Бесценетото богатство што го делевме
РАСКАЖАЛА ГЛОРИЈА МАЛАСПИНА
Кога крајбрежјето на Сицилија исчезна од нашиот видик, мојот сопруг и јас го насочивме вниманието кон нашето одредиште — медитеранскиот остров Малта. Каква возбудлива можност! Додека бродот пловеше по морето, размислувавме за доживувањето на апостол Павле во првиот век, на островот Малта (ДЕЛА 28:1-10).
БЕШЕ 1953 година, а на Малта тогаш не беше признато делото на проповедање на Јеховините сведоци. Една година претходно дипломиравме на библиската школа Гилеад на Watchtower и бевме доделени во Италија. Само кратко време откако почнавме да учиме италијански, со нетрпение сакавме да видиме што нѐ очекува на Малта.
Како дојде до тоа јас, млада жена, да станам странски мисионер? Дозволете ми да објаснам.
Поттикнувачкиот пример на мајка ми
Во 1926, кога нашето семејство живееше во Форт Франсис, Онтарио (Канада), од еден истражувач на Библијата (како што тогаш беа познати Јеховините сведоци) мајка ми ја доби брошурата Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат. Ја прочита со голем интерес и истата седмица присуствуваше на состанокот на една група за проучување на Библијата со помош на списанието Стражарска кула. Мајка ми беше горлив читател на Библијата и таа ја прифати пораката за Божјето Царство како богатство што одамна го барала (Матеј 6:33; 13:44). И покрај жестокото противење од страна на татко ми, како и трите мали девојчиња за кои требаше да се грижи, таа зазеде став за она што го учеше.
Нејзината непоколеблива вера во текот на следните 20 години, нѐ одржуваше мене и моите две постари сестри, Телма и Виола, свесни за прекрасната надеж за вечен живот во новиот свет на праведност (2. Петрово 3:13). Таа се соочи со многу тешки искушенија, но ние никогаш не се посомневавме во исправноста на патот што го беше избрала.
Во 1931, кога имав само десет години, се преселивме на една фарма во северна Минесота (САД). Таму бевме отсечени од редовното состанување со Јеховините сведоци, но не и од библиското поучување на мајка ми. Нејзината оддадена служба како колпортер, или полновремен слуга, ме поттикна да посакам да ѝ се придружам во тоа дело. Во 1938 моите две сестри и јас го симболизиравме нашето предание на Јехова со тоа што се крстивме на конгресот во Дјулит (Минесота).
По завршувањето на средното училиште, во 1938, мајка ми ме охрабри да се запишам на курс по економија за да можам да се издржувам себеси како пионер (новиот назив за колпортер). Се покажа дека ова беше добар совет, особено откако татко ми одлучи да оди по својот пат и нѐ остави сами.
Полновремено го делиме нашето богатство
Со текот на времето се преселив во Калифорнија, а во 1947 започнав со пионерска служба во Сан Франциско. Додека бев ангажирана во подготовките за конгресот „Ширење на сите народи“, кој требаше да се одржи во Лос Анџелес, се запознав со Франсис Маласпина. Нашата заедничка цел — мисионерска служба, придонесе да започне една срдечна врска. Се венчавме во 1949 година.
Во септември 1951, Франсис и јас бевме повикани во 18-иот клас на Гилеад. На денот на дипломирањето, 10 февруари 1952, после пет месеци интензивно поучување, претседателот на школата, Натан Х. Нор, по азбучен ред гласно ги читаше земјите каде што требаше да бидеме испратени. Кога рече: „Италија, брат и сестра Маласпина“, во нашите мисли ние веќе патувавме!
Неколку седмици подоцна, во Њујорк се качивме на брод за Џенова (Италија), а патувањето требаше да трае десет дена. Џовани Декека и Макс Ларсон, од седиштето во Бруклин, беа на пристаништето за да нѐ испратат. Во Џенова нѐ пречекаа мисионери кои беа добро запознати со процедурите за влез во земјата.
Воодушевени од сѐ што нѐ опкружуваше, се качивме на воз за Болоња. Глетката што ја видовме кога стигнавме беше еден град кој сѐ уште беше изобличен од бомбардирањата за време на Втората светска војна. Но имаше и многу убави нешта, како што е неодоливиот мирис на пржено кафе кој го исполнуваше утринскиот воздух, и миризбата од зачините на врвните сосови што се подготвуваа за безбројните видови тестенини.
Постигнување на целта
Службата ја започнавме со понуда што ја научивме напамет, и ја кажувавме сѐ додека не ја прифатеа пораката или, пак, не ни ја затвореа вратата. Желбата да се искажеме нѐ тераше трудољубиво да го учиме јазикот. После четири месеци бевме доделени во еден нов мисионерски дом во Неапол.
Овој огромен град е познат по своите прекрасни глетки. Се радувавме на нашата служба таму, но по четири месеци мојот сопруг повторно беше назначен во покраинска, односно патувачка служба, за да ги посетува собранијата од Рим до Сицилија. Со текот на времето ја посетивме Малта, па дури и Либија, во северна Африка.
За време на сите тие години, патувањата со воз од Неапол до Сицилија претставуваа испит на нашата физичка издржливост. Се качувавме на товарен воз и стоевме во преполнетите ходници, некогаш по шест или по осум часа. Меѓутоа, ова ни даваше добра можност да ги анализираме луѓето што беа околу нас. Многу пати некој голем балон со домашно вино служеше како седиште за неговиот сопственик, кој одвреме навреме пивнуваше од виното за да ја згаси својата жед за време на патувањето. Пријателски расположените патници честопати ни нудеа да го поделат со нас својот леб и салама, а тоа беше еден пријателски, љубезен гест што го ценевме.
Во Сицилија нѐ пречекуваа браќа кои ни ги носеа куферите три и пол часа по една планина сѐ до собранието што се наоѓаше на врвот. Срдечното добредојде од нашите христијански браќа придонесуваше да заборавиме на заморот. Понекогаш јававме на стабилни маски, но никогаш не погледнувавме надолу каде што само еден погрешен чекор на маската ќе не струполеше. Цврстиот став за библиската вистина што го имаа нашите браќа и покрај нивните тешкотии, нѐ зајакнуваше, а љубовта што ја покажаа кон нас нѐ правеше благодарни што бевме со нив.
Малта и Либија
Исполнети со сеќавања за нашите браќа од Сицилија, отпловивме за Малта. Таму апостол Павле нашол многу љубезни луѓе, а исто така најдовме и ние. Една бура во заливот Св. Паул ни овозможи да ја сфатиме опасноста со која се соочувале малите бродови во првиот век (Дела 27:39-28:10). Пред нас сѐ уште претстоеше Либија. Како ли ќе си поминеме во оваа африканска земја каде што нашето дело беше забрането?
Уште еднаш запознавме една сосема нова култура. Глетките и буката во градот Триполи го привлекуваа моето внимание додека минувавме низ поредените столбови по улиците во центарот на градот. Мажите носеа ткаени облеки од камилско влакно за да се заштитат од врелата жештина на пустината Сахара преку денот, а од студот во текот на ноќта. Научивме да го цениме и да го почитуваме начинот на кој луѓето се приспособуваа на климатските услови онаму каде што живееја.
Претпазливата ревност на нашите браќа добро нѐ поучи силно да се ослонуваме на Јехова и да ги следиме упатствата на оние кои знаеја повеќе за тоа како да се проповеда под такви околности. Нашите христијански браќа беа од многу националности; па сепак тие сложно работеа во нивната служба за Јехова.
Нова доделба
Поради спротивставувањето на нашето дело на проповедање, моравме да ја напуштиме Италија, но во 1957 со задоволство ја прифативме новата доделба за проповедање во Бразил. Франсис и јас се навикнавме на животот и на обичаите, и после осум месеци Франсис беше повикан да служи во покраинската служба. Патувавме со автобус, со авион и пеш. Оваа огромна, убава земја се отвори пред нас како да сме на час по географија.
Нашата прва покраина опфаќаше десет собранија во градот Сан Паоло, како и десет мали гратчиња во внатрешноста и долж јужното крајбрежно подрачје на државата Сан Паоло. Во тие градови тогаш сѐ уште немаше собранија. Ќе најдевме место каде да отседнеме и, откако ќе се сместевме, одевме од куќа до куќа со пораката за Царството. Исто така остававме и покани за прикажување на еден од образовните филмови на Watch Tower Society.
Не беше лесно да се качуваш на автобус со филмови, проектор, трансформатор, снимки, литература, покани и прибор за да се отпечати на поканите местото на прикажување на филмот. Во споредба со сето тоа, нашиот мал куфер за облека беше ситница. Проекторот мораше да биде заштитен во нашите скутови за да не се скрши од патувањето по суровите патишта.
Откако ќе најдевме место за прикажување на филмот, одевме од врата до врата и остававме покани за неговото прикажување. Понекогаш добивавме дозвола да го прожектираме во некој ресторан или хотел. Друг пат, на отворено небо простиравме чаршаф помеѓу два дрвени столба. Посетителите што го ценеа тоа, од кои многумина никогаш не виделе филм, стануваа и внимателно слушаа додека Франсис го читаше раскажувањето. Потоа делевме библиска литература.
До селата патувавме со автобус. Некои од реките не беа поврзани со мостови, па затоа автобусот се натоваруваше на огромен сплав и се пренесуваше на другата страна. Ни беше советувано да се симнеме од автобусот и, ако видиме дека автобусот се лизнува во реката, да прескокнеме на другата страна од сплавот за да не бидеме вовлечени и ние. За среќа, никогаш не изгубивме автобус во реката — а тоа беше добро, особено затоа што реката беше позната по тоа што во неа има крвожедни риби — пирани!
Откако присуствувавме на меѓународниот конгрес во Њујорк, во 1958, се вративме во Бразил, каде што кратко потоа повторно започнавме со патувачката служба. Нашата област нѐ носеше до уругвајската граница на југ, Парагвај на запад, државата Пернамбуко на север и Атлантскиот Океан на исток од Бразил.
Населба со лепрозни
Во средината на 1960-те ја прифативме поканата да прикажеме еден од филмовите на Друштвото во една населба со лепрозни. Морам да признаам дека бев малку уплашена. За лепрата знаевме сосема малку, само она што го имавме прочитано од Библијата. Кога влеговме во заграденото земјиште, кое беше обоено бело, бевме упатени кон еден голем аудиториум. Еден дел во средината беше ограден со јаже, за нас и за нашата опрема.
Електричарот кој ни помагаше бил жител на населбата веќе 40 години. Тој ги изгубил дланките и некои други делови од телото, а сето тоа многу го изобличуваше. На почетокот бев преплашена, но ме смири неговото весело однесување и умешноста со која ја извршуваше својата работа. Наскоро, кога ги завршивме потребните подготовки, разговаравме за различни работи. Од илјада заболени кои беа сместени во тие простории, присуствуваа преку 200. Додека влегуваа поткуцувајќи, забележавме многу различни фази на болеста од која страдаа. Колку трогателно, потресно искуство беше тоа за нас!
Размислувавме за она што му го рекол Исус на лепрозниот кој молел: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш“. Допирајќи го човекот, Исус го охрабрил: „Сакам, очисти се!“ (Матеј 8:2, 3). Откако програмата заврши, многумина ни се приближуваа за да ни се заблагодарат што дојдовме, а нивните оштетени тела беа живо сведоштво за човековото огромно страдање. Подоцна, месните Сведоци ја проучуваа Библијата со оние кои имаа желба да дознаат повеќе.
Во 1967 се вративме во САД за да се погрижиме за некои тешки здравствени проблеми. Додека продолживме да се соочуваме со нив, повторно имавме предност да служиме во покраинската служба. Следните 20 години го придружував Франсис во патувачката служба во САД. За тоа време тој беше и инструктор во Школата за служба на Царството.
Каков извор на охрабрување беше тоа што имав сопруг полн со љубов и верен придружник кој се грижеше за секоја задача што му беше дадена! Во делови од четири континенти имавме предност заеднички да го делиме богатството од библиски вистини.
Поткрепени од богатството
Уште во 1950 мајка ми се омажи со Дејвид Истер, верен брат кој беше крстен во 1924. Многу години тие служеа заедно во полновремената служба. Меѓутоа, во последниот дел од животот на мајка ми, кај неа почна да се појавува Алцхајмерова болест. Ѝ беше потребна голема грижа додека болеста ја намалуваше нејзината моќ на расудување. Моите грижливи сестри и Дејвид ја презедоа тешката одговорност да се грижат за неа, бидејќи не сакаа ние да ја напуштиме нашата посебна предност на полновремена служба. Верниот пример на мајка ми сѐ до нејзината смрт во 1987, придонесе многу во обликувањето на нашиот начин на живот, а надежта за небесна награда што ја негуваше таа, нѐ утешуваше.
Во 1989 забележав дека Франсис веќе нема толку сили како порано. Не бевме свесни дека билхарциозата, болест која е добро позната во многу делови од светот, го земаше својот данок. Во 1990 овој непопустлив непријател надвладеа, и јас го изгубив мојот сакан брачен другар со кого поминав преку 40 години во Јеховината служба.
Приспособувањата се дел од животот. Некои се лесни, а некои се тешки. Но Јехова, Дарителот на бесценетото богатство од библиски вистини, ме поткрепи преку неговата организација и преку љубовта и охрабрувањето од моето семејство. Сѐ уште наоѓам среќа додека желно го очекувам исполнувањето на сите сигурни Јеховини ветувања.
[Слика на страница 23]
Мојот сопруг и јас, кога бевме мисионери во Италија