ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w95 1/9 стр. 22-26
  • „Љубовта никогаш не престанува“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Љубовта никогаш не престанува“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Се формира група за проучување на Библијата
  • Свештенството се противи
  • Нашата проповедничка активност
  • Воените години
  • Разјаснување на Јеховиното мерило за бракот
  • Предности на служба
  • Вистинската љубов никогаш не престанува
  • Бев расипнички син
    Разбудете се! 2006
  • Задоволството од добриот однос со Бог — моја поткрепа
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Богатото духовно наследство ме поттикна со цело срце да му служам на Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2019
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
w95 1/9 стр. 22-26

„Љубовта никогаш не престанува“

РАСКАЖАЛ СЕМЈУЛ Д. ЛАДЕСУЈИ

Се восхитувам кога размислувам за изминатите години и кога го гледам сето она што беше постигнато. Јехова прави прекрасни работи низ целата Земја. Во Илеша (Нигерија), неколкумината од нас кои почнаа да проповедаат во 1931 година, сега прераснаа во 36 собранија. Отприлика 4.000-те објавители што ги имаше во Нигерија кога во 1947 година дојдоа првите апсолвенти на Библиската школа Гилеад на Стражарска кула, прераснаа на преку 180.000. Во почетокот не очекувавме ниту, пак, можевме да си замислиме дека ќе дојде до толкав пораст. Колку сум благодарен што имав удел во ова прекрасно дело! Дозволете ми да ви раскажам за тоа.

ТАТКО ми тргуваше со оружје и со барут од град во град; ретко беше дома. Колку што ми беше познато, тој имаше седум жени, но сите не живееја со него. Мајка ми ја наследи од неговиот постар брат кој умре. Таа му стана втора жена, а јас живеев со неа.

Еден ден татко ми си дојде од посета на првата жена, која живееше во едно соседно село. Додека бил таму, дознал дека мојот полубрат, кој исто како мене имаше десет години, оди на училиште. Затоа татко ми одлучи и јас да одам на училиште. Ми даде девет пени — три пени за учебник и шест пени за табличка за пишување. Тоа беше во 1924 година.

Се формира група за проучување на Библијата

Уште од моите најрани години негував љубов кон Божјата Реч, Библијата. Уживав во часовите на библиска поука, а наставниците од неделното училиште секогаш ме пофалуваа. Така, во 1930 година ја искористив можноста да присуствувам на предавањето што го одржа еден Истражувач на Библијата кој беше дојден на посета, еден од првите кои проповедаа во Илеша. После предавањето, ми даде еден примерок од книгата Харфа Божја, на јазикот јоруба.

Редовно го посетував неделното училиште. Почнав да ја носам со себе книгата Харфа Божја и да ја употребувам за да побијам некои доктрини кои беа научувани таму. Доаѓаше до расправии, а црковните водачи честопати ме предупредуваа да не го следам тоа ‚ново учење‘.

Следната година, додека минував по една улица, наидов на група луѓе кои слушаа еден човек кој ги поучуваше. Говорникот беше Џ. И. Овенпа, Истражувач на Библијата. Него го испратил Вилијам Р. Браун (честопати наречен Библија Браун), кој од Лагос го надгледуваше делото на проповедање на Царството.a Кога дознав дека во Илеша била формирана една мала група за проучување на Библијата, со цел да се проучува книгата Харфа Божја, ѝ се придружив и јас.

Јас бев најмлад во групата — ученик на 16-годишна возраст. Обично би се срамел, па дури и би се плашел да се дружам толку блиско со луѓе на 30 години, па и постари. Но тие многу се радуваа што бев меѓу нив и ме охрабруваа — ми беа како татковци.

Свештенството се противи

Наскоро почнавме да се соочуваме со сериозно противење од страна на свештенството. Католиците, Англиканците и другите религии, кои претходно се бореа меѓу себе, сега се обединија против нас. Заедно со традиционалните поглавари коваа завера да сторат нешто за да нѐ обесхрабрат. Ја испратија полицијата за да ни ги одземе книгите, под изговор дека се штетни за луѓето. Но, регионалниот полициски службеник ги опомена дека немаат право да ни ги одземаат книгите и така, по две недели, ни ги вратија.

После ова бевме свикани на еден состанок каде што го сретнавме оба, или врховниот поглавар, заедно со други истакнати луѓе од градот. Во тоа време нѐ имаше околу 30-тина. Намерата им беше да нѐ спречат да ги читаме тие „опасни“ книги. Прашаа дали сме странци, но кога внимателно ги погледнаа нашите лица, рекоа: „Ова се наши луѓе, иако има некои странци меѓу нив“. Ни рекоа дека не сакаат и понатаму да проучуваме книги на една религија која ќе ни наштети.

Отидовме дома без збор, затоа што одлучивме да не им обрнуваме внимание на тие истакнати луѓе. Повеќето од нас бевме пресреќни поради она што го учевме и бевме одлучни да продолжиме да проучуваме. Затоа, иако неколкумина се уплашија и се повлекоа од нашата група, повеќето од нас продолжија со проучувањето во една дрводелска работилница. Немавме водител. Започнувавме со молитва и секој по ред ги читаше пасусите од книгата. После приближно еден час, повторно се молевме а потоа си одевме дома. Но некој нѐ шпионирал и затоа поглаварите и религиозните водачи продолжија да нѐ повикуваат секои две недели и да нѐ опоменуваат да не ја проучуваме литературата на Истражувачите на Библијата.

Во меѓувреме се обидувавме да го користиме и она малку знаење што го имавме за да им помагаме на луѓето, а многумина се сложуваа со нас. Еден по еден, луѓето ни се придружуваа. Бевме многу среќни, но сѐ уште немавме некое големо познавање за религијата со која бевме поврзани.

Во почетокот на 1932 година, од Лагос пристигна еден брат за да ни помогне да се организираме, а во април пристигна и Библија Браун. Кога виде дека сочинуваме група од 30-мина, брат Браун провери колку сме напреднале со нашето читање. Му кажавме сѐ што знаевме, а тој рече дека сме спремни за крштевање.

Затоа што беше сушна сезона, моравме да патуваме до реката која се наоѓаше на 14 километри од Илеша, каде што се крстија околу 30 души. Оттогаш сите се почувствувавме способни да бидеме објавители на Царството и започнавме да одиме од куќа до куќа. Никогаш порано не сме ни помислувале дека ќе правиме такво нешто, но сега бевме желни да го поделиме со другите она што го знаевме. Моравме добро да се подготвуваме за да имаме поддршка од Библијата во побивањето на лажните доктрини со кои се сретнувавме. Затоа, на состаноците дискутиравме за тие доктрини, помагајќи си еден на друг со она што го знаевме.

Нашата проповедничка активност

Го преплавивме градот со нашето проповедање. Луѓето ни се исмејуваа и викаа по нас, но нам тоа не ни сметаше. Нашата радост беше голема бидејќи ја имавме вистината, иако сѐ уште требаше многу да учиме.

Секоја недела одевме од куќа до куќа. Луѓето поставуваа прашања, а ние се трудевме да им дадеме одговор. Во неделите навечер изнесувавме по едно јавно предавање. Немавме Сала на Царството и затоа состаноците ги одржувавме надвор. Ги собиравме луѓето, одржувавме јавно предавање и ги поттикнувавме да поставуваат прашања. Понекогаш проповедавме и во црквите.

Патувавме и во подрачја каде што луѓето никогаш не слушнале за Јеховини сведоци. Најчесто одевме со велосипеди, но понекогаш изнајмувавме и автобус. Кога ќе пристигневме во некое село, гласно ќе затрубевме со сирената. Така ќе нѐ чуеше целото село! Луѓето се насобираа за да видат што се случува, а ние тогаш им ја пренесувавме пораката. Откако ќе завршевме, луѓето се туркаа за да добијат примерок од нашата литература. Така разделувавме големи количини литература.

Желно го очекувавме доаѓањето на Божјето Царство. Се сеќавам дека кога добивме 1935 Yearbook (Годишник за 1935 година), еден брат, откако го виде целосниот годишен распоред за разгледување на дневните стихови, праша: „Дали ова значи дека ќе помине уште една цела година пред да дојде Армагедон?“

Како одговор, водителот запраша: „Дали ти, брате, мислиш дека ако Армагедон дојде утре, ќе престанеме да го читаме Годишникот?“ Кога братот одговори со не, водителот рече: „Тогаш, зошто се грижиш?“ Во тоа време бевме, но и сѐ уште сме, желни за Јеховиниот ден.

Воените години

Во текот на Втората светска војна беше забрането да се увезуваат нашите книги. Еден брат од Илеша случајно му ја понудил книгата Riches (Богатство) на еден полицаец. Полицаецот прашал: „Чија е книгава?“ Братот одговорил дека е негова. Полицаецот рекол дека тоа е забранета книга, го одвел во полициска станица и го ставил в затвор.

Јас отидов во полициската станица и, откако се распрашав, го ослободив братот со кауција. Потоа му телефонирав на брат Браун во Лагос за да го известам што се случи. Исто така го прашав дали постои закон кој забранува ширење на нашите книги. Брат Браун ми рече дека е забранет само увозот, но не и ширењето на книгите. По три дена брат Браун испрати еден брат од Лагос за да види што се случува. Овој брат заклучи дека следниот ден сите треба да одиме во делото на проповедање со списанија и со книги.

Се разотидовме во различни правци. После отприлика еден час, дознав дека повеќето браќа биле затворени. Затоа, заедно со братот што нѐ посети отидов во полициската станица. Полицијата одби да го сослуша нашето објаснување дека книгите не се забранети.

Оние 33 браќа кои беа ставени в затвор, ги испратија до Главниот управен суд во Ифе, а јас ги придружував. Луѓето од градот кои гледаа додека заминувавме, извикуваа: „Денес е готово со овие луѓе. Нема да дојдат повторно“.

Обвинението беше изнесено пред главниот судија, кој беше Нигериец. Му ги покажаа сите книги и списанија. Тој праша кој го овластил шефот на полицијата да ги затвори овие луѓе. Шефот на полицијата одговори дека ги следел наредбите на регионалниот полициски службеник. Главниот судија го повика во својот кабинет шефот на полицијата и четворица наши претставници, меѓу кои бев и јас.

Праша кој е г–дин Браун. Му рековме дека тој е претставник на Друштвото Стражарска кула во Лагос. Потоа ни кажа дека во врска со нас добил телеграма од г–дин Браун. Тој ден го одложи случајот и одобри кауција за браќата. Следниот ден ги пушти браќата на слобода и ѝ нареди на полицијата да ни ги врати книгите.

Се вративме во Илеша со песна. Луѓето и овој пат викаа, но сега велеа: „Повторно се вратија!“

Разјаснување на Јеховиното мерило за бракот

Во 1947 година, во Нигерија пристигнаа првите тројца апсолвенти на Гилеад. Еден од овие браќа, Тони Атвуд, сѐ уште е овде и служи во Бетелот во Нигерија. Оттогаш видовме големи промени во Јеховината организација во Нигерија. Една од големите промени беше нашето гледиште за полигамијата.

Во февруари 1941 се оженив со Олабиси Фашуба и веќе имав доволно знаење за да увидам дека не треба да земам уште жени. Но сѐ до 1947, кога пристигнаа мисионерите, полигамијата беше вообичаена во собранијата. На браќата кои практикуваа полигамија им беше кажано дека тие во незнаење се ожениле за повеќе од една жена. Затоа, ако имаа две, три, четири или пет жени, можеа да ги задржат, но не смееја да земаат други. Такво беше начелото во тоа време.

Многу луѓе беа желни да ни се придружат, особено Херувимското и Серафимското Друштво во Илеша. Тие велеа дека Јеховините Сведоци се единствените луѓе кои ја научуваат вистината. Се согласуваа со нашите науки и сакаа да ги преуредат своите цркви во Сали на Царството. Работевме напорно за да се постигне тоа. Имавме дури и центри за да ги поучуваме нивните старешини.

Тогаш пристигна ново упатство во поглед на полигамијата. Еден од мисионерите изнесе предавање на покраинскиот конгрес во 1947 година. Зборуваше за доброто однесување и за добрите навики. Потоа го цитираше стихот од 1. Коринтјаните 6:9, 10, кој вели дека неправедниците нема да го наследат Божјето Царство. Тогаш додаде: „И полигамистите нема да го наследат Божјето Царство!“ Луѓето во публиката извикуваа: „Како да не, полигамистите немало да го наследат Божјето Царство!“ Дојде до поделба. Како да настана војна. Многумина од оние кои ни се придружија од неодамна, престанаа да се дружат со нас, велејќи: „Фала му на Бога што не отидовме предалеку во оваа организација“.

Сепак, повеќето од браќата почнаа да се поправаат на тој начин што ги пуштаа своите жени. Ќе им дадеа пари и ќе им речеа: ‚Ако си млада, оди и побарај си друг сопруг. Згрешив што се оженив со тебе. Сега морам да бидам сопруг само на една жена‘.

Наскоро се појави друг проблем. Откако одлучија да задржат само по една жена а да ги ослободат другите, некои се премислија и заклучија дека сакаат да си вратат некоја од другите жени, а да ја пуштат онаа што ја задржале претходно! Така повторно се појави проблем.

Од Централата во Бруклин пристигна понатамошно упатство кое се базираше на стихот од Малахија 2:14, кој се осврнува на „жената од твојата младост“. Упатството беше дека сопрузите треба да ја задржат првата жена со која се ожениле. На тој начин конечно беше решено прашањето.

Предности на служба

Во 1947 година, Друштвото започна да ги зајакнува собранијата и да ги организира во покраини. Сакаа да наименуваат зрели браќа кои се напредни во спознанието за да служат како ‚слуги на браќата‘, кои сега се наречени покраински надгледници. Брат Браун ме запраша дали ќе прифатам такво наименување. Одговорив дека причината поради која се крстив беше да ја вршам Јеховината волја, и додадов: „Ти беше тој што ме крсти. Штом сега имам можност да му служам на Јехова во поголема мерка, зарем мислиш дека ќе одбијам?“

Во октомври истата година, седуммина од нас беа повикани во Лагос каде што бевме оспособени пред да бидеме испратени во покраинската служба. Во тоа време покраините беа огромни. Целата држава беше поделена само на седум покраини. Имаше малку собранија.

Нашето дело како слуги на браќата беше напорно. Секојдневно пешачевме многу километри, честопати низ жешките и влажни тропски шуми. Секоја седмица моравме да патуваме од село до село. Во одредени моменти чувствував дека нозете ќе ми се распаднат. Понекогаш имав чувство како да умирам! Но, имаше и огромна радост, особено кога ќе се погледнеше како расте бројот на луѓе кои ја прифаќаат вистината. Замислете, за само седум години, бројот на објавители во земјата се зголеми четири пати!

Во покраинската служба учествував сѐ до 1955 година, кога поради здравјето морав да се вратам дома во Илеша, каде што бев наименуван за надгледник на градот. Престојот дома ми даде можност да му посветам поголемо внимание на духовното помагање на моето семејство. Денес сите мои шест деца верно му служат на Јехова.

Вистинската љубов никогаш не престанува

Кога ќе погледнам на изминатите години, гледам многу причини за да бидам благодарен. Имаше разочарувања, грижи и болести, но имаше и многу радости. Иако нашето спознание и разбирање се изградуваше во текот на многу години, од искуство го научив значењето на стихот од 1. Коринтјаните 13:8, кој вели: „Љубовта никогаш не престанува“. Ако го сакаш Јехова и ако останеш цврст во неговата служба, ќе ти помага во тешкотиите и богато ќе те благослови.

Светлината на вистината станува сѐ посјајна и посјајна. Во времето кога започнавме, мислевме дека Армагедон ќе дојде брзо; затоа брзавме да направиме сѐ што можеме. Сепак, сето тоа беше за наша корист. Затоа се согласувам со зборовите на псалмистот: „Ќе Го фалам Господа додека сум жив; ќе Му пеам на Мојот Бог додека постојам“ (Псалм 145:2).

[Фуснота]

a Брат Браун бил наречен Библија Браун затоа што имал обичај да укажува на Библијата како на краен авторитет. (Види ја статијата „Жетвата на еден вистински евангелист“, во Стражарска кула од 1 септември 1992, страница 32.)

[Слика на страница 23]

Семјул со Милтон Хеншел во 1955 година

[Слика на страница 24]

Семјул со својата жена, Олабиси

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели