Дали му се спротивставуваш на духот на светот?
„Ние не го примивме духот од овој свет, туку Духот, Кој иде од Бога“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 2:12).
1, 2. Каква трагедија со отровен гас се случила во Бопал (Индија), но каков поопасен „гас“ се вдишува ширум светот?
ВО ЕДНА студена декемвриска ноќ во 1984, во Бопал (Индија), се случи нешто шокантно. Градот има хемиска постројка и во таа декемвриска ноќ, на еден од резервоарите за гас не му функционираше еден вентил. Наеднаш, тони од метил изоцијанат се испуштија во воздухот. Носен од ветрот, овој смртоносен гас се надви над куќите и над семејствата кои спиеја. Оние кои умреа броеја на илјадници, а многу повеќе беа осакатени. Тоа беше најголемата индустриска несреќа дотогаш.
2 Луѓето жалеа кога слушнаа за Бопал. Иако е опасен, гасот што се испушти уби многу помалку луѓе во однос на оние кои во духовна смисла се убиени од „гасот“ којшто луѓето ширум светот секојдневно го вдишуваат. Библијата го нарекува ‚духот на светот‘. Тоа е онаа смртоносна атмосфера која апостол Павле ја споредил со духот од Бог кога рекол: „Ние не го примивме духот од овој свет, туку Духот, Кој иде од Бога, за да Го знаеме она, што ни е дарувано од Бога“ (1. Коринтјаните 2:12).
3. Што е ‚духот на светот‘?
3 Што е точно ‚духот на светот‘? Според The New Thayer’s Greek-English Lexicon of the New Testament (Новиот Тајеров грчко-англиски лексикон на Новиот Завет), главното значење на зборот „дух“ (грчки: pneuma) е „расположението или влијанието кое ја исполнува и управува душата на секого“. Човек може да има добар или лош дух, односно расположение (Псалм 50:10; 2. Тимотеј 4:22). Една група луѓе може исто така да има дух, или преовладувачко расположение. Апостол Павле му напишал на својот пријател Филемон: „Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вашиот дух“ (Филемон Фм 25 24). На сличен начин — но во многу поголема мерка — светот воопшто има свое преовладувачко расположение, а тоа е ‚духот на светот‘ на кој се осврнал Павле. Според Винсентовите Word Studies in the New Testament (Студии на зборови од Новиот Завет), „фразата го претставува начелото на злото кое го мотивира расипаниот свет“. Тоа е грешната склоност која го проникнува размислувањето на овој свет и која силно влијае на начинот на кој луѓето постапуваат.
4. Кој е изворот на духот на светот, и какво влијание има овој дух врз луѓето?
4 Овој дух е отровен. Зошто? Затоа што потекнува од „кнезот на овој свет“, Сатана. Всушност, тој е наречен „кнезот на воздухот, односно . . . духот, кој сега дејствува во синовите на неверието“ (Јован 12:31; Ефесјаните 2:2). Тешко е да се избегне овој „воздух“, односно ‚дух, кој сега дејствува во синовите на неверието‘. Го има насекаде во човечкото општество. Ако го вдишуваме, почнуваме да ги прифаќаме неговите ставови, неговите цели. Духот на светот охрабрува да се ‚живее по тело‘, то ест, според нашата грешна несовршеност. Тоа води во смрт, ‚бидејќи, ако живееме по телото, ќе умреме‘ (Римјаните 8:13).
Да се избегнува духот на овој свет
5. Како реагирал мудро еден Сведок за време на несреќата во Бопал?
5 За време на несреќата во Бопал, еден Сведок на Јехова го разбудиле сирените и остриот мирис на отровниот гас. Без одлагање го разбудил семејството и брзо ги одвел надвор на улица. Откако застанал за момент за да почувствува откаде дува ветерот, си пробил пат низ збунетите толпи и го одвел семејството на врвот од една височинка надвор од градот. Таму можеле да ги наполнат своите бели дробови со свеж, чист воздух што дувал од блиското езеро.
6. Каде можеме да одиме за да го избегнеме духот на светот?
6 Дали има некакво возвишено место каде што можеме да одиме за да побегнеме од отровниот „воздух“ на овој свет? Библијата вели дека има. Исчекувајќи го нашето време, пророкот Исаија напишал: „Во последните денови гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи. Ќе тргнат многу народи и ќе речат: ‚Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бога Јаковов; Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим — словото Господово‘“ (Исаија 2:2, 3). Возвишеното место на чисто обожавање, воздигнатата ‚гора на домот Господов‘, е единственото место на планетава коешто е ослободено од задушливиот, отровен дух на овој свет. Таму духот на Јехова слободно тече помеѓу верните христијани.
7. Како се спасени мнозина од духот на светот?
7 Мнозина кои порано го вдишувале духот на овој свет се радувале на ослободување слично на она што го доживеал тој Сведок во Бопал. Апостол Павле, откако зборувал за „синовите на неверието [на непослушноста, НС]“ кои го вдишуваат воздухот, односно духот на овој свет, вели: „Меѓу кои и ние сите некогаш живеевме според телесните желби, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите, и по природа бевме како и другите, чеда на гневот, — но Бог, богат со милост, поради големата Си љубов, со која нѐ засака, . . . нѐ оживе со Христа“ (Ефесјаните 2:3-5). Оние кои не вдишуваат ништо друго освен затруениот воздух од овој систем на ствари, се мртви во духовна смисла. Но, благодарение на Јехова, милиони денес бегаат кон духовното возвишение и се избавуваат од таа фатална состојба.
Како се манифестира „духот на светот“
8, 9. а) Што покажува дека мораме постојано да бидеме будни против духот на светот? б) Како би можел Сатановиот дух да нѐ расипе?
8 Смртоносниот Сатанов воздух сѐ уште нѐ опкружува. Мораме да бидеме будни и никогаш да не се лизнеме удолу, назад во светот, можеби така што ќе бидеме духовно задушени. Тоа изискува постојана будност (Лука 21:36; 1. Коринтјаните 16:13, Ст). Размисли, на пример, за следниов факт. Сите христијани се запознаени со Јеховините мерила за морал и никогаш не би се сложиле дека таквите нечисти обичаи како што се прељуба, блуд и хомосексуалност, се прифатливи. Па сепак, секоја година околу 40.000 поединци се исклучени од Јеховината организација. Зошто? Во многу случаи, поради истите овие нечисти навики. Како може да се случи тоа?
9 Затоа што сите ние сме несовршени. Телото е слабо, и мораме постојано да се бориме против грешни склоности кои излегуваат на површина во нашето срце (Проповедник 7:20; Јеремија 17:9). Но, овие грешни склоности се поттикнати од духот на светот. Многумина во овој свет не гледаат ништо лошо во неморалот, а идејата дека сѐ е дозволено е дел од умствената склоност на Сатановиот систем на ствари. Бидејќи, ако се изложиме на такво размислување, постои голема веројатност да почнеме да размислуваме како светот. Наскоро, таквите нечисти мисли можат да создадат погрешни желби кои ќе завршат со сериозен грев (Јаков 1:14, 15). Би одлутале од гората на Јеховиното чисто обожавање надолу кон загадените низини на Сатановиот свет. Ниеден кој намерно останува таму, нема да наследи вечен живот (Ефесјаните 5:3-5, 7).
10. Кое е едно манифестирање на Сатановиот воздух, и зошто треба христијаните да го избегнуваат?
10 Духот на светот е видлив насекаде околу нас. На пример, многумина на животот му пристапуваат со несериозен, саркастичен став. Разочарани од расипаните или неспособни политичари, како и од неморалните, алчни верски водачи, тие говорат со непочитување дури и за сериозните работи. Христијаните се спротивставуваат на ваквата тенденција. Иако можеме да имаме здрава смисла за хумор, избегнуваме да внесуваме во собранието саркастичен дух на непочитување. Говорот на еден христијанин одразува страв од Јехова и чистота на срцето (Јаков 3:10, 11; спореди Изреки 6:14). Сеедно дали сме млади или стари, нашиот говор треба ‚секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаеме како треба на секого да му одговараме!‘ (Колосјаните 4:6).
11. а) Кој е вториот аспект на духот на светот? б) Зошто се поинакви христијаните од оние кои го одразуваат овој аспект?
11 Друга вообичаена склоност која го одразува духот на овој свет е омразата. Светот е растргнат со омраза и кавги заради расни, етнички, национални, па дури и лични разлики. Колку се само подобри работите таму каде што дејствува Божјиот дух! Апостол Павле напишал: „Никому не враќајте зло за зло, а размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе. Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: ‚Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам — вели Господ‘. И така, ако непријателот твој е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го; оти, правејќи го тоа, ти ќе му натрупаш жар на главата негова. Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро“ (Римјаните 12:17-21).
12. Зошто христијаните избегнуваат материјализам?
12 Духот на овој свет стимулира и материјализам. Охрабрени од комерцијалниот свет, мнозина се опседнати со најновите направи, последната мода или најновиот модел на автомобил. Заробени се од „желбата на очите“ (1. Јованово 2:16). Повеќето својот успех во животот го мерат со големината на нивната куќа или на банковната сметка. Христијаните кои вдишуваат чист духовен воздух на возвишената гора на Јеховиното чисто обожавање, се спротивставуваат на оваа склоност. Тие знаат дека одлучното тежнеење по материјални работи може да биде погубно (1. Тимотеј 6:9, 10). Исус ги потсетил своите ученици: „Животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот“ (Лука 12:15).
13. Кои се некои додатни манифестирања на духот на овој свет?
13 Постојат и други манифестирања на нездравиот „воздух“ на овој свет. Едно од нив е духот на побуна (2. Тимотеј 3:1-3). Дали си забележал дека многу луѓе повеќе не соработуваат со властите? Дали си го набљудувал на твоето работно место раширениот обичај да не се работи ако никој не гледа? Колку луѓе познаваш кои ги прекршиле законите — можеби мамеле во нивните даноци или краделе од работното место? Ако сѐ уште одиш на училиште, дали некогаш си бил обесхрабрен да го дадеш најдоброто од себе затоа што твоите сокласници гледаат со презир на оние кои се успешни во школувањето? Сево ова се манифестирања на духот на светот на коишто христијаните мораат да им се спротивставуваат.
Како да му се спротивставиме на духот на овој свет
14. На кои начини се разликуваат христијаните од нехристијаните?
14 Но, како можеме да му се спротивставиме на духот на светот кога всушност живееме во светот? Мораме да запомниме дека без оглед на тоа каде живееме физички, во духовен поглед не сме дел од светот (Јован 17:15, 16). Нашите цели не се исти како целите на овој свет. Нашето гледиште за работите е поинакво. Ние сме духовни луѓе кои говорат и размислуваат „не со зборови какви што учи човечката мудрост, туку со зборови какви што учи Духот, изразувајќи ги духовните стварности со духовни поими“ (1. Коринтјаните 2:13, Ст).
15. Како можеме да му се спротивставиме на духот на светот?
15 Што би можело да стори некое лице ако се најде во подрачје загадено со отровен гас? Би можело или да си стави гас-маска прицврстена за резервоар со чист воздух или би можело физички да се оддалечи од подрачјето. Начинот да се избегне Сатановиот воздух претставува комбинација од овие два метода. Колку што е можно, се трудиме физички да се оддалечиме од сѐ она што би му овозможило на духот на светот да влијае на нашето размислување. Затоа, избегнуваме лошо друштво и не се изложуваме на каков и да е вид забава која унапредува насилство, неморал, спиритизам, бунт или било какво друго дело на телото (Галатјаните 5:19-21). Но, бидејќи живееме во светот, не можеме во потполност да избегнеме да се изложуваме на овие работи. Затоа, постапуваме мудро ако се приклучиме на духовен резервоар со чист воздух. Ги полниме нашите духовни бели дробови, така да се каже, со редовното присуство на состаноците, личната студија, христијанската активност и дружење и молитва. На овој начин, ако нешто од Сатановиот воздух продре во нашите духовни бели дробови, Божјиот дух нѐ јакне да го отфрлиме (Псалм 16:1-3; Изреки 9:9; 13:21; 19:20, НС; 22:18).
16. Како даваме доказ дека имаме Божји дух?
16 Божјиот дух го претвора христијанинот во личност која се истакнува како поинаква од оние кои се дел од овој свет (Римјаните 12:1, 2). Павле рекол: „Плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста. Против такви нема закон“ (Галатјаните 5:22, 23). Божјиот дух исто така му дава на христијанинот подлабоко разбирање на работите. Павле рекол: „Божјото [Божјите работи, НС] не го знае никој, освен Божјиот Дух“ (1. Коринтјаните 2:11). Воглавно, „Божјите работи“ вклучуваат такви вистини како што се откупната жртва, Божјето Царство под Исуса Христа, надежта за вечен живот и претстојното отстранување на овој зол свет. Со помошта на Божјиот дух, христијаните ги знаат и ги прифаќаат овие работи како вистина, а тоа прави да имаат поинакво гледиште за животот од луѓето од светот. Тие се задоволни што можат да најдат радост во служењето на Јехова сега, со изгледот во иднина да му служат во вечност.
17. Кој дал најголем пример во спротивставувањето на духот на светот, и како?
17 Исус бил најголем пример за оние кои му се спротивставуваат на духот на овој свет. Набргу по Исусовото крштение, Сатана се обидел да го одврати од служењето на Јехова така што му понудил три искушенија (Матеј 4:1-11). Последното ја вклучувало можноста Исус да добие владетелство над целиот свет по цената на еден единствен чин на обожавање на Сатана. Исус можел да си резонира: ‚Па, ќе направам чин на обожавање, и откако ќе постигнам владетелство над светот, ќе се покајам и ќе се вратам да го обожавам Јехова. Како владетел на светот, ќе бидам во многу подобра позиција да му бидам од корист на човештвото отколку сега како дрводелец од Назарет‘. Исус не резонирал така. Бил спремен да чека додека Јехова не му даде владетелство над светот (Псалм 2:8). Во таа и во сите други прилики во неговиот живот, се спротивставувал на отровното влијание на Сатановиот воздух. На тој начин, го победил овој духовно загаден свет (Јован 16:33).
18. Како му донесуваме фалба на Бог со нашето спротивставување на духот на светот?
18 Апостол Петар рекол дека треба тесно да ги следиме Исусовите стапки (1. Петрово 2:21). Каков подобар пример би можеле да имаме? Во овие последни денови, под влијание на духот на светот, луѓето се спуштаат сѐ пониско и пониско во расипаност. Колку прекрасно нешто е што среде еден ваков свет, возвишеното место на Јеховиното обожавање се истакнува како чисто и неизвалкано! (Михеј 4:1, 2). Секако, моќта на Божјиот дух се гледа по тоа што милиони се движат кон Божјето место на обожавање, додека му се спротивставуваат на духот на овој свет којшто проникнува сѐ и му донесуваат чест и фалба на Јехова! (1. Петрово 2:11, 12). Нека сите ние бидеме одлучни да останеме на тоа возвишено место сѐ додека Јеховиниот помазан Цар не го отстрани овој зол свет и го фрли в бездна Сатана Ѓаволот и неговите демони (Откровение 19:19–20:3). Тогаш, духот на овој свет повеќе нема да постои. Какво благословено време ќе биде тоа!
Можеш ли да објасниш?
◻ Што е духот на светот?
◻ Како влијае тој врз поединци?
◻ Кои се некои манифестирања на духот на светот, и како можеме да ги избегнеме?
◻ Како покажуваме дека имаме Божји дух?
◻ Какви благослови добиваат оние кои му се спротивставуваат на духот на светот?
[Слика на страници 16 и 17]
Духот на светот потекнува од Сатана
За да го избегнеш духот на светот, бегај на Јеховиното возвишено место на обожавање