Обласен конгрес „Радосни фалители“ — дали ќе присуствувате?
РАДОСТ! Дали овој збор Ви звучи чудно, па дури и необично во ова време исполнето со проблеми? Без сомнение, весниците не даваат многу причини за радување. Етничките војни, распространетиот глад, невработеноста, опасното загадување, политичката нестабилност, криминалот — сите тие работи не го исполнуваат срцето со радост, зарем не?
Повеќето луѓе денес земаат од животот сѐ што можат. Но радост? Радоста се опишува како „состојба на среќа; восхит“. Вистинска радост не доживеале баш многу луѓе, па дури и да доживеале, честопати тоа било само привремено.
Сепак, гледајќи кон нашево време, Библијата прорекла: ‚Вака вели Господ Бог: „слугите Мои ќе се веселат; слугите Мои ќе пеат од срдечна радост“‘ (Исаија 65:13, 14). Како е можно тоа?
За да добиете одговор, Ве поттикнуваме да присуствувате на еден од обласните конгреси на Јеховините сведоци, што ќе се одржат во 1995. Мотото на конгресите е „Радосни фалители“, а присуството е бесплатно. Програмата на овој тридневен конгрес ќе се состои од предавања кои се темелат на Библијата, од прикази, дискусии и уште многу друго. Низ целата програма ќе биде нагласена темата за радоста.
Во Соединетите Држави, конгресите ќе започнат во јуни и ќе продолжат низ градовите по целиот свет, сѐ до почетокот на 1996. Веројатно еден таков конгрес ќе се одржи и во Вашата близина. Зошто да не ги прашате Сведоците кои живеат во Вашиот крај? Срдечно Ве покануваме да присуствувате.