Колку долго ќе треба сиромашните да чекаат?
„Ако едно слободно општество не може да им помогне на многуте сиромашни, тогаш тоа не може да ги спаси ни малкумината кои се богати“ — Џон Ф. Кенеди.
„БИ САКАЛ иднината за секого да биде светла — да нема сиромаштија, да нема бездомници — да биде рај!“ Така се изразило едно 12-годишно момче од Сан Паоло (Бразил). Но, дали е можно да се отстрани сиромаштијата? Колку долго ќе треба сиромашните да чекаат?
Некои се сметаат за сиромашни затоа што не можат да си го купат она што го сакаат. Но, размисли за жалната состојба на оние кои навистина се погодени од сиромаштија. Можеш ли да си ја замислиш екстремната тешкотија и несреќа на таквите луѓе? Во потрага по храна, некои мора да се борат со галебите и стаорците, додека пребаруваат по депониите за отпад! Уште колку долго ваквата сиромаштија ќе го измачува човештвото? Генералниот директор на УНЕСКО (Организација за образование, наука и култура при Обединетите нации), Федерико Мајор, со право го упатил следниов апел: „Да ја напуштиме таа двосмислена толеранција која ни дозволува да го толерираме неподносливото — сиромаштијата, гладот и страдањето на милиони човечки суштества“.
Ќе се исполни ли сонот за општото добро? Каква надеж имаат сиромашните?
Какви можности постојат за сиромашните?
Добронамерните водачи нудат повеќе работни места, подобри плати, усовршени програми за социјално осигурување и аграрна реформа. Тие можеби се сложуваат со поранешниот претседател на САД, Џон Ф. Кенеди: „Ако едно слободно општество не може да им помогне на многуте сиромашни, тогаш тоа не може да ги спаси ни малкумината кои се богати“. Сепак, добрите намери не се доволни да го искоренат сиромаштвото. На пример, општо земено, дали економскиот напредок би им помогнал на сиромашните? Не безусловно. Бившиот индиски водач Џавахарлал Нехру изјавил: „Кога силите на капиталистичкото општество се оставаат неконтролирани, тие тежнеат кон тоа, богатите да ги направат побогати, а сиромашните уште посиромашни“. Меѓутоа, покрај тешкотијата и немаштијата, чувството на безвредност го зголемува бремето на сиромашните. Можат ли човечките водачи да им помогнат на сиромашните да ги надминат своите чувства на беспомошност и безнадежност?
Всушност, многумина од очајно сиромашните научиле да се борат со сиромаштијата и да ги надминат чувствата на недостиг на самопочитување, соочени со големи неприлики, како што се хиперинфлацијата и невработеноста. Освен тоа, гладот, бездомништвото и бедата, ќе бидат целосно отстранети. Дали ова те изненадува? Те повикуваме да ја прочиташ следната статија: „Наскоро, никој нема да биде сиромашен!“