Крај на омразата по целиот свет
ПРЕД околу две илјади години, едно малцинство било жртва на омраза. Тертулијан го објаснува преовладувачкиот став на Римјаните кон раните христијани: „Ако небото не даде дождови, ако има земјотрес, ако има глад или болест, веднаш се слуша извикот: ‚Фрлете ги христијаните на лавовите!‘“
И покрај тоа што биле предмет на омраза, раните христијани се спротивставиле на искушението да се одмаздуваат за неправдата. Во својата позната Проповед на гората, Исус Христос рекол: „Сте слушале дека е кажано — ‚Љуби го својот ближен и мрази го непријателот‘. А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, . . . и молете се за оние што ве . . . гонат“ (Матеј 5:43, 44).
Според усните преданија на Евреите се сметало дека е исправно да се ‚мрази непријателот‘. Меѓутоа, Исус рекол дека мораме да ги љубиме и нашите непријатели, а не само пријателите. Ова е тешко, но не и невозможно. Да се љуби непријателот не значи да се сака секој негов начин на постапување, односно неговите дела. Грчкиот збор што се наоѓа во Матеевиот извештај потекнува од зборот ага́пе, кој опишува љубов што постапува во склад со начело. Човек кој покажува ага́пе, начелна љубов, му прави добро дури и на непријателот кој го мрази и лошо постапува со него. Зошто? Затоа што тој е начинот на кој се имитира Христос и начинот на кој може да се победи омразата. Еден научник за грчки јазик забележал: „[Ага́пе] нѐ оспособува да ја победиме својата природна склоност кон гнев и кон огорченост“. Но, дали ова функционира во денешниов свет исполнет со омраза?
Мора да се признае, сите кои тврдат дека се христијани не се решени да го следат Христовиот пример. Ѕверствата што во поново време се вршат во Руанда, ги вршат многу етнички групи чиишто членови се изјаснуваат како христијани. Пилар Диез Еспелосин, римокатоличка калуѓерка која работи во Руанда веќе 20 години, раскажува една впечатлива случка. Некој човек се приближувал кон нејзината црква, носејќи копје коешто очигледно го имал употребено. Калуѓерката го прашала: „Како можеш да одиш наоколу и да убиваш луѓе? Зарем не мислиш на Христос?“ Тој ѝ рекол дека мисли, па влегол во црквата, клекнал и горливо ја рецитирал бројницата. Но, кога завршил, заминал со цел пак да убива. „Тоа покажува дека не го поучуваме евангелието исправно“, признала калуѓерката. Меѓутоа, таквите промашувања не значат дека Исусовата порака е недостаточна. Оние кои го практицираат вистинското христијанство можат да ја победат омразата.
Победа над омразата во концентрационен логор
Макс Либстер е еден Евреин кој го преживеал холокаустот. Иако презимето му значи „љубен“, тој видел премногу омраза. Макс раскажува за она што го научил за љубовта и за омразата во нацистичка Германија.
„Пораснав во близината на Манхајм (Германија), во текот на 1930-тите. Хитлер тврдеше дека сите Евреи се богати профитери кои го експлоатираат германскиот народ. Но, татко ми всушност беше само еден обичен чевлар. И покрај тоа, поради влијанието на нацистичката пропаганда, соседите се свртија против нас. Кога бев тинејџер, еден селанец насила ми го измачка челото со свинска крв. Овој груб напад беше само претслика на она што претстоеше. Во 1939, Гестапо ме уапси и ми ги одзеде сите лични работи.
Од јануари 1940 до мај 1945, се борев за преживување во пет различни концентрациони логори: Заксенхаузен, Нојенгаме, Аушвиц, Буна и Бухенвалд. Татко ми, кој беше исто така испратен во Заксенхаузен, умре за време на ужасната зима во 1940. Јас лично го однесов неговото тело во крематориумот, каде што куп лешеви чекаа да бидат изгорени. Сѐ на сѐ, осуммина од моето семејство умреа по логори.
Меѓу затворениците, капосите беа омразени повеќе од есесовците. Капосите беа затвореници кои соработуваа со есесовците и затоа уживаа извесни повластици. Беа задолжени да делат храна, но и да го спроведуваат насилничкото тепање на другите затвореници. Честопати постапуваа нечесно и своеволно. Претпоставувам дека имав големи причини да ги мразам и есесовците и капосите, но за сето време поминато во затвореништво научив дека љубовта е помоќна од омразата.
Цврстината на затворениците кои беа Јеховини сведоци ме увери дека нивната вера се темели на Библијата — па така и јас самиот станав Сведок. Ернст Вауер, Сведок што го сретнав во концентрациониот логор Нојенгаме, ме подбуди да го негувам истиот умствен став како Христос. Библијата вели дека ‚кога на Него хулеле, Он не им одвраќал со хули; кога страдал, не заплашувал, туку се потпирал на Оној, Кој праведно суди‘ (1. Петрово 2:23). Се обидов да го сторам истото, да ја препуштам одмаздата во рацете на Бог кој им е Судија на сите.
Годините поминати во логорите ме научија дека луѓето честопати прават зли работи од незнаење. Дури ни сите есесовци не беа лоши — имаше еден кој ми го спаси животот. Еднаш доживеав акутен напад на дијареа и бев премногу слаб за да појдам од моето работно место до логорот. Требаше да бидам испратен во гасните комори на Аушвиц веќе следното утро, но еден есесовец, кој дојде од истиот крај на Германија како мене, интервенираше во моја корист. Уреди да работам во есес-кафетеријата, каде што можев по малку да се одморам додека не закрепнав. Еден ден ми призна: ‚Макс, се чувствувам како да сум на воз кој јури и кој нема контрола. Ако скокнам од него, ќе ме убијат. Ако останам во него, ќе доживеам слом!‘
И на овие луѓе им требаше исто толку љубов колку и мене. Всушност, љубовта и сочувството, заедно со мојата вера во Бог, ми овозможија успешно да се борам со извитоперените услови и секојдневната закана со погубување. Не можам да речам дека преживеав без гребнатинка, но моите емоционални лузни се минимални.“
Срдечноста и добротата што сѐ уште зрачат од Макс и после 50 години, се силно сведоштво за вистинитоста на неговите зборови. Случајот на Макс не е единствен. Тој имал здрава причина да ја надмине омразата — сакал да го имитира Христос. И други луѓе, чиишто животи биле водени од Библијата, постапувале на сличен начин. Симон, Јеховин сведок од Франција, објаснува како го научила вистинското значење на несебичната љубов.
„Мајка ми, Ема, која стана Сведок кратко пред да почне Втората светска војна, ме учеше дека луѓето честопати прават лоши работи затоа што не знаат за нешто подобро. Таа ми објасни дека ако ги мразиме за возврат, не сме вистински христијани, бидејќи Исус рекол да ги љубиме нашите непријатели и да се молиме за оние што нѐ прогонуваат (Матеј 5:44).
Се сеќавам на една крајно тешка ситуација која го стави на испит ова уверување. За време на нацистичката окупација на Франција, мајка ми многу пострада од една сосетка од нашата зграда. Сосетката ја пријави мајка ми на Гестапо и, како резултат на тоа, таа помина две години по германските концентрациони логори каде што за малку не умрела. По војната, француската полиција бараше од мајка ми да потпише еден документ со кој се обвинуваше оваа жена дека соработувала со Германците. Но мајка ми одби, велејќи дека ‚Бог е Судијата и Наградувачот за доброто и за злото‘. Неколку години подоцна, истата сосетка се разболе од неизлечив рак. Наместо да ѝ се сити на несреќата, мајка ми помина многу часови во обидот колку што беше можно повеќе да ѝ ги олесни последните неколку месеци од животот. Нема никогаш да го заборавам овој триумф на љубовта над омразата.“
Овие два примера ја илустрираат моќта на начелната љубов кога ќе се соочи со неправдата. Меѓутоа, самата Библија вели дека има „време кога се сака, и време кога се мрази“ (Проповедник 3:1, 8). Како е можно тоа?
Време кога се мрази
Бог не ја осудува секоја омраза. Во врска со Исус Христос, Библијата вели: „Ти омиле правдата, а омрзна беззаконието“ (Евреите 1:9). Меѓутоа, постои разлика меѓу мразење на злото и мразење на човекот кој го прави злото.
Исус дал пример за исправна рамнотежа меѓу љубовта и омразата. Тој го мразел лицемерството, но се обидел да им помогне на лицемерите да го променат својот начин на размислување (Матеј 23:27, 28; Лука 7:36-50). Го осудил насилството, но се молел за оние кои го убиле (Матеј 26:52; Лука 23:34). И, иако светот го мразел без причина, тој го дал својот живот за светот (Јован 6:33, 51; 15:18, 25). Ни оставил совршен пример за начелна љубов и за божествена омраза.
Неправдата може да создаде во нас морална огорченост, како што создала и кај Исус (Лука 19:45, 46). Меѓутоа, христијаните не се овластени да ја преземаат одмаздата во свои раце. „Никому не враќајте зло за зло“, ги советувал Павле христијаните во Рим. „Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, возљубени, за себе . . . Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро“ (Римјаните 12:17-21). Кога ние лично одбиваме да развиваме омраза или да се одмаздуваме за злото, љубовта ја извојува победата.
Свет без омраза
За да исчезне омразата во светски размери, мора да се променат утврдените ставови на милиони луѓе. Како може да се постигне ова? Професорот Ервин Стауб ја дава следнава препорака: „Ние не ги цениме оние на кои им нанесуваме зло, а ги цениме оние на кои им помагаме. Ако почнеме уште повеќе да ги цениме луѓето на кои им помагаме, доживувајќи го при тоа задоволството што произлегува од помагањето, и самите себе почнуваме да се доживуваме како погрижливи и покорисни. Една од нашите цели мора да биде создавање на општества во кои ќе може колку што е можно повеќе да се прави нешто за другите“ (The Roots of Evil — Корените на злото).
Со други зборови, протерувањето на омразата изискува создавање на општество во кое луѓето ќе научат да сакаат, помагајќи си еден на друг, општество во кое луѓето ќе ги заборават сите непријателства што ги предизвикале предрасудите, национализмот, расизмот и чувствата за племенска припадност. Дали постои такво општество? Разгледај го искуството на еден човек кој лично се соочил со омразата за време на Културната револуција во Кина.
„Кога започна Културната револуција, нѐ поучуваа дека во ‚класната борба‘ нема место за компромиси. Омразата беше преовладувачка склоност. Станав член на Црвената гарда и почнав насекаде да ги барам ‚класните непријатели‘ — дури и меѓу своето семејство. Иако во тоа време бев само тинејџер, учествував во куќните претреси во кои баравме докази за ‚реакционерски симпатии‘. Исто така, го водев јавниот митинг кој обвинуваше еден ‚контрареволуционер‘. Се разбира, овие обвиненија понекогаш се темелеа повеќе на лично непријателство отколку на политички причини.
Видов многу луѓе — млади и стари, машки и женски — како беа физички казнувани на сѐ посвиреп начин. Еден од моите професори — добар човек — беше воден по улиците како некаков криминалец. Два месеца подоцна, еден друг многу почитуван професор од моето училиште беше најден мртов во реката Сујо, а мојот професор по англиски беше принуден самиот да се обеси. Бев шокиран и збунет. Тие беа добродушни луѓе. Беше неправедно да се постапува со нив на еден ваков начин! Затоа, ги прекинав сите врски со Црвената гарда.
Не мислам дека овој период на омраза, што за кратко време ја обзеде Кина, беше единствениот од таков вид. Овој век има доживеано толку многу изливи на омраза. Меѓутоа, уверен сум дека љубовта може да ја победи омразата. Тоа е нешто што лично сум го видел. Кога почнав да се дружам со Јеховините сведоци, бев импресиониран од искрената љубов што ја покажуваа тие кон луѓе од различни раси и со различно потекло. Со нетрпение го очекувам времето кога, како што ветува Библијата, сите луѓе ќе научат да ги сакаат другите.“
Да, меѓународното друштво на Јеховините сведоци е жив доказ дека омразата може да биде отстранета. Сеедно од каде потекнуваат, Сведоците се стремат да ги заменат предрасудите со меѓусебно почитување и да ја елиминираат секоја трага на чувства за племенска припадност, расизам или национализам. Еден фактор за нивниот успех е решеноста да го имитираат Исус Христос во покажувањето на љубов, водена од начела. Друг фактор е тоа што тие чекаат Божјето Царство да стави крај на секоја неправда од која можеби страдаат.
Божјето Царство е конечното решение за постигнување на еден свет без омраза, свет во кој ќе нема ни зло кое би се мразело. Опишана во Библијата како „ново небо“, оваа небесна влада ќе гарантира свет ослободен од неправда. Таа ќе владее над „нова земја“, односно ново општество од луѓе кои ќе бидат поучени да се љубат еден со друг (2. Петрово 3:13; Исаија 54:13). Ова поучување е веќе во тек, како што можат да посведочат искуствата на Макс, Симон и на многу други. Тоа е претслика на светската програма која ќе ја елиминира омразата и причините за неа.
Преку пророкот Исаија, Јехова ги опишал резултатите: „Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:9). Самиот Бог ќе нареди да престане омразата. Тоа навистина ќе биде време на љубовта.
[Слика на страница 7]
На Макс Либстер нацистите му го истетовирале затвореничкиот број на левата рака
[Слика на страница 8]
Омразата наскоро ќе биде минато