Колку ќе те чини бизнисот?
ЖЕНАТА на претседателот на една јужноамериканска држава била обвинета за вложување на стотици илјади долари во договори со лажни компании формирани од членови на нејзиното семејство. Еден 38-годишен берзански посредник од Индија бил притворен и одведен од својот луксузен стан и од своите 29 автомобили, поради тоа што се тврдело дека е вмешан во еден скандал поврзан со банкарство од 1,6 милијарди долари и со берзата. На Филипините, илјадници жители на еден остров се снабдуваат со средства за живот така што нелегално произведуваат револвери. Се известува дека, за да останат во оваа доходовна трговија, вообичаено е да ги поткупуваат службениците за да не интервенираат.
Да, нечесноста и измамата во бизнисот се раширени низ целиот свет, а честопати оние кои се вклучени во него, тој ги чини нивната положба и угледот, како и парите.
А како е со тебе? Дали и ти си вклучен во бизнис или, пак, размислуваш да започнеш некаков бизнис? Колку ќе те чини тој? Неизбежно е вклученоста во некој бизнис да си има свои трошоци. Тоа не е безусловно лошо. Сепак, мудро е да го пресметаш трошокот пред да се впуштиш во некој бизнис или пред да донесеш некаква одлука во врска со бизнисот што веќе го водиш (Лука 14:28). Рамката на 31 страница укажува на некои од трошоците кои можеби ќе сакаш да ги земеш предвид.
Се разбира, да се биде во бизнисот не е едноставно. За христијанинот постојат духовни и морални обврски кои треба да ги земе предвид. Дали можеш да се соочиш со трошоците и истовремено да останеш духовно урамнотежен? Дали некои трошоци се над она што можеш да го прифатиш во морален поглед? Кои се некои начела кои можат да ти помогнат да одредиш кои трошоци да ги прифатиш а кои не?
Исправно гледиште за парите
Парите се потребни за да се води бизнис, а секој се надева дека бизнисот ќе донесе доволно средства за издршка на фамилијата. Меѓутоа, целите во врска со парите можат лесно да се променат. На сцена може да стапи лакомоста. За многу луѓе, кога се во прашање пари, сѐ друго зазема второ место. Во врска со тоа, еден писател на библиската книга Изреки, Агур, покажал урамнотежено гледиште кога рекол: „Сиромаштија и богатство не ми давај, — храни ме со насушниот леб“ (Изреки 30:8). Тој увидел колку вреди да се биде задоволен со најнеопходното за живот — не сакал да заработи „голема пара“, како што се изразуваат некои во бизнисот.
Според тоа, лакомоста може да предизвика некој да го заборави тоа начело кога ќе се појави некоја таканаречена „згодна прилика“. Еден патувачки надгледник на Јеховините сведоци во една од земјите во развој, известил за еден таков случај. Некоја компанија на која ѝ бил потребен капитал од инвестиции, оддавала впечаток дека инвеститорите брзо ќе ги удвојат своите пари, можеби за само неколку месеци. Оваа понуда за лесна заработка навела многумина да инвестираат. Патувачкиот надгледник вели: „Некои беа премногу желни да се впуштат во тоа. Не се распрашуваа доволно и земаа пари на заем [за да инвестираат]“.
За разлика од нив, пред да инвестираат, двајца поединци отишле да ја испитаат канцеларијата на таа компанија. Нивното барање да ги видат средствата за производство било одбиено, поради што се посомневале во чесните намери на компанијата. Се покажало дека ова било заштита за нив, бидејќи за неколку седмици бил разоткриен измамничкиот план и луѓето биле притворени. Помисли само колку ги чинело сето тоа оние кои не се распрашале навреме. Тие не ги изгубиле само парите туку можеби и пријателите од кои зеле заем а не можеле да им го вратат откако пропаднал планот. Кога станува збор за парите, колку е мудро да се применува начелото од Изреки 22:3: „Умниот го гледа злото и се клони; а безумните одат напред и се казнуваат“!
Одржувај го својот збор
А што ако бизнисот тргне наопаку? Псалм 15:4 (НС) го пофалува оној кој се држи за договорот дури и тогаш кога тоа не е во негова корист: „Се заколнал на она што е лошо за него, а сепак не се менува“. Лесно е некој да го одржи зборот кога работите одат добро. Но, вистински испит на беспрекорноста е кога тоа е на нечија финансиска штета.
Потсети се на еден библиски пример од времето на Исус Навин. Гаваонците така ги подредиле работите, за поглаварите на Израел да склучат сојуз со нив и да не ги уништат. Но, тие биле дел од нацијата на која се гледало како на закана за Израел. Кога измамата била откриена, ‚синовите Израилеви не ги погубиле, зашто сите кнезови народни им се заколнале во Господа‘ (Исус Навин 9:18). Иако оваа група луѓе дошле од непријателска територија, поглаварите сметале дека е важно да го одржат својот збор, а настаните што следеле покажуваат дека Јехова бил задоволен поради тоа (Исус Навин 10:6-11).
Дали и ти ќе се придржуваш кон своите договори и спогодби во бизнисот дури и ако работите не се одвиваат онака како што си очекувал?a Ако постапуваш така, ќе бидеш посличен на Јехова, кој секогаш го одржува својот збор (Исаија 55:11).
Биди чесен
Во денешниов свет на бизнисот, чесноста е како некој загрозен, ако не и истребен вид. Другите кои се вклучени во некој бизнис сличен на твојот можеби се служат со нечесни работи за да ја зголемат својата заработка. Можеби се нечесни во поглед на рекламата. Можеби го крадат името од друга компанија и го ставаат на своите производи. Или, пак, прикажуваат некој понеквалитетен производ како да е од повисок квалитет. Сето тоа претставува нечесност. Оние што го прават тоа се како „злите“ кои, според Асаф, „ги зголемиле своите средства за издршка“, очигледно со измама (Псалм 73:12, НС).
Дали ти, како христијанин, ќе употребуваш незаконски постапки? Или, напротив, ќе дозволиш да те водат библиските начела како што се: „Никому не направивме лошо; никого не упропастивме, ниту, пак, некого искористивме“; „се одрековме од тајните срамни дела за да не живееме во лукавство“; „двојни мерки се одвратност пред Господа; и неточни мерки не се добри пред Господа“? (2. Коринтјаните 4:2; 7:2; Изреки 20:23). Запомни, зачетник на лагата не е никој друг туку Сатана, Ѓаволот, ‚таткото на лагата‘ (Јован 8:44).
Некои би можеле да приговорат, велејќи: ‚Тешко е некој да остане во бизнисот ако не прибегнува кон нечесни постапки, како што прават и другите‘. Тоа е подрачје на кое христијанинот може да покаже вера во Јехова. Чесноста е ставена на испит тогаш кога нѐ чини нешто. Да се рече дека не може да се заработува за живот без да се биде нечесен, е исто како да се рече дека Бог не се грижи за оние што го сакаат. Оној кој има вистинска вера во Јехова знае дека Бог може да ги обезбеди своите слуги во било која земја и во било која ситуација (Евреите 13:5). Навистина, некој можеби ќе мора да се задоволи со нешто пониски примања од примањата на оние што се нечесни, но зарем не вреди да се плати таа цена за да се има Божјиот благослов?
Запомни, нечесноста е како бумеранг што, кога ќе се фрли, се враќа кај оној што го фрлил. Ако откријат дека некој бизнисмен е нечесен, муштериите и набавувачите најчесто го напуштаат. Тој може да ги излаже еднаш, но тоа би можело да биде и последен пат. Од друга страна, чесниот бизнисмен обично го стекнува почитувањето на другите. Внимавај да не влијае и врз тебе погрешното размислување: ‚Штом сите го прават тоа, значи дека е во ред‘. Библиското начело е: „Не оди со мнозинството на зло“ (2. Мојсеева 23:2).
Да претпоставиме дека твојот долгорочен партнер во бизнисот не е сохристијанин и не се придржува секогаш за библиските начела. Дали би било исправно да го искористиш тоа како изговор да ја избегнеш својата лична одговорност кога се прави нешто небиблиско? Сети се на примерите како што се Адам и Саул. Наместо да го спречат гревот, тие попуштиле на притисокот од другите, а потоа ги обвиниле своите придружници. Колку висока цена платиле поради тоа! (1. Мојсеева 3:12, 17-19; 1. Царства 15:20-26).
Исправно постапувај со сохристијаните
Дали треба да се земат предвид некои трошоци кога се прават преговори за бизнис со некој сообожавател на Јехова? Кога пророкот Јеремија купувал нива од својот братучед, во родниот град Анатот, тој не му дал пари ослонувајќи се само на устен договор. Наместо тоа, тој рекол: „И запишав во книга, ја потпечатив, повикав потоа сведоци и парите ги измерив“ (Јеремија 32:10). Ако се направи таков писмен договор, ќе можат да се спречат недоразбирањата кои би можеле да се појават подоцна кога ќе се променат околностите.
Но, што ако е очигледно дека некој христијански брат постапува со тебе нечесно во бизнисот? Треба ли да го одведеш пред суд? Библијата е многу јасна во овој поглед. „Смее ли некој од вас, кога има тужба против друг, да се суди пред неправедни, а не пред светиите?“, прашал Павле. А што ако проблемот не се реши веднаш, на еден задоволителен начин? Павле додал: „Многу срамно е веќе тоа и за вас дека имате тужби помеѓу себе. Зошто порадо не трпите неправда? Зошто порадо не ја претрпите штетата?“ Само помисли колку лошо светло би се фрлило на христијанската организација ако оние што се надвор од неа слушнат како вистинските христијани се расправаат на суд! Дали во таквите случаи љубовта кон парите станала посилна од љубовта кон братот? Или, зарем не била извалкана нечија чест и зарем во преден план не била одмазда? Павловиот совет покажува дека во такви случаи е подобро да се претрпи загуба отколку да се оди на суд (1. Коринтјаните 6:1, 7; Римјаните 12:17-21).
Се разбира, постои библиски начин како да се постапува со препирките во собранието (Матеј 5:37; 18:15-17). За да им помогнат на браќата да ги следат чекорите кои се препорачуваат, христијанските надгледници можат да им понудат некои корисни совети на сите оние што се вклучени. При таквите разговори може да ти се чини лесно да се согласиш со библиските начела, но дали и потоа ќе покажеш дека навистина си слушал, така што ќе го примениш советот што ти бил даден? Љубовта кон Бог и кон сохристијаните ќе нѐ тера да постапуваме така.
Без сомнение, вклученоста во бизнисот ќе те чини нешто. Се надеваме дека цената што ќе ја платиш ќе биде разумна. Кога ќе се соочиш со одлуки или со некои сомнителни ситуации, задржи во мислите дека има многу работи во животот кои вредат многу повеќе од парите. Ако ги задржиме парите на исправно место, ако го одржуваме дадениот збор, ако бидеме чесни и ако постапуваме на христијански начин со партнерите во бизнисот, ќе придонесеме кон тоа бизнисот да не нѐ чини повеќе време и пари отколку што е потребно, а во исто време ќе можеме да ги зачуваме пријателствата, чистата совест и добриот однос со Јехова.
[Фуснота]
a Современ пример за одржување на дадениот збор во бизнисот, види во статијата „Мој збор и мој договор“ во Разбудете се! од 8 мај 1988, страници 11-13 (англ.).
[Рамка на страница 31]
Што сѐ би можел да те чини бизнисот
Време: Водењето сопствен бизнис речиси секогаш одзема повеќе време отколку да се биде вработен во некоја компанија. Дали тоа ќе влијае на твојот план, оставајќи ти помалку време за важните духовни активности? Што е уште поважно, дали ќе можеш да ги средиш своите работи за да поминуваш повеќе време во вршењето на Божјата волја? Ако е така, тоа е добро. Но, внимавај! Полесно е да се рече отколку да се стори тоа.
Пари: Потребни се пари за да се спечалат пари. Какви инвестиции се потребни за твојот бизнис? Дали веќе ги имаш средствата, или ќе треба да земаш заем? Можеш ли да си дозволиш да претрпиш загуба? Или, дали трошокот ќе биде поголем од она што можеш да го поднесеш ако работите не одат онака како што си очекувал?
Пријатели: Поради проблемите што се појавуваат во секојдневното работење, бизнисот ги чини преземачите губење на пријателите. Иако е можно да се стекнат нови пријатели, сосема е веројатно да се појават напнати односи. Што ако тие пријатели се христијански браќа?
Чиста совест: Општиот пристап кон бизнисот во денешниот свет е „Кучето го јаде другото куче“ или „Што добивам јас од тоа?“ При една европска анкета, повеќе од 70 проценти од студентите сметале дека етиката има само мало или никакво место во светот на бизнисот. Не изненадува тоа што измамата, нечесноста и сомнителните постапки во бизнисот станале вообичаени. Дали ќе бидеш доведен во искушение и ти да постапуваш така?
Твојот однос со Јехова: Која и да било постапка во бизнисот што е спротивна на Божјите закони и начела, дури и ако е вообичаена во бизнисот, ќе наруши нечиј однос со Творецот. Тоа може да го чини некого изглед за вечен живот. Зарем не е очигледно дека тоа ќе биде превисока цена што треба да ја плати еден лојален христијанин, без оглед на материјалната добивка?
[Слика на страница 31]
Како ќе се спречат натамошни недоразбирања? Со устен договор или со писмена спогодба?