Си охрабрил ли некого во последно време?
ЕЛЕНА имала само 17 години кога лекарите откриле дека има рак на јајниците. Нејзината мајка, Мари, требало да се бори со измачувањето да ја гледа Елена во тешки болки.
На крајот, Елена била преместена во една болница во Мадрид (Шпанија), 1.900 километри од нејзиниот дом на Канарските острови. Во Мадрид, една докторска екипа била спремна да ја оперира без крв (Дела 15:28, 29). Но, кратко по почетокот на операцијата, станало јасно дека состојбата на Елена била фатална. Ракот веќе се раширил низ нејзиното тело, а хирурзите не можеле да сторат многу. Елена умрела осум дена по пристигнувањето во Мадрид.
Мари не морала да се соочува сама со тоа тешко искушение. Двајца христијански старешини ги придружувале на свој сопствен трошок неа и нејзиниот најстар син до Мадрид и останале таму сѐ до смртта на Елена. „Тие ми помогнаа да се борам со чувството на очајна празнина што го чувствував одвнатре“, објаснува Мари. „Никогаш нема да го заборавам охрабрувањето што ми го дадоа. Нивната духовна поддршка и практична помош беа непроценливи. Тие беа вистинска ‚заштита од ветар‘“ (Исаија 32:1, 2).
Јехова е задоволен кога пастири полни со љубов, како овие, толку нежно се грижат за неговите овци (Изреки 19:17; 1. Петрово 5:2-4). Меѓутоа, давањето охрабрување не е привилегија само на старешините. Сите христијани се состануваат заедно за да примат духовна поука и да се ‚охрабруваат еден со друг‘ (Евреите 10:24, 25, НС). Охрабрувањето е битен дел од христијанското дружење.
Што вклучува охрабрувањето?
Исто како што едно убаво цвеќе венее кога нема вода, така и поединците — во семејството и во собранието — можат да овенат поради недостиг на охрабрување. Од друга страна, навременото охрабрување може да ги зацврсти оние кои се соочуваат со искушение, може да го подигне духот на депресивните и да ги зајакне оние кои верно му служат на Бог.
Грчкиот збор преведен со „охрабрување“ ги вклучува поимите утеха, поттикнување и поддршка. Според тоа, охрабрувањето не е ограничено само на тоа да се каже некому дека е добар. Тоа може да вклучува и обезбедување на практична и духовна помош.
Всушност, грчкиот збор преведен со „охрабрување“ дословно значи „повик да се биде во нечија близина“. Одењето рамо до рамо со нашите духовни браќа и сестри, нѐ оспособува да дадеме моментална поддршка ако некој од нас се умори или се спрепне (Проповедник 4:9, 10). Интересно, Јеховиниот народ ‚му служи рамо до рамо‘ (Софонија 3:9, НС). А апостол Павле нарекол еден извесен христијанин ‚искрен сотрудник‘ (Филипјаните 4:3). Ако се работи заедно под истиот јарем, рамо до рамо, товарот станува полесен, особено за оние кои не се духовно јаки. (Спореди Матеј 11:29.)
Тие дале охрабрување
Бидејќи охрабрувањето е толку важно, да разгледаме некои библиски примери за тоа. Кога Божјиот пророк Мојсеј се приближувал кон крајот на својот живот, Јехова го назначил Исус Навин да биде водач на Израелците. Тоа не било лесна задача, како што и самиот Мојсеј добро знаел (4. Мојсеева 11:14, 15). Затоа, Јехова му рекол на Мојсеј да го ‚упати Исуса, да го поткрепи [охрабри, НС] и да го утеши‘ (5. Мојсеева 3:28).
За време на израелските судии, Ефтаевата ќерка спремно се согласила со заклетвата на татко ѝ, да служи во Јеховиното светилиште, откажувајќи се од можноста да има семејство. Дали нејзината жртва останала незабележана? Не, бидејќи во Судии Израилеви 11:40 се вели: „Од година до година ќерките Израилеви да одат и ја оплакуваат ќерката на Галадецот Ефтаја, по четири дена секоја година“. Ваквите посети мора да биле многу охрабрувачки за самопожртвуваната ќерка на Ефтај.
Да се даде охрабрување понекогаш бара смелост. За време на првото мисионерско патување на Павле, тој се судрил со жестоко противење во неколку градови на Мала Азија. Бил истеран од Антиохија, одвај избегнал погубување во Иконија, а во Листра бил каменуван и оставен бидејќи се мислело дека е мртов. Меѓутоа, кратко потоа Павле и неговите придружници се вратиле во овие градови, „утврдувајќи ги душите на учениците и советувајќи им [храбрејќи ги, НС] во верата да бидат постојани, оти во Царството Божјо треба да влеземе преку многу маки“ (Дела 14:21, 22). Павле бил спремен да го ризикува својот живот за да ги охрабри овие нови ученици.
Сепак, новите ученици не се единствените христијани на кои им е потребно охрабрување. Со години подоцна Павле доживеал едно тегобно патување за Рим, каде што требало да излезе пред суд. Додека се приближувал до својата цел, можеби бил обесхрабрен на некој начин. Но, кога стигнал на оддалеченост од 74 километри југоисточно од Рим, тој се охрабрил. Зошто? Бидејќи браќа од Рим дошле да го пресретнат на Апиевата ширина и до Трите крчми. „Кога ги виде Павле, Му заблагодари на Бога и се ободри“ (Дела 28:15). Во слични околности, самото наше присуство може да биде многу охрабрувачко за соверниците.
Користи ги поволните прилики да даваш охрабрување
Навистина, постојат многу прилики да се даде охрабрување. Дали твоето срце било поттикнато од ученичкиот говор изнесен од страна на некој брат или сестра во Теократската школа за проповедање? Дали ти е драго што има духовно јаки тинејџери во собранието? Дали истрајноста на постарите те импресионира? Дали се восхитуваш од начинот на кој пионерите ја користат Библијата во службата од куќа до куќа? Тогаш, дај пофалба и кажи нешто охрабрувачко.
Охрабрувањето игра битна улога како во собранието така и во семејството. Може да им помогне на родителите да ги воспитаат своите деца „во науката и стравот Господов!“ (Ефесјаните 6:4). Да му се каже на детето дека сторило нешто добро и да му се објасни зошто, може да биде многу охрабрувачки! За време на тинејџерските години, кога младите се соочуваат со многу искушенија и притисоци, постојаното охрабрување е неопходно.
Недостатокот на охрабрување за време на детството може да влијае прилично штетно. Денес Мајкл, еден христијански старешина, е отворен човек, но тој вели: „Татко ми ниту еднаш не ми рекол дека сум направил нешто добро. Така, пораснав со недостаток на самопочитување . . . Иако сега имам 50 години, сѐ уште ценам кога некој од моите пријатели ќе ме охрабри дека добро ја извршувам работата како старешина. . . . Моето сопствено искуство ме научи колку е важно да им се дава охрабрување на другите, и јас се напрегам да го правам тоа“.
Кому му е потребно охрабрување?
Христијанските старешини, кои работат напорно, заслужуваат охрабрување. Павле напишал: „Ве молам, браќа, да ги уважувате оние, што се трудат меѓу вас, што се ваши претстојници во Господа, и оние кои ве учат. И кон нив да имате преголема љубов заради нивното дело“ (1. Солунјаните 5:12, 13). Лесно е напорната работа на старешините да се земе како нешто само по себе разбирливо. Но, зборовите на искрено ценење и охрабрување ќе направат нивниот товар да изгледа полесен.
На оние помеѓу нас кои трпат под тешки околности, исто така им е потребно охрабрување. „Утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите“, советува Библијата (1. Солунјаните 5:14). Самохраните родители, вдовиците, тинејџерите, постарите и немоќните се меѓу оние кои одвреме навреме може да се чувствуваат депримирано или духовно слаби.
Марија е христијанка којашто ненадејно ја напуштил нејзиниот сопруг. Таа рече: „Како Јов, и јас понекогаш посакував да умрам [Јов 14:13]. Сепак, благодарение на охрабрувањето што го добив, продолжив понатаму. Двајца старешини кои многу добро ги познавам, поминаа многу часови помагајќи ми да ја согледам вредноста на тоа да продолжам во полновремена служба. Ме утешија и две разумни сестри, стрпливо слушајќи додека им го излевав срцето. Користејќи ја Библијата, ме оспособија да гледам на работите од Јеховина гледна точка. Не знам колку пати го читавме Псалм 54:22, но знам дека со применувањето на овој библиски стих, полека ми се поврати духовната и емоционалната рамнотежа. Сето ова се случи пред 12 години, и драго ми е што можам да кажам дека продолжив во полновремената служба сѐ до сега. Мојот живот е наградувачки и среќен и покрај повремената емоционална болка. Уверена сум дека охрабрувањето во едно такво време може многу да значи во животот на едно лице“.
На некои им е потребно охрабрување бидејќи направиле грешки и сега се борат да ги поправат. Веројатно примиле љубезен укор (Изреки 27:6). Старешините кои го дале укорот ќе бидат будни да дадат пофалба кога ќе видат дека библискиот совет се применува. Нивните зборови на охрабрување ќе имаат двојна корист — ќе ја потврдат нивната љубов спрема грешникот за тој да не стане „претерано тажен“, и ќе го потсетат на користите од применувањето на советот (2. Коринтјаните 2:7, 8, НС).
Некој старешина направил сериозна грешка и ја загубил предноста да го надгледува собранието. „Кога беше кажано известувањето за моето сменување, мислев дека браќата ќе се чувствуваат неугодно во моето друштво“, вели тој. „Меѓутоа, старешините ја чуваа причината во строга тајност и се напрегаа да ме охрабрат. Исто така и останатите во собранието се раширија во својата љубов и во другарството, што несомнено го потпомогна моето духовно оздравување.“
Биди охрабрувачки
Во нашиот живот полн со обврски, лесно е да се превиди охрабрувањето. Но колку многу добро може да стори тоа! За да дадеш делотворно охрабрување мора да задржиш две работи во мислите. Прво, размисли што ќе кажеш, за твоето охрабрување да биде нешто одредено. Второ, барај прилика да му пристапиш на лицето кое заслужува пофалба или кое треба да се изгради.
Колку почесто го правиш ова, толку порадосен ќе бидеш. На крајот на краиштата, самиот Исус нѐ уверува: „Поблажено е да се дава, отколку да се зема“ (Дела 20:35). Со тоа што ќе ги охрабруваш другите, ти ќе се храбриш и самиот себе. Зошто не си поставиш за цел секој ден да охрабриш некого?