„Не бој се, мало стадо“
„Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (ЛУКА 12:32)
1. Кој бил темелот за Исусовите зборови: „Не бој се, мало стадо“?
„БАРАЈТЕ го царството Божјо“ (Лука 12:31). Кога Исус им ги кажал овие зборови на своите ученици, тој изразил едно начело што го водело размислувањето на христијаните од негово време па до денес. Божјето Царство мора да го зазема првото место во нашите животи (Матеј 6:33). Меѓутоа, во извештајот на Лука, Исус продолжил да ѝ кажува нежни и охрабрувачки зборови на една посебна група христијани. Рекол: „Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лука 12:32). Како Добар Пастир, Исус знаел дека на неговите блиски ученици им претстојат бурни времиња. Но немале причина да се плашат доколку продолжеле да го бараат Божјето Царство. Затоа, Исусовата опомена не била груба заповед, туку ветување полно со љубов, кое послужило да им влее доверба и храброст.
2. Кој го сочинува малото стадо, и зошто се тие особено привилегирани?
2 Исус им се обратил на своите ученици и ги нарекол „мало стадо“. Исто така, им зборувал и на оние на коишто Јехова требало ‚да им го даде царството‘. Споредено со огромните мноштва коишто подоцна требало да го прифатат Исуса, оваа група навистина била мала на број. Тие биле сметани и за драгоцени, бидејќи биле избрани за една извонредна иднина, имено да бидат употребени во кралска служба. Нивниот Татко, Големиот Пастир, Јехова, го повикува малото стадо за да добие небесно наследство во врска со Христовото Месијанско Царство.
Малото стадо
3. Каква славна визија имал Јован за малото стадо?
3 Тогаш, кој го сочинува тоа мало стадо коешто има ваков прекрасен изглед? Тоа се следбениците на Исус Христос, кои добиваат помазување со свет дух (Дела 2:1-4). Откако ги видел како небесни пеачи со харфи во рацете, апостол Јован запишал: „Потоа видов: ете, Агнецот стои на гората Сион, и со Него сто и четириесет и четири илјади, што го имаа на челата свои напишано името на Неговиот Отец. Тие се, што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени; тие се, што врват по Агнецот, каде и да оди. Тие се откупени меѓу луѓето, првенци на Бога и на Агнецот, и во устата нивна измама не се најде: тие се непорочни“ (Откровение 14:1, 4, 5).
4. Каква положба има малото стадо денес на Земјата?
4 Од Пентакост 33 н. е. па наваму, овие помазани, духовно родени поединци служат како Христови пратеници на Земјата (2. Коринтјаните 5:20). Денес само еден остаток од нив служат заеднички како класа на верен и разумен роб (Матеј 24:45; Откровение 12:17). Особено од 1935, ним им се придружиле и „други овци“, христијани со земска надеж, кои сега бројат на милиони. Тие помагаат во проповедањето на добрата вест по целата Земја (Јован 10:16).
5. Каков е ставот на преостанатите од малото стадо, и зошто тие не треба да се бојат?
5 Каков е ставот на преостанатите од ова мало стадо кои сѐ уште се на Земјата? Знаејќи дека треба да добијат ‚царство непоколебливо‘, тие принесуваат света служба со божествен страв и стравопочитување (Евреите 12:28). Понизно сфаќаат дека нивното наследство претставува непроценлива предност која им донесува бескрајна радост. Тие го пронашле ‚скапоцениот бисер‘ на кој се осврнал Исус кога зборувал за Царството (Матеј 13:46). Додека наближува големата неволја, Божјите помазаници стојат бестрашно. И покрај сето она што треба да дојде врз светот на човештвото за време на „големиот и славен ден Господов“, тие немаат морбиден страв од иднината (Дела 2:19-21). А и зошто би го имале?
Броевите опаѓаат
6, 7. а) Зошто бројот на членовите на малото стадо кое сѐ уште е на Земјата, е сосема мал? б) Како треба да гледа секој поединец на надежта што ја има?
6 Во последниве години, бројот на малото стадо кое сѐ уште е на Земјата, стана многу мал. Тоа беше очигледно од извештајот за Споменот во 1994. Во околу 75.000 собранија на Јеховиниот народ по целиот свет, само 8.617 зедоа од симболите, со што го покажаа своето признание дека се членови на остатокот (Матеј 26:26-30). За разлика од нив, вкупниот број на присутни беше 12.288.917. Помазаните христијани знаат дека всушност тоа и треба да се очекува. Јехова поставил ограничен број — 144.000 — кои го сочинуваат малото стадо, и тој ги собира од Пентакост 33 н. е. па наваму. Логично, повикувањето на малото стадо требало да заврши кога бројот ќе биде приближно пополнет, а постои доказ дека главното собирање на овие посебно благословени лица завршило во 1935. Меѓутоа, за другите овци било проречено дека во времето на крајот ќе пораснат во ‚големо мноштво народ, кое што никој не може да го преброи — од сите племиња и колена, народи и јазици‘. Од 1935, Јехова го извршува главното собирање на ова големо мноштво, кое се надева на вечен живот на рајска Земја (Откровение 7:9; 14:15, 16; Псалм 36:29).
7 Повеќето припадници на малото стадо кои сѐ уште се на Земјата, сега се во своите 70-ти, 80-ти или 90-ти години. Неколкумина ја имаат преминато 100-тата година од животот. Сите тие, без оглед на нивната старост, знаат дека на крајот, преку небесно воскресение, ќе бидат обединети со Исус Христос и ќе владеат со него во неговото славно Царство. Припадниците на големото мноштво ќе бидат земски поданици на Царот Христос. Нека се радува секој од нив за она што Јехова го чува за лицата кои го сакаат. Не ни е препуштено нам самите да бираме каква надеж ќе имаме. Тоа го одредува Јехова. Обете групи можат да се радуваат на нивната надеж за среќна иднина, било во небесното Царство или на рајската Земја под тоа Царство (Јован 6:44, 65; Ефесјаните 1:17, 18).
8. До каде дошло запечатувањето на 144.000-те, и што ќе се случи кога тоа ќе заврши?
8 Малото стадо од 144.000 го сочинува „Израилот Божји“, кој во Божјите намери го заменил природниот Израел (Галатјаните 6:16). Затоа, остатокот ги опфаќа преостанатите од тој духовен народ кој сѐ уште е на Земјата. Таквите преостанати поединци се запечатени за Јеховиното конечно одобрување. Апостол Јован го видел тој настан во една визија и известил: „И видов друг ангел како се подигаше од исток, кој имаше печат на живиот Бог. И тој извика со висок глас кон четирите ангели, на кои им беше дадено, да ја растурат земјата и морето, велејќи: ‚Не пакостете ѝ на земјата, ниту на морето, ниту, пак, на дрвјата, додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог!‘ И го чув бројот на одбележаните со печат: сто и четириесет и четири илјади беа одбележани од сите колена на [духовните] синови Израилеви“ (Откровение 7:2-4). Бидејќи ова дело на запечатување на духовниот Израел очигледно привршува, тоа укажува дека возбудливите настани што набрзо треба да се случат се блиску. Пред сѐ, ‚големите маки [големата неволја, НС]‘, кога врз Земјата ќе бидат пуштени четирите ветрови на уништувањето, сигурно е многу близу (Откровение 7:14).
9. Како гледа малото стадо на растечкиот број на големото мноштво?
9 Припадниците на големото мноштво кои веќе се собрани, бројат на милиони. Колку само ова ги радува срцата на оние од остатокот! Иако бројот на членовите на малото стадо кои сѐ уште се на Земјата и понатаму опаѓа, тие оспособиле и подготвиле квалификувани мажи од големото мноштво за да ги преземат одговорностите во врска со Божјата земска организација која се шири (Исаија 61:5). Како што покажал Исус, ќе има преживеани од големата неволја (Матеј 24:22).
„Не бој се“
10. а) Каков напад треба да биде извршен врз Божјиот народ, и до што ќе доведе тоа? б) Кои прашања се поставуваат до секого од нас?
10 Сатана и неговите демони се понижени во близината на Земјата. Тој и неговите орди се престројуваат за извршување на нивниот сеопшт напад врз Јеховиниот народ. Овој напад, што е проречен во Библијата, е опишан како напад на Гог од Магог. Особено врз кого Ѓаволот го насочува својот јуриш? Зарем не врз последните членови на малото стадо — духовниот Израел Божји, кој мирољубиво живее „во папокот на земјата“? (Језекиил 38:1-12). Да, но остатокот од верната помазана класа, заедно со нивните лојални придружници — другите овци, ќе посведочат како Сатановиот напад ќе предизвика Јехова Бог да одговори на драматичен начин. Тој ќе интервенира во одбрана на својот народ, а тоа ќе го поттикне избувнувањето на „денот Господен, великиот и страшниот“ (Јоил 2:31). Денес, верниот и разумен роб извршува една витална, животоспасувачка служба, како предупредување за оваа идна Јеховина интервенција (Малахија 4:5; 1. Тимотеј 4:16). Дали ти активно ја поддржуваш таа служба, учествувајќи во проповедањето на добрата вест за Јеховиното Царство? Ќе продолжиш ли да го правиш тоа како бестрашен објавител на Царството?
11. Зошто храбриот став денес е од животоважно значење?
11 Со оглед на сегашната светска ситуација, колку е навремено за малото стадо да ги слуша зборовите што му ги упатил Исус: „Не бој се, мало стадо“! Таквиот храбар став е многу битен ако се има предвид сето она што се случува според Јеховината намера. Поединечно, секој еден од малото стадо ја сфаќа потребата да истрае сѐ до самиот крај (Лука 21:19). Како што истрајал Исус Христос, Господот и Господарот на малото стадо и се покажал верен сѐ до самиот крај на неговиот земски живот, така секој поединец од остатокот мора да истрае и да се покаже верен (Евреите 12:1, 2).
12. На кој начин Павле, како Исус, ги подбудил помазаните христијани да не се плашат?
12 Сите помазаници мораат да го имаат истото гледиште како апостол Павле. Забележи на кој начин неговите зборови, како помазан јавен објавител на воскресението, се во склад со Исусовата подбуда да не се плашат. Павле напишал: „Помни Го Господа Исуса Христа од родот Давидов, Кој воскресна од мртвите, онака како што ви проповедав, поради кое страдам дури до окови, како злочинец. Но словото Божјо не се врзува. Затоа сѐ трпам заради избраните, та и тие да добијат спасение во Христа Исуса со вечна слава. Верни се зборовите: ‚Ако со Него сме умреле, со Него и ќе оживееме. Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме, и Он ќе се одрече од нас. Ако не веруваме, Он останува верен, бидејќи Сам Себеси не може да се одрече‘“ (2. Тимотеј 2:8-13).
13. Какво длабоко уверување имаат членовите на малото стадо, и на што ги мотивира тоа?
13 Како апостол Павле, и преостанатите членови на помазаното мало стадо се спремни да поднесат страдање додека ја објавуваат моќната порака што е изнесена во Божјата Реч. Нивните уверувања се длабоко вкоренети додека се ослонуваат на божествените ветувања за спасение и на тоа дека им е даден ‚венец на животот‘ ако се покажат верни до смртта (Откровение 2:10). Со тоа што ќе доживеат моментално воскресение и промена, ќе бидат доведени во заедница со Христос за да владеат со него како цареви. Каков триумф за нивното чување на беспрекорноста како победници на светот! (1. Јованово 5:3, 4).
Единствена надеж
14, 15. На кој начин надежта во воскресение што ја негува малото стадо, е единствена?
14 Надежта во воскресение што ја поседува малото стадо е единствена. Во кој поглед? Како прво, таа му претходи на општото воскресение „на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Всушност, воскресението на помазаниците се одвива по извесен редослед на важност, како што е јасно утврдено со зборовите од 1. Коринтјаните 15:20, 23: „Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените. Но секој по својот ред: прв е Христос; потоа, при Неговото доаѓање ќе воскреснат сите што се Христови“. Бидејќи имаат истрајност и вера какви што покажал Исус, лицата од малото стадо знаат што ги очекува кога ќе го завршат земскиот живот, особено откако во 1918 вистинскиот Господ дошол во својот храм да суди (Малахија 3:1).
15 Павле ни дава и додатна причина зошто да го сметаме ова воскресение за единствено. Како што е забележано во 1. Коринтјаните 15:51-53, тој напишал: „Еве, тајна ви кажувам; сите нема да умреме, но сите ќе се измениме, одеднаш, во еден миг, при последната труба; . . . зашто распадливото треба да се облече во нераспадливо, а смртното — да се облече во бесмртно“. Овие зборови се однесуваат на членовите на малото стадо кои умираат во текот на Христовата присутност. Без да мораат да спијат еден подолг период во смрт, тие се облечени со бесмртност, „одеднаш, во еден миг“.
16, 17. На кој начин помазаните христијани денес се особено благословени што се однесува до нивната надеж во воскресение?
16 Во светлината на ова разбирање, можеме да ја сфатиме смислата на зборовите на апостол Јован од Откровение 14:12, 13. Тој напишал: „Тука е трпението на светиите; тука се оние, што ги пазат заповедите Божји и верата во Исуса. И чув глас од небото да ми вели: ‚Напиши — блажени се мртвите, кои отсега умираат во Господа! Да — вели Духот — нека се одморат од трудот свој, оти делата нивни ги следат!‘“
17 Каква единствена награда го очекува остатокот од малото стадо! Нивното воскресение ќе дојде брзо, веднаш штом ќе заспијат во смрт. Каква извонредна промена ќе доживеат тие кога ќе ја преземат својата задача во духовното подрачје! Со таквото прославување на малото стадо, што се одвива во овој момент, и со исполнувањето на главните библиски пророштва што се скоро завршени, последните преостанати членови на малото стадо навистина не треба ‚да се бојат‘. А нивната бестрашност служи за охрабрување на членовите на големото мноштво, кои треба да негуваат сличен став на бестрашност додека го очекуваат ослободувањето во текот на најголемото време на неволја на Земјата кое некогаш било.
18, 19. а) Зошто времето во кое живееме е итно? б) Зошто и помазаниците и другите овци не треба да се бојат?
18 Пребројувањето на активностите на малото стадо им овозможува и ним и на големото мноштво да продолжат да се плашат од вистинскиот Бог. Часот на неговиот суд пристигнал, а поволното време што преостанува е драгоцено. Навистина, времето што им е оставено на другите да дејствуваат, е ограничено. Но ние не се плашиме дека Божјата намера ќе пропадне. Таа сигурно ќе се исполни!
19 Веќе се слушаат силните небесни гласови како велат: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Он Ќе царува во сите векови!“ (Откровение 11:15). Се разбира, Големиот Пастир, Јехова, ги води сите свои овци „по патот на правдата заради името Свое“ (Псалм 22:3). Малото стадо е непогрешливо водено кон нивната небесна награда. А другите овци ќе бидат безбедно ослободени низ големата неволја за да се радуваат на вечен живот во земското подрачје на Божјето славно Царство под владата на Христос Исус. Затоа, иако Исусовите зборови биле упатени до малото стадо, сигурно дека секој Божји слуга на Земјата има причина да ги слуша неговите зборови: „Не бој се“.
Можеш ли да објасниш?
◻ Зошто треба да очекуваме преостанатиот број од малото стадо да се намалува?
◻ Каква е ситуацијата со помазаниот остаток денес?
◻ И покрај претстојниот напад на Гог од Магог, зошто христијаните не треба да се плашат?
◻ Зошто особено денес е единствена надежта за воскресение на 144.000-те?