Зошто светот го обзема страв?
КОЈ сака да живее во страв? Секој просечен човек тежнее по сигурност без закана за неговиот живот или имот. Затоа, многумина се селат од местата полни со криминал. Но сепак, секаде постојат причини за страв.
Опасностите од нуклеарните оружја и несреќите на реакторите предизвикуваат страв од уништување на човештвото. Рапидниот пораст на насилството создава страв. Многумина се плашат дека сидата ќе стане најголемиот епидемичен причинител на смрт во овој век. Уништувањето на околината е друга причина за страв. Дали овие стравови се особено значајни? И, дали може да се надеваме дека некогаш ќе живееме во свет без таков страв?
Стравот ширум светот — значаен
Денешниот, нашироко присутен страв е значаен поради она што го претскажала Библијата. Во своето пророштво за последните денови, Исус Христос ги навел условите кои ќе бидат причина за страв. Тој рекол: „Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; и на места ќе има глад, помор и потреси“. Исус зборувал исто така и за ‚пораст на беззаконието‘. Од 1914, неспоредливи војни, глад, земјотреси и беззаконија имале за последица голем страв и губиток на животи (Матеј 24:7-14).
Исто и ставовите на луѓето придонесуваат за зголемување на стравот денес. Во 2. Тимотеј 3:1-4, ги читаме пророчките зборови на апостол Павле: „Во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци“. Бидејќи сме опкружени со вакви луѓе во овие последни денови, не е ни чудо што е присутен толку голем страв!
Што може да очекува овој свет
Исус го споредил овој период со последните денови на светот во времето на Ное. Без сомнение, стравот бил голем, бидејќи библискиот историски запис вели: „Земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда“. Затоа, „Му рече Господ Бог на Ноја: ‚Крајот на секое тело пред очите Мои дојде, зашто се исполни земјата со неправда од нив‘“ (1. Мојсеева 6:11, 13). Тој зол свет бил толку насилнички што Бог го уништил со еден општ потоп. Меѓутоа, поради својата љубов, Јехова Бог го сочувал праведниот Ное и неговото семејство (2. Петрово 2:5).
Значи, што може да очекува сегашниот зол свет? Бог се гнаси на насилничката безобѕирност спрема благосостојбата на другите. Ова е видливо од зборовите на псалмистот: „Господ го испитува праведникот, а безбожникот, и оној што сака неправда, ја мрази душата своја“ (Псалм 10:5). Јехова ставил крај на насилничкиот свет во деновите на Ное. Па, според тоа, зарем не би требало да очекуваме Бог да стави крај и на овој свет, заразен со насилство кое влева страв?
Апостол Петар бил божествено инспириран да зборува за Христовата присутност и да прорече пропаст на сегашниот зол свет. Тој напишал: „Во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби и ќе велат: ‚Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Оти, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така, како од созданието на светот‘“. Потоа, Петар го употребил терминот ‚небеса‘ за да го претстави системот на човековото несовршено владеење над човештвото, а зборот ‚земја‘, за неправедното човечко општество. „Бидејќи“, рекол тој, „оние, што го бараат тоа, забораваат дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјото слово, поради кое, тогашниот свет [од времето на Ное] загина, потопен од вода. А сегашните небеса и земјата, пазени од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечестивите луѓе“ (2. Петрово 3:3-7).
На сличен начин Павле истакнал дека Христос и неговите моќни ангели ‚ќе се одмаздат во пламенен оган на оние, кои не Го познаваат Бога, кои не се покоруват на Благовестието на нашиот Господ Исус Христос и кои со вечна погибел ќе бидат казнети‘ (2. Солунјаните 1:6-9). Последната книга од Библијата зборува за собирање на народите за „војна во оној голем ден на Бога Седржителот“ и нѐ уверува дека Јехова ќе ‚ги погуби губителите на земјата‘ (Откровение 11:18; 16:14-16).
Време за радост, а не за страв
Наместо да бидат уплашени од она што Бибијата го претскажува за овој свет, чесните луѓе имаат причина за радост. Јехова наскоро ќе стави крај на овој зол свет, но ова ќе биде направено заради доброто на оние кои ја љубат праведноста. Што ќе уследи по божествениот крај на сегашниов систем на ствари? Значи, еден нов систем под небесното Божје царство, за кое Исус ги учел своите следбеници да се молат! Тој рекол: „Туку молете се вака: ‚Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата‘“ (Матеј 6:9, 10). Кои промени можат да се очекуваат кога Божјата волја ќе се врши на Земјата?
Војната со своите ужаси ќе заврши. Псалм 45:9 вели: „Прекратувајќи ги [Јехова Бог] војните до крајот на земјата, ќе го скрши лакот и ќе го здроби оружјето, и штитовите големи со оган ќе ги изгори“. Тогаш „секој ќе седи под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да ги плаши“ (Михеј 4:4).
Смртоносните болести нема повеќе да причинуваат страв и да одземаат животи. Божественото ветување гласи: „И ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24). Каква причина за радост!
Стравовите поврзани со криминал и насилство ќе бидат исто така минато. Псалм 36:10, 11 ветува: „Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш. А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“.
Како ќе бидат заменети денешните стравови со вистински мир и сигурност? Со помош на една праведна влада — Божјето царство. Во врска со нашето време, Даниел 2:44 наведува: „Во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“. Јеховиниот наименуван цар, Исус Христос, ‚треба да царува додека Бог не ги стави сите непријатели под нозете негови‘ (1. Коринтјаните 15:25, НС). Исусовото илјадагодишно владеење ќе ја исполни Божјата првобитна намера за рајска Земја, која ќе биде вечно населена со радосни луѓе (Лука 23:43, НС; Откровение 20:6; 21:1-5).
Во тој рај на Земјата ќе постои еден здрав страв. Тоа ќе биде „стравот од Јехова“ (Изреки 1:7, НС). Всушност, тој страв треба да го имаме уште сега, затоа што тој претставува длабоко почитување и стравопочит придружени со бојазливост да не му се допаднеме на Бог, бидејќи ја цениме неговата љубезна доброљубивост и доброта. Овој страв бара безусловна доверба во Јехова и верна послушност нему (Псалм 2:11; 113:19).
Застрашувачките настани ги одбележуваат овие денови како последни. Меѓутоа, ако ја докажеме нашата љубов спрема Бог, ќе бидеме радосни, а не плашливи. Библиските пророштва покажуваат дека божествениот крај за овој свет е на дофат. Тој ќе биде заменет со Јеховиниот ветен нов свет на праведност (2. Петрово 3:13). Вистина, наскоро, под власта на Царството ќе постои еден свет без болен страв.
[Рамка на страница 6]
МОЌТА НА САМО ЕДЕН ПРИМЕРОК
ТОМАШ, еден млад човек од Полска, дошол во конфликт со законот и поради тоа бил принуден да ја напушти земјата. Шест месеци патувал со стопирање по Европа така што спиел под шатор и работел сешто. За сето тоа време, низ главата постојано му се вртело едно прашање: Која е смислата на животот?
Одговорот на прашањето го добил кога му бил врачен еден примерок од списанието Стражарска кула на полски јазик. Неколку пати го прочитал и увидел дека тоа списание ја содржи вистината што ја барал. Томаш поминал 200 километри автостоп за да стигне до канцеларијата на подружницата на Watch Tower во Селтерс/Таунус (Германија). Кога пристигнал, во понеделник навечер, го извадил списанието Стражарска кула и рекол: „Би сакал некој да ми објасни нешто повеќе за она што се наоѓа во ова списание. Што треба да сторам?“
Таа вечер, двајца Јеховини сведоци разговарале со Томаш за смислата на животот, при што ја користеле Библијата како темел за нивниот разговор. Желен да научи повеќе, во текот на таа недела Томаш секојдневно доаѓал во канцеларијата на подружницата за да ја проучува Библијата и книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.
Томаш одлучил да се врати во Полска, иако таму би можел да се соочи со проблеми. Така, во петок, само четири дена по пристигнувањето во канцеларијата на подружницата во Селтерс, се вратил во својата татковина. Веднаш почнал да проучува со Јеховините сведоци во Полска. Брзо напредувал и ревно почнал да им зборува на другите за она што го научил. Во октомври 1993, само четири месеци по неговата прва посета на Селтерс, се крстил како Јеховин сведок.
Само еден примерок од Стражарска кула му помогнал на овој млад човек да ја пронајде смислата на животот!
[Слика на страница 7]
Под Царската власт на Исус Христос, никогаш повеќе светот нема да го обземе страв