ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w94 1/12 стр. 20-24
  • Еден смисловен начин на живот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Еден смисловен начин на живот
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Мојата животна задача
  • Спортот станува мој начин на живот
  • Цел која е поинаква од спортот
  • Постапување според донесените одлуки
  • Служба во подружницата
  • Продолжува смисловниот начин на живот
  • Дали ова е можеби најдобрата кариера за тебе?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Можеш ли да се ставиш на располагање?
    Нашата служба за Царството 2001
  • Отворена покана!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Бевме тим
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
w94 1/12 стр. 20-24

Еден смисловен начин на живот

РАСКАЖАЛА МЕЛВА А. ВИЛАНД

Во март 1940, неколку месеци по моето крштевање, сестра ми Филис дојде кај мене и ме праша: „Зошто не станеш пионер?“ „Пионер?“, запрашав јас. „Мислиш, да проповедам полновремено, речиси секој ден?“

‚КАКО можам да бидам пионер‘, размислував јас, ‚со моето ограничено познавање на Библијата и со уште поограничената заштеда во банка?‘ Сепак, прашањето на Филис ме поттикна на размислување. И јас лично многу се молев за тоа.

На крајот дојдов до заклучок: ‚Зошто да немам доверба во Јехова кога тој ветува дека ќе се грижи за нас ако го бараме најнапред Царството?‘ (Матеј 6:33). Затоа, во јуни 1940 дадов известување дека ќе ја напуштам мојата работа како шивачка. Потоа пишав до подружницата на Watch Tower Society во Австралија и побарав да ми доделат пионерска задача.

Мојата животна задача

Неколку седмици подоцна добив одговор со кој бев информирана дека ќе ми биде доделена задача откако ќе присуствувам на конгресот кој требаше да се одржи на поседите на седиштето на Јеховините сведоци во Стратфилд, предградие на најголемиот град во Австралија, Сиднеј. Утрото по конгресот, се пријавив во канцеларијата за да ја добијам мојата задача.

Братот што беше на рецепција ми објасни: „Токму сега имаме премногу работа во пералната. Дали би можела да останеш и да помогнеш неколку седмици?“ Тоа беше во август 1940 — а јас сѐ уште работам во пералната! Во тоа време бетелската фамилијата имаше само 35 члена, а сега има 276.

Но, можеби се прашувате зошто сметам дека работењето во перална е „смисловен начин на живот“, особено затоа што тоа го работам повеќе од 50 години. Пред да објаснам, дозволете ми да кажам нешто за моите поранешни активности.

Спортот станува мој начин на живот

Родена сум во Мелбурн на 1. јануари 1914, како прво од петте деца. Имавме родители кои беа полни со љубов и кои живееја според високи мерила, казнувајќи нѐ кога беше потребно. Исто така имавме и, така да се каже, повремено религиозно воспитување, бидејќи нашите родители не одеа в црква. Сепак, тие настојуваа ние, децата, да ги посетуваме часовите во неделното училиште на Англиканската црква.

Кога во 1928 го напуштив училиштето и почнав да работам како шивачка, решив поголемиот дел од моето слободно време да го трошам на спортување, зашто верував дека тоа ќе ми помогне да ја совладам мојата срамежливост. Се зачленив во тенискиот клуб и играв без прекин цела година. Во текот на зимата играв кошарка и бејзбол, а летото играв во женскиот крикет тим. Крикетот стана моја вистинска љубов. Вложував големи напори за да ги усовршам своите вештини во брзо сервирање на топките за да се квалификувам за меѓудржавните натпревари.

Цел која е поинаква од спортот

Уште рано во мојот живот бев вознемирена од учењето дека Богот на љубовта има едно место наречено пекол, каде што оние кои правеле лоши работи ќе бидат вечно мачени. Тоа едноставно не ми изгледаше разумно. Затоа, замислете си колку бев воодушевена кога неочекувано од Библијата го дознав вистинското значење на зборот „пекол“. Тоа се случи вака:

И сестра ми Филис, која беше пет години помлада од мене, уживаше да спортува, па така обете бевме во истиот женски крикет тим. Во 1936, еден пријател од тимот ја запозна Филис со Џим, млад човек кој беше познат како многу религиозен. Наскоро Џим почна да ѝ зборува на Филис за библиските учења. Таа се заинтересира. „Тоа е толку логично и разумно“, ми велеше таа.

Во тоа време Филис и јас делевме иста соба дома, па така таа се обидуваше да ме заинтересира за сѐ она што ѝ го кажувал Џим во врска со Божјето Царство. „Тоа ќе го стори сето она што не успеале да го сторат човечките влади“, возбудено ми велеше таа. Меѓутоа, јас се расправав со неа, велејќи дека тоа е само уште една религија која ќе нѐ збуни и дека никој всушност не ја знае иднината. Но Филис беше упорна и оставаше литература насекаде по собата, надевајќи се дека можеби ќе ја прочитам.

Бидејќи бев љубопитна да дознаам зошто Филис беше толку воодушевена од тоа ново верување, еден ден избрав една брошура која имаше интересен наслов Hereafter (Отсега натаму). Целата се внесов додека вртев низ страниците и го видов зборот „пекол“. На мое изненадување, дознав дека библискиот збор „пекол“ всушност се однесува на општиот гроб на човештвото и дека таму одат и добрите и лошите луѓе. Исто така научив дека пеколот не е место на мачење; мртвите не се свесни и не можат да чувствуваат ништо (Проповедник 9:5, 10; Псалм 145:3, 4).

Тоа ми се чинеше логично, особено кога во брошурата беше објаснето дека моќниот Бог кој е полн со љубов ветил дека ќе ги врати мртвите преку едно чудо наречено воскресение (Јован 5:28, 29). Сега веќе сакав да дознаам и многу други работи што Џим ѝ ги кажувал на Филис. Ја најдов малата Библија од преводот King James Version што ми ја даде татко ми кога бев дете, и ги погледнав сите библиски стихови наведени во брошурата. Тие го потврдија сето она што беше речено за пеколот и за состојбата на мртвите.

Уште едно воодушевувачко изненадување за мене беше кога научив дека Бог има свое лично име, Јехова (Псалм 83:18, НС). Исто така можев да видам дека Бог имал одредена намера, или причина, за сѐ што сторил или допуштил да се случи. Тоа ме поттикна да се запрашам: ‚Која е, всушност, смислата на мојот живот?‘ Оттогаш почнав да се прашувам дали е најдобро да гледам на спортот толку сериозно — дури до таа мера што сѐ друго во животот би запоставила.

Постапување според донесените одлуки

Џим и Филис воопшто не знаеја дека го променив својот поглед на животот. Тоа го дознаа кога нашето семејство беше покането на прием кај едни пријатели. Во тоа време, во таквите прилики сите присутни ќе станеа и ќе наздравеа за Кралот на Англија, подигнувајќи ги своите чаши за да ја испијат здравицата. Но јас, како Џим и Филис, одлучив да продолжам да седам. Тие не можеа да им поверуваат на своите очи кога видоа дека сѐ уште седам! Се разбира, ние не мислевме да покажеме некакво непочитување, но како христијани чувствувавме дека треба да бидеме неутрални и дека не треба да учествуваме во такви национални свечености (Јован 17:16).

Меѓутоа, моите родители и останатите од семејството беа обземени од ужас. Тие велеа дека сме нелојални, луди — или и едното и другото! Подоцна, кога Филис и јас присуствувавме на годишното доделување на награди на женскиот крикет тим, се случи нешто слично за време на националната свеченост. Поради сето тоа, обете го напуштивме тимот. Тоа не беше толку тешко како што мислев дека ќе биде, бидејќи веќе сфатив дека мојата верност и лојалност му припаѓаат на Христос Исус, Царот на Божјето небесно Царство.

Тогаш Филис ми укажа дека е потребно редовно да присуствувам на состаноците на Јеховините сведоци за да ја изградам својата вера со поголемо библиско спознание. Тогаш во Мелбурн имаше само едно собрание, и така почнав да ги посетувам состаноците секоја недела попладне. За кратко време бев уверена дека тоа е Божјата вистинска земска организација.

Наскоро бев повикана да учествувам во собраниската активност на проповедање од куќа до куќа. Во почетокот се колебав, но едно неделно утро решив да отидам само за да видам како се прави тоа. Се израдував кога ми беше одредено да придружувам една искусна сестра Сведок која уверливо зборуваше на првата врата и доби љубезен одговор од домаќинот. Во себе си мислев: ‚Па добро, не беше баш толку тешко, но ќе треба да вежбам многу за да можам и јас да го правам тоа така добро‘. Затоа, претставете си ја мојата збунетост кога, после првата врата, сестрата ми рече: „Сега можеш да продолжиш сама“.

„Сама?“, прашав запрепастено! „Сигурно не мислиш сериозно! Што ќе речам ако некој ми постави прашање на кое нема да знам да одговорам?“ Но мојата придружничка беше упорна. И така, дословно тресејќи се, тргнав сама, а таа продолжи да им сведочи на луѓето од другата страна на улицата. Некако го преживеав тоа прво утро.

Оттогаш натаму започнав да учествувам во проповедничката активност секоја недела наутро. Кога некој на вратата ќе ми поставеше прашање кое не знаев да го одговорам, ќе речев: „Ќе истражам и ќе се вратам повторно да Ве посетам“. За среќа, Јехова постојано ми даваше сила и храброст за да продолжам со мојот нов смисловен начин на живот. Му го предадов својот живот нему и, во октомври 1939, се крстив во градските бањи на Мелбурн. Кратко потоа Филис, која веќе беше омажена со Џим, ме запраша зошто не станам пионер.

Служба во подружницата

Во јануари 1941, кратко откако започнав да работам во Бетел, како што ја нарекувавме канцеларијата на подружницата, делото на Јеховините сведоци во Австралија беше забрането. Потоа војската го презеде нашиот бетелски дом во Стратфилд, а јас бев пратена на фармите на Друштвото, во Ингелберн, околу 48 километри надвор од Сиднеј. Во јуни 1943 судот го ослободи Watch Tower Society од оптужбата и ја укина забраната. До крајот на годината, 25 од нас беа повторно повикани во Бетелот во Стратфилд. Таму продолжив да работам во пералната, а помагав и во други должности околу домот.

Следната деценија како да помина многу бргу. Во 1956 се омажив со еден друг бетелски работник, Тед Виланд. Тед беше многу тивок, стрплив човек, и бевме многу радосни кога добивме одобрение да продолжиме да живееме во Бетел како маж и жена. И двајцата го ценевме нашиот смисловен начин на живот, среќни што ја имавме предноста да служиме во подружницата во Австралија. Се разбира, освен нашата бетелска служба, ја имавме и радоста заедно да им помагаме на другите да станат Христови ученици. На пример, во изданието на Разбудете се! од 22. октомври 1993 (англ.), можете да прочитате за семејството Викс.

Стабилниот напредок на проповедањето за Царството бараше зголемување на нашиот персонал за само 10 или 12 луѓе во текот на моите први 30 години во Бетел. Но состојбата ненадејно се промени во 1970-те, кога овде почнавме да ги печатиме списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Во јануари 1972 започна изградбата на новата печатница. Наскоро од Јапонија пристигна машина за печатење која беше тешка 40 тони и, до 1973, печатевме скоро по 700.000 списанија месечно. Тогаш нашата Бетелска фамилија навистина почна да расте.

Но, 1970-ите ми донесоа и многу болка. Како прво, мојот драг сопруг Тед умре во 1975, на старост од 80 години. А потоа, по помалку од една година, почина и мојот остарен татко. Добивав голема утеха од Јехова и неговата Реч, Библијата, како и од моите духовни браќа и сестри. Исто така, од голема помош ми беше и тоа што во овој многу тажен период од мојот живот постојано бев зафатена со моите смисловни активности во Бетелот.

Сепак, животот тече и понатаму, и јас повторно почнав да доживувам задоволство и благослови, овој пат како вдовица. Во 1978 присуствував на Обласниот конгрес во Лондон (Англија), а потоа го посетив светското седиште на Watch Tower Society во Бруклин (Њујорк). Тоа што видов стотици мои браќа и сестри како среќно работат во Бетелот во Бруклин, остана голем поттик за мене сѐ до денешен ден.

На крајот на 1970-те дознавме дека се планира понатамошно проширување на бетелскиот комплекс во Австралија. Меѓутоа, проширувањето не требаше да биде во Стратфилд бидејќи немаше веќе место за градење. Наместо тоа, еден нов, многу поголем комплекс требаше да се изгради на нашиот посед во Ингелберн, каде што работев за време на забраната во раните 1940-ти.

Продолжува смисловниот начин на живот

Колку бевме возбудени кога во јануари 1982 се преселивме во нашите нови простории! Навистина, на почетокот бевме малку тажни што ја напуштивме познатата околина, но наскоро бевме воодушевени од нашиот нов дом со 73 прекрасни соби за спиење. Сега, наместо ѕидови од цигла и улици од предградието, надвор гледавме зелени полиња и дрвја, добиток како пасе, и величествени изгрејсонца и зајдисонца — многу пријатни глетки.

На 19. март 1983, на прекрасното есенско сонце, имавме свечено отворање на новиот комплекс. Лојд Бери од Водечкото тело на Јеховините сведоци одржа едно трогателно предавање по повод отворањето. Ми беше посебно драго што тој и неговата сопруга беа присутни на програмата на отворањето, бидејќи имав веќе работено со нив во Бетелот во Стратфилд кога бевме многу помлади.

Постојаниот напредок на делото на проповедање за Царството створи потреба од понатамошно проширување на нашите простории во Ингелберн. Во 1987 канцеларијата беше зголемена. А потоа, на 25. ноември 1989 беше отворена нова петспратна зграда за живеење и троспратна надоградба на печатницата. Колкав само беше нашиот напредок во Австралија — од помалку од 4.000 објавители кога започнав со мојата служба, на скоро 59.000 сега!

Неодамна подружницата во Австралија стана еден од трите Регионални градежни одбори на Друштвото, заедно со Јапонија и Германија. Ова створи потреба од уште поголемо проширување на бетелскиот комплекс. Сега е завршена уште една троспратна зграда за канцеларии, а привршуваат работите на петспратната зграда за живеење, која ќе има уште 80 соби во кои ќе биде сместена нашата фамилија која постојано расте.

Во пералната имаме голема екипа за да ја извршува работата, но јас често се присетувам на оној августовски ден во 1940, кога бев повикана во овој оддел за да помагам две седмици. Многу сум благодарна што тие две седмици се продолжија на повеќе од 50 години и што Јехова Бог ги водеше моите чекори кон еден толку смисловен начин на живот.

[Слика на страница 21]

Кога имав 25 години

[Слика на страница 23]

Нашата венчавка во 1956

[Слики на страница 24]

Во 1938 сестра ми и јас бевме преокупирани со спортот, но сега мојот живот е многу попродуктивен

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели