Божествената поука против учењата на демоните
„Некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења“ (1. ТИМОТЕЈ 4:1).
1. Среде каква битка се наоѓаат христијаните?
ЗАМИСЛИ си цел живот да живееш во воена зона. Како би ти било да си легнуваш со звук на пушкомитралез а да се будиш со татнеж на артилерија? За жал, во некои делови на светот луѓето навистина живеат така. Но, во духовна смисла, сите христијани живеат вака. Тие се наоѓаат среде голема битка која беснее околу 6.000 години, а во наше време се засилила. Каква е оваа вековна војна? Битката на вистината против лагите, на божествената поука против учењата на демоните. Не е претерување ако ја наречеме — барем од аспект на едниот од протагонистите — најбезмилосен и најопасен судир во човечката историја.
2. а) Кои две страни се спротивставени една на друга, според Павле? б) Што мислел Павле со „верата“?
2 Апостол Павле ги споменал двете страни во овој судир кога му напишал на Тимотеј: „А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења“ (1. Тимотеј 4:1). Забележи дека учењата на демоните ќе бидат особено влијателни во „последните времиња“. Гледано од Павлово време, ние живееме во едно такво време. Забележи исто така што е ставено наспроти учењата на демоните, имено „верата“. Овде, „верата“ ја претставува божествената поука темелена на божествено инспирираните изјави на Бог што се содржани во Библијата. Таквата вера е животодајна. Таа го учи христијанинот да ја врши Божјата волја. Тоа е вистината која води до вечен живот (Јован 3:16; 6:40).
3. а) Што им се случува на жртвите во битката помеѓу вистината и лагите? б) Кој стои зад учењата на демоните?
3 Сите кои отпаѓаат од верата, губат вечен живот. Тие се жртви на војната. Колку е жалосно кога некој си дозволува да биде заведен од учењата на демоните! (Матеј 24:24). Како можеме ние како поединци да избегнеме да бидеме жртви? Така што потполно ќе ги отфрламе овие лажни учења кои служат само за целта на „началникот на ѓаволите“, Сатана Ѓаволот (Матеј 12:24). Како што може да се очекува, Сатановите учења се лаги, бидејќи Сатана е „татко на лагата“ (Јован 8:44). Разгледај колку вешто ги користел лагите за да ги заведе нашите прародители.
Учењата на демоните откриени
4, 5. Каква лага ѝ кажал Сатана на Ева, и зошто било тоа толку злобно?
4 Настаните се забележани во Библијата во 1. Мојсеева 3:1-5. Користејќи една змија, Сатана ѝ пришол на жената Ева и ја запрашал: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?“ Прашањето се чини безопасно, но погледни го уште еднаш. „Вистина ли е?“ Сатана звучи изненаден, како да вели: ‚Зошто би рекол Бог такво нешто?‘
5 Во својата наивност, Ева покажала дека било така. Таа ја знаела божествената поука за оваа работа, знаела дека Бог му рекол на Адам дека ќе умрат ако јадат од дрвото на спознанието на доброто и злото (1. Мојсеева 2:16, 17). Сатановото прашање очигледно го поттикнало нејзиниот интерес и таа слушала кога тој дошол до поентата: „Тогаш змијата ѝ рече на жената: ‚Не, вие нема да умрете!‘“ Каква злоба било тоа! Сатана го обвинил Јехова, Богот на вистината, Богот на љубовта, Творецот, дека ги лаже Своите човечки деца! (Псалм 30:5; 1. Јованово 4:16; Откровение 4:11).
6. Како ја оспорил Сатана добротата и сувереноста на Јехова?
6 Но Сатана кажал многу повеќе. Продолжил: „Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло“. Според Сатана, Јехова Бог — кој толку дарежливо се погрижил за нашите прародители — сакал да ги лиши од нешто прекрасно. Сакал да ги спречи да станат како богови. Така, Сатана ја оспорил Божјата доброта. Исто така го унапредил самоугодувањето и намерното игнорирање на Божјите закони, велејќи дека ваквото постапување ќе биде корисно. Всушност, Сатана ја оспорил Божјата сувереност над Неговата сопствена творба, тврдејќи дека Бог нема право да поставува граници над она што човекот го прави.
7. Каде најпрво биле слушани учењата на демоните, и на кој начин тие се слични и денес?
7 Со овие Сатанови зборови започнале да се слушаат учењата на демоните. Овие зли учења сѐ уште унапредуваат слични безбожни начела. Исто како што сторил во Еденската градина, Сатана, сега придружен од други бунтовни духови, сѐ уште го оспорува Божјето право да поставува мерила на постапување. Сѐ уште ја порекнува Јеховината сувереност и се обидува да влијае врз луѓето да не го слушаат нивниот небесен Татко (1. Јованово 3:8, 10).
8. Што изгубиле Адам и Ева во Еден, но како се покажал Јехова вистинит?
8 Во тој прв судир во битката помеѓу божествената поука и учењата на демоните, Адам и Ева донеле погрешна одлука и ја изгубиле нивната надеж во вечен живот (1. Мојсеева 3:19). Со годините што минувале и со нивните тела кои почнале да слабеат, им било доволно потврдено кој лажел, а кој ја говорел вистината во Еден. Меѓутоа, стотици години пред да умрат во физичка смисла, станале првите жртви на битката помеѓу вистината и лагите кога биле осудени како недостојни за живот од страна на нивниот Творец, Изворот на животот. Тоа било тогаш кога умреле во духовна смисла (Псалм 35:9; спореди Ефесјаните 2:1).
Учењата на демоните денес
9. Колку биле делотворни учењата на демоните низ вековите?
9 Како што е запишано во книгата Откровение, апостол Јован преку инспирација бил одведен во „Господовиот ден“, кој започнал во 1914 (Откровение 1:10, НС). Во тоа време Сатана и неговите демони биле исфрлени од небото во близина на Земјата — голем пораз за овој противник на нашиот Величествен Творец. На небото повеќе не се слушал неговиот глас кој постојано ги обвинувал Јеховините слуги (Откровение 12:10). Но, каков напредок имале учењата на демоните на Земјата од времето на Еден? Извештајот вели: „И беше исфрлен големиот змев — старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена [населена земја, НС]“ (Откровение 12:9). Целиот свет станал подложен на Сатановите лаги! Не е чудо што Сатана е наречен „кнезот на овој свет“! (Јован 12:31; 16:11).
10, 11. На кој начин се активни денес Сатана и неговите демони?
10 Дали Сатана го признал својот пораз по неговото исфрлување од небото? Никако! Одлучил да се бори против божествената поука и против оние кои се држат за неа. По неговото исфрлање од небото, Сатана ја продолжил својата војна: „И се разлути змевот [Сатана] на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино, што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исуса Христа“ (Откровение 12:17).
11 Освен што се бори против Божјите слуги, Сатана го преплавува светот со својата пропаганда, стремејќи се да го задржи својот стисок врз човештвото. Во една од своите визии за Господовиот ден од Откровението, апостол Јован видел три диви животни кои симболично ги претставувале Сатана, неговата земска политичка организација и доминантната светска сила од нашето време. Од устите на овие три излегувале жаби. Што симболизирале тие? Јован пишува: „Тоа се ѓаволски духови [изјави инспирирани од демони, НС], кои прават чуда; тие одат кај царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во оној голем ден на Бога Седржителот“ (Откровение 16:14). Очигледно, учењата на демоните се многу активни на Земјата. Сатана и неговите демони сѐ уште се борат против божествената поука и ќе продолжат да го прават тоа сѐ додека сосила не ги запре Исус Христос, Месијанскиот Цар (Откровение 20:2).
Распознавање на учењата на демоните
12. а) Зошто е возможно да им се спротивставиме на учењата на демоните? б) Како настојува Сатана да ги постигне своите цели кај Божјите слуги?
12 Можат ли богобојазливите луѓе да им се спротивстават на учењата на демоните? Секако дека можат, и тоа од две причини. Прво, затоа што божествената поука е помоќна и, второ, затоа што Јехова ги разобличил Сатановите стратегии со цел да можеме да им се спротивставиме. Како што рекол апостол Павле, „неговите замисли ни се извесни“ (2. Коринтјаните 2:11). Знаеме дека Сатана користи прогонство како едно од средствата за да ги постигне своите цели (2. Тимотеј 3:12). Но, многу поподмолно тој се обидува да влијае на умовите и срцата на оние кои му служат на Бог. Ја завел Ева и ѝ ставил погрешни желби во срцето. Истото се обидува и денес. Павле им напишал на Коринтјаните: „Се плашам, да не би како што змијата со своето лукавство ја измами Ева, така и вашите мисли да се одвратат поради вашата простота во Христа“ (2. Коринтјаните 11:3). Разгледај како го расипал размислувањето на човештвото воопшто.
13. Какви лаги му кажувал Сатана на човештвото од Еден па наваму?
13 Пред Ева, Сатана го обвинил Јехова дека лаже и рекол дека луѓето би можеле да бидат како богови ако не го слушаат нивниот Творец. Паднатата состојба на денешното човештво докажува дека Сатана, а не Јехова, бил оној кој лажел. Луѓето денес не се богови! Меѓутоа, таа прва лага Сатана ја надополнил со други лаги. Ја вовел идејата дека човечката душа е вечна, бесмртна. Така на луѓето примамливо им ја понудил можноста да бидат како богови на еден друг начин. Потоа, на темел на таа лажна наука, ги унапредил учењата за пеколен оган, чистилиште, спиритизам и обожавање на претци. Овие лаги сѐ уште држат стотици милиони луѓе во ропство (5. Мојсеева 18:9-13).
14, 15. Што е вистината за смртта и за човековата надеж за иднината?
14 Се разбира, она што Јехова му го рекол на Адам било вистина. Адам навистина умрел кога згрешил против Бог (1. Мојсеева 5:5). Кога Адам и неговите потомци умреле, станале мртви души, несвесни и неактивни (1. Мојсеева 2:7; Проповедник 9:5, 10; Језекиил 18:4). Поради наследениот грев од Адам, сите човечки души умираат (Римјаните 5:12). Но, тогаш во Еден, Јехова го ветил доаѓањето на едно семе кое ќе ги отстрани делата на Ѓаволот (1. Мојсеева 3:15, НС). Тоа семе бил Исус Христос, Божјиот единороден Син. Исус умрел безгрешен, а неговиот жртвуван живот станал откупнина за да се купи човештвото од неговата смртна состојба. Оние кои послушно покажуваат вера во Исус, ја имаат приликата да го добијат вечниот живот што го изгубил Адам (Јован 3:36; Римјаните 6:23; 1. Тимотеј 2:5, 6).
15 Откупнината, а не некоја нејасна идеја дека душата ја преживува смртта, е вистинската надеж за човештвото. Тоа е божествена поука. Ова е вистина. Тоа е и прекрасно манифестирање на Јеховината љубов и мудрост (Јован 3:16). Колку благодарни треба да бидеме што сме ја научиле оваа вистина и што сме ослободени од учењата на демоните во врска со овие работи! (Јован 8:32).
16. Кои се долгорочните резултати кога луѓето ја следат нивната сопствена мудрост?
16 Со своите лаги во еденската градина, Сатана ги охрабрил Адам и Ева да се стремат да бидат независни од Бог и да се потпрат на нивната сопствена мудрост. Денес, ги гледаме долгорочните резултати од тоа преку криминалот, економските тешкотии, војните и големата нееднаквост што постои во денешниот свет. Не е чудо што Библијата вели: „Мудроста од овој свет е безумство пред Бога“! (1. Коринтјаните 3:19). Но, повеќето луѓе порадо избираат да страдаат отколку да им обрнат внимание на Јеховините поуки (Псалми 13:1-3; 106:17). Христијаните кои ја прифатиле божествената поука избегнуваат да бидат фатени во таа стапица.
17. Какво „лажно наречено спознание“ унапредувал Сатана, и кои се неговите плодови?
17 Павле му напишал на Тимотеј: „О Тимотеје, пази го она што ти е предадено, и клони се од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука [лажно нареченото ‚спознание‘, НС], со која, откако некои се занимаваа, се отклонија од верата“ (1. Тимотеј 6:20, 21). Тоа „спознание“ исто така ги претставува науките на демоните. Во Павлово време тоа веројатно се однесувало на отпадничките идеи што ги унапредувале некои во собранијата (2. Тимотеј 2:16-18). Подоцна, лажно нареченото спознание, како што е гностицизмот и грчката филозофија, го расипале собранието. Денес во светот, атеизмот, агностицизмот, теориите за еволуцијата и вишата критика на Библијата се примери за лажно наречено спознание, како што се небиблиските идеи што ги унапредиле современите отпадници. Плодовите од сето ова лажно наречено спознание се гледаат во моралниот распад, раширеното непочитување спрема властите, нечесноста и себичноста кои го карактеризираат Сатановиот систем на ствари.
Држи се за божествената поука
18. Денес кој трага по божествена поука?
18 Иако Сатана ја преплавил Земјата со учења на демоните уште од времето на Еден, секогаш имало некои кои трагале по божествена поука. Денес, таквите бројат на милиони. Во нив спаѓаат преостанатите помазани христијани кои ја имаат сигурната надеж да владеат со Исус во неговото небесно Царство и растечкото големо мноштво од „други овци“, чија надеж е да го наследат земското подрачје на тоа Царство (Матеј 25:34; Јован 10:16; Откровение 7:3, 9). Денес, тие се собрани во една организација раширена по целиот свет, на која се применуваат зборовите од Исаија: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голем мир ќе има меѓу синовите твои“ (Исаија 54:13).
19. Што значи да се биде поучен од Јехова?
19 Да се биде поучен од Јехова значи повеќе отколку само да се знае вистинската доктрина — иако и тоа е важно. Јехова нѐ поучува како да живееме, како да ја применуваме божествената поука во нашите сопствени животи. На пример, се спротивставуваме на себичноста, неморалот и духот на независност коишто се толку раширени во светот околу нас. Го препознаваме немилосрдното тежнеење по богатство во овој свет онакво какво што е — дека води во смрт (Јаков 5:1-3). Никогаш не ја забораваме божествената поука изразена во зборовите на апостол Јован: „Не сакајте го светот и сѐ што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот“ (1. Јованово 2:15).
20, 21. а) Што употребува Сатана во своите напори да ги заслепи луѓето? б) Какви благослови имаат оние кои се држат за божествената поука?
20 Последиците од учењата на демоните врз нивните жртви се гледаат од Павловите зборови до Коринтјаните: „[Сатана] им ги заслепил умовите нивни, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христа, Кој е образ на невидливиот Бог“ (2. Коринтјаните 4:4). Сатана би сакал на овој начин да ги заслепи и вистинските христијани. Во Еден, се послужил со змија за да заведе еден од Божјите слуги. Денес, се служи со насилнички или неморални кино и телевизиски програми. Го употребува радиото, литературата и музиката. Едно моќно оружје што му стои на располагање е лошото друштво (Изреки 4:14; 28:7; 29:3). Секогаш препознавај ги таквите работи онакви какви што се — лукавства и учења на демоните.
21 Запомни, Сатановите зборови во Еден биле лаги; Јеховините зборови се покажале вистинити. Уште од тие рани денови, продолжило да се случува истото. Сатана секогаш испаѓал лажливец, а божествената поука непогрешиво е точна (Римјаните 3:4). Ако се држиме за Божјата Реч, во битката помеѓу вистината и лагите секогаш ќе бидеме на победничката страна (2. Коринтјаните 10:4, 5). Затоа, да бидеме одлучни да ги отфрламе сите учења на демоните. На тој начин ќе истраеме до времето кога војната помеѓу вистината и лагата ќе биде завршена. Вистината ќе победи. Сатана ќе го снема, а на Земјата ќе се слуша само божествената поука (Исаија 11:9).
Можеш ли да објасниш?
◻ Каде најпрво биле слушнати демонски учења?
◻ Кои се некои од лагите коишто ги унапредувале Сатана и неговите демони?
◻ На кои начини е Сатана денес крајно активен?
◻ Што користи Сатана за да ги унапредува учењата на демоните?
◻ Какви благослови добиваат оние кои се држат за божествената поука?
[Слика на страница 9]
Демонските учења најпрво биле слушнати во еденската градина
[Слика на страница 10]
Божествената поука за откупнината и Царството ја нуди единствената надеж за човештвото