Утехата и охрабрувањето — скапоцени камења со многу фасети
ПОВЕЌЕТО од нас сме минале низ времиња кога сме се чувствувале крајно сиромашни — но не поради ограничените материјални средства туку поради нерасположението. Сме биле потиштени, па дури и длабоко депримирани. Но сепак, можеби во такви времиња сме можеле да добиеме нешто скапоцено што би можело да ни биде од голема корист. Тој „скапоцен камен“ е охрабрувањето.
Во Библијата е употребен еден ист грчки збор и за „охрабрување“ и за „утеха“. Обата збора ја пренесуваат мислата за влевање храброст, сила или надеж. Според тоа, јасно е дека кога се чувствуваме слабо или нерасположено, утехата и охрабрувањето се токму она што ни е потребно. Каде може да се пронајдат?
Библијата нѐ уверува дека Јехова е „Бог на секоја утеха“ (2. Коринтјаните 1:3). Исто така, таа ни кажува дека тој „не е далеку од секого меѓу нас“ (Дела 17:27). Според тоа, утехата и охрабрувањето можат да се добијат. Да разгледаме четири главни начини преку кои Јехова ни обезбедува охрабрување.
Преку личниот однос со Бог
Најголем извор на утеха е личниот однос со Јехова Бог. Делува охрабрувачки дури и самото тоа што е можен еден таков однос. На крајот на краиштата, кој светски владетел би ги примил нашите телефонски повици или би покажал личен интерес за нашите проблеми? Јехова е далеку понадмоќен од тие луѓе. Сепак, тој е понизен — тој е повеќе од спремен да покаже интерес за понижени, несовршени луѓе (Псалм 18:35, НС). Јехова дури презел и иницијатива во покажувањето љубов кон нас. Прво Јованово 4:10 вели: „Во тоа се состои љубовта, што не ние Го засакавме Бога, туку Бог нас нѐ возљуби и Го прати Синот Свој, за да ги очисти гревовите наши“. Освен тоа, Јехова со љубов нѐ привлекува кон својот Син (Јован 6:44).
Дали си се одѕвал и дали си побарал утеха во пријателството со Бог? (Спореди Јаков 2:23.) На пример, ако имаш некој драг, близок пријател, зарем не би сакал да поминеш некое време со него, слободно зборувајќи за своите неспокојства и грижи, за своите надежи и радости? Јехова те повикува да го сториш тоа и со него. Тој не поставува граници за тоа колку долго смееш да зборуваш со него во молитва — и тој навистина те слуша (Псалм 64:2; 1. Солунјаните 5:17). Исус се молел редовно и горливо. Всушност, пред да ги избере своите 12 апостоли, тој поминал во молитва цела ноќ (Лука 6:12-16; Евреите 5:7).
Одвреме навреме, секој од нас може да најде начин да биде сам со Јехова. И самото мирно седење крај прозорецот или спокојната прошетка можат да бидат добра можност за да му го излееме своето срце на Јехова преку молитва. Ако правиме така, тоа може да биде извор на огромно олеснување и утеха. Додека медитираме, ако гледаме некој аспект на Јеховиното творештво — макар само едно делче од небото, неколку дрвја или птици — можеме да најдеме во нив некои утешителни потсетувања за Јеховината љубов и грижа за нас (Римјаните 1:20).
Преку лично проучување на Божјата Реч
Сепак, личната студија на Библијата е таа преку која Јеховините особини точно се откриваат пред нас. Библијата постојано покажува дека Јехова е „Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив“ (2. Мојсеева 34:6; Неемија 9:17; Псалм 85:15). Желбата да ги утешува своите земски слуги е суштествен дел од Јеховината личност.
На пример, размисли за Јеховините зборови во Исаија 66:13: „Како што некого го утешува мајка, така ќе ве утешам и Јас“. Јехова имал намера мајчината љубов кон децата да биде самопожртвувана и лојална. Ако некогаш си видел како една мајка со љубов го утешува своето повредено дете, тогаш сфаќаш што мисли Јехова кога вели дека ќе го утеши својот народ.
Многу библиски извештаи покажуваат таква утеха на дело. Кога злобната царица Језавела му се заканила со смрт на пророкот Илија, тој ја изгубил храброста и побегнал за да се спаси. Тој бил толку очаен што отишол во пустината патувајќи цел еден ден, очигледно без да земе со себе вода или храна. Од мака, Илија му рекол на Јехова дека сака да умре (3. Царства 19:1-4). Што сторил Јехова за да го утеши и охрабри својот пророк?
Јехова не го прекорил Илија поради неговите чувства на осаменост, безвредност и страв. Напротив, пророкот слушнал еден „спокоен, тивок глас“ (3. Царства 19:12, НС) Ако го прочиташ 19. поглавје од 3. Царства, ќе забележиш како Јехова го утешил Илија, го смирил и ја изградил неговата вера. Оваа утеха не била површна. Таа допрела токму до вознемиреното срце на Илија и го охрабрила пророкот да продолжи понатаму. (Спореди Исаија 40:1, 2.) Наскоро тој се вратил на својата работа.
Исто така, и Исус Христос ги утешува и ги охрабрува своите лојални следбеници. Всушност, Исаија прорекол за Месијата: „Господ . . . Ме испрати да лекувам сокрушени по срце, . . . да ги утешам сите оние што тагуваат“ (Исаија 61:1-3). Во текот на својот живот, Исус не оставил никаква причина за сомневање дека овие зборови се однесуваат на него (Лука 4:17-21). Ако чувствуваш потреба од утеха, медитирај за Исусовите нежни, љубезни постапки кон луѓето кои биле повредени и имале потреба. Навистина, внимателното проучување на Библијата е голем извор на утеха и охрабрување.
Преку собранието
Во христијанското собрание, скапоцените камења на утеха и охрабрување блескаат во многуте свои фасети. Апостол Павле бил инспириран да напише: „Утешувајте се и изградувајте се еден со друг“ (1. Солунјаните 5:11, НС). Како може да се најде утеха и охрабрување на собраниските состаноци?
Се разбира, ние присуствуваме на христијанските состаноци првенствено за да бидеме „од Бога научени“ и да добиеме поука за него и за неговите патишта (Јован 6:45). Таквата поука треба да биде охрабрувачка и утешна. Во Дела 15:32 читаме: „Јуда, пак, и Сила . . . со многу зборови ги утешија браќата и ги утврдија“.
Ти се случило ли некогаш да отидеш потиштен на христијански состанок, а потоа да се вратиш дома чувствувајќи се многу подобро? Можеби нешто што било кажано во некој говор, во некој коментар или во молитва, го трогнало твоето срце и ти дало таква утеха и такво охрабрување какви што ти биле потребни. Затоа, не изостанувај од христијанските состаноци (Евреите 10:24, 25).
Дружењето со нашите браќа и сестри во службата и во други прилики може да има сличен ефект. Во хебрејскиот јазик, неколку глаголи со значење „да се поврзе“, почнале да се однесуваат и на зборовите „сила“ или „зајакнува“ — јасна е мислата дека работите стануваат појаки кога се поврзани. Ова начело важи и во собранието. Ние сме утешени и охрабрени — да, зајакнати кога се дружиме заедно. Исто така, ние сме поврзани и со љубовта, која е најсилна од сите врски (Колосјаните 3:14).
Понекогаш сме охрабрени од верноста на нашите духовни браќа или сестри (1. Солунјаните 3:7, 8). Понекогаш тоа е љубовта што ја покажуваат (Филимон 7). А понекогаш е самото тоа што работиме заедно, рамо до рамо, додека им зборуваме на другите за Божјето Царство. Ако се чувствуваш слаб и потребно ти е охрабрување во поглед на службата, зошто не направиш подготовки да работиш со некој постар или поискусен објавител на Царството? Веројатно ќе најдеш голема утеха ако постапиш така (Проповедник 4:9-12; Филипјаните 1:27).
Преку „верниот и разумен роб“
Кој ги организира утешителните аспекти на нашето обожавање? Исус поставил една класа што ја назначил како ‚верен и разумен роб‘ за да дели духовна „храна во право време“ (Матеј 24:45, НС). Во првиот век н. е. веќе дејствувало ова тело од христијани кои биле помазани со дух. Водечкото тело од старешини во Ерусалим им испратило на собранијата писма со упатства и водство. Со каков резултат? Библијата известува како реагирале собранијата на едно такво писмо: „Откако го прочитаа, се зарадуваа поради утехата“ (Дела 15:23-31).
Исто така, и во овие критични последни денови, верниот и разумен роб дели духовна храна која му дава голема утеха и охрабрување на Јеховиниот народ. Дали земаш од таа храна? Таа е ставена на располагање преку печатената литература што класата на робот овозможува да биде достапна низ целиот свет. Списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, како и книгите, брошурите и трактатите што ги издава Друштвото Стражарска кула, им дале утеха на безброј читатели.
Еден патувачки надгледник напишал: „Повеќето наши браќа и сестри сакаат да го прават она што е исправно, но честопати се борат со фрустрации, стравови и со чувства дека се немоќни да си помогнат. Статиите во нашите списанија им помагаат на многумина повторно да стекнат контрола над своите животи и емоции. Исто така, статиите им даваат на старешините да понудат нешто повеќе отколку само површно охрабрување“.
Потполно искористи ја литературата од класата на верниот роб. Навремените списанија, книги и други публикации можат да ни помогнат да пронајдеме утеха кога времињата се тешки. Од друга страна, пак, ако си во состојба да му дадеш охрабрување на некој кој е депримиран, користи ги библиските информации од овие списанија. Статиите се пишувани многу внимателно, честопати после многу седмици или месеци трудољубиво истражување, проучување и молитва. Советот се темели на Библијата, тој е испробан и вистинит. Некои откриле дека е од голема помош кога ќе прочитаат една или две пригодни статии заедно со некој што е нерасположен. Тоа може да даде голема утеха и охрабрување.
Кога би пронашол скапоцени камења, дали би ги чувал за себе или великодушно би поделил дел од богатството со другите? Постави си за цел да бидеш извор на утеха и охрабрување за своите браќа и сестри во собранието. Ако изградуваш наместо да рушиш, ако пофалуваш наместо да критизираш и ако зборуваш со „јазикот на поучените“ наместо со ‚непромислени бодежи од меч‘, тогаш ти можеш да придонесеш за една промена во животот на другите (Исаија 50:4; Изреки 12:18, обата НС). Всушност, сосема е веројатно дека токму на тебе ќе се гледа како на скапоцен камен — извор на вистинска утеха и охрабрување!
[Рамка на страница 20]
Утеха за оние кои имаат потреба од неа
МНОГУМИНА коментирале дека некои статии од Стражарска кула и Разбудете се! го продлабочиле нивниот личен однос со Јехова. Една жена рекла: „Откако ја прочитав оваа статија, почувствував дека Јехова, со сета своја моќ и величина, е токму овде покрај мене. Почувствував дека тој е реална личност“. Едно друго писмо наведува: „Нашите срца и мисли толку драматично се променија во однос на нашето гледиште за Јехова, што сега повеќе не сме истите личности. Тоа е како некој да ни ги избришал стаклата од очилата и сега можеме јасно да гледаме сѐ“.
Некои ни пишуваат за да ни кажат на кој начин списанијата им помагаат да излезат на крај со некои посебни проблеми или предизвици, уверувајќи ги во Јеховиниот личен интерес за нив. Една читателка го кажала тоа на следниов начин: „Многу ви благодарам што уште еднаш ни дозволивте да видиме колку многу Јехова се грижи за својот народ и колку многу го сака“. Една жена од Јапонија, на која ѝ умрело детето, во врска со таа тема во Разбудете се! го рекла следново: „Од страниците се излеваше длабочината на Божјата милост, а јас само плачев, плачев и плачев. Овие статии ги ставив на едно место каде што ќе можам да ги читам веднаш штом ќе се почувствувам бедна и осамена“. Една друга ужалена жена, напишала: „Статиите од Стражарска кула и од Разбудете се!, како и брошурата Кога ќе умре некој што го сакаш, ми дадоа сила што ми беше потребна за да ги поднесам периодите на жалење“.
Светите списи се главен извор на утеха (Римјаните 15:4). Стражарска кула, како и нејзиното придружно списание Разбудете се!, се држат за Библијата како свој авторитет. Поради тоа, овие списанија покажале дека се утеха и охрабрување за оние кои ги читаат.
[Слика на страница 23]
Богот на секоја утеха е исто така и Слушач на молитви