ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w94 1/8 стр. 9-14
  • Јехова е разумен!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јехова е разумен!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Јехова — најприлагодливото суштество во вселената
  • Разумноста — обележје на божествена мудрост
  • „Спремен да прости“
  • Менување на постапката кога ќе настанат нови околности
  • Разумност во спроведувањето на авторитетот
  • „Има мудро срце“, а сепак е понизен
    Приближи му се на Јехова
  • Негувај разумност
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Биди разумен како Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
  • Цени ги великодушноста и разумноста на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2013
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
w94 1/8 стр. 9-14

Јехова е разумен!

„Мудроста, што иде одозгора, е . . . кротка [разумна, НС]“ (ЈАКОВ 3:17).

1. Како некои го опишале Бог како неразумен, и што мислиш ти за таквото сфаќање за Бог?

КАКОВ Бог обожаваш? Дали мислиш дека тој е Бог на непопустлива, строга правда, суров и крут во својот темперамент? За протестантскиот реформатор Жан Калвин, Бог сигурно бил таков. Калвин тврдел дека Бог има „вечен и непроменлив план“ за секого, дека на секој поединец му предодредува дали ќе живее засекогаш во среќа или ќе биде вечно мачен во пеколен оган. Претстави си: Доколку ова би било точно, тогаш што и да правиш, колку и да се трудиш, не би го променил Божјиот долгорочен, крут план во врска со тебе и твојата иднина. Дали би бил привлечен кон еден ваков неразумен Бог? (Спореди Јаков 4:8.)

2, 3. а) Како би можеле да ја илустрираме неразумноста на човечките институции и организации? б) Како Језекииловата визија за Јеховината небесна кола ни ја открива Неговата прилагодливост?

2 Колку ни олеснило што сме научиле дека Богот на Библијата е возвишено разумен! Не Бог, туку луѓето се тие кои тежнеат да бидат крути и неприлагодливи, ограничени во нивните сопствени несовршености. Човечките организации можат да бидат несмасни како товарни возови. Кога еден огромен товарен воз ќе наиде на некаква препрека на шините, свртувањето не доаѓа предвид, а запирањето не е ништо полесно. Некои возови имаат толку големо забрзување што им треба повеќе од еден километар за да запрат откако ќе се активираат кочниците! Слично на тоа, еден супертанкер може да плови уште пет милји откако моторите ќе се исклучат. Дури и кога се ставени во рикверц, може да бразди уште две милји! А сега размисли за едно возило кое влева многу поголемо стравопочитување од овие две, возило кое ја претставува Божјата организација.

3 Пред 2.600 години, Јехова му дал на пророкот Језекиил една визија која ја опишувала Неговата небесна организација од духовни суштества. Тоа било кола со размери кои влевале стравопочитување, Јеховиното сопствено „возило“ кое секогаш е под негова контрола. Најинтересен бил начинот на кој таа се движела. Огромните тркала имале четири страни и биле полни со очи, така што можеле да гледаат насекаде и моментално да го променат правецот, без да запрат или свртат. Ова гигантско возило не морало да се движи тромаво како некој супертанкер или товарен воз. Можело да се движи со брзина на светлоста, дури и да прави свртувања под прав агол! (Језекиил 1:1, 14-28). Јехова е поинаков од Богот за кој проповедал Калвин исто толку колку што е поинаква и Неговата кола од несмасните машини направени од човек. Тој е совршено прилагодлив. Ценењето за овој аспект на Јеховината личност треба да ни помогне да останеме разумни и да ја избегнеме замката на неразумност.

Јехова — најприлагодливото суштество во вселената

4. а) На кој начин самото име го открива Јехова како прилагодлив Бог? б) Кои се некои од титулите што се применуваат на Јехова Бог, и зошто се прикладни?

4 Самото Јеховино име подразбира дека е прилагодлив. „Јехова“ дословно значи „Тој предизвикува да настане“. Тоа очигледно значи дека Јехова придонесува да стане Исполнувач на сите негови ветувања. Кога Мојсеј го запрашал Бог за неговото име, Јехова вака му го изложил значењето: ‚„Јас сум Оној, Кој вечно постои!“‘ (2. Мојсеева 3:14). Преводот Ротерхам јасно се изразува: „Ќе станам она што ми е волја“. Јехова докажува дека е, или избира да биде сѐ она што е потребно за да ги исполни своите праведни намери и ветувања. Затоа, тој носи низа импресивни титули, како Творец, Отец, Суверен Господ, Пастир, Јехова над војските, Слушач на молитви, Судија, Величествен Учител, Искупител. Тој се направил себеси сѐ ова па и повеќе, за да ги изврши своите намери полни со љубов (Исаија 8:13; 30:20; 40:28, сите НС; 41:14; Псалм 22:1; 65:2 НС; 73:28 НС; 88:26; Судии 11:27; види и New World Translation [Нов свет превод], Додаток 1Ј).

5. Зошто не треба да заклучиме дека Јеховината прилагодливост значи дека неговата природа или мерила се менуваат?

5 Тогаш, дали ова значи дека Божјата природа или мерила се менуваат? Не; како што се изразува Јаков 1:17: „Во [Него] нема промени ни сенка од измена“. Постои ли тука некаква противречност? Воопшто не. На пример, кој родител полн со љубов не ги менува улогите во полза на своите деца? Во текот на само еден ден, родителот може да биде советник, готвач, домаќин, учител, воспитувач, пријател, механичар, негувател — листата е многу подолга. Родителот не ја менува личноста кога ги презема сите овие улоги, туку само се прилагодува на моменталните потреби. Така е и со Јехова, но во многу поголем обем. Нема граница за она што тој може да стане во полза на своите суштества. Длабочината на неговата мудрост навистина вчудовидува! (Римјаните 11:33).

Разумноста — обележје на божествена мудрост

6. Кое е буквалното значење и импликациите на грчкиот збор што го употребил Јаков за да ја опише божествената мудрост?

6 Ученикот Јаков употребил еден интересен збор за да ја опише мудроста на овој надмоќно прилагодлив Бог. Напишал: „Мудроста, што иде одозгора, е . . . кротка [разумна, НС]“ (Јаков 3:17). Грчкиот збор што овде го употребил (епиеике́с) тешко се преведува. Преведувачите употребиле зборови како „љубезна“, „блага“, „стрплива“ и „обѕирна“. New World Translation го преведува со „разумна“, со фуснота која покажува дека буквалното значење е „попустлив“.a Овој збор исто така ја пренесува смислата да не се инсистира на словото на законот, да не се биде непотребно остар или строг. Научникот Вилијам Баркли (William Barclay), во книгата New Testament Words (Новозаветни зборови) коментира: „Основно и фундаментално кај епиеикеиа е тоа што таа потекнува од Бог. Да инсистирал Бог на своите права, да ги применил на нас крутите мерила на законот, тогаш што би било со нас? Бог е најголем пример на оној кој е епиеике́с и кој со другите постапува со епиеикеиа“.

7. Како Јехова покажал разумност во едемската градина?

7 Размисли за времето кога човештвото се побунило против Јеховината сувереност. Колку би било лесно за Бог да ги погуби тие тројца неблагодарни бунтовници — Адам, Ева и Сатана! Од колкава болка би се поштедил себеси! И кој би се препирал дека тој нема право да спроведе таква строга правда? Па сепак, Јехова никогаш не ја закочил својата слична на кола небесна организација во некакво круто, немилосрдно мерило на правда. Затоа, таа кола не го прегазила неумоливо човечкото семејство и сите изгледи за среќна иднина на човештвото. Напротив, Јехова управувал со својата кола со брзина на молњата. Веднаш по побуната, Јехова Бог истакнал една далекосежна намера која им понудила милост и надеж на сите Адамови потомци (1. Мојсеева 3:15).

8. а) Како погрешното гледиште на т. н. христијанство за разумноста противречи на Јеховината искрена разумност? б) Зошто можеме да речеме дека Јеховината разумност не значи дека тој може да ги компромитира божествените начела?

8 Јеховината разумност, меѓутоа, не подразбира дека тој би можел да ги компромитира своите божествени начела. Денешните цркви на т. н. христијанство можеби мислат дека се разумни кога мижат пред неморалот само за да им се умилкуваат на своите своеглави стада. (Спореди 2. Тимотеј 4:3.) Јехова никогаш не ги повредува своите закони ниту ги компромитира своите начела. Напротив, покажува спремност да попушти, да се приспособи на околностите, за тие начела да можат да се применат и праведно и милостиво. Тој секогаш води сметка своето извршување на правда и моќ да го држи во рамнотежа со својата љубов и разумна мудрост. Да разгледаме три начина на кои Јехова покажува разумност.

„Спремен да прости“

9, 10. а) Што има заедничко ‚спремноста за простување‘ со разумноста? б) Каква полза извлекол Давид од Јеховината спремност да прости, и зошто?

9 Давид напишал: „Зашто ти, о Јехова, си добар и спремен да простиш; и љубезната доброљубивост спрема сите оние кои те повикуваат е изобилна“ (Псалм 86:5, НС). Кога Хебрејските списи биле преведувани на грчки, зборот за „спремен да прости“ бил преведен со епиеике́с, или „разумен“. Навистина, спремноста за простување и покажување милост можеби е клучниот начин на кој се покажува разумност.

10 Самиот Давид бил свесен за тоа колку Јехова е разумен во овој поглед. Кога Давид извршил прељуба со Вирсавија и наместил нејзиниот маж да биде убиен, и тој и Вирсавија подлежеле на смртна казна (5. Мојсеева 22:22; 2. Царства 11:2-27). Да го разгледувале овој случај строги човечки судии, обајцата би можеле да ги загубат своите животи. Но, Јехова покажал разумност (епиеике́с), која, како што се изразува Vine’s Expository Dictionary of Biblical Words (Вајнов толковен речник на библиски зборови), „ја изразува онаа обѕирност која гледа ‚хумано и разборито на фактите во секој поединечен случај‘“. Фактите коишто влијаеле врз Јеховината милосрдна одлука веројатно го земале предвид искреното каење на престапниците и милоста којашто самиот Давид порано им ја покажал на други (1. Царства 24:5-7; 1. Царства 24:4-6; 25:32-35; 26:7-11; Матеј 5:7; Јаков 2:13). Меѓутоа, во склад со својот личен опис што Јехова го дал за себе во 2. Мојсеева 34:4-7, било разумно што Јехова сакал да го исправи Давида. Го испратил пророкот Натан кај него со силна порака, која му го врежала фактот дека ја презрел Јеховината реч. Давид се покајал и затоа не умрел поради својот грев (2. Царства 12:1-14).

11. Како Јехова покажал спремност да прости во случајот со Манасија?

11 Примерот со царот Манасија од Јудеја е уште позабележителен во овој поглед, затоа што Манасија, за разлика од Давид, бил многу злобен веќе подолго време. Манасија ги поддржувал одвратните религиозни обичаи во земјата, вклучувајќи и човечки жртви. Можеби тој бил одговорен и за тоа што верниот пророк Исаија бил ‚резан со пила‘ (Евреите 11:37). За да го казни, Јехова дозволил да биде одведен како заробеник во Вавилон. Меѓутоа, Манасија се покајал во затворот и преколнувал за милост. Одговарајќи на ова искрено каење, Јехова бил ‚спремен да прости‘ — дури и во овој екстремен случај (2. Летописи 33:9-13).

Менување на постапката кога ќе настанат нови околности

12, 13. а) Која промена на околностите во случајот со Ниневија го навела Јехова да го смени правецот на постапување? б) Како Јона се покажал помалку разумен од Јехова Бог?

12 Јеховината разумност се покажува и во неговата спремност да го промени замислениот начин на постапување кога ќе настанат нови околности. На пример, кога пророкот Јона минувал по улиците на древна Ниневија, неговата инспирирана порака била сосема едноставна: Моќниот град ќе биде уништен за 40 дена. Меѓутоа, околностите се промениле — и тоа драматично! Ниневијците се покајале (Јона, поглавје 3).

13 Поучно е да споредиме како реагирале Јехова и Јона на овој пресврт на настаните. Јехова всушност го променил правецот на својата небесна кола. Во овој случај тој се прилагодил, и така станал простувач на гревови наместо „воин“ (2. Мојсеева 15:3, НС). Јона, од друга страна, бил многу нефлексибилен. Наместо да задржи чекор со Јеховината кола, постапил слично на товарниот воз или супертанкерот што ги споменавме претходно. Тој објавил несреќа, и морало да се случи несреќа! Можеби мислел дека било каква промена на правецот би го осрамотила во очите на Ниневијците. Сепак, на својот тврдоглав пророк Јехова стрпливо му дал значајна лекција за разумноста и милоста (Јона, поглавје 4).

14. Зошто Јехова го променил својот правец на постапување со неговиот пророк Језекиил?

14 Јехова го променил правецот и во други прилики — дури и во релативно мали работи. На пример, еднаш кога му дал налог на пророкот Језекиил да изведе една пророчка драма, Јеховините упатства содржеле наредба Језекиил да ја готви својата храна на оган потпален со човечки измет. Тоа навистина било премногу за пророкот, кој извикал: „Ах, Суверен Господи Јехова!“ и молел да не биде теран да прави нешто што му било толку одбивно. Јехова не ги отфрлил чувствата на пророкот како бесмислени; напротив, му дозволил на Језекиил да употреби говедски измет, кој и ден-денес е вообичаен огрев во многу земји (Језекиил 4:12-15, НС).

15. а) Кои примери покажуваат дека Јехова е спремен да слуша и да им одговара на човечките суштества? б) Каква поука ни дава тоа?

15 Зарем не е охрабрувачки да се размислува за понизноста на нашиот Бог Јехова? (Псалм 18:35, НС). Тој е далеку повисок од нас; па сепак стрпливо ги сослушува несовршените луѓе а понекогаш дури го менува својот правец заради нив. Му дозволил на Авраам долго да Го моли во врска со уништувањето на Содом и Гомор (1. Мојсеева 18:23-33). И му дозволил на Мојсеј да приговара за Неговата намера да ги уништи бунтовните Израелци и наместо нив, да произведе моќна нација од Мојсеј (2. Мојсеева 32:7-14; 5. Мојсеева 9:14, 19; спореди Амос 7:1-6). Со тоа им дал совршен пример на своите човечки слуги, кои треба да покажуваат слична спремност да ги слушаат другите кога тоа е разумно и возможно. (Спореди Јаков 1:19.)

Разумност во спроведувањето на авторитетот

16. Како Јехова се разликува од многу луѓе во начинот на кој ја спроведува својата власт?

16 Дали некогаш си забележал оти повеќето од оние кои стекнуваат поголем авторитет, се чини дека стануваат помалку разумни? Спротивно од нив, Јехова ја има највисоката положба на власт во вселената, а сепак е најголемиот пример на разумност. Ја спроведува својата власт на непогрешиво разумен начин. За разлика од многу луѓе, Јехова не е несигурен во поглед на својата власт и затоа не се чувствува принуден љубоморно да ја чува — како да ќе го загрози неговиот сопствен авторитет ако на други им даде извесна мерка на власт. Фактички, кога постоело само уште едно друго суштество во вселената, Јехова му дал значителна власт. Тој го направил Логосот свој „главен работник“ (НС), и оттогаш сите работи ги создавал преку овој сакан Син (Изреки 8:22, 29-31; Јован 1:1-3, 14, НС; Колосјаните 1:15-17). Подоцна му дал „секаква власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18; Јован 5:22).

17, 18. а) Зошто Јехова испратил ангели во Содом и Гомор? б) Зошто побарал предлози од ангелите за тоа како да го измами Ахав?

17 На сличен начин, на многу од своите суштества Јехова им доверува задачи коишто самиот би можел да ги изврши дури многу подобро. На пример, кога му рекол на Авраам: „Ќе слезам [во Содом и Гомор] за да узнаам и да видам дали така се прави, како што повикот доаѓа до Мене, или не“, не мислел лично да оди таму. Наместо тоа, Јехова избрал да даде овластување така што поставил ангели за да му соберат такви информации. Им дал власт да ја водат оваа истражна мисија и да го известат (1. Мојсеева 18:1-3, 20-22).

18 Во една друга прилика, кога Јехова одлучил да го казни злобниот цар Ахав, Тој ги повикал ангелите на еден небесен собир за да понудат предлози како да се „наговори [измами, НС]“ тој отпаднички цар да се придружи во битката во која требало да го загуби својот живот. Се разбира, на Јехова, Изворот на сета мудрост, не му била потребна помош за да го пронајде најдобриот правец на постапување! Сепак, ги удостоил ангелите со предност да предложат решенија и со овластување да дејствуваат според решението што тој го избрал (3. Царства 22:19-22).

19. а) Зошто Јехова го ограничува бројот на законите што ги поставува? б) Како Јехова се покажува разумен кога се работи за она што го очекува од нас?

19 Јехова не ја користи својата власт за непотребно да ги контролира другите. И тука покажува неспоредлива разумност. Тој внимателно го ограничува бројот на законите што ги поставува и им забранува на своите слуги да ‚мудруваат повеќе од она, што е напишано‘ и да додаваат тегобни закони според свое мислење (1. Коринтјаните 4:6; Дела 15:28; спореди Матеј 23:4). Никогаш не бара слепа послушност од своите творби, туку обично дава доволно информации за нивно водство и им остава да изберат, така што им кажува за користите од послушноста и за последиците од непослушноста (5. Мојсеева 30:19, 20). Наместо да ги присилува луѓето преку чувства на вина, срам или страв, тој сака да ги достигне срцата; сака луѓето да му служат од искрена љубов, а не од принуда (2. Коринтјаните 9:7). Сета таква служба со цело срце го радува Божјето срце и затоа тој не е неразумно ‚тежок да се задоволи‘ (1. Петрово 2:18, НС; Изреки 27:11; спореди Михеј 6:8).

20. Како влијае врз тебе Јеховината разумност?

20 Зарем не е извонредно тоа што Јехова Бог, кој има поголема моќ отколку било кое суштество во творештвото, никогаш не ја спроведува таа моќ на неразумен начин и што никогаш не ја користи за да ги присилува другите? Меѓутоа, луѓето, иако во споредба со него се толку слаби, зад себе имаат историја на доминација едни над други (Проповедник 8:9). Очигледно, разумноста е скапоцена особина, особина која нѐ мотивира уште повеќе да го сакаме Јехова. Тоа, пак, нѐ поттикнува и самите да ја негуваме. Како можеме да го правиме тоа? Следната статија ќе продолжи со оваа тема.

[Фуснота]

a Во 1769, лексикографот Џон Паркхерст (John Parkhurst) овој збор го дефинирал како „попустлив, со попустлив став, љубезен, благ, трпелив“. И други научници како дефиниција го понудиле зборот „попустлив“.

Како би одговорил?

◻ Како Јеховиното име и визијата за неговата небесна кола ја истакнуваат неговата прилагодливост?

◻ Што е разумност и зошто е тоа обележје на божествена мудрост?

◻ На кои начини Јехова покажал дека е ‚спремен да прости‘?

◻ Зошто во извесни случаи Јехова избрал да го промени неговиот замислен правец на постапување?

◻ Како Јехова покажува разумност во начинот на кој ја спроведува својата власт?

[Слика на страница 10]

Зошто Јехова му простил на злобниот цар Манасија?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели