Дали натпреварувањето е клучот за успех?
„ДА СЕ победи не е сѐ на светов — тоа е единствената работа.“ Денес, повеќето живеат со овие зборови кои често му се припишуваат на американскиот фудбалски тренер Винс Ломбарди. Бившите комунистички земји сега заедно го величаат начелото на натпреварување. Велат дека патот до богатството е воведувањето конкуренција на своите пазари. На Исток, повеќето родители ги поттикнуваат своите деца да бидат подобри од другите деца и ги праќаат во приватни училишта кои нудат скратена интензивна настава каде добиваат поука за успешно поминување на приемните испити. Овие опседнати родители се убедени дека клуч за идна благосостојба е тие да се запишат на угледните школи.
Многумина цврсто веруваат дека натпреварувањето е клучот за успех. Според нивното верување, луѓето напредувале поради меѓусебната конкуренција. „Натпреварувањето со цел да се постигне напредок е изворот на виталноста на јапонските корпорации“ — рекле 65,9 проценти од директорите на главните корпорации, анкетирани од страна на Јапонската федерација на економски организации. А се чини дека јапонските компании се долго време успешни. Меѓутоа, дали е конкуренцијата навистина клучот за успех?
Навистина се исплаќа?
Луѓето кои меѓусебно се натпреваруваат покажуваат еден себичен став — прво јас. Таквите се среќни кога другите пропаѓаат, замислувајќи си дека, како резултат на тоа, нивните достигнувања ќе бидат подобри. За своите сопствени себични добивки можат да користат тактики кои за другите се штетни. До што ќе доведе ваквото тежнеење кон успех преку натпревар? Јасуо, кој се удавил во трката да стане некој и нешто во својата фирма, се присетува на својот поранешен начин на живот и вели: „Исполнет со натпреварувачки дух и размислување ориентирано само кон унапредување, се споредував со останатите и се чувствував супериорен. Кога тие луѓе ќе беа поставени на повисока положба од мене, ќе се жалев и поплакував секој ден од персоналот во раководството на фирмата. Што се однесува до пријателите, во вистинска смисла на зборот, ги немав“.
Натпреварувачкиот дух може да доведе и до предвремена смрт. Како? Јапонскиот Mainichi Daily News ја поврзува кароши, односно смртта од прекумерна работа, со однесувањето на типот-А. Типот-А го карактеризира таков начин на однесување при кој поради недостаток на време се соочува со стрес, натпревар и непријателство. Американските кардиолози Фридман и Розенман го поврзуваат однесувањето на типот-А со коронарните срцеви заболувања. Да, натпреварувачкиот дух може да биде смртоносен.
Натпреварувањето на работното место може да доведе до други телесни и душевни заболувања. Еден пример е Кеиносуки кој бил врвен трговец на една од главните јапонски компании за автомобили. Поставил рекорд со тоа што продал вкупно 1.250 автомобили. Неговата слика била урамена и обесена во канцеларијата во која заседавал управниот одбор на централата на компанијата. Иако мразел да ги користи своите колеги како средство за постигнување на целта, компанијата го втурнала во натпревар. Како последица, за една година добил чир и на желудникот и на дванаесетопрсникот. Во текот на истата година, 15 директори од неговата компанија биле хоспитализирани, а еден извршил самоубиство.
Дома, ставот да се има она што го имаат и соседите ги води луѓето кон разметливо истакнување на материјалните работи во едно бесконечно ривалство (1. Јованово 2:16). Од тоа корист единствено има комерцијализмот, односно, трговците на Земјата кои на тој начин си ги полнат џебовите. (Спореди Откровение 18:11.)
Иако ривалството и натпреварувачкиот дух можат да произведат успех во работата, не е чудо што цар Соломон забележал: „А видов исто, дека секој труд и секој успех во работите предизвикува меѓу луѓето заемна завист [соперништво, НС]. Но и тоа е суета и мака за духот“ (Проповедник 4:4). Тогаш, како можеме да го зачуваме душевниот мир додека живееме во едно конкурентно општество? За да откриеме, најнапред да откриеме каде се појавила идејата за натпреварување.