Држи се настрана кога опасноста се заканува
МАЛКУ луѓе се поосетливи на опасност од морнарите. Тие мораат будно да ја следат секоја промена на времето, струите и близината на бродот до брегот. Кога ќе се искомбинираат струите и ветровите кои се стремат да го приближат бродот до брегот, морнарите се соочуваат со тешка работа и опасност.
Кога ќе настанат вакви услови — познати како заветен брег — морнарот држи значително растојание помеѓу неговиот чамец и брегот, особено ако се движи само на едро. Еден прирачник за едрење објаснува дека, ‚да бидеш уловен од силен ветар во заветен брег, веројатно е најтешката ситуација‘ во која еден морнар може да се најде. Решение кое се препорачува? ‚Никогаш не дозволувај чамецот да се најде во таква тешка ситуација.‘ Сигурен начин да се избегне насучување во плитко или удирање во карпите е да се одржува добро одстојание од опасноста.
Христијаните мораат да бидат осетливи на опасностите кои можат да предизвикаат бродолом на нивната вера (1. Тимотеј 1:19). Во денешно време, условите воопшто не се идеални за да се задржи цврст правец. На ист начин како што еден чамец може да биде одвлечкан од својот правец со ветрови и струи, така и нашите предадени животи можат да го загубат правецот поради постојаното влечење на нашето несовршено тело и непопустливата борба со духот на овој свет — сила што денес по интензитет може да се спореди со бура.
Човек кој живеел опасно
Колку е лесно невнимателно да се заплови во опасни духовни води!
Разгледај го примерот кој се случил во близината на едно море кое од сите страни е опкружено со копно — Мртво море. Се осврнуваме на примерот на Лот. Неговата одлука да живее во Содом му донела многу проблеми и тага. После една кавга помеѓу нивните овчари, Авраам и Лот се договориле да живеат на различни подрачја. Лот, како што се известува, ја избрал областа на Јордан и го подигнал својот шатор помеѓу градовите во таа област. Подоцна одлучил да живее во Содом иако начинот на кој Содомјаните живееле го загрижувал (1. Мојсеева 13:5-13; 2. Петрово 2:8).
Зошто Лот и понатаму живеел во еден непоправливо неморален град кој толку му згрешил на Јехова и чии жители дури предизвикале луѓето од соседните градови јавно да протестираат? Содом бил развиен и Лотовата жена, без сомнение, уживала во материјалната благосостојба на градскиот живот (Језекиил 16:49, 50). Можеби и Лот бил привлечен од успешната економија на Содом. Која и да била неговата причина да живее таму, требало градот да го напушти многу порано отколку што тоа го сторил. Дури после итното настојување од страна на Јеховините ангели, Лотовата фамилија на крајот го напуштила опасното подрачје.
Извештајот од 1. Мојсеева вели: „А кога зората зазори, навалија ангелите на Лота да побрза и му рекоа: ‚Стани, земи ја жената своја, и двете ќерки твои, кои се тука, за да не загинеш поради беззаконието на овој град!‘“ Но дури и после вакво итно предупредување, Лот ‚се двоумел‘. На крајот, ангелите ‚го фатиле за рака него, жената негова, и двете ќерки негови, . . . ги извеле, и ги оставиле надвор од градот‘ (1. Мојсеева 19:15, 16).
Надвор од градот, ангелите му дале на Лотовото семејство некои последни совети: „Спасувај се и спаси ја душата своја; и не обѕрнувај се назад, не запирај никаде во оваа околина! Бегај на оној рид, за да не загинеш!“ (1. Мојсеева 19:17). Дури и тогаш Лот молел за дозвола да оди во блискиот град Сигор наместо да го напушти целото подрачје (1. Мојсеева 19:18-22). Видливо е дека Лот не бил спремен да се оддалечи од опасноста колку што било можно повеќе.
На патот за Сигор, Лотовата жена се свртела кон Содом, веројатно копнеејќи по работите кои ги оставила. Загинала поради тоа што го игнорирала советот од ангелите. Лот — праведниот човек — го преживеал уништувањето на градот заедно со своите две ќерки. Но колкава цена платил затоа што избрал да живее во близина на опасност! (1. Мојсеева 19:18-26; 2. Петрово 2:7).
Избегнување на опасноста
Лотовото горко искуство покажува што може да се случи ако дојдеме во близина на опасност или се задржуваме во опасна околина. Мудроста ќе ни наложи, како добри морнари, никогаш да не си дозволиме да дојдеме во таква критична ситуација. Кои се некои опасни подрачја кои би требало да ги избегнуваме? Некои христијани застраниле со тоа што премногу се ангажирале на работното место, се развиле блиски врски со светски пријатели или емоционално се приближиле до некого од спротивниот пол, а не биле во можност да стапат во брак со тоа лице.
Во секој случај, мудриот правец е да се држи одстојание од опасноста. На пример, дали сме будни во поглед на духовните опасности кога ќе се појави можност за т. н. поволна зделка? Некои браќа се удавиле во комерцијални потфати по цена на своите семејства, здравје и теократски одговорности. Понекогаш замка може да биде еден полуксузен начин на живот кој можат да го овозможат парите. Во друга прилика предизвик претставува да се испробаат способностите од работната вештина. Некои можат да размислуваат дека нивниот мотив е да им овозможат вработување на другите браќа или да бидат во можност подарежливо да придонесат за делото ширум светот. Можеби мислат дека ако работата добро врви, ќе имаат многу повеќе време да се посветат на интересите на Царството.
Кои се некои од замките? Несигурната економска клима и ‚[непредвидените, НС] прилики‘ можат да ги осуетат и најдобро планираните деловни замисли (Проповедник 9:11). Борбата со големи долгови може да донесе загриженост и да ги истисне духовните работи. И дури ако работата е успешна, веројатно таа ќе одземе многу време и ментална енергија, а можеби ќе биде потребно и значително дружење со световни луѓе.
Еден христијански старешина од Шпанија, се наоѓал во големи финансиски потешкотии кога една осигурителна компанија му дала искушувачки предлог. Иако имал изгледи за голема заработка како самостоен осигурителен застапник, на крајот ја одбил понудата. „Не беше тоа лесна одлука, но драго ми е што одбив“ — објаснува тој. „Како прво, не сакав да заработам пари — дури и индиректно — преку моите теократски контакти. И иако ми се допаѓаше идејата да работам самостојно, ќе морав многу да патувам и да минувам многу часови на работа. Тоа на крајот би значело да го запоставам семејството и собранието. Над сѐ, убеден сум дека, ако ја прифатев таа понуда, ќе ја изгубев контролата над мојот живот“.
Ниту еден христијанин не смее да си дозволи да ја изгуби контролата над својот живот. Исус ги прикажал трагичните резултати од таквиот пат раскажувајќи споредба за еден човек кој си натрупувал сѐ повеќе и повеќе богатство со намера да се одмори и да води лагоден живот. Но истата ноќ кога одлучил дека конечно насобрал доволно пари, умрел. „Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бога“ — предупредил Исус (Лука 12:16-21; спореди Јаков 4:13-17).
Мораме да бидеме претпазливи и што се однесува до прекумерното дружење со световните луѓе. Можеби се работи за наш сосед, школски пријател, колега или познајник од работа. Можеби размислуваме: ‚Тој ги почитува Сведоците, води уреден живот и понекогаш зборуваме за вистината‘. Сепак, искуството на другите покажува дека со време можеме дури и да се затекнеме себеси како ни годи повеќе световното друштво од друштвото на духовните браќа и сестри. Кои се некои опасности од таквото пријателство?
Можеме да почнеме да ја намалуваме итноста на времето во кое живееме или повеќе да се интересираме за материјални отколку за духовни работи. Можеби поради стравот дека нема да им угодиме на нашите световни пријатели ќе сакаме дури да бидеме прифатени од светот. (Спореди 1. Петрово 4:3-7.) Псалмистот Давид од друга страна претпочитал да се дружи со луѓе кои го љубеле Јехова. „Ќе го објавувам името Твое на браќата свои, сред собранието ќе Те фалам“ — напишал (Псалм 21:22). Ќе бидеме заштитени ако го имитираме Давидовиот пример, барајќи пријателство кое може духовно да нѐ изгради.
Уште еден опасен правец е емоционално да се сплеткаме со лице од спротивниот пол со кое не сме во можност да стапиме во брак. Опасноста може да се појави кога некој се чувствува привлечен кон некој кој е згоден, чии разговори се поттикнувачки и кој дури има ист поглед на светот или смисла за хумор. Некој може да ужива во неговото, односно, нејзиното друштво резонирајќи: „Знам колку далеку смеам да одам. Ние сме само пријатели“. Но, чувства кои еднаш ќе букнат, повеќе не е лесно да се контролираат.
На Марија, млада омажена сестра, ѝ одговарало друштвото на Михаел.a Тој бил прекрасен брат, но тешко пронаоѓал пријатели. Имале многу заеднички работи, а имале и иста смисла за хумор. На Марија ѝ годело тоа што еден брат самец сакал да биде доверлив со неа. Набргу, она што изгледало само како наивно пријателство, се претворило во длабока емоционална приврзаност. Сѐ повеќе и повеќе време минувале заедно и на крајот направиле неморал. „Требаше да ја препознаам опасноста на почетокот“ — воздивнува Марија. „Веќе развиеното пријателство стана како жив песок вовлекувајќи нѐ сѐ подлабоко и подлабоко“.
Никогаш не смееме да го заборавиме библиското предупредување: „Лукаво е човечкото срце повеќе од сѐ и е наполно расипано; кој ќе го разбере?“ (Јеремија 17:9). Нашето лукаво срце, како струја која го одвлечкува чамецот на карпите, може и нас да нѐ одвлече во катастрофална емоционална врска. Кое е решението? Ако не си слободен да стапиш во брак, намерно работи да се задржиш емоционално на одстојание од оној кој те привлекува (Изреки 10:23).
Ослободи се од опасноста и држи се настрана од неа
Што ако веќе сме дошле во духовна опасност? Морнарите, кога се одвлечкани кон карпест брег од ветровите и струите, очајно работат да го вратат бродот кон морето или се борат против ветерот додека не стигнат во побезбедни води. На сличен начин, и ние мораме да се бориме за да се ослободиме. Држејќи ги библиските совети, молејќи се искрено за Јеховина помош и барајќи поддршка од зрели христијански браќа, можеме да се вратиме на безбедниот курс. Повторно ќе бидеме благословени со мир во умот и срцето (1. Солунјаните 5:17).
Какви и да се нашите околности, ќе бидеме мудри ако се држиме настрана од „стихиите на светот“ (Галатјаните 4:3). За разлика од Лот, Авраам одбрал да живее далеку од световните Кананејци, иако тоа значело со години да живее под шатори. Можеби немал некаква материјална удобност, но неговиот едноставен начин на живот духовно го заштитил. Наместо да претрпи бродолом на својата вера, станал „татко на сите . . . што веруваат“ (Римјаните 4:11).
Бидејќи сме опкружени со свет кој тежнее по задоволства и чиј „дух“ станува сѐ посилен, мораме да го следиме Авраамовиот пример (Ефесјаните 2:2). Ако го прифатиме Јеховиното водство во сите работи, ќе бидеме благословени со тоа што непосредно ќе ја искусиме неговата љубезна заштита. Ќе се чувствуваме како и Давид: „[Тој] ја поткрепува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое. И милоста Твоја така да ме придружува преку сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во домот Господов многу дни“. Без сомнение, ако одиме „по патот на правдата“ наместо да скршнуваме по опасни патеки, тоа ќе ни донесе вечни благослови (Псалм 22:3, 6).
[Фуснота]
a Имињата се сменети.
[Слика на страница 24]
Ако не си слободен да стапиш во брак, биди емоционално на одстојание од оној кој те привлекува