Претстојат подобри времиња
„НИЕ имаме еден–нула–еден“, вели една жена.
„Кај мене е уште полошо“, одговара нејзината пријателка. „Јас сум на нула–нула–еден.“
Во некои делови од Западна Африка, нема потреба од објаснување на ваквите кратки конверзации. Наместо да јаде по три оброка дневно (еден–еден–еден), лицето кое е на еден–нула–еден може да си дозволи да јаде само двапати дневно — еднаш наутро и еднаш навечер. Еден млад човек на нула–нула–еден, ја опишува својата ситуација: „Јас јадам еднаш дневно. Мојот фрижидер го полнам со вода. Пред да си легнам јадам гари [касава]. Ете, така излегувам на крај“.
Сѐ поголем број луѓе денес се наоѓаат во една ваква беда. Цените растат, а платежната моќ на парите опаѓа.
Недостигот на храна — проречен
Во една серија визии кои му биле дадени на апостол Јован, Бог ги прорекол тешките услови со кои многумина денес се соочуваат. Меѓу нив бил и недостигот на храна. Јован раскажува: „И видов, ете вран коњ, а на него јавач со мерила во раката своја“ (Откровение 6:5). Овој злокобен коњ и јавач претставуваат глад — ќе има толку голем недостиг на храна што ќе се дели на кантар.
Потоа, апостол Јован вели: „И чув глас . . . кој зборуваше: ‚Шиник пченица за динариј, и три шиника јачмен за динариј‘“. Во деновите на Јован, еден шиник пченица била дневницата на еден војник, а еден динариј била платата за еднодневна работа. Така, преводот од Ричард Вејмаут го преведува стихот: „Целодневна плата за еден леб, целодневна заработувачка за три јачмени погачи“ (Откровение 6:6).
Колку изнесува една целодневна плата денес? Извештајот State of World Population, 1994 (Состојба на светското население за 1994) забележува: „Околу 1,1 милијарда луѓе, а тоа е отприлика 30 насто од населението на земјите во развој, живеат со приближно 1 долар дневно. Така, со еднодневна заработувачка сиромашните во светот дословно купуваат, помалку или повеќе, еден леб.
Се разбира, ова не ги изненадува оние кои се многу сиромашни. „Леб!“, извикал еден човек. „Кој јаде леб? Во денешно време лебот е луксуз!“
Иронично е тоа што не постои недостиг на храна. Според изворите на ОН, во текот на изминатите десет години, светското производство на храна се зголемило за 24 насто, што било повеќе од порастот на светската популација. Меѓутоа, немало секаде ваков пораст во производството на храна. На пример, производството на храна во Африка всушност се намалило за 5 насто, додека бројот на населението се зголемил за 34 насто. Така, и покрај општото изобилство на храна, во многу земји и понатаму има недостиг на храна.
Недостигот на храна подразбира повисоки цени. Безработицата, ниските плати и растечката инфлација уште повеќе го отежнуваат снабдувањето на пари за да се купи она што стои на располагање. Human Development Report 1994 (Извештај за развојот на човештвото за 1994) наведува: „Луѓе гладуваат не поради тоа што нема храна, туку поради тоа што не можат да ја купат“.
Има сѐ повеќе безнадежност, фрустрации и очај. „Луѓето мислат дека денешнината е лоша, но дека утрешнината ќе биде уште полоша“, рекла Глори, која живее во Западна Африка. Една друга жена кажала: „Луѓето чувствуваат дека се приближуваат кон некаква катастрофа. Тие мислат дека ќе дојде ден кога на пазарот нема да остане ништо“.
Јехова се грижел за своите слуги во минатото
Слугите на Бог знаат дека Јехова ги наградува оние кои му се верни, со тоа што се грижи за нивните потреби и им дава сила успешно да се справат со тешките услови. Всушност, ваквата доверба во Божјата способност да го обезбеди потребното, е битен дел од нивната вера. Апостол Павле напишал: „Оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6).
Јехова секогаш се грижел за своите верни слуги. Во текот на три и полгодишната суша, Јехова му обезбедил храна на пророкот Илија. Отпрвин, Бог им заповедал на гавраните да му носат на Илија леб и месо (3. Царства 17:2-6). Подоцна, на еден чуден начин, Јехова ја поддржувал залихата со брашно и масло во домот на вдовицата која обезбедувала храна за Илија (3. Царства 17:8-16). За време на тој глад, и покрај засиленото религиозно прогонство кое се вршело врз пророците од страна на злобната царица Језавела, Јехова исто така се погрижил неговите пророци да имаат леб и вода (3. Царства 18:13).
Подоцна, кога Вавилонскиот цар го опседнал отпадничкиот Ерусалим, луѓето морале да „јадат леб со мерка и во жалост“ (Језекиил 4:16). Ситуацијата станала толку очајна што некои жени го јаделе месото од своите сопствени деца (Плач Јеремиин 2:20). Но сепак, иако пророкот Јеремија бил во притвор поради своето проповедање, Јехова се погрижил ‚да му даваат [на Јеремија] по едно парче леб на ден од улицата на лебарите, сѐ додека не се завршил сиот леб во градот‘ (Јеремија 37:21).
Дали Јехова го заборавил Јеремија кога залихите со леб се потрошиле? Очигледно не, бидејќи кога градот паднал во рацете на Вавилонците, на Јеремија му било дадено ‚храна и дар, па бил отпуштен‘ (Јеремија 40:5, 6; види и Псалм 36:25).
Бог ги поддржува своите слуги денес
Исто како што Јехова ги поткрепувал своите слуги во изминатите генерации, тој го прави тоа и денес, грижејќи се за нив како материјално така и духовно. Разгледај го, на пример, искуството на Ламитунде, кој живее во Западна Африка. Тој раскажува: „Порано бев сопственик на прилично голема живинарска фарма. Еден ден, на фармата дојдоа вооружени пљачкаши и ги украдоа скоро сите кокошки, помошниот генератор и парите што ги имавме. Кратко потоа, неколкуте кокошки што останаа, умреа од болест. Тоа го уништи мојот бизнис со живина. Две години попусто се обидував да најдам работа. Околностите беа навистина тешки, но Јехова нѐ поткрепи.
Она што ми помогна да се справам со тешките времиња беше тоа што сфатив дека Јехова дозволува да ни се случуваат некои работи за да нѐ прочисти. Мојата сопруга и јас продолживме со нашата вообичаена семејна библиска студија и ова навистина ни помогна. Молитвата исто така беше голем извор на сила. Понекогаш немав желба да се молам, но кога ќе се помолев, се чувствував подобро.
За време на тој тежок период, ја запознав вредноста на размислувањето за Писмото. Често размислував за Псалм 22, кој зборува за Јехова како наш Пастир. Други стихови кои ме охрабрија беа стиховите од Филипјаните 4:6, 7, кои се однесуваат на ‚мирот Божји, што надвишува секој ум‘. Друг извадок кој ме зајакна беше 1. Петрово 5:6, 7, кој вели: ‚Смирете се под крепката рака Божја, за да ве воздигне, кога ќе дојде времето. Сите ваши грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас‘. Сите овие стихови ми помогнаа во текот на тие тешки времиња. Кога размислува длабоко, човек е во состојба да ги замени мислите во главата кои предизвикуваат депресија.
Сега повторно сум вработен, но да бидам искрен, ситуацијата е сѐ уште тешка. Токму како што прорекла Библијата во 2. Тимотеј 3:1-5 (НС), ние живееме во ‚последните денови‘, одбележани со ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘. Не можеме да го промениме она што го вели Писмото. Па така, јас не очекувам животните услови да бидат лесни. Но сепак, чувствувам дека Јеховиниот дух ми помага да се борам“.
И покрај критичните времиња во кои живееме, оние кои веруваат во Јехова и во неговиот Цар-Син, Христос Исус, нема да бидат разочарани (Римјаните 10:11). Самиот Исус нѐ уверува: „Затоа ви велам: ‚немојте да се грижите за душата — што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната, и телото — од облеклото? Погледајте ги птиците небески; тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат; но вашиот Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив? А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакот? Зошто се грижите и за облеката?“ (Матеј 6:25-28).
Секако, овие прашања поттикнуваат на самоиспитување во овие критични времиња. Но, Исус продолжил со следниве смирувачки зборови: „Погледајте ги полските кринови како растат: не се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив; па, ако полската трева, што денеска постои, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе вас, маловерни!? Па затоа не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме? Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6:28-33).
Претстојат подобри времиња
По сѐ изгледа дека во многу делови на светот, лошите економски и социјални услови ќе продолжат да се влошуваат. Па сепак, Божјиот народ сфаќа дека овие услови се привремени. Славната власт на цар Соломон го навестила праведното владеење на еден Цар поголем од Соломон кој ќе владее над целата Земја (Матеј 12:42). Тој Цар е Христос Исус, „,Цар над царевите‘ и ‚Господар над господарите‘“ (Откровение 19:16).
Псалм 71, кој имал првобитно исполнување во врска со царот Соломон, ја опишува величествената власт на Исус Христос. Разгледај некои од прекрасните работи кои ги пророкува тој псалм за иднината на Земјата под Христос како Цар.
Мирољубиви услови ширум светот: „Во негово време ќе зацари правда, и ќе има изобилен мир сѐ додека не се одземе месечината. И ќе владее од море до море и од реката до краиштата на земјата“ (Псалм 71:7, 8).
Грижа за скромните: „Ќе избави беден од силник и сиромав, кој нема помошник. Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите; од лихви и неправди ќе ги избави душите нивни, и чесно ќе биде името нивно пред Него“ (Псалм 71:12-14).
Изобилство на храна: „Ќе има изобилие од жито на Земјата; на врвот од горите ќе има обилност“ (Псалм 72:16, НС).
Јеховината слава ќе ја исполни Земјата: „Нека е благословен Господ Бог, Бог Израилев, Кој само Он прави чудеса; и нека е благословено Неговото славно име довека, и со славата Негова нека се исполни целата земја!“ (Псалм 71:18, 19).
Значи, навистина претстојат подобри времиња.