„Вистината ќе ве ослободи“
„Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“ Така изјавил Исус додека ги поучувал мноштвата во храмот во Ерусалим (Јован 8:32). Исусовите апостоли лесно можеле да ги идентификуваат неговите учења како вистина. Тие виделе изобилни докази за божественото потекло на нивниот учител.
МЕЃУТОА, на некои денес им е тешко да ја идентификуваат вистината за која зборувал Исус. Исто како во деновите на пророкот Исаија, денес има лица „кои злото го нарекуваат добро и доброто — зло, темнината ја сметаат за светлина, и светлината — за темнина, горчливото — за слатко, а слаткото — за горчливо!“ (Исаија 5:20). Во денешно време, кога се унапредуваат многубројни мислења, филозофии и начини на живеење, многу луѓе мислат дека сѐ е релативно и дека воопшто не постои вистина.
Кога Исус им рекол на своите слушатели дека вистината ќе ги ослободи, тие реагирале со зборовите: „Ние сме семе Авраамово и никогаш никому не сме робувале; а како Ти велиш: ‚Ќе бидете слободни!‘“ (Јован 8:33). Тие не чувствувале потреба некој или нешто да ги ослободи. Но, потоа Исус објаснил: „Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот“ (Јован 8:34). Вистината за која говорел тој може да го отвори патот за ослободување од гревот. Исус рекол: „Ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни“ (Јован 8:36). Според тоа, вистината која ги ослободува луѓето е вистината за Исус Христос, Божјиот Син. Само преку вера во жртвата на Исусовиот совршен човечки живот можно е ослободување од гревот и смртта.
Во една друга прилика Исус рекол: „Освети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина“ (Јован 17:17). Вистината која може да донесе ослободување од празноверјето и од лажното обожавање е Речта Божја онака како што е изнесена во Библијата. Таа ја содржи вистината за Исус Христос која ги наведува луѓето да положат вера во него и го отвора патот до една светла надеж за иднината. Прекрасно е да се дознае вистината од Божјата Реч!
Колку е битно да се познава вистината? Иако многу денешни религии тврдат дека ја следат Библијата, сепак во голема мера се под влијание на човечките филозофии и традиции. Се чини дека честопати религиозните водачи не се толку загрижени за точноста на својата порака колку таа да биде прифатена од масите. Некои мислат дека Бог е задоволен со секој облик на обожавање, сѐ додека тој е искрен. Но, Исус Христос објаснил: „Иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат“ (Јован 4:23).
Ако сакаме да го обожаваме Бог на прифатлив начин, мораме да ја познаваме вистината. Тоа е важна работа. Од тоа зависи нашата вечна среќа. Затоа, секој треба да се запраша: ‚Дали мојот начин на обожавање е прифатлив за Бог? Дали сум вистински заинтересиран да ја дознаам вистината од Божјата Реч? Или, пак, се плашам од тоа што може да открие едно грижливо испитување?‘