Млади — чие учење го слушате?
„Некои ќе отстапат од верата, слушајќи . . . ѓаволски учења“ (1. ТИМОТЕЈ 4:1).
1. а) Каков избор имаат младите? б) На кој начин поучува Јехова?
ПРАШАЊЕТО што овде им се поставува на младите е: Чие учење го слушате? Ова сугерира дека вие младите стоите пред избор. Изборот е дали ќе се оѕвиете на божествената поука или ќе ги следите учењата на демоните. Јехова поучува преку својата Реч, Библијата, како и преку службата на оние коишто тој ги користи како свои застапници на Земјата (Исаија 54:13; Дела 8:26-39; Матеј 24:45-47). Но, дали си изненаден дека и демоните поучуваат?
2. Зошто е животоважно особено во денешно време да се внимава на учењата на демоните?
2 Апостол Павле напишал: „Во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења“ (1. Тимотеј 4:1). Бидејќи живееме во „последните денови“ кога Сатана и неговите демони се нарочно активни, дали сфаќаш зошто го поставуваме прашањето: Чии учења ги слушаш? (2. Тимотеј 3:1-5; Откровение 12:7-12). Сатана и неговите демони се толку лукави, толку заводливи во нивните методи на делување, што е животоважно грижливо да размислиш за ова прашање (2. Коринтјаните 11:14, 15).
Демоните и нивните учења
3. Кои се демоните, која е нивната цел и како сакаат да ја постигнат?
3 Демоните некогаш биле Јеховини ангели, но се побуниле против нивниот Творец и така станале ортаци на Сатана (Матеј 12:24). Нивната цел е да ги расипат луѓето и да ги одвратат да не му служат на Бог. За да го постигнат тоа, демоните користат човечки учители за да унапредуваат себичен, неморален начин на живот којшто Јехова го осудува. (Спореди 2. Петрово 2:1, 12-15.) Еден преглед за тоа како некогаш верните ангели станале демони ќе ти помогне да ги препознаеш нивните учења и начинот на живот што го унапредуваат овие учења.
4. а) Зошто дошле на Земјата непослушните ангели во времето на Ное? б) Што им се случило на злите ангели и на нивното потомство во Потопот?
4 Во времето на Ное, некои ангели биле толку привлечени од прекрасните човечки ќерки што овие духовни суштества ги напуштиле своите положби на небото за да дојдат на Земјата. Нивното сексуално обединување со жените довело до хибридни потомци, наречени нефилими. Бидејќи е неприродно духовни суштества да живеат заедно со луѓе, она што непослушните ангели го сториле со тие жени било подеднакво погрешно како и хомосексуалните постапки што подоцна ги вршеле мажите и момчињата од Содом (1. Мојсеева 6:1-4; 19:4-11; Јуда 6, 7). Иако сопругите на ангелите погинале во водите на Потопот сосе нивните хибридни деца, злите ангели ги напуштиле своите материјализирани тела и се вратиле на небото каде што станале демонски придружници на Сатана Ѓаволот (2. Петрово 2:4).
5. Какви суштества се демоните, и како се обидуваат да ги подријат Божјите закони?
5 Со оглед на оваа историска позадина, дали разбираш каков вид суштества навистина претставуваат демоните? Тие се сексуални изопаченици кои се невидливи манипулатори на овој свет којшто е луд по секс. Иако се спречени повторно да се материјализираат како луѓе, тие уживаат во сексуалните перверзии на оние коишто тие можат да ги расипат на Земјата (Ефесјаните 6:11, 12). Демоните се обидуваат да ги подријат Јеховините закони во врска со чесноста и моралноста, правејќи ги да изгледаат непотребно ограничувачки. Овие зли ангели го застапуваат сексуалниот неморал како нормален, пријатен начин на живот.
Унапредување на науките на демоните
6. Зошто не треба да бидеме изненадени што демоните ги унапредуваат своите учења на подмолен начин?
6 Не треба да нѐ изненади што демоните сакале да ги унапредуваат своите учења на подмолен начин, зашто тоа е методот што нивниот водач, Сатана Ѓаволот, го користел кога ја завел Ева. Сети се дека тој ѝ зборувал како наводно да сакал да ѝ помогне. „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно [од секое, НС] дрво во рајот?“ — прашал Сатана. Тогаш лукаво се обидел да го поткопа Божјето учење така што на Ева ѝ рекол дека таа ќе има корист ако јаде од забранетото дрво. „Оној ден кога ќе вкусите од него,“ ветил Ѓаволот, „ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мојсеева 3:1-5). На тој начин Ева била намамена, да, заведена да не го послуша Бог (2. Коринтјаните 11:3; 1. Тимотеј 2:13, 14).
7. Каков е ефектот од подмолните учења на демоните, и како нѐ предупредува тоа?
7 Во последно време, многумина исто така биле заведени. Демоните толку лукаво го унапредиле сексуалниот неморал што тој станал прифатлив за многумина кои порано го осудувале. На пример, кога една позната новинарка-советник од Соединетите Држави одговорила на едно писмо во врска со проблемот на невенчани двојки кои имаат сексуални односи, напишала: „Никогаш не сум помислила дека ќе го променам своето мислење околу ова прашање, но сега верувам дека двојките кои сериозно мислат да се венчаат, би требало неколку пати да отпатуваат заедно на викенд за да проверат дали си одговараат“. Потоа додала: „Не можам да поверувам дека сум го напишала тоа!“ Дури ни таа не можела да поверува дека препорачала блуд, но го сторила токму тоа! Јасно дека мораме да внимаваме учењата на демоните да не влијаат на нашето гледиште за постапките коишто Бог ги осудува (Римјаните 1:26, 27; Ефесјаните 5:5, 10-12).
8. а) Како е употребен зборот „свет“ во Библијата? б) Кој владее со светот, и како треба Исусовите следбеници да гледаат на светот?
8 Никогаш не смееме да заборавиме дека Сатана е „кнезот на овој свет“. Всушност, апостол Јован рекол дека „целиот свет лежи во моќта на злобниот“ (Јован 12:31; 1. Јованово 5:19, НС). Вистина, Исус понекогаш го употребувал зборот „свет“ мислејќи на сето организирано човештво (Матеј 26:13; Јован 3:16; 12:46). Но, многу почесто го употребувал зборот „свет“ за да се осврне на целото организирано човечко општество што постои надвор од вистинското христијанско собрание. На пример, Исус рекол дека неговите следбеници не смеат да бидат „дел од светот“ (неправедното човечко општество) и дека, затоа што тие не се дел од светот, светот ќе ги мрази (Јован 15:19, НС; Јвн 17:14-16, НС). Библијата понатаму предупредила дека не смееме да бидеме пријатели со овој свет со кој владее Сатана (Јаков 4:4).
9, 10. а) Кои световни работи поттикнуваат неисправна сексуална желба? б) Како е можно да се препознае кој стои зад она за што учи светската забава?
9 Апостол Јован поттикнал: „Не сакајте го светот и сѐ што е во него“. Исто така рекол: „Сѐ што е во светот — похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет“ (1. Јованово 2:15, 16). Размисли за ова. Што е тоа во светот што поттикнува неисправна желба, да речеме, недозволен секс? (1. Солунјаните 4:3-5). Како е со поголемиот дел од светската музика? Во Калифорнија, една жена полицаец за присмотра на условно ослободени, рекла: „Воглавно, музиката те учи дека не треба да ги слушаш твоите родители и дека треба да живееш онака како што сакаш ти“. Дали препознаваш откаде извира учењето што го нуди таквата музика?
10 Запомни дека Сатана всушност на Ева ѝ рекол: ‚Ти пропушташ нешто. Живеј како што сакаш ти. Одлучувај самата што е добро а што зло. Не мораш да го слушаш Бог‘ (1. Мојсеева 3:1-5). Нели е тоа истиот вид порака што се наоѓа во поголемиот дел од денешната музика? Но демоните не поучуваат само преку музиката. Тие ги користат и комерцијалните телевизиски програми, филмови и видеофилмови за да шират свои учења. Како тоа? Па, средствата за комуникација од светот прикажуваат забава која ги прави Божјите учења да изгледаат ограничувачки. Тие застапуваат блуд така што сѐ повеќе го нагласуваат и прикажуваат како нешто пожелно.
11. Честопати, што учи телевизијата во морален поглед?
11 Списанието U.S.News & World Report навело: „Во 1991, три [американски] ТВ мрежи прикажаа преку 10.000 случаи на секс во ударното време; на секоја сцена која прикажуваше полно општење помеѓу венчани партнери, ТВ мрежите прикажаа 14 сцени на вонбрачен секс“. Ако за една година во ударното време се прикажат преку 9.000 случаи на недозволен секс, што би рекол ти дека учи телевизијата? Бери С. Саполски, коавтор на извештајот „Секс на телевизија во ударното време: 1979 наспроти 1989“, тврди: „Ако еден адолесцент со години гледа ТВ каде што луѓето се впуштаат во флертувачко или отворено сексуално однесување, овие илјадници ликови низ годините ќе научат дека сексот е пријатен — и нема никакви последици“. Без сомнение: Светската забава ги учи младите дека нема правила, дека блудот е прифатлив и дека нема лоши последици ако живееш на начин којшто Бог го осудува (1. Коринтјаните 6:18; Ефесјаните 5:3-5).
12. Зошто светската забава претставува опасност особено за младите христијани?
12 Светската музика, видеото и телевизијата се наменети да ги привлечат младите луѓе. Тие ги пропагираат расипаните учења на демоните! Но дали треба ова да изненади? Размисли за следново. Ако лажната религија и политиката се дел од Сатановиот свет — а очигледно дека се — дали има некаква смисла да веруваме дека забавата што ја унапредува светот е ослободена од демонско влијание? Вие млади треба особено да внимавате „светот околу вас да не ве набие во својот калап“ (Римјаните 12:2, The New Testament in Modern English, од Џ. Б. Филипс).
Испитај се себеси
13. Какво самоиспитување треба да направиме?
13 Работата околу тоа чии учења слушаш не се одредува само со твојот говор туку и со твоите дела (Римјаните 6:16). Затоа, запрашај се: ‚Дали мојот став и мојот начин на живот се неоправдано под влијание на она што го учам преку средствата на светската пропаганда? Дали можеби учењата на демоните продираат во мојот живот?‘ За да ти помогнеме да одговориш на овие прашања, зошто не го споредиш износот на времето и напорите што ги вложуваш за проучување на Библијата, посетувањето на христијанските состаноци и разговарањето со другите за Божјето Царство со времето што го минуваш пред телевизорот, во слушање музика, учествување во твојот омилен спорт или ангажирање во слични активности? Бидејќи толку многу — поправо, самиот твој живот — е на коцка, направи едно чесно самоиспитување (2. Коринтјаните 13:5).
14. Што ќе влијае врз нашето духовно здравје, и која отрезнувачка мисла треба да ја имаме на ум?
14 Секако си свесен дека материјалната храна што ја јадеш влијае врз твоето телесно здравје. На сличен начин, врз твоето духовно здравје влијае она со што го храниш твојот ум и срце (1. Петрово 2:1, 2). Ти можеш да се мамиш себеси во поглед на тоа кои се твоите вистински интереси, но не можеш да го мамиш нашиот Судија, Исус Христос (Јован 5:30). Затоа, запрашај се: ‚Кога би бил Исус на Земјата, дали јас би се срамел да ми влезе во собата и да ја слушне мојата музика или да види што гледам на ТВ?‘ Отрезнувачки факт е дека Исус навистина ги гледа и ги знае нашите дела (Откровение 3:15).
Спротивстави им се на учењата на демоните
15. Зошто треба христијаните силно да се борат за да се спротивставиме на учењата на демоните?
15 Притисокот што го вршат демоните врз младите да ги следат нивните учења е огромен. Овие зли духови како да нудат живот на моментални уживања — живот на забава и задоволство. Со цел да му угоди на Бог, Мојсеј од старо време ја отфрлил ‚преодната гревовна наслада‘ како угледен член на фараоновото домаќинство (Евреите 11:24-27). Не е лесно да се отфрли она што демоните го нудат, и затоа мораш силно да се бориш да го правиш она што е исправно. Ова е особено така затоа што сме наследиле грев и нашите срца често копнеат да го прават она што е лошо (1. Мојсеева 8:21; Римјаните 5:12). Поради грешните склоности, дури и апостол Павле морал да биде жесток со себеси и да не им дозволи на своите телесни желби да господарат со него (1. Коринтјаните 9:27; Римјаните 7:21-23).
16. Како можат младите да се спротивстават на притисоците да се впуштат во неморално однесување?
16 Иако може да бидеш искушуван да ‚одиш со мнозинството на зло‘, Бог може да ти помогне да му се спротивставиш на притисокот од твоите врсници да одиш по нивниот погрешен пат (2. Мојсеева 23:2; 1. Коринтјаните 10:13). Но ти мораш да ги слушаш Божјите упатства и да ја чуваш неговата реч во своето срце (Псалм 118:9, 11). Мораш да сфатиш дека кога младите луѓе се изолираат, сексуалната желба може да се засили и да доведе до кршење на Божјиот закон. „Кога сум насамо со мојот дечко, телото ми сака едно а мозокот ми вели друго“ — признала една младинка. Затоа, утврди ги своите граници и сфати дека срцето е предавничко (Јеремија 17:9). Не се изолирај (Изреки 18:1, НС). Постави граници на изразите на наклоност. А што е особено важно, дружи се блиску само со оние кои го љубат Јехова и кои имаат длабоко почитување спрема неговите закони (Псалм 118:63; Изреки 13:21; 1. Коринтјаните 15:33, НС).
17. Што може да им помогне на младите христијани да добијат сила за да им се спротивстават на учењата на демоните?
17 Внимателното проучување на христијанските публикации наменети за твое духовно зајакнување ќе ти помогне. На пример, разгледај ги статиите во Стражарска кула и Разбудете се! и поглавјето „Борба да се прави она што е исправно“ во книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата. Нека таа библиска поука длабоко се вреже во твојот ум и срце, и тоа ќе те зајакне. Фактот што никогаш не смееш да го заборавиш е дека во овој свет што е под контрола на демоните не е лесно да се прави она што е исправно. Затоа, бори се упорно (Лука 13:24). Зајакнувај ја твојата духовна сила. Не ги имитирај слабаците, плашливите, кои го следат мнозинството.
Корист од божествената поука
18. Кои се некои користи ако се слуша божествената поука?
18 Запомни, исто така, дека нема никогаш да изгубиш нешто вредно ако ги слушаш Јеховините учења. Тој навистина те сака и затоа „те учи на добро“ (Исаија 48:17). Затоа, слушај го Јеховиното учење и избегни ја тагата на разорена совест, губење на самопочит, несакана бременост, сексуално преносливи болести или слични трагедии. Јехова се радува кога неговите слуги му даваат одговор на Сатановиот предизвик дека луѓето нема да му останат верни на Бог под испит (Јов 1:6-12). Ако го израдуваш Јеховиното срце така што ќе му бидеш верен, ти ќе преживееш кога тој ќе изврши неповолна осуда врз овој свет, додека сите оние кои се потсмеваат на неговите закони ќе изгинат (Изреки 27:11; 1. Коринтјаните 6:9, 10; 1. Јованово 2:17).
19. Каква е користа ако се дружиш со оние кои ги ценат користите од Јеховината поука?
19 Ако тесно се дружиш со оние кои го ценат она што Јехова го сторил за нив, можеш да учиш од нивното искуство. Една жена која порано била оддадена на дроги и која практицирала неморал, објаснила: „Да не го слушав Јехова, ќе бев мртва. Оној со кого требаше да се омажам умре од СИДА. Сите мои некогашни световни блиски пријатели умреа од СИДА или се на пат да умрат. Често ги гледам на улица, и му благодарам на Јехова секој ден за неговите закони кои го управуваат неговиот народ и кои ќе нѐ зачуваат свети доколку ги применуваме. Никогаш во мојот живот не сум била толку среќна, задоволна и сигурна“. Навистина, слушањето на Јеховиното учење секогаш ни користи!
Донеси исправна одлука
20, 21. а) Кои два избора ги имаат младите? б) Која трајна корист ќе произлезе ако ја слушаме божествената поука?
20 Ве поттикнуваме вас младите: Донесете исправна одлука така што ќе му служите на Јехова. Потоа, бидете решени да се држите за таа одлука (Исус Навин 24:15). Всушност, можеш да донесеш само една од две одлуки. Исус рекол дека постои широк и простран пат — полесниот пат каде што можеш да го правиш она што ти е мило. Тој пат води во смрт, во уништување. Другиот пат е стеснет. Тоа е пат по кој тешко се патува во овој распуштен свет што е под контрола на демоните. Но оние кои одат по него, тој пат на крајот ќе ги одведе во Божјиот прекрасен нов свет (Матеј 7:13, 14). По кој пат ќе тргнеш ти? Чие учење ќе го слушаш?
21 Изборот Јехова ти го препушта тебе. Тој не се обидува да те присили да му служиш. „Живот и смрт ти предложив јас“ — рекол Божјиот пророк Мојсеј, и поттикнал: „Избери го животот“. Овој избор ќе го направиш „ако Го сакаш Господа, твојот Бог, ако го слушаш гласот Негов и ако се приврзеш кон Него“ (5. Мојсеева 29:2; 30:19, 20). Мудро избери да ја слушаш божествената поука и да се радуваш на бескраен живот во Божјиот славен нов свет.
Како би одговорил?
◻ Кои се демоните, и што учат тие?
◻ Како ги унапредуваат демоните своите учења денес?
◻ Како е можно да им се спротивставиш на учењата на демоните?
◻ Какви се користите ако ги слушаш учењата на Јехова?
[Слика на страница 16]
Пред Потопот, непослушните ангели и нивните потомци унапредувале насилство и разузданост
[Слика на страница 18]
Дали би се засрамил кога Исус би ја слушнал твојата омилена музика?