Дали уживаш во личната студија?
СЕКОЈ искрен Божји слуга со задоволство би посветил добар дел од своето време за лично проучување на Библијата (Псалм 1:1, 2). Сепак, чувствувајќи голем недостиг на време и сила, многумина сфаќаат дека е тешко да вложат во лична студија онолку време и енергија колку што тие би сакале.
Меѓутоа, за да продолжиме како активни Божји слуги, потребно е од ден на ден сите ние да ја обновуваме својата радост и сила, изнаоѓајќи нови или подлабоки аспекти на вистината од Божјата Реч. Библиските вистини кои силно те мотивирале пред многу години, можеби сега веќе не те мотивираат толку многу. Затоа, добро е, дури и неопходно, да правиме совесни и константни напори за да добиеме нов увид во вистината и да останеме духовно стимулирани.
Како се одржувале духовно јаки верните луѓе од старо време преку личната студија на Божјата Реч? Како некои од денешните слуги на Јехова ја прават позанимлива и поплодна својата лична студија? Како биле наградени за нивните напори?
Тие ја обновиле нивната сила преку лична студија
Јудејскиот цар Јосија, со уште поголема ревност презел акција против идолопоклонството откако му ја прочитале ‚книгата на законот Господов, даден преку Мојсеевата рака‘. Секако дека тоа не му било првпат да го разгледува тој дел од Речта Божја; но кога ја слушнал пораката директно од оригиналниот манускрипт тоа го поттикнало уште повеќе во неговата битка за чистото обожавање (2. Летописи 34:14-19).
Пророкот Даниил го разбрал ‚бројот на годините кои ќе се навршат над опустошениот Ерусалим‘ и точноста на тоа, не само од книгата на Јеремија туку и од „книгите“. Во нив најверојатно се вклучени книги како што се 3. Мојсеева (26:34, 35), Исаија (44:26-28), Осија (14:4-7) и Амос (9:13-15). Она што го утврдил овој предан човек преку своето марливо проучување на библиските книги го поттикнало горливо да го бара Бог во молитва. Неговата искрена молба била одговорена со понатамошно откровение и засигурување со оглед на градот Ерусалим и неговите жители (Даниил, 9. поглавје).
Јосија, кој го правел ‚она што било угодно пред очите на Господа‘, и Даниил, кој бил „човек сакан“ од Бог, не се разликувале битно од нас денес (4. Царства 22:2; Даниил 9:23). Нивните лични напори посветени на силномотивирано проучување на Писмата достапни во тоа време, ја зголемиле нивната духовност и им помогнале да се радуваат на појаки врски со Бог. Истото може да се каже и за многу други слуги на Јехова од старо време, како на пример Ефтај, псалмистот од куќата на Асаф, Неемија и Стефан. Сите овие докажале дека внимателно лично ги проучувале деловите од Библијата кои стоеле на располагање во нивно време (Судии Израилеви 11:14-27; Псалми 78, 79; Неемија 1:8-10; 8:9-12; 13:29-31; Дела 6:15–7:53).
Службата нека биде поттик
Денес, повеќето Јеховини слуги кои му служеле долги години, имаат своја програма за лична библиска студија. Тие дошле до заклучок дека тоа е неопходно за да останат духовно будни и во потполност да ги извршат своите христијански должности. Па сепак, многумина од нив признаваат дека не е секогаш лесно, при користењето на своето време и енергија, да се постигне рамнотежа помеѓу студијата и другите работи кои не смеат да се запостават.
Сепак, да се остане духовно буден преку марлива лична студија е основното нешто за задоволување на потребите во христијанската служба во оваа напредна етапа од светското дело на проповедање на Царството. Оние кои се воодушевени од новиот и подлабок увид во Божјата Реч можат да се соочат со предизвикот да ги достигнат гладните срца. Ова се покажува како вистинито било да се има доделба во подрачје каде што може да се очекува богат улов во духовното рибарење, или, пак, во некое добро обработено подрачје каде што во глобала преовладува индиферентност.
Редовна исхрана од Божјата Реч
Она што го прават другите може да ти даде идеи како би можел уште повеќе да уживаш во својот установен ред на проучување или како ти и твоето семејство би можеле поделотворно да го искористите времето за проучување. Меѓу работите кои еден Божји слуга не смее да ги пропушти е и редовното читање на самата Божја Реч. Многумина си поставиле за цел неделно да читаат најмалку по три до четири поглавја од Библијата. Дали би сакал да ја прочиташ целата Библија за една година? Тогаш треба да посветиш повеќе време на читањето, можеби половина час дневно.
Си ја прочитал ли Библијата повеќе пати? Зошто да не си поставиш нова цел за следниот пат? За промена, една христијанка ги чита библиските книги по редоследот по кој биле пишувани. Таа забележала многу детали, темелени на хронолошката позадина, кои порано ги пропуштила. Една друга христијанка, во изминатите пет години, пет пати ја прочитала Библијата од корица до корица, секој пат од друга перспектива. Првиот пат ја прочитала од крај до крај. При второто читање, во еден бележник ја запишала во кратки црти содржината на секое поглавје. Од третата година, почнала да ја чита Библијата со објаснувања, голем формат, најпрвин селективно проверувајќи ги објаснувањата на маргините, а потоа посветувајќи поголемо внимание на фуснотите како и на информациите од додатокот. Петтиот пат, ги користела библиските географски карти за да се здобие со поголемо разбирање од географски аспект. Таа вели: „За мене читањето на Библијата стана исто толку пријатно како и јадењето“.
Некои ревни истражувачи на Библијата утврдиле дека е добро да си имаат по еден примерок на Библијата само за лична студија, правејќи си на маргините кратки, занимливи забелешки, асоцијативни скици, или запишувајќи го бројот на страницата од други публикации на кои би можеле да се осврнат подоцна. Една сестра која е полновремен слуга, задоволна е кога на крајот од секој месец во својот студиски примерок ги забележува новите точки што ги научила во текот на месецот. „Очекувањето на овие мои драгоцени часови“, вели таа, „ми помага да ги достигнам побргу другите цели во месецот“.
Некои остроумни идеи
Дали чувствуваш дека твојот план е исполнет со дневни и неделни задолженија и дека ти се потребни некои предлози како подобро да го искористиш своето ограничено време? Па, носи го со себе она што планираш да го читаш и користи ги своите слободни мигови. Погрижи се, колку ти дозволуваат околностите, дома или таму каде што вообичаено проучуваш, книгите и другиот прибор за проучување да ти бидат на дофат. Направи си го удобно своето катче за проучување, но не толку удобно за да задремеш. Имаш ли говорна задача? Искористи ја првата прилика што ќе ти се укаже да го прочиташ материјалот, а потоа дозволи да ти доаѓаат идеи додека се одмораш или извршуваш некакви споредни задачи.
Можеби другите ќе соработуваат со тебе за подобро да го користите времето на взаемна корист. На пример, некој може на глас да ти чита некои лесни теми, додека ти ги извршуваш вообичаените задачи или го послужуваш својот љубезен читач со чај. Како би било сите во домот да се согласат за едно време на тишина кое е одредено за лична студија. „Што си прочитал интересно во последно време?“ Понекогаш би можел да дознаеш што научиле твоите пријатели, водејќи го разговорот во таа насока.
Дали си заинтересиран да воведеш некои нови идеи во твојата програма на проучување? Можеш да си поставиш временска цел за проучување, исто како што многумина си поставуваат временска цел за разговор со другите околу Библијата. Една сестра која е полновремен објавител (пионер) месечно си поставува за цел минимално време за проучување и радосна е кога гледа како ја достигнува таа цел. Други го ограничуваат времето за гледање телевизија и така си обезбедуваат време за проучување. Многумина избираат тема за проучување со која се занимаваат извесно време, како што се плодовите на духот, позадината на библиските книги или уметноста на поучување. Некои уживаат во тоа да прават хронолошки дијаграми, како на пример дијаграм кој ја покажува врската помеѓу израелските цареви и пророците, или Делата на апостолите и писмата на Павле.
Вие млади, дали сакате да имате појака вера? Зошто не изберете една публикација која темелно ќе ја проучувате во текот на вашиот школски распуст? Една крстена средношколка ја одбрала книгата Mankind’s Search for God (Човештвото во потрага по Бог) издадена од Watch Tower Society. Направила кратки забелешки во еден бележник, поглавје по поглавје, за она што го научила. Тоа било предизвик и ѝ требало повеќе време отколку што мислела. Меѓутоа, кога ја завршила целата книга, била длабоко импресионирана од вистинитоста на библиската порака.
Биди секогаш желен да учиш
Денес, мноштво верни слуги на Јехова веќе се ‚изобилно вработени во делото Господово‘ (1. Коринтјаните 15:58, НС). Можно е дури и покрај програмата за повторување и искрените напори, рутината во една типична недела да не се промени битно. Но сепак, твојата неуморна марливост да се здобиеш со подлабоко разбирање на вистината и да останеш во склад со откривањата на Јеховините намери, ќе ти помогне да успееш во подобрувањето на твоите навики на проучување.
Охрабрувачки е да се слушне за наградите на оние кои ги подобриле своите навики на проучување. Кога еден христијанин забележал дека го изгубил позитивниот став во врска со потрагата по подлабоко разбирање на вистината, тој го организирал својот живот така што можел да посвети повеќе од своите слободни часови на лична студија. „Тоа ми донесе радост каква што не сум имал порано“, вели тој. „Со постојаното зголемување на довербата во божественото авторство на Библијата, видов дека можам со вистински ентузијазам да разговарам со другите за мојата вера. Чувствувам дека сум добро нахранет, духовно здрав и задоволен на крајот од секој ден.“
Еден патувачки надгледник на Јеховините сведоци, кој посетува повеќе собранија, ги опишал останатите користи со следниве зборови: „Оние кои се марливи во личното проучување, обично се весели и живи во нивното изразување. Подобро излегуваат на крај со другите и не се колебаат лесно поради нечии негативни забелешки. Во службата на проповедање се прилагодливи, а внимаваат и на потребите на луѓето со кои се среќаваат“.
Тој додава нешто што некои можеби ќе сакаат да го имаат на ум кога го анализираат својот начин на проучување. „На состаноците на кои се водат дискусии на темел на Писмото, многумина тежнеат кон тоа да ги прочитаат своите коментари директно од печатениот текст. Ќе извлечат поголема корист ако медитираат за тоа во каков однос се наоѓа материјалот со она што порано го научиле или со нивните сопствени животи“. Мислиш ли дека би можел да се подобриш во овој поглед?
Пророкот Даниил, по добри 90 години живот, не мислел дека има потполно разбирање за Јеховините патишта. Во последните години од својот живот, прашал за една работа која не можел во потполност да ја сфати: „Господаре мој, што ќе биде потоа?“ (Даниил 12:8). Без сомнение, оваа постојана желба да се научи повеќе за Божјата вистина бил клучот за неговата извонредна беспрекорност во текот на неговиот значаен животен пат (Даниил 7:8, 16, 19, 20).
Секој Јеховин сведок ја има истата сериозна одговорност како и Даниил, да стои цврсто како негов Сведок. Биди секогаш желен да учиш да се одржуваш духовно јак. Обиди се да додадеш една или две нови карактеристики кон твојата неделна, месечна или годишна програма за лична студија. Посматрај како Бог ќе го благослови секој мал напор кој ќе го направиш. Да, уживај во твојата лична библиска студија и во резултатите кои таа ги донесува (Псалм 106:43).