Млади — спротивставете му се на духот на светот
„Ние не го примивме духот на овој свет, туку Духот, Кој иде од Бога“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 2:12).
1, 2. а) Каков контраст може да се види меѓу младите луѓе во светот и младите во собранијата на Јеховините сведоци? б) Каква срдечна пофалба може да им се даде на повеќето млади Сведоци?
„НАШАТА помлада генерација е потиштена, отфрлена и се бунтува.“ Ова го изјавил австралискиот весник The Sun-Herald. Тој додал: „Судските записи покажуваат 22-процентен пораст [во однос на претходната година] на бројот на малолетници кои излегле на суд заради сериозен напад . . . Децата се самоубиваат со стапка која е трипати поголема во однос на онаа од средината на 1960-тите . . . а генерацискиот јаз стана вистинска провалија во која сѐ поголем број млади луѓе тонат во заборавот на дрогата, алкохолот и самоистребувањето“. Меѓутоа, оваа ситуација не е ограничена само на една земја. Родителите, наставниците и стручњаците за ментално здравје ширум светот се жалат на состојбата на младите.
2 Каков само драматичен контраст постои меѓу повеќето денешни младинци и во морален поглед здравите млади во собранијата на Јеховините сведоци! Тоа не значи дека тие се совршени. И тие водат своја борба со „желбите на младоста“ (2. Тимотеј 2:22). Но, како група, овие млади зазеле храбар став за она што е исправно и одбиваат да попуштат на светските притисоци. Ние од сѐ срце ве пофалуваме сите вас млади кои победувате во војната против сатанските „подмолни дела“! (Ефесјаните 6:11, фуснота NW). Слично на апостол Јован, и ние сме поттикнати да прокоментираме: „Ви напишав вам, момчиња [и девојчиња] зашто сте силни, и словото Божјо пребива во вас, па го победивте лукавиот“ (1. Јованово 2:14).
3. Што може да значи зборот „дух“?
3 Сепак, за и понатаму да победувате во битката против лукавиот, морате енергично да се спротивставувате на она што Библијата го нарекува „духот на овој свет“ (1. Коринтјаните 2:12). Според еден авторитет за грчки јазик, „дух“ може да значи „склоност или влијание кое ја исполнува душата на секој човек и владее со неа“. На пример, доколку забележиш дека некој е нерасположен, тогаш би можел да кажеш дека тој има лош „дух“. Твојот „дух“, расположение или умствена склоност влијае врз изборот кој го правиш; ги води твоите постапки и твојот говор. Интересно е тоа што како поединци така и групи можат да покажуваат некаков „дух“. На една група христијани апостол Павле им напишал: „Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вашиот дух“ (Филемон 24). Каков всушност дух покажува овој свет? Со оглед на тоа што „целиот свет лежи во зло [во моќта на злобниот, NW]“, Сатана Ѓаволот, не е можно духот на светот да биде здрав, зарем не? (1. Јованово 5:19).
Да се идентификува светскиот дух
4, 5. а) Кој дух влијаел врз оние од ефеското собрание пред да станат христијани? б) Кој е ‚кнез на власта на воздухот‘, и што е „воздухот“?
4 Павле напишал: „И вас [Бог ве оживе, NW], кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови, во кои живеевте некогаш според животот на овој свет, согласно со кнезот [на власта, NW] на воздухот, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на неверието [непослушноста, NW], меѓу кои и ние сите некогаш живеевме според телесните желби, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите, и по природа бевме како и другите, чеда на гневот“ (Ефесјаните 2:1—3).
5 Пред да научат за христијанскиот пат, христијаните во Ефес незнаејќи биле следбеници на „кнезот на власта на воздухот“, Сатана Ѓаволот. Тој ‚воздух‘ не е некое дословно место каде што живеат Сатана и демоните. Кога Павле ги напишал овие зборови, Сатана Ѓаволот и неговите демони сѐ уште имале пристап на небото. (Спореди Јов 1:6; Откровение 12:7—12.) Зборот ‚воздух‘ го означува духот, односно умствениот став кој доминира во сатанскиот свет. (Спореди Откровение 16:17—21.) Како и воздухот околу нас, овој дух го има насекаде.
6. Што е „власта на воздухот“, и како се покажува кај многу млади?
6 Но, што е „власта на воздухот“? Веројатно со ова се укажува на длабокото влијание кое го има овој ‚воздух‘ врз луѓето. Павле рекол дека овој дух „дејствува во синовите на непослушноста“. Значи, духот на светот раѓа дух на непослушност и бунтовност, а притисокот на врсниците е еден начин на кој се покажува оваа власт. „Кога си на училиште“, вели едно девојче Сведок, „секој секогаш те охрабрува да бидеш малку бунтовен. Децата повеќе те почитуваат ако правиш нешто што е на границата.“
Како се покажува светскиот дух
7-9. а) Наведи некои начини на кои светскиот дух се покажува кај младите луѓе денес. б) Дали си забележал некои од овие работи во твојата околина?
7 Кои се некои од начините на кои се покажува духот на светот кај денешните млади? Нечесноста и бунтовноста. Извештајот од едно списание навел дека повеќе од 70 проценти од студентите кои се на факултет рекле дека препишувале во текот на средното училиште. Дрскиот, саркастичниот и нечистиот говор се исто така раширени. Точно, за да изразат праведна огорченост, Јов и апостол Павле повремено употребувале нешто што некои би можеле да го сметаат за сарказам (Јов 12:2; 2. Коринтјаните 12:13). Меѓутоа, суровиот сарказам што се слуша од устата на многу млади луѓе честопати е еднаков на вербална навреда.
8 Претерувањето во рекреацијата е уште еден начин на кој се покажува светскиот дух. Младинските ноќни клубови, лудата забаваa и другите облици на лумпување се популарни меѓу младите луѓе. Крајностите во облекувањето и дотерувањето исто така изобилуваат. Од „хип-хоп“ стиловите со преголем број па сѐ до шокантните модни лудила, како што е бушење по телото, многу од денешните млади се поистоветуваат со светскиот бунтовен дух. (Спореди Римјаните 6:16.) Преокупацијата со материјални работи е еден друг начин на кој се покажува овој дух. Според еден образовен журнал, „продавачите на секој чекор ги бомбардираат децата со страшен арсенал техники и цел асортиман производи“. До времето кога ќе матурираат во средното училиште, младите во Соединетите Држави ќе бидат изложени на 360.000 ТВ огласи. Можеби и твоите врсници вршат врз тебе притисок за купување. Една 14-годишна девојка вели: „Секој секогаш прашува: ‚Каква марка ти е џемперот, палтото или фармерките?‘“
9 Од библиските времиња па наваму, нездравата музика била алатка на Сатана за да стимулира нечисто однесување. (Спореди 2. Мојсеева 32:17—19; Псалм 68:12; Исаија 23:16.) Тогаш не е за изненадување тоа што е популарна музиката со сексуално заводливиот — ако не и експлицитен — текст, грубост и диво, возбудливо темпо. И уште еден начин на кој се покажува нечистиот дух на овој свет е сексуалниот неморал (1. Коринтјаните 6:9—11). The New York Times известува: „За многу тинејџери сексот станал речиси еден вид ритуал за да преминат во возрасни . . . Повеќе од две третини од матурантите имале сексуален однос“. Една статија во The Wall Street Journal навела докази дека децата на возраст од 8 до 12 години „сексуално стануваат сѐ поактивни“. Еден неодамна пензиониран школски советник вели: „Веќе гледаме по неколку бремени девојчиња од шесто одделение“.b
Да се отфрли светскиот дух
10. Како некои млади од христијански семејства подлегнале на светскиот дух?
10 Трагично е тоа што некои христијански младинци подлегнале на светскиот дух. „Пред родителите и сохристијаните покажував добар став“, признава една девојка од Јапонија. „Но, водев и друг живот.“ Една младинка од Кенија вели: „Некое време водев двоен живот кој вклучуваше забави, рок музика и погрешни пријатели. Знаев дека тоа не е во ред, но се обидував да го игнорирам, надевајќи се дека со текот на времето едноставно ќе исчезне. Но, не исчезна. Работите само се влошија“. Една друга младинка од Германија вели: „Сѐ започна со тоа што имав погрешни пријатели. Потоа почнав да пушам. Сакав да ги повредам моите родители, но се повредив само себеси“.
11. Како Халев можел да се спротивстави да изрази согласност со мноштвото кога десетте шпиони донеле лош извештај?
11 Сепак, можно е да се спротивставиме, да, да го отфрлиме светскиот дух. Размисли за древниот пример на Халев. Кога десетте страшливи шпиони се вратиле со лош извештај за Ветената земја, тој, заедно со Исус Навин, одбил да биде заплашен и да се согласи со мноштвото. Тие храбро изјавиле: „Земјата, што ја изодивме, за да ја разгледаме, е многу, многу добра. Ако Господ нѐ сака, ќе нѐ воведе во неа и ќе ни ја даде — таа земја, каде што тече мед и млеко“ (4. Мојсеева 14:7, 8). Што му овозможило на Халев смело да застане наспроти целиот тој притисок? Јехова за Халев рекол: „Во него имаше друг дух“ (4. Мојсеева 14:24).
Да се покажува „друг дух“
12. Зошто е важно да се покажува „друг дух“ во однос на говорот?
12 Денес е потребна храброст и сила за да се покаже „друг дух“, или умствен став — дух кој е поинаков од оној на светот. Еден начин на кој можеш да го правиш тоа е ако избегнуваш саркастичен, неучтив говор. Интересно е тоа што зборот „сарказам“ е изведен од еден грчки глагол кој дословно значи „да се раскинува месо како што тоа го прават кучињата“. (Спореди Галатјаните 5:15.) Исто како што едно куче може со забите да го откине месото од некоја коска така и саркастичниот „хумор“ може да ги лиши другите од нивното достоинство. Но, Колосјаните 3:8 те поттикнува да ‚отфрлиш сѐ од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста!‘ А Изреки 10:19 вели: „При многу зборување не се избегнува гревот, а разумен ќе бидеш ако ја воздржуваш устата своја“. Ако некој те навреди, имај самосовладување да ‚го завртиш и другиот образ‘ можеби со тоа што смирено и мирољубиво ќе разговараш насамо со оној кој те навредил (Матеј 5:39; Изреки 15:1).
13. Како можат младите да покажат урамнотежено гледиште за материјалните работи?
13 Еден друг начин на кој се покажува „друг дух“ е да се задржи урамнотежено гледиште за материјалните работи. Секако, сосема е природно да сакаш да имаш убави работи. И самиот Исус Христос очигледно поседувал најмалку една квалитетна облека (Јован 19:23, 24). Меѓутоа, кога поседувањето станува опсесија и постојано ги молиш родителите да купиш работи кои реално не можат да си ги допуштат, односно кога само сакаш да ги имитираш другите млади, тогаш светскиот дух можеби има поголема власт над тебе отколку што ти мислиш. Библијата вели: „Сѐ што е во светот — похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет“ Да, не се предавај на власта на светскиот материјалистички дух! Научи да бидеш задоволен со она што го имаш (1. Јованово 2:16; 1. Тимотеј 6:8—10).
14. а) Како Божјиот народ во времето на Исаија покажал неурамнотежено гледиште во врска со рекреацијата? б) На какви опасности наишле некои христијански млади во ноќните клубови и на дивите забави?
14 Важно е и рекреацијата да се задржи на свое место. Пророкот Исаија изјавил: „Тешко им на оние, кои од рано утро бараат сикер и до доцна вечер се згорештуваат со вино; на нивните гоштавки има и гитара, и гусла, и тимпани, и свирка и вино; а кон делата на Господа тие и не погледнуваат, ниту помислуваат за делата на Неговите раце“ (Исаија 5:11, 12). За жал, некои христијански младинци се впуштиле во слични диви забави. Кога една група христијански младинци биле замолени да опишат што се случува во младинските ноќни клубови, една млада сестра рекла: „Секогаш има тепачки. Сум се нашла среде нив“. Еден млад брат додал: „Пиење, пушење, такви работи“. Друг млад брат признал: „Луѓето се пијанат. Постапуваат како идиоти! Има и дрога. Се случуваат многу лоши работи. Ако отидеш таму и помислиш дека тоа нема да влијае врз тебе, грешиш“. Значи, Библијата со добра причина го набројува лумпувањето, т. е. „дивите забави“ како едно од „делата на телото“ (Галатјаните 5:19—21; Byington; Римјаните 13:13).
15. Кое урамнотежено гледиште за рекреацијата го дава Библијата?
15 Избегнувањето штетна рекреација нема да те осуди на несреќен живот. Ние обожаваме „среќен Бог“ (NW) кој сака да уживаш во младоста! (1. Тимотеј 1:11; Проповедник 11:9). Но, Библијата предупредува: „Кој сака веселби [„забава“, Lamsa], ќе осиромаши“ (Изреки 21:17). Да, доколку рекреацијата ја направиш најважна работа во животот, ќе осиромашиш во духовен поглед. Затоа, при изборот на рекреација следи ги библиските начела. Постојат многу начини на уживање кои можат да те изградат а не да те срушатc (Проповедник 11:10).
16. Како можат христијанските млади да покажат дека се разликуваат?
16 Покажувањето скромност во облекувањето и дотерувањето, со отфрлање на светските модни лудила, исто така ќе те означи како поинаков (Римјаните 12:2; 1. Тимотеј 2:9). А тоа ќе го направи и твојот избор на музика (Филипјаните 4:8, 9). „Имам музика за која знам дека морам да ја исфрлам“, признава една млада христијанка, „но ми звучи толку добро!“ Друг младинец признал нешто слично: „За мене музиката е стапица, бидејќи ја сакам. Доколку во неа откријам нешто погрешно, или доколку моите родители ми свртат внимание на тоа, јас навистина морам да си го присилувам умот да преземе контрола над моето срце, бидејќи во срцето ја сакам таа музика“. Млади, немојте да бидете „во незнаење за [сатанските] намери“! (2. Коринтјаните 2:11, NW). Тој ја користи музиката со цел да ги одврати младите христијани од Јехова! Во публикациите на Watch Tower има статии кои дискутираат за рап, хеви метал и алтернативен рок музика.d Меѓутоа, публикациите на Watch Tower не можат да коментираат за секој нов облик и стил на музика кои можеби ќе се појават. Затоа, морате да користите „способност на размислување“ и „проникливост“ во изборот на музиката (Изреки 2:11, NW).
17. а) Што е порнеи́а, и какви дела вклучува таа? б) Која е Божјата волја кога станува збор за моралот?
17 На крај, мораш да останеш морално чист. Библијата поттикнува: „Бегајте од блудство“ (1. Коринтјаните 6:18). Оригиналниот грчки збор за блуд, порнеи́а, укажува на секаква недозволена сексуална активност која ги вклучува гениталните органи и се извршува надвор од брачната врска. Тоа би вклучувало орален секс и намерно милување на половите органи. Извесен број христијански младинци се впуштиле во такво однесување, претпоставувајќи дека всушност не извршиле блуд. Меѓутоа, Божјата реч јасно вели: „Ова е волјата Божја: да бидете осветени, да се воздржувате од блудство, и секој од вас да знае да го пази својот сад во светост и чист“ (1. Солунјаните 4:3, 4).
18. а) Како може еден младинец да избегне да се загади со светскиот дух? б) За што ќе се дискутира во следната статија?
18 Да, со Јеховина помош можеш да избегнеш загадување од светскиот дух! (1. Петрово 5:10). Сепак, Сатана честопати ги камуфлира своите смртоносни замки, и за да се насети опасноста понекогаш е потребна вистинска проникливост. Нашата следна статија е наменета да им помогне на младите да ја развијат својата моќ на согледување.
[Фусноти]
a Игранките обично траат по цела ноќ. За повеќе информации види „Младите прашуваат — дали лудите забави се безопасни?“ во изданието на Разбудете се! од 4 август 1998.
b Деца на околу 11-годишна возраст.
c За предлози види на страници 296—303 од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори.
d Види го изданието на Стражарска кула од 15 април 1993.
Прашања за повторување
◻ Што е „духот на светот“, и како тој има „власт“ над луѓето?
◻ Кои се некои од начините на кои се покажува светскиот дух меѓу младите денес?
◻ Како можат христијанските младинци да покажат „друг дух“ во врска со говорот и рекреацијата?
◻ Како можат христијанските младинци да покажат „друг дух“ во врска со моралот и музиката?
[Слика на страница 9]
Многу младинци со своето однесување покажуваат дека се под „власта“ на светскиот дух
[Слика на страница 10]
Биди селективен при изборот на музика
[Слика на страница 11]
Потребна е храброст за да му се спротивставиш на светскиот дух