Младите прашуваат . . .
Тимски спортови — дали се добри за мене?
„Јас ги сакам спортовите. Навистина убаво се чувствувам. Исто така, уживам да бидам со своите пријатели“ (14-годишната Санди).
„ЗАБАВА!“ „Возбудување!“ „Победа!“ Овие беа некои од причините што ги навеле младите од САД и од Канада, кога биле испитани зошто учествуваат во организираните спортови. Очигледно, многу млади го делат нивното воодушевување.
Земи ги за пример Соединетите Држави. Според книгата Your Child in Sports (Вашето дете во спортот) од Лоренс Галтон, „секоја година, 20 милиони деца од Америка, на возраст од шест години па нагоре, играат или се обидуваат да играат во организирани спортски тимови“. И додека само пред неколку години организираните спортски тимови беа речиси исклучително составени од момчиња, сега и девојчињата во рекордни броеви гаѓаат бејзбол, играат кошарка, па дури и се натпреваруваат меѓу себе на фудбалското поле.
Можеби ти си спортски тип и сметаш дека ќе биде забавно да се приклучиш кон некој тим. Или можеби добиваш голем поттик да го направиш тоа — можеби дури и притисок — од родителите, наставниците или тренерите. Како и да е, за да се зафатиш со тимски спортови, потребно е да посветиш значително време и енергија. Според тоа, сосема е логично да бидеш свесен за некои аргументи за и против. Како прво, ајде да разгледаме некои предности.
Користи од спортовите
„Телесното обучување е малку корисно“, вели Библијата (1. Тимотеј 4:8). Секако дека младите можат да имаат корист од физичката активност. Во Соединетите Држави, алармантни броеви од млади страдаат од угоеност, висок крвен притисок и висока стапка на холестерол. Редовното вежбање може да направи многу за да се стават под контрола таквите проблеми. Според една статија во списанието American Health, младите кои редовно вежбаат, „постигнуваат поголем аеробен капацитет отколку децата кои се врзани со седење [неактивни]. Оние што вежбаат често, не само што играат подобро во спортот туку и подобро ја контролираат телесната тежина“. Исто така, истражувачите велат дека вежбите можат да го олеснат стресот, да го намалат заморот, па дури и да го подобрат спиењето.
Интересно е тоа што книгата Вашето дете во спортот забележува: „Стана очигледно дека многу здравствени проблеми на возрасните, си имаат свои корени во раниот живот“. Затоа, многу лекари сметаат дека користите од редовното вежбање можат да се протегнат до возрасното доба. Писателката Мери Ц. Хики известува: „Истражувачите откриле дека децата кои спортуваат веројатно ќе бидат физички поактивни како возрасни луѓе“.
Многумина сметаат дека има и други значајни користи од тимските спортови. Во врска со син му кој играл фудбал, еден татко рекол: ‚Тоа го задржува да не скита по улиците. Го учи на дисциплинираност‘. Други, пак, сметаат дека играњето во некој тим го учи младиот да соработува со другите — вештина која може да има доживотни користи. Тимските спортови исто така ги учат младите да следат правила, да бидат самодисциплинирани, да предводат и достоинствено да се однесуваат како кон успехот така и кон неуспехот. „Спортовите се една голема лабораторија за младите луѓе“, вели д-р Џорџ Шихан. „Тие им даваат на учениците директно искуство за работите за кои честопати слушаат од наставниците: храброст, вештина, оддаденост“ (Current Health, септември 1985).
Ако не друго, доколку некој е во победничкиот тим, тоа може да го зголеми неговото самопочитување. „Ако направам погодок или ако постигнам удар“, вели младиот Еди, „се чувствувам прилично горд со себеси.“
Слава, богатство и популарност
Меѓутоа, за некои други млади, вистинската привлечност на тимските спортови е во стекнувањето одобрение и признание од нивните врсници. „Секогаш кога ќе направиш нешто добро“, објаснува 13-годишниот Гордон, „сите те пофалуваат.“
Книгата Teenage Stress (Стрес на тинејџерите), од Сузан и Даниел Коен, признава: „Ако има некаков сигурен пат кон популарноста, особено за момчињата, тоа е спортувањето. . . . Ретко ќе наидете на ѕвезда од некој фудбалски или кошаркарски тим да страда за признание“. Едно истражување обелоденило колку високо се ценети спортистите. Учениците биле запрашани дали повеќе сакаат да бидат запомнати како спортски ѕвезди, извонредни ученици или најпопуларни личности. Помеѓу момчињата, да се биде „спортска ѕвезда“ било избор број еден.
Кога ќе го земете предвид значителното внимание со кое медиумите ги опседнуваат професионалните спортисти, не е толку чудно тоа што играчот на фудбал или кошарка добива поголемо почитување отколку еден учен човек. Голем дел од публицитетот се сосредоточува на нивните астрономски плати и на ексклузивниот начин на живот. Не е чудно тоа што многу млади, особено оние кои живеат во центарот на градот, можеби гледаат на училишните спортови како на отскочна даска кон просперитет — билет за излез од сиромаштијата!
За жал, реалноста бедно заостанува зад таквите очекувања. Една статија во списанието Current Health, со наслов „Колку спортисти стигнуваат до успехот?“, дала некои отрезнувачки податоци. Таа известила: „Повеќе од еден милион момчиња [во Соединетите Држави] играат фудбал додека се во средно училиште; речиси 500.000 играат кошарка; и околу 400.000 учествуваат во бејзбол. Од средно училиште до колеџ, бројот на учесниците драстично опаѓа. Сѐ на сѐ, само околу 11.000 спортисти земаат учество во фудбалот, во кошарката и во бејзболот на колеџ“. Оттаму, статистиките стануваат уште поцрни. „Само околу 8 проценти [од спортистите на колеџ] се избрани за професионални тимови, а само околу 2 проценти потпишуваат професионален договор.“ Потоа, статијата ја дава оваа опомена: „Дури и ако се потпише договор, тоа не значи дека спортистот ќе влезе во тимот“.
Значи, сѐ на сѐ, „само еден од секои 12.000 средношколци кои се спортисти, ќе стигне до успехот“. Тоа можеби не е многу подобро отколку што се шансите да се добие првата награда на лотарија! Но зарем спортистот не може да добие барем бесплатно школување на факултет за сиот свој труд? — можеби се прашуваш. Повторно шансите не се толку добри. Според книгата On the Mark од Ричард Е. Лапчик и Роберт Мејлкоф, „од милиони средношколци кои се спортисти . . . ‚ само 1 од 50 ќе добие стипендија за да спортува на факултет“. Еден друг непријатен податок е следниов: „Од врвните играчи кои добиваат стипендија во високодоходовните спортови, како што се фудбалот и кошарката, помалку од 30 проценти ќе дипломираат на колеџ после четири години“.
За повеќето играчи, сонот да станат богати и славни спортисти едноставно претставува фантазија — неостварен сон.
Откажувања
Кога ќе ги земеш предвид можностите за подобро здравје, развој на карактерот и поголемата популарност, приклучувањето кон некој организиран спортски тим може сѐ уште да ти изгледа како една паметна работа. Но, пред да избрзаш за да одиш на пробни тестови, размисли за она што беше речено во Ladies’ Home Journal: „За разлика од која и да е претходна генерација, денес многу повеќе деца се запишуваат во организираните спортови. Лоша вест: Во рекордни броеви тие се откажуваат од овие спортски програми“. Д-р Верн Сифелт, стручњак во таа област, е цитиран како вели: „Додека не дојдат на 15-годишна возраст, седумдесет и пет проценти од децата кои некогаш спортувале, се откажале“.
Размисли за Канада, каде што хокејот на мраз ужива огромна популарност. Во една аматерска хокејска лига, 53 проценти од нејзините 600.000 играчи имале помалку од 12 години. Меѓутоа, само 11 проценти имале повеќе од 15 години. Причината? Повеќето млади се откажале до таа возраст. Зошто толку многу се откажуваат?
Истражувачите велат дека оние што се откажуваат обично даваат изненадувачки едноставна причина за своето заминување: Игрите повеќе не им се забавни. Навистина, да се игра во некој тим може да биде исцрпувачки и да одзема многу време. Списанието Seventeen им рекло на своите читатели дека тренирањето за некој тим може да вклучува работење „три часа на ден, пет дена седмично . . . во текот на една или две седмици“. Ако го преживееш тој предизвик и влезеш во тимот, ти претстојат уште многу часови спортување и вежбање. Типично е една припадничка на некој женски кошаркарски тим да поминува повеќе од три часа дневно за да тренира за својата игра. Тоа време би можело да се помине во извршување на нешто што е повредно.
Се разбира, на многу млади не им смета исцрпувачката рутина. Тие уживаат во забавата и во предизвикот да ги усовршуваат своите спортски вештини. Но, има и други причини зошто еден голем број млади се откажуваат од организираните спортски дисциплини. Треба да бидеш свесен за нив за да можеш да одлучиш дали ќе се приклучиш кон некој тим или не. Како што се вели во Изреки 13:17, „секој благоразумен работи со знаење“. Затоа, идната статија ќе продолжи со оваа дискусија.
[Истакната мисла на страница 30]
‚Повеќето врвни универзитетски играчи кои добиваат спортска стипендија, не успеваат да дипломираат‘
[Слика на страница 29]
Популарноста на спортистите привлекува многу млади кон организираните спортови