Зошто е време да се донесе одлука?
ВО XVI век пр. н. е., Бог ги одбрал Израелците за свој „народ избран меѓу сите народи . . . народ свет“ (2. Мојсеева 19:5, 6). Наскоро тие ја изгубиле својата светост, односно својата религиозна чистота, дозволувајќи си да бидат извалкани со идолопоклонството и изопачените обичаи на соседните народи. На тој начин се покажале како „тврдоврати луѓе“ (5. Мојсеева 9:6, 13; 10:16; 1. Коринтјаните 10:7-11). Во период подолг од триста години, по смртта на Исус Навин, Јехова подигнал судии — верни водачи кои требало да ги вратат Израелците до вистинското обожавање. Меѓутоа, луѓето ‚не отстапувале од делата свои жестоки и од лошиот пат свој‘ (Судии Израилеви 2:17-19).
После тоа Бог подигнал верни цареви и пророци за да ги поттикнат луѓето да се вратат кон вистинското обожавање. Пророкот Азарија ги охрабрил царот Аса и неговите сонародници да го бараат Јехова: „Ако Го барате, ќе Го најдете; ако, пак, Го оставите, и Он ќе ве остави“. Аса извршил религиозна реформа во царството Јуда (2. Летописи 15:1-16). Подоцна, Бог морал да го обнови повикот преку својот пророк Јоил (Јоил 2:12, 13). Уште подоцна, Софонија ги поттикнал жителите на Јудеја да го ‚бараат Господа‘. Младиот цар Јосија го направил тоа во една кампања од реформи за да го елиминира идолопоклонството и моралната расипаност (Софонија 2:3; 2. Летописи 34:3-7).
И покрај ваквите епизоди на каење, религиозната состојба на луѓето станувала сѐ покритична (Јеремија 2:13; 44:4, 5). Јеремија го осудил религиозниот систем извалкан со идолопоклонски обичаи, опишувајќи го како непоправлив: „Може ли Етиопјанин да ја смени кожата своја и леопардот — дамките свои? Па така и вие, можете ли да правите добро, кога сте свикнати да вршите зло?“ (Јеремија 13:23). Од оваа причина, Бог му наметнал тешка казна на царството Јуда. Ерусалим и неговиот храм биле уништени во 607 пр. н. е., а преживеаните биле депортирани како робови во Вавилон, каде што останале 70 години.
Кога завршил тој период, Бог покажал милосрдност. Тој го поттикнал царот Кир да ги ослободи Израелците, од кои еден остаток се вратил во Ерусалим за да го реконструира храмот. Наместо од сето ова да научат една лекција, тие повторно скршнале од вистинското обожавање, предизвикувајќи Јехова Бог да го повтори својот повик: „Обрнете се кон Мене, и Јас ќе се обрнам кон вас“ (Малахија 3:7).
Зошто Израел бил отфрлен
Каква била религиозната состојба на Израелците во времето на Исус? Лицемерните религиозни водачи биле „слепи водачи“ кои поучувале „човечки повелби“. ‚Тие ја престапувале Божјата заповед заради нивното предание.‘ Луѓето го почитувале Бог со ‚своите усни‘, но нивното срце било далеку од него (Матеј 15:3, 4, 8, 9, 14). Дали тие како нација требало да добијат уште една прилика да се покајат? Не. Исус рекол: „Царството Божјо ќе се земе од вас и ќе се даде на народ, што ги принесува неговите плодови“. Понатаму тој рекол: „Ви се остава вашиот дом пуст“, односно храмот во Ерусалим (Матеј 21:43; 23:38). Нивната грешка била преголема. Тие го отфрлиле Исус како Месија и го предале да биде убиен, избирајќи го тиранскиот римски Цезар за свој цар (Матеј 27:25; Јован 19:15).
Израелците не сакале да сфатат дека времето во кое Исус ја извршувал својата служба било време на суд. На неверните жители на Ерусалим, Исус им рекол: „Не си го позна времето, кога беше посетен“ (Лука 19:44).
На Пентакост 33 н. е., Бог создал нова нација, или народ, т.е. со дух помазаните ученици на неговиот Син, Исус Христос, кои ќе бидат избрани од секоја раса и нација (Дела 10:34, 35; 15:14). Дали имало некаква надеж дека еврејскиот религиозен систем конечно ќе биде обновен? Римските легии го дале одговорот во 70 н. е., срамнувајќи го Ерусалим со земјата. Бог потполно го отфрлил тој религиозен систем (Лука 21:5, 6).
Големото отпадништво на христијанството
Со дух помазаните христијани исто така создале „света нација, луѓе за посебна своина“ (1. Петрово 2:9, НС; Галатјаните 6:16). Но, дури ни првобитното христијанско собрание не ја задржало долго својата религиозна чистота.
Писмото прорекло големо отпадништво, или отпаѓање од вистинската вера. Симболичниот плевел од Исусовата парабола, со кој се претставени лажните христијани, ќе се обиде да го задуши симболичното жито, односно вистинските христијани — оние кои се помазани со Божјиот дух. Параболата открива дека ширењето на лажното христијанство, поттикнувано од Божјиот голем непријател, Ѓаволот, требало да започне ‚кога луѓето спиеле‘. Ова се случило по смртта на Христовите верни апостоли, во периодот на тешка духовна дремливост (Матеј 13:24-30, 36-43; 2. Солунјаните 2:6-8). Како што претскажале апостолите, многу лажни христијани го пробиле својот пат до трлото (Дела 20:29, 30; 1. Тимотеј 4:1-3; 2. Тимотеј 2:16-18; 2. Петрово 2:1-3). Јован умрел последен од апостолите. Околу 98 н. е., тој напишал дека „последниот час“ — завршниот дел од апостолскиот период — веќе започнал (1. Јованово 2:18, 19).
Со сојузот на религијата и политичката сила, ратификуван од страна на римскиот император Константин, духовната, доктринарната и моралната состојба на христијанството драматично се влошила. Многу историчари се сложуваат дека „триумфот на црквата во текот на четвртиот век“, од христијанска гледна точка, бил „катастрофа“. ‚Христијанството го изгубило своето високо морално ниво‘ и прифатило многу обичаи и филозофии од паганизмот, како што се „култот на Марија“ и обожавањето на „светци“, како и концептот за тројството.
По нејзиниот лажен триумф, состојбата на христијанството се влошила. Декретите и доктринарните дефиниции издадени од папите и концилите, а да не ги спомнуваме инквизицијата, крстоносните војни и „светите“ војни помеѓу католиците и протестантите, произвеле непоправлив религиозен систем.
Во својата книга A World Lit Only by Fire (Свет осветлен само од оган), Вилијам Манчестер пишува: „Папите во петнаесеттиот и шеснаесеттиот век живееле како римските императори. Тие биле најбогатите луѓе на светот, а заедно со своите кардинали и понатаму се збогатувале преку данокот што им го наметнувале на своите потчинети“. За време на големото отпадништво, мали групи или одделни поединци се труделе повторно да го откријат вистинското христијанство, покажувајќи ги својствата на симболичното жито. Честопати скапо го платиле тоа. Истата книга вели: „Одвреме навреме изгледало дека вистинските светци на христијанството, како протестанти така и католици, станале оцрнети маченици обвиткани во пламен“. Други, т. н. реформатори, како Мартин Лутер и Жан Калвин, успеале да создадат издржливи религиозни системи кои биле одвоени од католичката црква, но кои сѐ уште ги имале нејзините темелни доктрини. Тие исто така биле длабоко вплеткани во политички афери.
На полето на протестантската црква биле направени напори да се изврши едно т. н. повторно религиозно будење. На пример, во текот на XVIII и XIX век, овие напори резултирале со енергична активност на мисионерите на странски подрачја. Меѓутоа, со дозвола на самите пастири, денес духовната состојба на протестантското стадо е сѐ друго само не охрабрувачка. Протестантскиот теолог Оскар Кулман неодамна признал дека „во самите цркви верата е во криза“.
И во католичката црква биле направени реформи и контрареформи. Од XI до XIII век, наспроти нашироко распространетата корупција и огромното богатство на свештенството, биле формирани калуѓерските редови кои стриктно го следеле заветот за сиромаштво. Но, тие биле строго набљудувани и, според научниците, биле задушени од страна на црковната хиерархија. Потоа, во XVI век се појавила контрареформата, поддржувана од концилот во Трент, која главно била насочена за борба против протестантската реформација.
Во првата половина на XIX век, во периодот на црковната обнова, католичката црква зазела еден апсолутистички и конзервативен став. Сепак, не може да се каже дека била направена некаква вистинска реформа за да се обнови вистинското христијанство. Напротив, тоа повеќе биле напори да се зацврсти власта на свештенството и покрај светските религиозни, политички и социјални промени.
Во поново време, во 1960-тите, се чинеше дека католичката црква сакаше да лансира еден процес на длабоки промени, со екуменскиот концил — Ватикан II. Меѓутоа, од страна на тогашниот папа бил наметнат еден ненадеен застој во т. н. концилска обнова, со цел да се ограничи духот на напредните членови на црквата. Оваа фаза, која некои ја нарекуваат обновата на Војтила, една католичка група ја дефинирала како „нов вид на константинизам“. Како што било истакнато во језуитскиот журнал La Civiltà Cattolica, католичката црква, како и другите религии, се соочува со „радикална и глобална криза: радикална, затоа што ги опфаќа самите корени на верата и христијанскиот живот; глобална, затоа што ги опфаќа сите фасети на христијанството“.
Религиите на христијанството, всушност, не се подложиле на никаков процес на реформација ниту, пак, ќе бидат во состојба да го сторат тоа, бидејќи вистинското христијанство требало да биде обновено во времето на „жетвата“, со собирањето на симболичното жито во едно чисто собрание (Матеј 13:30, 39). Долгиот список на злосторства и недела извршени во име на религијата, било да е христијанска или не, го иницира прашањето: Дали е реално од христијанството да се очекува вистинска реформа?
Реформа — невозможна?
Книгата Откровение, или Апокалипса, зборува за симболична голема проститутка која го носи мистериозното име ‚Големиот Вавилон‘ (Откровение 17:1, 5). Со векови оние кои ја читале Библијата се труделе да ја објаснат мистеријата на овој симбол. Многумина чувствувале одвратност спрема богатството и изопаченоста на свештенството. Некои мислеле дека Големиот Вавилон ја претставувал црковната хиерархија. Помеѓу нив биле Јан Хус, чешки католички свештеник кој бил жив запален во 1415, и Аонио Палеарио, италијански хуманист кој во 1570 бил обесен, па запален. И двајцата безуспешно се обидувале да ја преобразат католичката црква со надеж дека таа ќе се врати на „своето првобитно достоинство“.
За разлика од тоа, 17-то и 18-то поглавје од Откровението покажуваат дека Големиот Вавилон го претставува светското царство на целата лажна религија.a Оваа комбинирана ‚голема блудница‘ е непоправлива, бидејќи ‚гревовите нејзини стигнале до небото‘. Всушност, во овој XX век, практично сите религии, а не само оние на христијанството, ја делат одговорноста за војните кои продолжуваат да пролеваат многу крв и за тешката морална деградација што го измачува човештвото. Како последица на тоа, Бог донел пресуда за уништување на „Вавилон“ (Откровение 18:5, 8).
Сега е времето да се ‚излезе од неа‘
Исполнувањето на библиските пророштва открива дека нашиот ден одговара на „завршетокот“ на овој зол „систем на ствари“ (Матеј 24:3, НС). Секој што сака искрено да го обожава Бог, не може да си дозволи да следи некои свои идеи и склоности. Тој мора ‚да го бара Господа, кога може да го најде‘, да, токму сега бидејќи ‚големата неволја‘ што ја претскажал Исус е пред врата (Исаија 55:6; Матеј 24:21, НС). Како што се покажало вистинито во случајот со израелскиот народ, Бог нема да ја толерира корупцијата на религијата само затоа што таа се фали со својата древност. Наместо да се обидуваат да го поправат бродот кој е предодреден да потоне, сите оние кои копнеат по Божје одобрување и спасение мораат без одлагање да ја послушаат инспирираната заповед од Откровение 18:4: „Излезете од неа [Големиот Вавилон], луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини, и да не се заразите од раните нејзини [ако не сакате да примите дел од нејзините маки, НС]“.
„Излезете“ — но каде? Каде на друго место може да се пронајде спасение? Зарем не постои опасност да се бара заштита на погрешно место? Како може да се препознае единствената религија која има Божје одобрување? Единствените веродостојни одговори можат да се најдат во Божјата Реч (2. Тимотеј 3:16, 17). Јеховините сведоци те повикуваат поподробно да ја испиташ Библијата. Ќе бидеш во можност да разбереш кои се оние кои Бог ги избрал како „народ за свое име“, народ што тој ќе го заштити за време на претстојниот ден на неговиот гнев (Дела 15:14, НС; Софонија 2:3; Откровение 16:14-16).
[Фуснота]
a За да го идентификуваш на исправен библиски начин симболичниот Голем Вавилон, разгледај ги 33-то до 37-то поглавје од книгата Revelation—Its Grand Climax At Hand! (Откровение — Близу е неговата величествена кулминација!), објавена во 1988, од Watchtower Bible and Tract Society, Њујорк.
[Слика на страница 7]
Ако бродот на твојата религија тоне, сврти се кон спасувачкиот брод на вистинското христијанство