Фасцинантните хроники на Јосиф
СТУДЕНТИТЕ на историја долго размислувале за фасцинантните списи на Јосиф. Роден само четири години по смртта на Христос, бил сведок на страшното исполнување на Исусовото пророштво во врска со еврејската нација од првиот век. Јосиф бил воен заповедник, дипломат, фарисеј и научник.
Јосифовите списи изобилуваат со привлечни поединости. Го осветлуваат библискиот канон давајќи книжевно водство кон топографијата и географијата на Палестина. Не е чудо што многумина ги сметаат неговите дела за вреден додаток на својата библиотека!
Неговите рани години
Јосиф бен Матијас се родил во 37. н. е., првата година од владеењето на римскиот император Калигула. Таткото на Јосиф потекнувал од свештеничко семејство. Тврдел дека мајка му била потомок на хазмонскиот првосвештеник Јонатан.
Во своите тинејџерски години Јосиф со ентузијазам го проучувал Мојсеевиот закон. Грижливо анализирал три секти на јудаизмот — фарисеите, садукеите и есените. Склоност имал спрема последниве, и одлучил три години да живее со еден пустински аскет по име Бабус, веројатно есен. Кога имал 19 години, Јосиф го напуштил тоа, се вратил во Ерусалим и им се придружил на фарисеите.
До Рим и назад
Јосиф отпатувал за Рим во 64. н. е. за да посредува во името на еврејските свештеници кои јудејскиот прокуратор Феликс ги испратил кај императорот Нерон за судење. По патот Јосиф доживеал бродолом и за малку ја избегнал смртта. Само 80 од 600 патници на бродот биле спасени.
Во текот на Јосифовата посета во Рим, еден еврејски глумец го запознал со Нероновата жена, царицата Попеја. Таа одиграла клучна улога во успехот на неговата мисија. Величественоста на градот оставила траен впечаток на Јосиф.
Кога Јосиф се вратил во Јудеја, во умовите на Евреите бил цврсто фиксиран револт против Рим. Се обидувал да ги убеди своите сонародници дека војната против Рим е залудна. Неспособен да ги запре и веројатно поради стравот дека ќе биде сметан за предавник, тој прифатил наименување како заповедник на еврејските трупи во Галилеја. Јосиф ги собрал и ги обучил своите мажи и ги обезбедил потребните средства во подготовките за борба против римските трупи — но попусто. Галилеја била поразена од војската на Веспазијан. После 47 дневна опсада, Јосифовата тврдина кај Јотапата била освоена.
Кога се предал, Јосиф итро прорекол дека Веспазијан наскоро ќе стане император. Затворен, но не казнет поради таквото предвидување, Јосиф бил ослободен кога тоа се остварило. Тоа било пресвртница во неговиот живот. До крајот на војната, тој им служел на Римјаните како преведувач и посредник. За да покаже дека е под патронат на Веспазијан и неговите синови Тит и Домицијан, Јосиф го додал фамилијарното име Флавиј на сопственото.
Делата на Јосиф Флавиј
Најстарото дело на Јосиф носи наслов The Jewish War (Историјата на еврејската војна). Се верува дека тој го подготвил овој извештај од седум тома за да им прикаже на Евреите живописна слика на римската супериорна сила и за да служи како заплашување пред идните побуни. Овие списи даваат преглед на еврејската историја од освојувањето на Ерусалим од страна на Антиох Епифан (во вториот век пр. н. е.) до бурниот судир во 67. н. е. Како очевидец, Јосиф потоа дискутира за војната која достигнала кулминација во 73. н. е.
Друго Јосифово дело е The Jewish Antiquities (Еврејските старини), историја на Евреите во 20 тома. Започнува од 1. Мојсеева и создавањето, а продолжува до избувнувањето на војната со Рим. Јосиф тесно го следи редоследот на библиското раскажување, додавајќи традиционални толкувања и надворешни набљудувања.
Јосиф напишал личен расказ со едноставен наслов Life (Мојот живот). Во него тој настојува да го оправда својот став за време на војната и се обидува да ги ублажи обвинувањата против него од страна на Јуст од Тиберијада. Четвртото дело — апологија од два тома со наслов Against Apion (Против Апион) — ги брани Евреите од погрешно прикажување.
Увид во Божјата Реч
Нема сомнение дека поголемиот дел од историјата на Јосиф е точна. Во своето дело Against Apion, тој покажува дека Евреите никогаш не ги вклучиле апокрифните книги како дел од испирираните списи. Тој дава сведоштво за точноста и внатрешната хармонија на божествените списи. Јосиф вели: „Немаме безбројно мноштво книги кои меѓусебно се несогласни и контрадикторни, . . . туку само дваесет и две [што е еднакво на нашата современа поделба на списите на 39 книги], кои ги содржат записите од сите минати времиња; кои со право се сметаат за божествени“.
Во делото The Jewish Antiquities, Јосиф му додава интересна поединост на библискиот извештај. Тој вели дека „Исак имал дваесет и пет години“ кога Авраам го врзал за раце и нозе за да го жртвува. Според Јосиф, откако помагал при градењето на олтарот, Исак рекол дека „,тој, пред сѐ, не бил достоен да се роди ако ја одбие одлуката на Бог и на неговиот татко‘ . . . Затоа отишол право на олтарот да биде жртвуван“.
На библискиот извештај за заминувањето на Израел од древниот Египет, Јосиф ги додава следниве поединости: „Бројот на оние кои ги следеле нив бил шест стотини кочии, со педесет илјади коњаници, две стотини илјади пешаци, сите вооружени“. Јосиф исто така вели дека „кога Самуил имал дванаесет години, почнал да пророкува: и еднаш кога спиел, Бог го повикал по име“. (Спореди 1. Царства 3:2-21а.)
Други дела на Јосиф даваат увид во даноци, закони и настани. Жената која играла на Иродовата забава и која ја побарала главата на Јован Крстител тој ја нарекува Салома (Марко 6:17-26). Повеќето од она што ни е познато за Иродовите било запишано од Јосиф. Тој дури вели дека „за да ги сокрие многуте години, [Ирод] си ја фарбал косата црна“.
Големата антиримска побуна
Само 33 години откако Исус прорекол за Ерусалим и неговиот храм, пророштвото почнало да се исполнува. Во Ерусалим, радикални еврејски секти биле одлучни да го отфрлат римскиот јарем. Во 66. н. е., веста за тоа ја поттикнала мобилизацијата и испраќањето на римските легии под сирискиот легат Цестеј Гал. Нивната мисија требало да ги задуши бунтовниците и да ги казни престапниците. Откако ги уништиле ерусалимските населби, луѓето на Цестеј поставиле логор околу ѕидините на градот. Користејќи метод наречен тестудо, Римјаните вешто ги здружиле своите штитови, слично на оклопот на желката, за да се заштитат од непријателите. Потврдувајќи го успехот на овој метод, Јосиф наведува: „Копјата кои беа фрлени паѓаа и се лизгаа без да ги повредат; па така војниците го поткопаа ѕидот неповредени, и сѐ подготвија да ја запалат портата на храмот“.
„Потоа се случи“, кажува Јосиф, „Цестеј . . . да ги повика војниците да отстапат од местото . . . Тој се повлече од градот, без никаква причина“. Очигледно, без намера да го воздигнува Божјиот Син, Јосиф ја запишал истата постапка која христијаните во Ерусалим ја очекувале. Тоа било исполнување на пророштвото на Исус Христос! Со години пред тоа, Божјиот Син предупредил: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте — дека се приближило неговото запустување. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него, зашто тоа се дните на одмазда, за да се изврши сѐ што е напишано“ (Лука 21:20-22). Како што Исус дал упатство, неговите верни следбеници брзо побегнале од градот, стоеле настрана, и биле поштедени од агонијата која подоцна го снашла.
Кога римските војски се вратиле во 70. н. е., Јосиф сликовито и во поединости ги опишал последиците. Најстариот син на Веспазијан, генералот Тит, дошол да го освои Ерусалим, со неговиот величествен храм. Во самиот град, завојуваните секти се обидувале да ја преземат власта. Се служеле со екстремни мерки и било пролеано многу крв. Некои „беа толку измачувани од своите внатрешни неволји што посакуваа Римјаните да ги нападнат“, надевајќи се на „ослободување од своите домашни маки“, вели Јосиф. Тој бунтовниците ги нарекува „разбојници“ кои го уништувале имотот на богатите и убивале угледни личности — за кои се сомневале дека ќе бидат спремни на компромис со Римјаните.
За време на граѓанската војна, животните прилики во Ерусалим станале незамисливо тешки, а мртвите останале незакопани. Самите бунтовници „се бореа еден против друг, додека ги газеа мртвите тела кои беа натрупани едно врз друго“. Тие го пљачкале народот, убивајќи за храна и богатство. Постојано се слушале лелеци на несреќниците.
Тит ги предупредил Евреите да го предадат градот и така да се спасат. Тој „им го испрати Јосиф да им зборува на нивниот јазик; зашто сметаше дека можеби ќе попуштат на убедувањето на еден нивни земјак“. Но тие го прекориле Јосиф. Потоа Тит, околу целиот град изградил ѕид од шилести колци (Лука 19:43). Без никаква надеж за излегување и со ограничено движење, глад „ги голтала луѓето по цели куќи и семејства“. Постојаната борба го зголемувала смртниот данок. Без да знае дека исполнува библиско пророштво, Тит го освоил Ерусалим. Набљудувајќи ги после тоа неговите масивни ѕидишта и зацврстени кули, тој изјавил: „Никој друг не ги истера Евреите од овие тврдини, освен Бог“. Загинале преку еден милион Евреи (Лука 21:5, 6, 23, 24).
По војната
По војната Јосиф отишол во Рим. Уживајќи го покровителството на Флавиевите, тој живеел како римски граѓанин во поранешниот дворец на Веспазијан и добивал кралска пензија и подароци од Тит. Јосиф тогаш тежнеел по книжевна кариера.
Интересно е да се забележи дека очигледно Јосиф го измислил терминот „теократија“. Во врска со еврејската нација, тој напишал: „Нашата влада . . . може да се нарече теократија, припушувајќи му го на Бог авторитетот и моќта“.
Јосиф никогаш не тврдел дека е христијанин. Тој не пишувал под Божја инспирација. Но, постои просветлувачка историска вредност во фасцинантните хроники на Јосиф.
[Слика на страница 31]
Јосиф кај ерусалимските ѕидови