Прашања од читателите
Каков став треба да се покажува при христијанските крштевања?
Тоа е интересно прашање бидејќи, и покрај тоа што многу од нашите читатели се веќе крстени, се однесува и на нив и на оние што допрва ќе се подложат на крштевање. Прво да коментираме за оние кои се крштеваат, подложувајќи се на целосно потопување. Каков треба да биде нивниот став?
Според Матеј 28:19, 20, Исус им рекол на своите следбеници да одат и да направат ученици од луѓето, така што ќе ги поучуваат и ќе ги крштеваат. Тој не го прикажал крштевањето како некое крајно емоционално доживување, како чин што произлегува од моментално восхитување. Тоа е сериозен чекор, како што гледаме од Исусовиот пример. Лука 3:21 вели: „И кога Исус, по крштавањето, се помоли на Бога, се отвори небото“. Да, нашиот Пример го сфатил крштевањето сериозно и со молитвен став. Не можеме да си го замислиме како, по излегувањето од водата, гестикулира победнички, извикува триумфално или диво ги крева рацете, иако неодамна некои се однесуваа токму така. Не, во присуство само на Јован Крстител, Исус му се обратил на својот Татко во молитва.
Сепак, Библијата не укажува дека крштевањето треба да биде пресериозен или крут настан кој изискува посебни положби на телото или рецитации, како што денес тоа го бараат некои цркви на христијанството. Помисли на денот Пентакост, кога илјадници Евреи и прозелити се подложиле на христијанско крштевање. Тие веќе го проучиле Божјиот закон и стапиле во личен однос со Бог. Затоа требало да учат само уште за Месијата, Исус, и да го прифатат. Штом го сториле тоа, тие можеле да се крстат.
Во Дела 2:41 се известува: „Оние, што од срце ги примија неговите зборови, се крстија“. Во библискиот превод од Вејмаут стои: „Затоа, оние кои со радост ги примија неговите зборови, се крстија“. Тие нашле радост во возбудливата вест за Месијата, а сигурно таа радост се пренела и на самото крштевање кое се извршило пред стотици и стотици среќни посматрачи. Дури и ангелите на небото посматрале и се радувале. Сети се на Исусовите зборови: „Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае“ (Лука 15:10).
Постојат различни начини на коишто секој од нас може да ги изрази и сериозноста и радоста на крштевањето. Во некои цркви, оние што се крштеваат носат бели или црни наметки. Но, во Библијата не постои поддршка за таквите барања. Па сепак, оскудни или многу отворени костими за капење воопшто не би биле пригодни, ниту за мажи ниту за жени. И како што беше напоменато, кога новиот христијанин ќе излезе од водата, не би требало да прави посебни гестови или да се однесува како да извојувал некоја голема победа. Другите од христијанското братство се среќни што новиот се крстил. Тој треба да сфати дека овој израз на вера е само прв чекор на долгата патека на беспрекорност, која води до Божје одобрување (Матеј 16:24).
И ние како посматрачи на јавното крштевање ја делиме радоста на приликата, особено ако оној што се крштева е наш роднина или некој со кого сме ја проучувале Библијата. Меѓутоа, за да учествуваме потполно, мораме да го слушаме целиот говор заедно со кандидатите за крштевање, да чуеме како јавно одговараат на прашањата што им се поставени и да им се придружиме во молитвата. Ваквото постапување ќе ни помогне да задржиме исправно гледиште за крштевањето; така ќе го имаме Божјето гледиште. После чинот на крштевање, нашата радост не налага победничка парада, букети цвеќе или забава во чест на оној што се крстил. Но, можеме да му пријдеме на нашиот нов брат или сестра и да ја изразиме радоста поради извонредниот чекор што го презел и да му изразиме срдечно добредојде во нашето христијанско братство.
Накратко, значи, сите ние, вклучувајќи ги и оние што се подложуваат на потопување под вода, мораме да гледаме на крштевањето со соодветна сериозност. Тоа не е време за изливи на чувства, за забави или за бучни веселби. Но, не е ниту време за преголема сериозност или крутост. Со право можеме да се радуваме поради тоа што ни се придружиле нови на патот за вечен живот. И со радост можеме да ги пречекаме нашите нови браќа и сестри.
[Слики на страница 31]