Дали е достижна религиозната вистина?
ВО УНИВЕРЗИТЕТСКИОТ град Упсала (Шведска), еден духовно настроен човек решил да ги проучува верувањата на различните религии во неговиот град, посетувајќи ги дури и нивните места на обожавање. Тој слушал додека нивниот свештеник проповедал, а потоа интервјуирал некои членови. Забележал дека само Јеховините сведоци изгледаат уверени дека „ја пронашле вистината“. Со оглед на различните религиозни мислења кои постојат, тој се прашувал како можат Сведоците така да тврдат.
Дали ти лично мислиш дека е можно да се достигне вистината, што се однесува до религијата? Дали ќе биде воопшто можно да се одреди она што би се нарекло крајна вистина?
Филозофијата и вистината
Оние кои студирале филозофија го изградиле мислењето дека крајната вистина не е достижна за човештвото. Можеби знаеш дека филозофијата е дефинирана како „наука која настојува да го објасни потеклото на постоењето и на животот“. Иако, всушност, таа ретко оди толку далеку. Во Filosofins Historia (Историја на филозофијата), шведскиот писател Алф Алберг напишал: „Многу филозофски прашања се од таква природа што не е можно да се даде еден дефинитивен одговор. . . . Многумина се со мислење дека сите метафизички проблеми [во врска со темелните и очевидните природни закони] припаѓаат на оваа . . . група“.
Според тоа, оние кои се обидувале преку филозофија да најдат одговор на суштинските прашања за животот, честопати завршиле незадоволни или во голем бол. Во својата книга Tankelinjer och trosformer (Правци на мислење и религиозна вера), шведскиот автор Гунар Аспелин рекол: „Едно е јасно: природата не е ништо повеќе заинтересирана за човекот отколку за една пеперутка или комарец . . . Ние сме беспомошни, апсолутно беспомошни, соочени со оние сили кои делуваат во космосот и во нашиот внатрешен свет. Ова е поглед на животот кој толку често се појавувал во литературата кон крајот на еден век во кој луѓето својата вера ја ставиле во напредокот и сонувале за подобра иднина“.
Дали е потребно откровение на вистината?
Очигледно е дека човечките напори сами по себе не успеале во пронаоѓањето на вистината за животот, а изгледа дека никогаш нема ни да успеат. Затоа, постои добра причина да се заклучи дека е неопходен некаков вид на божествено откровение. Она што многумина го нарекуваат книга на природата, дава некакво откровение. Дури и ако не дава некакви заклучни детали за почетокот на животот, таа покажува дека има нешто многу позадоволувачко отколку чисто материјалистичко толкување за животот. Една тревка која расте исправена нагоре всушност следи поинакви закони од оние кои владеат помеѓу куп камења во една растресита дупка. Живите суштества во природата градат и меѓусебно се организираат на начин на кој мртвите предмети не го прават тоа. Така, еден познат испитувач на законот и религијата имал темел за заклучокот: „[Божјите] невидливи особини јасно се гледаат од создавањето на светот па наваму, бидејќи се забележуваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20, НС).
Но, за да се открие кој стои зад сето ова градење и организирање, потребно ни е понатамошно откровение. Зарем не треба да очекуваме да постои едно такво откровение? Нема ли да биде разумно да се очекува, Оној кој е одговорен за животот на Земјата да им се открие на своите творештва?
Библијата тврди дека таа е едно такво откровение. Во ова списание често сме изнесувале добри причини за прифаќање на ова тврдење и многу луѓе кои размислуваат го прифатиле тоа. Фактот дека луѓето кои ја пишувале Библијата биле загрижени да покажат јасно дека она што го пишувале не било нешто нивно, само по себе е прилично невообичаено. Повеќе од 300 пати може да се забележи како пророците од Библијата користат изрази како што е „вака вели Господ“ (Исаија 37:33; Јеремија 2:2; Наум 1:12). Веројатно ти е познато дека обично мажите и жените кои пишуваат книги или статии, се прилично загрижени што се однесува до потпишувањето на своите дела. Сепак, оние кои ја пишувале Библијата останале во позадина; во некои случаи дури е тешко да се одреди кој напишал одредени делови од Библијата.
Друг аспект на Библијата кој можеби ќе го сметаш за значаен е нејзината внатрешна хармонија. Ова е навистина нешто извонредно, земајќи го во обѕир тоа што 66-те книги на Библијата се пишувани во период од 1.600 години. Да претпоставиме дека си влегол во градска библиотека и си одбрал 66 религиозни книги кои биле напишани во период од 16 века. Потоа си ги поврзал тие засебни книги во еден том. Дали би очекувал тој том да има една заедничка тема и складна порака? Тешко. За такво нешто би било потребно чудо. Земи го предвид ова: Книгите на Библијата имаат една таква заедничка тема и се потврдуваат една со друга. Ова покажува дека мора да постои еден мозок или автор, кој го диктирал она што го запишале библиските писатели.
Како и да е, ќе најдеш една карактеристика што го потврдува божественото потекло на Библијата повеќе од било што друго. Пророштва — информации напишани однапред за она што сигурно ќе се случи во иднината. Изрази како што се: „Во тој ден“ и „Во последните дни“, се својствени за Библијата (Исаија 2:2; 11:10, 11; 23:15; Језекиил 38:18; Осија 2:21-23; Захарија 13:2-4). Многу стотици години пред Исус Христос да се појави на Земјата, пророштва во Хебрејските списи дале детали за неговиот живот — од неговото раѓање па до неговата смрт. Не може да се дојде до никаков друг разумен заклучок освен тоа дека Библијата е изворот на вистината за животот. Самиот Исус го потврдува ова со зборовите: „Твоето слово е вистина“ (Јован 17:17).
Религијата и вистината
Дури и многумина кои тврдат дека веруват во Библијата, сметаат дека апсолутната вистина е недостижна. Американскиот свештеник Џон С. Спонг коментирал: „Мислењето дека ние ја имаме вистината, а другите мораат да го прифатат нашето гледиште, мора да . . . го промениме во сфаќање дека крајната вистина е вон дофатот на сите нас“. Еден римокатолички автор, Кристофер Дерик, наведува една причина за таквите негативни гледишта во врска со пронаоѓањето на вистината: „Било какво спомнување на религиозна ‚вистина‘ подразбира некаков вид тврдење да се знае . . . Ти даваш на знаење дека некој друг веројатно не е во право; а тоа воопшто нема да биде прифатливо“.
Меѓутоа, како човек кој размислува, ќе направиш добро ако разгледаш некои умесни прашања. Ако вистината е недостижна, зошто тогаш Исус Христос би рекол: „Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“? И зошто еден од Исусовите апостоли би рекол дека Божја волја е „сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината“? Зошто зборот „вистина“ во поврзаност со верата, се појавува повеќе од сто пати во Христијанските грчки списи? Да, зошто ако вистината е недостижна? (Јован 8:32; 1. Тимотеј 2:3, 4).
Всушност, Исус не само што укажал дека вистината е достижна туку и покажал дека е неопходно да се пронајде истата ако сакаме нашето обожавање да биде одобрено од Бог. Кога една самарјанка прашувала кој е вистинскиот начин на обожавање — дали обожавањето кое го вршеле Евреите во Ерусалим или она кое го практикувале самарјаните на планината Гаризим — Исус не одговорил велејќи дека вистината е недостижна. Наместо тоа, тој рекол: „Вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат. Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и вистина“ (Јован 4:23, 24).
Многу луѓе тврдат дека ‚Библијата може да се интерпретира на различни начини, па така човек не може да биде сигурен која е вистината‘. Но дали навистина Библијата е пишувана на еден толку неодреден начин, што не можеш да бидеш сигурен како треба да се разбере? Мора да се признае дека одреден пророчки и симболички јазик може да биде тежок да се сфати. На пример, Бог му рекол на пророкот Даниил дека неговата книга која изобилувала со пророчки зборови, не требало во потполност да се разбере сѐ до „последното време“ (Даниил 12:9). И видливо е дека одредени параболи и симболи треба да бидат објаснети.
Па сепак, очигледно е дека Библијата е многу јасна што се однесува до темелните христијански науки и моралните вредности кои се неопходни за обожавање на Бог во вистина. Таа не остава место за противречни интерпретации. Во писмото до ефесјаните, за христијанската вера се зборува како за „една“, покажувајќи дека не треба да има неколку вери (Ефесјаните 4:4-6). Можеби ќе се запрашаш: ‚Ако Библијата не може да биде исправно интерпретирана на повеќе начини, зошто тогаш постојат толку многу различни „христијански“ деноминации?‘ Одговорот го наоѓаме ако се осврнеме наназад, кратко по смртта на Исусовите апостоли, кога се развило отпадништво од вистинската христијанска вера.
‚Житото и каколот‘
Исус го прорекол ова отпадништво во својата парабола за житото и каколот. Самиот тој објаснил дека „житото“ ги претставува вистинските христијани; „каколот“ ги претставува лажните, односно отпаднатите христијани. „Кога спиеја луѓето“, рекол Исус, дошол еден „непријател“ и посеал какол во полето со жито. Ова сеење започнало по смртта на апостолите. Параболата покажува дека мешањето на вистинските со лажните христијани ќе продолжи сѐ до „свршетокот на овој свет“. Така, низ вековите, идентитетот на вистинските христијани бил нејасен бидејќи на религиозното поле доминирале оние кои биле само т. н. христијани. Меѓутоа, во „свршетокот на овој свет“, ќе се случи една промена. „Синот Човечки“ ќе ги ‚испрати Своите ангели‘ за да ги одделат лажните од вистинските христијани. Ова значело дека тогаш ќе биде лесно да се препознае христијанското собрание, имајќи го статусот од времето на апостолите (Матеј 13:24-30, 36-43).
И пророштвото на Исаија и она на Михеј претскажуваат такво повторно собирање на вистинските обожаватели „во последните дни“. Исаија вели: „И ете, во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи. Ќе тргнат многу народи и ќе речат: ‚Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бога Јаковов; Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови‘“. Еден прониклив поглед врз фактите покажува дека пророштвото на Исаија се исполнува во наше време (Исаија 2:2, 3; Михеј 4:1-3).
Меѓутоа, растот на христијанското собрание не се должи на некој човечки напор. Исус прорекол дека ќе ги ‚испрати Своите ангели‘ да извршат дело на собирање. Тој исто така укажал на една посебна цел на ова дело: „Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец“ (Матеј 13:43). Ова покажува дека ширум светот ќе се извршува едно просветителско, или образовно дело од страна на христијанското собрание.
Јеховините сведоци гледаат исполнување на овие пророштва во образовното дело кое тие денес го спроведуваат во 232 земји. Споредувајќи ги со Библијата верувањата на Сведоците, нормите на однесување и организацијата, непристрасните луѓе можат јасно да видат дека овие работи се во склад со оние на христијанското собрание од првиот век. Сведоците зборуваат за својата вера како за „вистината“, но не од некаква самоувереност во лична супериорност. Наместо тоа, така велат бидејќи сеопфатно ја проучувале Божјата Реч, Библијата, и ја следат како единствениот стандард по кој религијата може исправно да биде мерена.
Раните христијани се повикувале на својата вера како на „вистината“ (1. Тимотеј 3:15; 2. Петрово 2:2; 2. Јованово 1). Она што било вистина за нив мора да биде вистина и за нас денес. Јеховините сведоци ги покануваат сите, сами да се уверат во тоа, проучувајќи ја Библијата. Се надеваме дека правејќи го тоа, ќе ја искусиш и радоста која доаѓа не само од наоѓањето на религијата која ги надминува другите, туку и од тоа што си ја пронашол вистината!
[Рамка на страница 5]
НЕКОИ ФИЛОЗОФИИ ПРОТИВ ВИСТИНАТА
ПОЗИТИВИЗАМ: Гледиште според кое, сите идеи од религиозна природа се непотврдени бесмислици и дека целта на филозофијата е да ги обедини позитивните науки за да формираат една целина.
ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛИЗАМ: Неговите поборници биле под големо влијание на ужасите од II светска војна и затоа дошло до тоа да имаат песимистички поглед на животот. Нагласок става на испитувањето на големата болка на човекот, соочен со смртта и бесмисленоста на животот. Егзистенцијалистичкиот автор Жан-Пол Сартр рекол дека, бидејќи нема Бог, човекот е напуштен и постои во еден универзум кој е апсолутно индиферентен.
СКЕПТИЦИЗАМ: Смета де- ка преку набљудување и расудување е невозможно да се достигне било какво објективно, универзално спознание — никаква вистина — за постоењето.
ПРАГМАТИЗАМ: Вистинската вредност на нашите убедувања ја проценува исклучително преку нивната практична важност за човечките интереси, како што е при реформирање на образованието, моралот и политиката. Не смета дека вистината сама по себе има некаква вредност.
[Извор на слика на страница 2]
Страница 3: Втора одлево: Со љубезна дозвола од The British Museum
Десно: Sung Kyun Kwan University, Seoul, Korea