Познавањето на вистинската религија носи одговорност
„Блажени се . . . оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат“ (ЛУКА 11:28).
1. Кои луѓе го градат својот живот врз основа на вистинската религија откако ќе ја препознаат?
НЕ Е доволно само да се препознае правата религија. Ако сме љубители на она што е исправно и вистинито, штом еднаш сме ја нашле, ние ќе го градиме својот живот врз основа на неа. Вистинската религија не е само умствена филозофија; тоа е начин на живот (Псалм 118:105; Исаија 2:3; спореди Дела 9:2).
2, 3. а) Како ја нагласил Исус важноста од вршењето на Божјата волја? б) Каква одговорност има секој кој ја знае вистинската религија?
2 Исус Христос нагласил дека е важно да се врши она што Бог го покажал дека е Негова волја. Во завршетокот на она што е познато како Проповед на гората, Исус објавил дека нема сите кои му се обраќаат како на Господ (со што се исповедаат како христијани) да влезат во Царството; само оние кои ја вршат волјата на неговиот Татко. Други, рекол тој, ќе бидат отфрлени како такви кои ‚прават незаконски дела [беззаконие, НС]‘. Зошто беззаконие? Затоа што, како што наведува Библијата, пропустот да се врши Божјата волја претставува грев, а секој грев е беззаконие (Матеј 7:21-23; 1. Јованово 3:4; спореди Римјаните 10:2, 3). Човек може да ја знае вистинската религија, може да ги фали оние кои поучуваат за неа и може да зборува добро за оние кои ја практицираат, но и тој ја има одговорноста да ја применува во својот живот (Јаков 4:17). Ако ја прифати таа одговорност, ќе сфати дека неговиот живот ќе биде збогатен и ќе искуси радост каква што не може да се доживее на ниеден друг начин.
3 Во претходната статија разгледавме шест знаци за препознавање на вистинската религија. Секој од нив ни помага не само да ја препознаеме вистинската религија туку и лично нѐ става пред предизвици и прилики. Како тоа?
Како реагираш на Божјата Реч?
4. а) Што забележуваат новите во користењето на Библијата од страна на Сведоците за кратко време откако ќе почнат да се дружат со нив? б) Како влијае врз Јеховините слуги тоа што се духовно добро нахранети?
4 Бидејќи Јеховините сведоци ја проучуваат Библијата со новозаинтересираните, многу од нив брзо увидуваат дека она што се учи е од Библијата. Кога одговараат на нивните прашања, тие не се повикуваат на црквени верувања, човечки традиции или на мислењата на угледни луѓе. Божјата сопствена Реч е авторитетот. Кога одат во Салата на Царството, забележуваат дека и таму Библијата е главниот учебник. На оние кои искрено ја бараат вистината не им треба долго за да сфатат дека главен фактор за радоста што ја гледаат помеѓу Јеховините сведоци е фактот што тие се духовно добро нахранети од Божјата реч (Исаија 65:13, 14).
5. а) Каков предизвик стои пред оние кои ги посматраат Јеховините сведоци? б) Како можат тие да ја имаат радоста на Сведоците?
5 Ако го препознаваш ова, како реагираш? Ако ја сфаќаш смислата, не можеш со право да бидеш едноставно пасивен посматрач, ниту би требало да сакаш да биде така. Библијата покажува дека оние кои се „само слушатели“ а не „извршители“, ‚се мамат сами себе‘ (Јаков 1:22). Тие се мамат себеси бидејќи не признаваат дека, без оглед на тоа што би можеле да речат, нивниот пропуст да го слушаат Бог покажува дека всушност не го сакаат. Вероисповеста што не е проследена со дела е мртва вера (Јаков 2:18-26; 1. Јованово 5:3). Спротивно на тоа, оној кој е поттикнат од љубов кон Јехова да биде ‚извршител‘, ќе биде ‚блажен [среќен, НС] во своето делување‘. Да, како што објаснил Исус Христос, ‚блажени се оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат‘ (Јаков 1:25; Лука 11:28; Јован 13:17).
6. Кои прилики лично ќе настојуваме да ги искористуваме ако навистина ја цениме Божјата Реч?
6 Таа радост ќе се продлабочува додека растеш во спознанието за Божјата волја и ги применуваш натамошните работи кои ги учиш. Колку напор ќе вложиш во проучување на Божјата Реч? Десетици илјади поединци кои биле неписмени, вложиле голем напор да научат да читаат, особено за да можат да ја читаат Библијата и да поучуваат други за неа. Други стануваат рано секое утро за да можат секој ден да поминат по малку време во читање на Библијата и средствата за проучување на Библијата, како на пример Стражарска кула. Додека лично редовно ја читаш Библијата или ги бараш стиховите што се цитирани во друг студиски материјал, грижливо внимавај на Јеховините закони и заповеди и гледај да ги распознаеш многуте начела што се наведени таму за наше водство. Медитирај за тоа што открива секој дел за Бог, за неговата намера и неговите постапки со човештвото. Одвој си време тоа да го обликува твоето срце. Размисли дали постојат начини на кои ќе можеш уште попотполно да ги примениш библиските совети во твојот живот (Псалм 1:1, 2; 18:7-11; 1. Солунјаните 4:1).
Дали е потполна твојата оддаденост на Јехова?
7. а) Како влијаела доктрината за тројството врз напорите на луѓето да го обожаваат Бог? б) Што може да се случи кога едно лице ќе ја дознае вистината за Јехова?
7 За милиони луѓе претставувало олеснување да дознаат дека вистинскиот Бог не е тројство. Објаснувањето „тоа е тајна“ никогаш не ги задоволувало. Како би можеле да бидат привлечени кон Бог кој е несфатлив? Како последица на тоа учење, биле склони да го игнорираат Таткото (чие име никогаш не го слушнале во црквата) и да го обожаваат Исус како Бог или да ѝ го упатуваат своето обожавање на Марија (за која биле поучени дека е „Богородица“). Но нивните срца реагирале со задоволство кога некој од Јеховините сведоци ја отворил Библијата и им го покажал Божјето лично име, Јехова (Осија 12:5). Една Венецуелка била толку воодушевена кога ѝ било покажано божественото име што буквално ја прегрнала младата жена Јеховин сведок која ја споделила таа скапоцена вистина со неа, и се согласила на домашна библиска студија. Кога таквите луѓе ќе научат дека Исус говорел за својот Татко како за ‚Свој Бог и ваш Бог‘ и дека Исус му се обраќал на Татка си како на „Единиот вистински Бог“, тие увидуваат дека она што го учи Библијата за Бог не е несфатливо (Јован 17:3; 20:17). Бидејќи ги запознаваат Јеховините особини, се чувствуваат привлечени кон него, почнуваат да му се молат и сакаат да му угодат. Кој е резултатот од тоа?
8. а) Што сториле милиони луѓе поради нивната љубов кон Јехова и желбата да му угодат? б) Зошто е христијанското крштение од животна важност?
8 Во текот на последните десет години, 2.528.524 лица на шест континенти и мноштво острови му ги предале своите животи на Јехова и потоа го симболизирале тоа со крштевање во вода. Дали си бил ти еден од нив, или сега се подготвуваш да се крстиш? Крштевањето е важна пресвртница во животот на секој вистински христијанин. Исус им дал налог на своите следбеници да прават ученици од луѓето од сите народи и да ги крштеваат (Матеј 28:19, 20). Забележително е исто така што веднаш по Исусовото крштевање, самиот Јехова говорел од небесата, велејќи: „Ти си Мојот возљубен Син, во Тебе е Мојата волја [тебе те одобрив, НС]“ (Лука 3:21, 22).
9. Што се бара од нас за да задржиме признат однос со Јехова?
9 Еден признат однос со Јехова е нешто што треба да се негува. Ако си стапил во таков однос преку предание и крштевање, избегнувај сѐ што би можело да го наруши. Не дозволувај животните грижи и грижите за материјалните работи да го потиснат на второ место (1. Тимотеј 6:8-12). Навистина живеј во склад со советот од Изреки 3:6: „По сите свои патишта размислувај за [Јехова], и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“.
Колку силно влијае врз тебе Христовата љубов?
10. Зошто тоа што го обожаваме Јехова не нѐ тера да го игнорираме Исус?
10 Се разбира, исправното ценење спрема Јехова како единствен вистинит Бог не го тера лицето да го игнорира Исус Христос. Напротив, Откровение 19:10 (НС) вели: „Сведочењето за Исус е тоа што инспирира на пророкување“. Од 1. Мојсеева па до Откровение, инспирираното пророштво дава детали за улогата на Исус Христос во Јеховината намера. Додека едно лице се запознава со тие детали, на површина испливува една фасцинантна слика која е ослободена од искривувањата и погрешните сфаќања што произлегле од лажните науки на т. н. христијанство.
11. Како влијаело врз една Полјачка она што Библијата навистина го учи за Божјиот Син?
11 Сфаќањето на вистината за Божјиот Син може да има силно влијание врз човека. Тоа било случај со Данута, една жена од Полска. Осум години била во контакт со Јеховините сведоци, се радувала на она што тие поучувале, но не го направила вистинското обожавање свој начин на живот. Потоа добила примерок од книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел, која го прикажува животот на Христос на еден лесно разбирлив начин.a Доцна вечерта ја отворила книгата со намера да прочита само едно поглавје. Но, не ја оставила сѐ до зори додека не ја прочитала целата книга. Удрила во плачење. „Јехова, прости ми“ — преколнувала. Како резултат на она што го прочитала, ја согледала појасно од кога и да е порано љубовта што ја покажале Јехова и неговиот Син. Сфатила дека осум години неблагодарно ја одбивала помошта што Бог стрпливо ѝ ја нудел. Во 1993 била крстена во знак на нејзиното предание на Јехова на темел на верата во Исус Христос.
12. Како влијае врз нашите животи точното спознание за Исус Христос?
12 „Познавањето на нашиот Господ Исус Христос“ е поврзано со тоа да се биде активен и делотворен христијанин (2. Петрово 1:8). До кој обем ќе имаш ти удел во таквата активност, споделувајќи ја пораката на Царството со други? Бројот на поединци кои се во состојба да го прават тоа зависи од многу околности (Матеј 13:18-23). Некои околности не можеме да ги промениме; некои можеме. Што ќе нѐ мотивира да ги препознаеме и направиме промените што можат да се направат? Апостол Павле напишал: „Љубовта Христова нѐ гони“; со други зборови, љубовта што ја покажал со тоа што го положил својот живот во наша корист е толку извонредна што, како што расте нашето ценење за неа така нашите срца ќе бидат силно мотивирани. Како резултат на тоа, признаваме дека би било многу непримерено да продолжиме да тежнееме по себични цели и да живееме воглавно за да си угодуваме себеси. Наместо тоа, ги прилагодуваме нашите околности за да му дадеме прво место на делото за коешто Христос ги поучил своите ученици да го вршат (2. Коринтјаните 5:14, 15).
Одделени од светот — до која мерка?
13. Зошто не сакаме да имаме удел во една религија која себеси се направила дел од светот?
13 Не е тешко да се види историјата на т. н. христијанство и другите религии поради тоа што сакаат да бидат дел од светот. Црквени фондови биле користени за финансирање на револуционерни активности. Свештеници станувале герилци. Од ден на ден, весниците донесуваат извештаи за верски фракции од разни делови на Земјата кои се борат една против друга. Од нивните раце капе крв (Исаија 1:15). А ширум светот свештенството продолжува со обидите да манипулира со политичката сцена. Вистинските обожаватели немаат удел во ова (Јаков 4:1-4).
14. а) Што мораме лично да избегнуваме ако сакаме да се држиме одделени од светот? б) Што може да ни помогне да избегнеме да бидеме заведени од световни ставови и обичаи?
14 Но, одделеноста од светот не се состои само од ова. Светот се карактеризира со љубовта по пари и она што може да се купи со пари, со желбата за личен углед и непрестајно тежнеење по задоволства, плус такви работи како што е недостигот на искрена грижа за другите, лажење и навредлив говор, побуна против авторитетот и недостиг на самоконтрола (2. Тимотеј 3:2-5; 1. Јованово 2:15, 16). Поради нашата сопствена несовршеност, може понекогаш на некој начин да покажуваме некои од овие обележја. Што ќе ни помогне во нашата борба да избегнеме вакви замки? Треба да се потсетуваме кој стои зад сето тоа. „Целиот свет лежи во моќта на злобниот“ (1. Јованово 5:19, НС). Без разлика колку примамлив може да изгледа некој пат и колку многу други луѓе живеат на тој начин, кога зад тоа ќе го видиме Јеховиниот главен непријател, Сатана Ѓаволот, сфаќаме колку тоа навистина е грдо (Псалм 96:10).
Колку далеку досегнува твојата љубов?
15. Како несебичната љубов што си ја забележал ти помогнала да ја препознаеш вистинската религија?
15 Кога за првпат си почнал да се дружиш со Јеховините сведоци, љубовта што ја покажуваат меѓусебно, без сомнение, те привлекла поради тоа што е спротивна на духот на светот. Нагласувањето на несебичната љубов го одвојува чистото обожавање на Јехова од сите други облици на обожавање. Можеби ова те убедило дека Јеховините сведоци навистина ја практицираат исправната религија. Самиот Исус Христос рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35).
16. Какви прилики може да постојат за нас лично да се рашириме во нашата љубов?
16 Дали те идентификува таа особина и тебе како Христов ученик? Дали постојат начини на кои можеш да се рашириш во покажувањето љубов? Без сомнение, секој од нас може. Љубовта е повеќе отколку само да се биде љубезен спрема другите во Салата на Царството. А ако сакаме љубовта да ја шириме само спрема оние кои нас нѐ сакаат, дали би биле поинакви од светот? „А пред сѐ, имајте постојана љубов меѓу себе“ — поттикнува Библијата (1. Петрово 4:8). Спрема кого би могле да покажеме поголема љубов? Можеби спрема христијанскиот брат или сестра чие потекло е поинакво од нашето и кој нѐ раздразнува со својот начин како прави одредени работи? Можеби некој кој, како последица на болест или длабока старост, не е во состојба редовно да присуствува на состаноците? Можеби спрема нашиот брачен партнер? Или, можеби, спрема нашите остарени родители? Некои кои доста добро ги покажувале плодовите на духот, вклучувајќи ја и љубовта, чувствувале како одново да ги учат плодовите кога биле соочени со многу тешки ситуации кои може да настанат кога му се посветува скоро потполна грижа на некој семеен член кој станал тежок инвалид. Се разбира, дури и кога сме соочени со вакви околности, нашата љубов треба да досегнува подалеку од нашето потесно семејство.
Сведочење за Царството — колку е важно за тебе?
17. На што треба да се чувствуваме поттикнати ако лично сме извлекле корист од посетите на Јеховините сведоци?
17 Еден важен начин на кој покажуваме љубов спрема нашите блиски е да им сведочиме за Божјето Царство. Само една група луѓе го врши тоа дело што го прорекол Исус (Марко 13:10). Тоа се Јеховините сведоци. Ние лично сме извлекле корист од тоа. Сега ја имаме предноста да помагаме на други. Ако на работите гледаме онака како што гледа Бог, ова дело ќе зазема истакнато место во нашите животи.
18. Како може да влијае врз нашиот удел во сведочењето за Царството ако ја читаме книгата Јеховините сведоци — објавители на Божјето Царство?
18 Возбудливиот извештај за тоа како пораката за Царството била однесена до најоддалечените делови на Земјата во текот на овие последни денови е раскажан во книгата Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховините сведоци — објавители на Божјето Царство). Ако знаеш англиски, немој да пропуштиш да ја прочиташ. И додека ја читаш, посебно забележи ги сите начини на коишто поединци учествувале во давањето сведоштво за Царството. Дали има некои чиишто примери можеш да ги имитираш? На сите нас ни се укажуваат многу прилики. Нека нашата љубов кон Јехова нѐ мотивира добро да ги искористиме сите нив.
19. На кој начин извлекуваме корист ако ја прифатиме одговорноста која оди со познавањето на вистинската религија?
19 Кога така ќе се сосредоточиме на вршењето на Јеховината волја, го наоѓаме одговорот на прашањето: Која е смислата на животот? (Откровение 4:11). Повеќе не тапкаме, оставени со чувство на празнина. Нема кариера на која можеш да ѝ се предадеш а која може да ти донесе поголемо задоволство отколку сесрдно да се сосредоточиш на службата за Јехова Бог. А колку величествена иднина нуди тоа! Вечен задоволувачки живот во неговиот нов свет, каде што ќе бидеме во можност во најпотполна мерка да ги користиме нашите способности во склад со љубезната намера за која Бог го создал човештвото.
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Како би одговорил?
◻ Зошто е животоважно една религија да ја прифаќа Библијата како Божја Реч и да му оддава чест на Јехова како на вистински Бог?
◻ Што учи вистинската религија во поглед на улогата на Исус како Откупител?
◻ Зошто треба христијаните да се држат одделени од светот и да практицираат несебична љубов?
◻ Каква улога има сведочењето за Царството во вистинската религија?
[Слики на страница 16]
Крштевањето е животоважен чекор во прифаќањето на одговорностите на вистинското обожавање. Секој месец, околу 25.000 лица ширум светот го преземаат тој чекор.
Русија
Сенегал
Папуа Нова Гвинеја
САД
[Слики на страница 17]
Споделувањето на библиските вистини со другите е дел од вистинското обожавање
САД
Бразил
САД
Хонгконг