Поткрепувана од Бог кој не лаже
РАСКАЖАЛА МЕРИ ВИЛИС
Последиците од светската економска криза во 1932 се осетија и во пустината на Западна Австралија. Таа година, кога имав само 19 години, Елен Дејвис и јас добивме проповедничка задача која покриваше околу 100.000 квадратни километри. Нашето појдовно место требаше да биде малечкото гратче Вилуна, околу 950 километри североисточно од нашиот дом во Перт, главниот град на Западна Австралија.
ПО ПАТОТ до таму, Елен и јас се возевме со еден љубезен кондуктер во вагонот за персоналот на возот. Кога возот ќе застанеше на секоја станица по патот, кондуктерот љубезно ќе ни кажеше колку долго ќе стоиме на станицата. Тоа ни даваше можност да слеземе и да им сведочиме на луѓето кои живееја во тие изолирани железнички населби. На крајот, пристигнавме во рударското гратче Вилуна сред песочна олуја.
Арно ама, железничката станица во Вилуна е оддалечена скоро 3 километри од центарот на градот. Со себе носевме три тешки кутии со литература и два куфера, а и двете не бевме кој знае колку јаки. Што ќе правиме? Кутијата ја обесивме на стап и секоја фати крај и така, една по една, ги пренесовме кутиите. Моравме седум пати да го поминуваме истото растојание од цели три километри за да ги пренесеме сите три кутии и куферите до градот. Застанувавме често за да одмориме бидејќи рацете многу нѐ болеа.
И покрај правот, плускавите раце и уморните нозе, и двете уживавме во предизвикот и доживувањето. И двете чувствувавме дека со нас е Јехова и дека тој нѐ поткрепува во борбата со овој суров почеток на проповедање во вакви оддалечени подрачја. После тоа го осетивме и благословот на ова наше дело бидејќи нашите напори на тоа патување резултираа во тоа едно младо момче, Боб Хорн, да ја прифати библиската вистина. Бевме среќни што Боб едно време беше во бетелската служба, а после тоа продолжи со верната служба за Јехова речиси 50 години, сѐ до својата смрт во 1982.
Проповедавме по населбите по патот од Вилуна до Џералдтон на море, во должина од преку 725 километри. Назад се враќавме оттаму до Перт. Понекогаш, ноќевавме и во празни железнички чекалници, а еднаш дури и во пласт сено покрај пругата.
Со себе носевме навлаки за перници во кои имавме спакувано домашен двопек. Нашата прехрана се состоеше главно од тоа во првата половина од патот. Некојпат оброкот ќе го заработевме така што миевме чинии или триевме со четка подови во пансиони и мензи. Другпат збиравме грашок или грав на жешкото сонце. Во покривањето на нашите трошоци придонесуваа и заинтересираните лица кои земаа библиска литература.
Она што мене лично ме зајакна да ја зачувам верата во Јехова и успешно да се борам со многуте тешки ситуации во тие времиња, беше примерот и раната поука што ми ги даде мајка ми.
Христијанско наследство
Мајка ми имаше цврста вера во Создателот и, колку што можам да се присетам на својата најрана возраст, секогаш на нас децата ни зборуваше за него. Меѓутоа, нејзината вера беше горко испитана со смртта на нашето седумгодишно братче кое загина во една несреќа на училиште. Но, место да стане огорчена на Бог, мама почна сериозно да ја истражува Библијата. Сакаше да ја дознае, доколку е можно, причината за ваквите трагедии. Нејзината потрага по библиската вистина беше наградена и таа го симболизира своето предание на вистинскиот Бог Јехова преку крштение во вода на почетокот на 1920-ите.
Оттогаш, во разговорите со нас таа често пати нагласуваше колку Божјите ветувања се сигурни. Нѐ поттикнуваше секогаш да задржиме на ум дека, без обѕир што ќе се случи, ‚Бог не лаже‘ (Тит 1:2). Како резултат на тоа, јас, сестра ми и двајцата браќа, како и нашите семејства и внуци, денес сме славители на Јехова Бог. Двата сина на сестра ми, Алан и Пол Мејсн, служат како патувачки надгледници.
Рана желба да ја ширам добрата вест
Бев слаба ученичка и училиштето го напуштив во 1926 кога имав 13 години. Сепак, развив силна желба да го споделувам со другите она што сум го дознала од Библијата. Татко ми мислеше дека јас не сум доволно образована за некому да помагам, но мајка ми рече: „Дури и ако таа на луѓето само им каже за претстојната војна Армагедон и дека кротки ќе ја населат Земјата, со тоа Божјето Царство ќе биде објавено“. Така, почнав да учествувам во проповедничкото дело од куќа до куќа на почетокот од моите тинејџерски години иако не бев крстена сѐ до 1930. Набргу после моето крштение започнав со полновременото евангелизаторско дело на подрачјето околу Перт.
Од следната година, 1931, почнавме да го употребуваме нашето ново име Јеховини сведоци. Но, многу семејства приговараа што го користиме светото Божје име и реагираа грубо. Сепак, и покрај нељубезните средби, јас продолжив во службата. Бев уверена дека Бог не лаже кога на своите слуги им ветува дека можат да ‚служат според силата која тој ја дава‘ (1. Петрово 4:11; Филипјаните 4:13).
Идентификување на „големото мноштво“
Во 1935 година добив доделба на другата страна на огромниот австралиски континент. Така, со години после тоа, служев како пионер во областа Нова Англија, во државата Нов Јужен Велс, оддалечена речиси 4.000 километри од мојот поранешен дом во Перт.
До 1935 учествував во земањето на симболите — бесквасен леб и црвено вино — на годишната Спомен-свеченост на Исусовата смрт. Иако тоа тогаш се сметаше за исправно, особено за ревните полновремени слуги, јас никогаш не бев убедена дека имам небесна надеж. Тогаш, во 1935, ни беше разјаснето дека се собира едно големо мноштво со надеж да живее вечно на Земјата. Многу од нас се израдуваа кога разбраа дека сме дел од големото мноштво и престанавме со земањето на симболи (Јован 10:16; Откровение 7:9). Библиската вистина се разболснуваше сѐ повеќе и повеќе, токму како што ветил Јехова (Изреки 4:18).
Нови методи на проповедање
Во средината на 1930-ите, во нашата служба почнавме да користиме фонографи. Така, нашите цврсти велосипеди моравме да ги опремиме и напред и назад со носачи не само за тешките фонографи туку и за плочите и торбите со литература. Морав многу да внимавам кога велосипедот ми беше претоварен бидејќи, доколку паднев, тешко ќе можев сето тоа да го подигнам сама!
Во тоа време започнавме и со информирачки маршеви, како што ги нарекувавме. Одевме по главните улици на градовите и носевме плакати, односно сендвич-плочи на кои беа испишани забележителни слогани. Оваа работа ја сметав за особен тест на верата, особено кога ме уапсија и прекуноќ ме затворија во една малечка ќелија во градот Лизмор. Беше понижувачко да бидеш изведен пред суд следниот ден без можност барем да си ја зачешлаш косата! Но, уште еднаш Јехова ме поткрепи како што ветил. Случајот беше оставен поради тоа што налогот за апсење од страна на полицаецот бил само поради тоа што натписот на плакатот којшто сум го носела ја навредувал неговата религија.
Повторно на запад
На почетокот на 1940-ите, моето пионерско проповедање ме одведе назад во гратчињата на Западна Австралија. Овде продолжив да се радувам на искуства вредни за спомен и на духовни благослови. Додека бев на доделба во Нортам, запознав една вредна домаќинка, Фло Тиминс, околу 11 километри надвор од градот. Ја зеде книгата Reconciliation и за кратко време стана предаден Сведок на Јехова Бог. Таа е сѐ уште активна во службата за Царството, а нејзината ќерка, која тогаш имаше само четири години, порасна во специјален пионер.
Но, имаше и други незаборавни искуства. Еднаш, мојата партнерка и јас го поминувавме со кочија мостот во Нортам кога одеднаш коњот почна да јури приредувајќи ни едно застрашувачко возење над дивите води на реката Авон која течеше далеку долу под нас. По околу еден километар такво возење, коњот успори.
Бракот и семејството
Во 1950, се омажив за Артур Вилис кој исто така беше долгогодишен пионер. Се сместивме во гратчето Пингели во Западна Австралија каде бевме благословени со синот Бентли и ќерката Евника. Во време кога децата го завршуваа училиштето, Артур реши повторно да стапи во пионерската служба. Добриот татков пример ги охрабри и двете деца да почнат со општата пионерска служба веднаш штом беа во можност.
Артур често пати ќе ги земеше децата на поодалечените селски подрачја за да проповедаат. Понекогаш, таму остануваа цела недела и повеќе, а ноќите ги поминуваа како кампери. Во текот на тие отсуства, јас останував дома да се грижам за семејната трговија со мебел, овозможувајќи им ним тројцата да учествуваат во пионерската служба.
Службата меѓу Абориџините
Едно утро, кога семејството штотуку се врати од едно од нивните патувања на селските подрачја, ни дојде еден неочекуван посетител. Тоа беше еден Абориџинец кој праша: „Што јас направам за мене вратат назад?“ Отпрвин бевме вчудовидени. Потоа Артур го препозна дека е еден човек кој пред многу години бил исклучен од христијанското собрание поради алкохолизам. Тој оттогаш изградил запрепастувачка репутација на тежок пијаница и направил неповратни долгови.
Артур му објасни што треба да направи за повторно да биде вратен во Јеховината чиста организација. Си замина мирно не зборувајќи многу, а ние останавме да се прашуваме што ли ќе стори. Никој од нас не го очекуваше она што се случи после неколку месеци. Промените кои тој човек ги направи беа речиси неверојатни! Не само што го решил проблемот со пиењето туку и ги посетил луѓето на подрачјето потсетувајќи ги на долговите, а потоа им го вратил тоа што им го должел! Денес тој е повторно наш брат во верата и служеше извесно време како пионер.
Во Пингели имаше многу Абориџини, а ние се радувавме на една многу задоволувачка служба, имено, да му помагаме на овој понизен народ да ја дознае и прифати вистината од Божјата Реч. Колку ми ја јакнеше верата тоа што можев на многу Абориџини од Австралија да им помогнам да ја дознаат вистината!
Во Пингели започна со својата активност едно собрание, а на почетокот повеќето од членовите беа Абориџини. Многумина од нив мораше да ги научиме да читаат и пишуваат. На почетокот во тие години постоеја не мали предрасуди кон нив, но месните жители постепено почнаа да градат респект кон Абориџините кои беа Сведоци поради нивниот чист начин на живот и тоа што станале чесни граѓани.
Јеховината сигурна помош
Мојот драг сопруг Артур, кој верно му служеше на Бог цели 57 години, умре на почетокот на 1986. Беше почитуван од сите луѓе и бизнисмени во Пингели и околината. Јехова повторно ме поткрепи со тоа што ми даде сила да го поднесам овој ненадеен губиток.
Син ми Бентли служи како старешина на северот од Западна Австралија каде со својата сопруга Лорна го подигнаа семејството во вистина. Уште еден извор на голема радост за мене е што ќерка ми Евника до ден-денес е во полновремената служба. Заедно со сопругот Џеф служат како пионери. Сега живеам со нив и се чувствувам благословено што можам да бидам редовен помошен пионер.
За сите овие 60 и повеќе години го искусив исполнувањето на Јеховиното љубезно ветување дека ќе ги зацврсти своите слуги и ќе им помогне да излезат на крај со сите ситуации со кои ќе се соочат. Тој ни ја задоволува секоја потреба ако никогаш не се сомневаме во него, односно не пропуштиме да му покажеме дека сме му благодарни за она што го прави за нас. Мојата вера се зајакнуваше кога ќе ја почувствував Јеховината рака на дело и видов како тој го излива својот благослов дури и над она што ние можеме да го сфатиме (Малахија 3:10). Навистина, Бог не може да лаже!
[Слика на страница 27]
Мери во 1933
[Слики на страница 29]
Мери и Артур во подоцнежните години