Нуклеарната закана — дали конечно ѝ дојде крајот?
„МИРОТ на Земјата денес изгледа многу поверојатен отколку во било кое друго време по II Светска војна.“ Оваа оптимистичка проценка на еден новински дописник кон крајот на 1980-тите, се темелела на фактот што значајни договори за разоружување и неочекувани политички пресврти конечно ја прекинаа Студената војна. Но, дали престана и нуклеарната закана која беше толку карактеристична за поранешните суперсили? Дали долгоочекуваниот мир и сигурност се на повидок?
Опасностите од пролиферација
Во текот на Студената војна, додека суперсилите се надевале дека рамнотежата на страв ќе го зачува мирот, се сложиле да го допуштат развојот на нуклеарната технологија за мирољубиви цели, но сепак да го ограничат бројот на нациите кои ќе произведуваат нуклеарно оружје. Во 1970 била потпишана Спогодбата за нуклеарна непролиферација, а подоцна истата била ратификувана од околу 140 нации. Сепак, потенцијалните производители на нуклеарно оружје, како што се Аргентина, Бразил, Израел и Индија, одбиваат да потпишат сѐ до денешен ден.
Меѓутоа, во 1985 потпишала друга потенцијална нуклеарна сила — Северна Кореја. Затоа, кога таа го објавила своето повлекување од спогодбата, на 12. март 1993, светот со право реагирал со непријатност. Германскиот весник Der Spiegel забележал: „Известувањето за повлекување од спогодбата за нуклеарната непролиферација создава преседан: Сега постои опасност од нуклеарна трка за вооружување која започнува во Азија, а која може да стане многу поопасна отколку што беше незапирливото ривалство помеѓу суперсилите“.
Со национализмот, од кој се изродија нации во една зачудувачка мера, бројот на нуклеарните сили веројатно ќе се зголеми. (Види во рамката.) Новинарот Чарлс Краутхамер предупредува: „Крајот на Советската закана не значи и крај на нуклеарната опасност. Вистинската опасност е пролиферацијата на нуклеарните сили, а таа само што започна“.
Бомби на продажба
Несудените атомски сили се желни за престижот и моќта што ги нуди ова оружје. За една земја се вели дека купила најмалку две нуклеарни боеви глави од Казахстан. Оваа бивша Советска република официјално ги води боевите глави како „исчезнати“.
Во октомври 1992, во Франкфурт (Германија) беа уапсени неколку луѓе со 200 грама високорадиоактивен цезиум, доволно за да ги затруе сите резервоари за вода на еден град. Една недела подоцна, во Минхен беа фатени седум шверцери со 2,2 килограми уран. Откривањето на два нуклеарни шверцерски ланци во текот на само две недели ги преплашило службениците, бидејќи за целокупната претходна година биле известени само пет такви случаи во целиот свет.
Не е познато дали овие поединци имале намера да го продадат тоа на терористички групи или национални влади. Како и да било, можноста за нуклеарен тероризам е сѐ поголема. Д-р Дејвид Лоури од Европскиот пролиферационен информативен центар ја појаснува опасноста: „Сѐ што терористот треба да стори е да испрати на тестирање примерок од високозбогатен уран до некој угледен авторитет велејќи: тоа го имаме во толку и толку количини, а еве го доказот. Тоа е исто како кога еден киднапер ќе го испрати увото на жртвата како доказ“.
Мирољубиви „темпирани бомби“ и „смртоносни стапици“
Во почетокот на 1992, 420 нуклеарни реактори беа вклучени во мирољубивиот начин за производство на електрична енергија; понатамошни 76 беа во изградба. Но, со текот на годините, несреќите на реакторите доведоа до извештаи за зголемена појава на болести, спонтани абортуси и вродени маани. Еден извештај вели дека до 1967 инцидентите на советските плутониумски постројки предизвикале испуштање на трипати поголема радиоактивност отколку Чернобилската катастрофа.
Секако, оваа последната — несреќата во Чернобил (Украина), во април 1986 го привлече вниманието и доби публицитет од страна на медиумите. Григориј Медведев, заменик шеф и нуклеарен инженер на Чернобилската постројка во текот на 1970-тите, образложува дека „огромните количества на долготрајна радиоактивност“ кои биле исфрлени во атмосферата, „што се однесува до долготрајните ефекти, одговара на десет атомски бомби од типот на онаа што била фрлена врз Хирошима.“
Во својата книга Tschernobylskaja chronika (Чернобилска хроника), Медведев набројува 11 тешки инциденти на нуклеарни реактори во поранешниот Советски Сојуз до средината на 1980-тите, и други 12 во САД. Во вториве е вброена и шокантната несреќа во 1979 на Три Мајл Ајленд (Пенсилванија). Во врска со овој настан, Медведев забележува: „Тоа беше првиот инцидент кој сериозно ја погоди репутацијата на нуклеарната енергија и ги разби илузиите за сигурноста на нуклеарните енергетски постројки во мислите на многумина, но не и во мислите на сите“.
Ова објаснува зошто сѐ уште се случуваат многу несреќи. Во текот на 1992, во Русија се зголемија за скоро 20 отсто. Во март истата година, по еден од овие инциденти, во електричната централа Соснови Боре во Петровград (Русија), нивото на радијација во североисточна Англија се покачи за 50 отсто, а во Естонија и јужна Финска достигна дупло поголемо ниво од максимално дозволеното. Професорот Џон Уркерт од универзитетот во Њукасл (Британија) признава: „Не можам да докажам дека она што го предизвика порастот на степенот на радијација беше Соснови Боре — но, ако не беше Соснови Боре, тогаш, што беше причината?“
Некои авторитети тврдат дека реакторите од типот на Чернобил имаат маана во нивниот нацрт и едноставно се преопасни за работа. И покрај тоа, повеќе од дванаесетина сѐ уште се користат за да помогнат во задоволувањето на огромните побарувања за електрична енергија. Некои управители со реакторите биле дури обвинети за исклучување на сигурносните системи со цел да се зголеми обемот на производството. Ваквите извештаи ги престрашуваат земјите како што е Франција, која користи нуклеарни постројки за производство на 70 отсто од нејзината електрична енергија. Уште еден „Чернобил“, и многу постројки во Франција можеби ќе бидат присилени засекогаш да престанат со работа.
Дури и „сигурните“ реактори очигледно стануваат несигурни со текот на годините. Во почетокот на 1993, за време на рутинската сигурносна проверка биле пронајдени преку сто преломи на челичните инсталации на реакторот во Брунсбител, еден од најстарите германски реактори. Слични пукнатини биле најдени на реакторите во Франција и Швајцарија. Првата сериозна несреќа на една Јапонска постројка се случи во 1991, при што веројатно дотраеноста била фактор кој допринел кон тоа. Ова укажува дека слични несреќи би можеле да се случат во САД, каде што околу две третини од комерцијалните реактори се стари повеќе од една деценија.
Несреќите на нуклеарните реактори можат да се случат било каде и во било кое време. Колку повеќе реактори, толку е поголема заканата; колку е постар реакторот, толку е поголема опасноста. Не без причина еден весник ги нарекол темпирани бомби и радиоактивни смртоносни стапици.
Каде ќе го исфрлат отпадот?
Неодамна луѓето беа изненадени кога едно излетничко место крај една река на Француските Алпи беше блокирано и надгледувано од полицијата. Весникот The European објаснува: „Рутинската проверка, наложена по смртта на една жена од месното население поради труење со берилиум пред два месеца, на излетничкото место откри нивоа на радиоактивност кои беа 100 пати повисоки од оние во околните места“.
Берилиумот, извонредно лесен метал добиен преку различни процеси, се користи во авионската индустрија, а кога е инициран да зрачи се користи во нуклеарните електрични централи. Наводно, една фабрика која произведува берилиум го фрлила отпадот од опасниот процес на зрачење на или во близина на излетничкото место. „Берилиумскиот прав, дури и кога не зрачи“, бележи The European, „е еден од најотровните познати видови на индустриски отпад“.
Во меѓувреме, се известува дека во период од 30 години, околу 17.000 контејнери со радиоактивен отпад биле исфрлани во водите на крајбрежјето на Новаја Земја, подрачје кое во текот на 1950-тите Советите го користеле како место за нуклеарни проби. Понатаму, во оваа погодна канта за отпадоци биле исфрлени радиоактивни оддели од нуклеарните подморници и делови од најмалку 12 реактори.
Било да е намерно или не, нуклеарното загадување е опасно. За подморницата која во 1989 потона близу норвешкото крајбрежје, Time предупреди: „Од крнтијата веќе истекува цезиум-137, еден карциноген изотоп. Досега се смета дека протечувањето е премало за да влијае на морскиот живот или на човековото здравје. Но Комсомолец исто така носел и две нуклеарни торпеда кои содржеле 13 килограми плутониум со период на полураспаѓање од 24.000 години и толку висока токсичност што една честичка може да убие човек. Руските експерти предупредиле дека плутониумот би можел да се истури во водата и да контаминира огромни пространства од океанот веќе во 1994“.
Секако, фрлањето на радиактивниот отпад не е проблем само на Франција и Русија. САД имаат „цели планини од радиоактивен отпад, без постојано место за складирање на истиот“, известува Time. Се смета дека милиони буриња со смртоносни супстанции лежат во привремени складишта, со секогаш присутната „опасност од загуба, кражба и оштетување на околината поради погрешно ракување“.
Како појаснување на оваа опасност, една цистерна полна со нуклеарен отпад во бившата фабрика за оружје во Томск (Сибир), експлодира во април 1993, оживувајќи застрашувачки претстави за еден втор Чернобил.
Очигледно, било какви повици за мир и сигурност, извикани заради очекуваниот крај на нуклеарната закана, се неосновани. Па сепак, мирот и сигурноста се близу. Од каде знаеме?
[Рамка на страница 4]
12 НУКЛЕАРНИ СИЛИ
а бројот се зголемува
ПРИЈАВИЛЕ или ДЕ ФАКТО: Белорусија, Британија, Израел, Индија, Јужноафриканска Република, Казахстан, Кина, Пакистан, Русија, САД, Украина, Франција
ПОТЕНЦИЈАЛНИ: Алжир, Аргентина, Бразил, Иран, Ирак, Јужна Кореја, Либија, Северна Кореја, Сирија, Тајван
[Слика на страница 5]
Дури и мирољубивото користење на нуклеарната енергија може да биде опасно
[Извор на слика]
Во позадина: фотографија на U.S. National Archives
[Извор на слика на страница 2]
Насловна страница: Stockman/International Stock
[Извор на слика на страница 3]
Фотографија на U.S. National Archives