Што вели Библијата
Дали натпреварувањето во спортот е погрешно?
ЕДЕН сончев ден, двајца постари мажи седат во паркот играјќи дама. Во близина се слушаат извици од деца кои врескаат и трчаат наоколу играјќи „шуга“. Не многу далеку, една група млади мажи уживаат додека играат кошарка. Да, секој ден и насекаде околу нас, и млади и стари уживаат во спортови и во игри. Кога учествуваат во нив, многу луѓе се напрегаат обидувајќи се да го дадат најдоброто од себе. Можеби тоа е случај и со тебе.
Но, може ли да се рече дека таквите пријателски облици на натпреварување се погрешни? Многумина се свесни за опомената на апостол Павле во Галатјаните 5:26 (НС), каде што тој рекол дека христијаните не треба ‚да поттикнуваат натпреварување еден со друг‘. Имајќи го предвид ова, дали би било неисправно христијаните да се натпреваруваат во рекреативни спортови и игри?
Едноставно речено — не. Зошто? Пред да одговориме на тоа прашање, да ја погледнеме накратко историјата на спортовите и игрите.
Историјата на спортовите и игрите
Учествувањето во спортовите и игрите датира уште од древни времиња и тоа било постојано обележје низ историјата — вклучувајќи ја и историјата на Божјиот народ. Зборот „топка“ се појавува дури и во Библијата. Во Исаија 22:18 (НС), кога се споменуваат осудите на Јехова Бог против злите луѓе, се вели: „Тој ќе (ги) завитка цврсто, како топка“. Некои современи топки — како што се топките за голф и за кошарка — сѐ уште се прават со цврсто завиткување на материјалите. Библијата King James го преведува истиот стих на овој начин: „Тој ќе . . . те фрли како топка“. За да имала некакво значење оваа споредба, оние кои живееле во тоа време мора да употребувале топки.
Освен тоа, во Библијата се спомнува случајот за патријархот Јаков кој се борел со еден ангел. Врз основа на овој извештај се претпоставува дека Јаков претходно практикувал некои вештини, бидејќи борбата била нерешена и траела со часови (1. Мојсеева 32:24-26). Интересно е тоа што според некои изучувачи, овој извештај можеби укажува на тоа дека Јаков имал познавање на боречките правила. Веројатно Израелците се занимавале и со стрелање со лак — уште еден спорт за кој било потребно вежбање и умешност (1. Царства 20:20; Плач Јеремиин 3:12). Трчањето било една друга атлетска дисциплина, која мажите од старо време ја вежбале и тренирале (2. Царства 18:23-27; 1. Летописи 12:8).
Умствените игри, како што е поставувањето гатанки, очигледно биле популарни и многу се ценеле. Можеби најистакнат пример за тоа е кога Самсон им поставил гатанка на Филистејците (Судии 14:12-18).
Во Христијанските грчки списи, спортовите и игрите понекогаш се користеле како метафори за христијанскиот начин на живот. На пример, во 1. Коринтјаните 9:24, 25, Павле наведува еден енергичен режим на тренирање на еден атлетичар и тоа го применува на потребата од самоконтрола и истрајност на христијанинот. Исто така, јасно е дека во многу од своите творештва Јехова всадил особина на разиграност, бидејќи и луѓето и животните наоѓаат време за игра (Јов 40:15; Захарија 8:5; спореди Евреите 12:1).
Кога натпреварувањето ќе отиде предалеку
Тогаш, што мислел апостол Павле кога на сохристијаните им велел да не ‚се поттикнуваат на натпреварување еден со друг‘? (Галатјаните 5:26, НС). Одговорот лежи во контекстот. Пред да ја даде оваа изјава, Павле им рекол да не ‚стануваат себељубиви‘ или, како што го изразуваат тоа други библиски преводи, да не стануваат „горди“, „вообразени“, „желни за празна слава“. Желбата за прочуеност и слава била широко распространета меѓу атлетичарите од деновите на Павле.
Затоа, и во денешниов фалбаџиски свет, сѐ повеќе и повеќе атлетичари прибегнуваат кон фалбаџиство и привлекување внимание кон себеси и кон своите вештини. Некои одат толку далеку што ги понижуваат другите. Подигрувањето, оптужувањето на другите и вербалното понижување, т.е. она што некои атлетичари го нарекуваат „оцрнување“, брзо стануваат норма. Сето ова би ‚поттикнало на натпреварување‘, водејќи до она за кое Павле зборувал во заклучниот дел од Галатјаните 5:26 — завист.
Што е најлошо, неурамнотеженото натпреварување води до борби, па дури и до смрт. Размисли за средбата кај Гаваон, помеѓу луѓето на Саул и луѓето на Давид, кога Авенир и Јоав се договориле „младите луѓе да пристапат и да спортуваат пред нив“ (2. Царства 2:14-32, Tanakh). Изгледа дека ова се однесува на некаков боречки турнир. Какво и да било такмичењето, тоа брзо се изопачило во жестока и крвава битка.
Урамнотежено гледиште
Рекреативните спортови и игри треба да бидат освежувачки — не разочарувачки. Тоа можеме да го постигнеме ако задржиме исправно гледиште за работите, имајќи на ум дека нашата вредност кај Бог и кај ближниот нема никаква врска со нашите вештини во спортовите или во игрите.
Би било бесмислено да дозволиме да нѐ преплават чувства на супериорност поради нашите физички или умствени способности. Затоа, да ја одбегнуваме недоличната, световна склоност да привлекуваме внимание кон себеси, со цел да не предизвикаме завист кај другите, бидејќи љубовта не се превознесува (1. Коринтјаните 13:4; 1. Петрово 2:1). Освен тоа, иако е разумно да се очекува возбудување и спонтани изливи на воодушевување и честитање меѓу припадниците на истиот тим, ние не би сакале ваквите емоции да изгубат контрола и нападно да се покажуваат.
Никогаш не би ја мереле вредноста на другите според нивните способности во спортовите и игрите. Слично на тоа, не би сакале да мислиме нешто помалку за себеси поради недостиг на некоја вештина. Дали тоа значи дека би било погрешно да се пресметуваат поени? Не мора да значи. Но, би требало да запомниме колку, всушност, е безначајна која и да е игра — вистинската вредност на луѓето не зависи од тоа колку добро играат. Во тимските игри некои редовно го менуваат составот на играчите од секој тим за да не победува секогаш само еден тим.
Исто така, христијаните треба да имаат на ум дека иако спортовите и игрите се спомнуваат во Библијата, тие се спомнуваат само умерено. Би било погрешно да се заклучи дека самото спомнување на спортови во Библијата дава отворена поддршка на сите спортови. (Спореди 1. Коринтјаните 9:26 со Псалм 10:5.) Исто така, Павле забележал дека „телесното обучување е малку корисно, а побожноста е полезна за сѐ“ (1. Тимотеј 4:8).
Затоа, ако се стават на исправно место, спортовите и игрите ќе бидат пријатни и освежувачки. Библијата не го осудува секое натпреварување, туку само натпреварувањето кое поттикнува суета, ривалство, лакомост, завист или насилство.