Какво добро може да произлезе од дискутирањето за религијата?
РОДИТЕЛИТЕ нестрпливо ги очекуваат првите зборови на своето дете. Кога ќе ги слушнат повторуваните слогови меѓу гукањето, можеби „мама“ или „тата“, нивните срца се исполнуваат со радост. Бргу ги споделуваат новостите за ова со пријателите и соседите. Првите зборови на бебето се навистина добра вест која донесува радост.
Звуците, сликите и мирисите што ги апсорбираат сетилата на малото дете, поттикнуваат на реакција. Се разбира, реакциите се различни. Но, ако после некое време едно дете престане да реагира на овие стимулации, родителите со право ќе бидат загрижени за развојот на нивното дете, мислејќи дека можеби е нарушен.
Бебињата најрадо одговараат на луѓето што ги познаваат. Кога мајката го гушка бебето, тоа обично одговара со широка насмевка. Но, допирот од некој роднина кој е на гости може да го расплаче, дури и да предизвика тоа упорно да одбива дотичниот да го држи в раце. Повеќето роднини кои ќе го доживеат ова, не се откажуваат. Кога бебето ќе ги запознае малку подобро и кога, на нивна радост, ќе се сруши бариерата на непознанство, тогаш полека се појавува насмевката на бебето.
Слично на тоа, и многу возрасни се колебаат отворено да дискутираат за своите религиозни убедувања со некој кој не им е познајник подолго време. Можеби тие не можат да сфатат зошто еден странец сака да разговара за една таква лична работа како што е религијата. Како последица на тоа, дозволуваат да се појави бариера помеѓу нив и оние кои зборуваат за Творецот. Тие дури одбиваат да разговараат и за желбата за обожавање којашто, на крајот на краиштата, е вродена особина на луѓето.
Всушност, би требало да бидеме заинтересирани да учиме за нашиот Творец, а разговорот со другите може да ни го овозможи тоа. Тоа е така, затоа што Бог долго време бил врска за отворена комуникација. Да видиме како.
‚Слушај и учи‘
Божјиот прв разговор со некој човек бил разговорот со Адам во Едемската градина. Сепак, откако Адам и Ева згрешиле, тие повеќе сакале да се кријат од Бог кога тој ги викал и кога сакал и понатаму да комуницира со нив (1. Мојсеева 3:8-13). Сепак, Библијата содржи детали за луѓе кои ја прифатиле веста од Бог.
Бог комуницирал со Ное околу претстојното уништување на злобниот свет од негово време, поради што Ное станал ‚проповедник на правдата‘ (2. Петрово 2:5). Како Божји говорник на својата генерација, Ное не само што покажувал вера во Божјиот начин на постапување со човекот туку и јавно се изјаснил дека е на Јеховина страна. Каков одѕив забележал Ное? За жал, повеќето од неговите современици ‚не узнале, додека не дошол потопот и истребил сѐ‘ (Матеј 24:37-39). Но, на наша среќа, седум членови од Ноевото семејство слушале, се покориле на Божјите упатства и го преживеале општиот потоп. Од нив потекнуваат сите луѓе денес.
Подоцна, Бог комуницирал со цела нација — древниот Израел. Преку Мојсеј, Бог им ги дал Десетте заповеди и околу 600 други подеднакво задолжителни закони. Јехова очекувал Израелците да ги слушаат сите нив. Мојсеј укажал дека секои седум години, за време на годишниот празник Сеници, Божјиот закон требало да се чита гласно. „Собери го народот“, ги поучил тој, „мажите, жените, децата и придојдените свои, што се наоѓаат во градовите ваши.“ За која цел? „За да чујат и да се научат да се плашат од Господа, вашиот Бог, и да пазат да ги исполнуваат сите заповеди од овој закон.“ Сите требало да чујат и да научат. Замисли само колку мора да уживале во дискутирањето за она што го чуле! (5. Мојсеева 31:10-12).
Повеќе од пет века подоцна, Јудејскиот цар Јосафат организирал кнезови и Левити во кампањата на обновување на чистото обожавање на Јехова. Овие мажи оделе низ градовите на Јуда, поучувајќи го населението за Јеховините закони. Дискутирајќи јавно за овие закони, царот ја покажал својата одлучност за вистинското обожавање. Што се однесува до неговите поданици, тие требало да слушаат и да учат (2. Летописи 17:1-6, 9).
Давање сведоштво преку дискусија
Бог го испратил на Земјата својот сопствен Син, Исус, за да служи како Негов говорник (Јован 1:14). Како што посведочиле тројцата ученици, Исус се преобразил пред нив, а тие го слушнале самиот глас Божји како објавува: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“ (Матеј 17:5). Тие спремно послушале.
Исто така, Исус ги упатил своите апостоли да ги објавуваат Божјите намери на другите. Но, кога му останале околу шест месеци служба на Земјата, објавил дека делото на проповедање за небесното Царство е толку обемно што биле потребни повеќе ученици. Тој поучил 70 од нив како да дискутираат за Божјето Царство со странците и потоа ги испратил јавно да ја објавуваат таа порака (Лука 10:1, 2, 9). Кратко пред да се врати кај својот Татко на небото, Исус ги поттикнал своите следбеници да преземат иницијатива да разговараат со другите за оваа порака, заповедајќи им: „Одете и научете ги сите народи, . . . учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20). Денес ширум светот, вистинските христијани го исполнуваат тој налог, дискутирајќи со своите ближни за добрата вест за Божјето Царство. Овие дискусии ги оспособуваат да даваат сведоштво за вистината за Творецот, Јехова (Матеј 24:14).
Мирољубиви, изградувачки дискусии
На кој начин требало Исусовите ученици да дискутираат со другите за своите верувања? Не требало да ги иритираат противниците ниту, пак, требало да се расправаат со нив. Наместо тоа, требало да ги бараат оние кои ја прифаќале добрата вест, а потоа ги изнесувале библиските докази како поткрепа на тоа. Се разбира, Бог гледал на реакциите на оние кои дошле во контакт со учениците на неговиот Син, исто како што Исус изјавил: „Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил“ (Матеј 10:40). Какво грубо отфрлање на Бог било тоа кога повеќето од Исусовите современици ја одбиле неговата порака!
„А слугата Господов не треба да влегува во расправии“, советувал христијанскиот апостол Павле. Наместо тоа, „да биде кроток кон сите, поучлив и незлоблив. И со кротост поучувај ги оние што се противат, та не би ли им дал Бог покајание, за да ја познаат вистината“ (2. Тимотеј 2:24, 25). Начинот на кој Павле им ја објавувал добрата вест на луѓето од Атина (Грција), дава извонреден пример. Тој расудувал со Евреите во нивната синагога. На плоштадот секојдневно разговарал со ‚секого што ќе го сретнел‘. Иако некои, без сомнение, сакале само да слушаат за нови идеи, Павле зборувал директно и љубезно. Дискутирал со слушателите за Божјата порака која ги поттикнувала да се покајат. Нивната реакција била многу слична со онаа на денешните луѓе. „Некои почнаа да се подбиваат, додека други рекоа: ‚Ќе те слушаме за ова и другпат‘“ (НС). Павле не инсистирал да ја продолжи дискусијата. Откако им ја проповедал својата порака, ‚си отишол од нив‘ (Дела 17:16-34).
Подоцна, на членовите на христијанското собрание во Ефес, Павле им рекол дека ‚не пропуштил ништо полезно да не им каже и да не ги поучи пред народот и по куќите‘. Освен тоа, ‚им проповедал и на Јудејците и на Елините покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос‘ (Дела 20:20, 21).
Овие примери од Писмото откриваат како Божјите верни слуги во библиско време дискутирале за религијата со своите ближни. Така и денес, Јеховините сведоци покорно дискутираат за религијата со своите ближни.
Многу продуктивни дискусии
‚Слушнете ја Речта Божја.‘ ‚Слушајте ги неговите заповеди.‘ Колку само често се појавуваат вакви опомени во Библијата! Можеш да се одзовеш на овие библиски упатства следниот пат кога Јеховините сведоци ќе зборуваат со тебе. Слушни ја пораката што ти ја носат од Библијата. Оваа порака не е политичка, туку ја застапува Божјата небесна влада — неговото Царство. Ова е Божје средство за отстранување на причините за денешните конфликти (Даниил 2:44). Потоа, оваа Божја небесна влада ќе се погрижи целата Земја да биде претворена во рај како Едемската градина.
Некој поранешен полициски детектив често одбивал да ги слуша Јеховините сведоци кога му зборувале за Библијата. Но, со порастот на криминалот со кој се соочувал, тој се разочарал од животот. Така, на следниот Сведок кој го посетил му рекол дека ќе ги испита доказите за библиската порака. Следеле редовни дискусии. Иако полицаецот неколку пати се селел, Сведоците со задоволство го наоѓале на секое ново место за да продолжат со дискусиите. На крајот, полицаецот признал: „Доказот што го барав цело време беше токму таму, во Светото писмо. Ако Сведоците не беа упорни во тоа, да зборуваат со мене, сѐ уште ќе бев во светот, прашувајќи се која е смислата на животот. Вака, ја запознав вистината и остатокот од мојот живот ќе го поминам барајќи ги оние кои се во потрага по Бог како што бев и самиот јас“.
Заинтересираните слушатели искрено сакаат да дознаат повеќе. Тие со право очекуваат причини за верувањата кои се изнесени (1. Петрово 3:15). Исто како што едно дете ги засипува родителите со прашања и очекува тие да му одговорат, така и ти со право очекуваш Сведоците да ти дадат солидни одговори. Можеш да бидеш сигурен дека тие повторно ќе навратат и ќе продолжат да дискутираат за библиската порака со тебе.
Веројатно веќе знаеш нешто за Библијата. Можеби ќе сфатиш дека она што Бог го очекува од тебе ќе бара некои промени во начинот на твојот живот. Не се колебај да продолжиш понатаму, од страв дека можеби Божјите барања ќе те чинат прескапо. Тие само ќе ти донесат вистинска радост. Ќе го цениш ова додека напредуваш чекор по чекор.
Најпрвин, размисли кој е Јехова, што очекува од тебе и што ти нуди. Замоли ги Сведоците да ти покажат што зборува Библијата за ова. Она што тие го кажуваат, провери го во својата Библија. Кога ќе увидиш дека Сведоците се разумни во она што го претставуваат како вистина во врска со религијата, без сомнение, ќе сакаш да копаш по уште многу прекрасни работи што тие можат да ги споделат со тебе од Писмото (Изреки 27:17).
Добредојден си да ги посматраш Сведоците во нивното локално место на состанување — Салата на Царството. Таму ќе можеш да чуеш корисни дискусии на темел на Божјата Реч. Ќе видиш како присутните уживаат во меѓусебниот разговор за Божјите намери. Дозволи им на овие Сведоци да ти помогнат да ја запознаеш вистината за Божјата волја за нас денес. Одговори на Божјиот повик да дискутираш за вистинското обожавање и прими ја неговата насмевка на одобрување, како и вечниот живот во Рајот (Малахија 3:16; Јован 17:3).
[Слика на страница 5]
Ное зборувал отворено за Божјата намера
[Слики на страница 7]
Како што Павле го сторил тоа во древната Атина, така и Јеховините сведоци ги поучуваат другите за библиските вистини