споредуваа белешките за да видат дали ги разбрале мислите. Без сомнение, многу прашања ќе бидат одговорени кога овие информации ќе бидат објавени во Стражарска кула.
Темата за студија на Библијата беше продолжена со говорот „Информативни одговори на вашите библиски прашања“. После тоа, програмата појде во друга насока. Оваа 1993 година остана одбележена со 50-годишнината на Библиската школа Гилеад на Watchtower. Предавањето „Педесет години обучување и активност на мисионерите на Гилеад“ им презентира на делегатите што било постигнато во текот на овој период. Доколку на предавањето „Што е постигнато со евангелизирањето на глобалното подрачје“ присуствуваа мисионери, беа повикани да споделат некои од нивните искуства со присутните. Беше возбудливо да се слушаат извештаите на мисионерите!
Следниот говор, „Зошто Јеховините сведоци бдеат“, беше уште една историска поука. Тој покажа дека христијаните бдеат уште од првиот век н. е. Тоа водеше до уште едно изненадување. На почетокот од следниот говор со наслов „Објавителите на Царството активни по целата Земја“ предавачот подигна една голема книга (доколку беше достапна на месниот јазик) и рече: „Задоволство ни е денес да го објавиме излегувањето на оваа нова книга со наслов Јеховините сведоци — Објавители на Божјето Царство“. Книгата содржи детален извештај за современата историја на Јеховините сведоци. Тоа е возбудлива сторија за истрајноста, одлучноста и успехот, и дава моќен доказ за Јеховиниот дух кој делува над неговите слуги.
Четвртото претпладне
Дојде и последниот ден од конгресот. Темата на денот „Да извлечеме корист од божествената поука“, вети одлична кулминација на програмата (Исаија 48:17). Претпладнето, вниманието на делегатите беше свртено на циклусот од три силни предавања. Насловена со „Јеремиината инспирирана порака на предупредување — за минатото и за сегашноста“, циклусот содржеше дискусија на цитат по цитат за 23., 24. и 25. поглавје од Јеремија. Каква силна порака содржат овие поглавја! Неверниот Израел во деновите на Јеремија мора да се стресол од неговите отворени, божествено вдахновени предупредувања. Целиот свет уште повеќе се стресол кога овие предупредувања биле исполнети. Дали работите денес се поинакви? Воопшто не. Јеховините сведоци храбро ги проповедаат Божјите пораки на осуда. Конечно, целиот овој систем на ствари ќе мора да се соочи со Јеховините судски постапки. Тие ќе значат целосно уништување за Сатановиот свет.
Неделното претпладне заврши со втората драма „Немој да се заведуваш или да го исмејуваш Бог“. На живописен начин таа покажа како божествената поука нѐ штити од влијанието на расипаните видеофилмови и музика и од тенденцијата да сееме неслога меѓу сохристијаните. На крајот од драмата, претседавачот ги цитираше следниве зборови на еден од ликовите кои нѐ поттикнуваат на размислување: „Ние не сме имуни на светското влијание. Ако не се спротивставиме, светот може подмолно да го расипе нашето размислување. И дали ќе останеме верни или не, ќе зависи од тоа што сееме“. Колку е точно тоа!
Последното попладне
Конгресот веќе се приближуваше кон својот крај кога предавачот се искачи на подиумот за да го одржи предавањето за јавност со наслов „Корисна поука за нашите критични времиња“. На јасен и логичен начин тој ги идентификува клучните проблеми кои нѐ погодуваат денес и укажа на некои начини на кои божествената поука може да ни помогне да се радуваме на подобар живот. Тој рече дека доколку ја следиме библиската поука сега, ќе бидеме во можност да ја следиме засекогаш во Јеховиниот нов свет.
Откако накратко беше разгледана неделната поука од Стражарска кула, дојде времето за заклучниот говор. Предавачот бргу мина преку врвните точки од четиридневната програма и ги потсети делегатите на новите публикации. Тој исто така објави дека наскоро ќе биде објавена втората видеокасета од серијата Библијата — книга на факти и пророштва. Всушност, видеокасетата под наслов „Библијата — најстарата современа книга на човештвото“ е сега достапна на англиски. Беа прочитани трогателни извештаи од места каде постојат сериозни кризи како што е Босна и Херцеговина. Во заклучокот, говорникот ги прочита зборовите од Проповедник 12:13: „А суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е [тоа е сега должност, НС] за човекот“.
Какво прекрасно потсетување! Нека сите ние живееме до денот кога сето човештво ќе го фали нашиот Величествен Подучувач, Јехова, и ќе ја слуша неговата божесвена поука.
[Слики на страници 24 и 25]
Конгресите „Божествена поука“ во Москва и Киев донесоа голема радост
[Слики на страници 26 и 27]
1. Преку крштевање, многумина го симболизираа своето предание на Бог
2. Еден 100-годишен делегат беше восхитен кога ја доби новата публикација
3, 4. Драмите кои поттикнаа на размислување беа многу ценети
5. Интервјуираните мисионери на конгресите ги истакнаа користите од божествената поука