Бев расипнички син
Раскажал Мерос Вилијам Сандеј
Од мали нозе бев поучуван да го сакам Бог; но кога имав 18 години станав бунтовник и си заминав од дома. Тринаесет години живеев како расипничкиот син од Исусовата споредба (Лука 15:11-24). Станав дилер на дрога и речиси си го уништив животот. Да ви раскажам што доведе до промена во мојот начин на живот и до моето враќање.
РОДЕН сум во 1956 година во семејство на родители кои беа христијани, како второ од девет деца. Живеевме во Илеша, гратче во југозападна Нигерија. Татко ми беше воспитан како католик, но во 1945 година неговиот чичко му ја дал книгата Божја харфа (The Harp of God).a Откако ја прочитал, татко ми почнал да ги бара Јеховините сведоци. Се крстил во 1946 година, а кратко потоа се крстила и мајка ми.
Сѐ уште се сеќавам колку реална личност ми беше Јехова во текот на моето детство и колку ревносно учествував со родителите во проповедањето. Татко ми ја проучуваше Библијата со мене. Понекогаш, проучував и со Алис Обара, чиј сопруг беше патувачки надгледник во нашата област. Моите родители сакаа јас да станам полновремен слуга. Меѓутоа, мајка ми предложи прво да завршам средно школо.
Но, штом почнав со школото, на возраст од 16 години, немудро се спријателив со школски другари кои не ги почитуваа библиските начела. Тоа ми беше глупава грешка! Наскоро почнав да пушам и да правам неморални работи. Сфатив дека мојот нов начин на живот не се совпаѓа со поуките што ги добивав на христијанските состаноци, и затоа престанав да одам на нив и во службата од куќа до куќа. Тоа беше многу болно за моите родители, но јас повеќе не бев заинтересиран за чувствата на другите.
Си заминувам од дома
По само две години во средно школо, се иселив од нашата семејна куќа и почнав да живеам со другари во соседството. Понекогаш скришно ќе дојдев дома, ќе земев нешто за јадење и ќе побегнев. Очаен, татко ми престана да ја плаќа школарината, со надеж дека ќе се променам.
Но, отприлика во исто време ми беше доделена стипендија. Мојот покровител ми праќаше школарина од Шкотска и понекогаш добивав и подароци, а и пари. Во меѓувреме и двајца од моите браќа престанаа да се дружат со Јеховините сведоци, а сето тоа им донесе неизмерна болка на моите родители. Мајка ми повеќе пати ме молеше со солзи. Иако поради тоа чувствував срам, не ги променив своите навики.
Во големите градови
Откако завршив со школото, во 1977 година, отидов во Лагос и најдов работа. Кратко потоа, на илегален начин добив пари и си купив автомобил за да го користам за такси превоз. Тогаш веќе имав повеќе пари, па почнав да користам и дрога и поминував многу време по ноќни клубови и јавни куќи. Наскоро ми здодеа животот во Лагос, и во 1981 година се преселив во Лондон. Оттаму отидов во Белгија, каде што одев на часови по француски и работев со скратено работно време во еден ресторан. Меѓутоа, поголемиот дел од времето испраќав автомобили и електронска опрема во Нигерија.
Татко ми напиша писмо до подружницата на Јеховините сведоци во Белгија и ги замоли да ме побараат и да се обидат да ја проучуваат Библијата со мене. Но, кога и да дојдеа Сведоците кај мене, јас одбивав да ги сослушам. Почнав да одам во една црква каде што се јадеше, се пиеше и се играа разни спортови по црковната служба.
Живот како дилер на дрога
Во 1982 година, испратив еден луксузен автомобил за Нигерија и лично отидов до пристаништето за да се погрижам да помине на царина. Нигериската царинска служба откри дека царинскиот документ е фалсификуван и затоа бев ставен во притвор околу 40 дена. Татко ми ме извади со кауција. Бидејќи ми беа потребни пари за да го решам случајот, се вратив во Белгија со роба за продавање, меѓу кои беа и неколку килограми марихуана. Откако бев ослободен од случајот со фалсификување на царинскиот документ, се преориентирав на трговија со дрога.
На едно патување во Холандија бев уапсен. Службениците за имиграција ме протераа и ме ставија во авион што одеше за Нигерија. По патот се запознав со други дилери на дрога и создадовме партнерство за тргување со дрога. Во јануари 1984 година, се преселив во една друга африканска земја. Бидејќи зборував француски, јазикот што таму се зборува, набрзо можев да се спријателам со полицајци, војници и службеници за имиграција. Така успеавме да увеземе илјадници килограми марихуана во таа земја.
Уапсен и во затвор
Тогаш повторно се најдов во неволја. Бев договорен со еден воен капетан да ми помогне да ја пренесам мојата роба низ аеродромот во таа земја. Но, тој задоцни и јас бев уапсен. Полицајците толку силно ме претепаа и ме малтретираа што се онесвестив. Ме однесоа во болница и таму ме оставија, мислејќи дека ќе умрам. Но преживеав, и подоцна бев обвинет, осуден и затворен.
Кога излегов од затвор, видов дека другарот кого го имав замолено да се грижи за мојата куќа го продал целиот мој имот и исчезнал. За да заработам за живот, веднаш почнав да продавам марихуана. Меѓутоа, по десет дена повторно бев уапсен и затворен три месеци. Кога ме ослободија бев толку болен, што пак за малку ќе умрев. Некако успеав да се вратам во Лагос.
Повторно во „бизнисот“
Во Лагос се најдов со некои од моите партнери и тргнавме за Индија, каде што купивме хероин во вредност од околу 600.000 американски долари. Од Бомбај (сега Мумбај) продолживме за Швајцарија, потоа за Португалија и на крај стигнавме во Шпанија. Секој од нас оствари приличен профит и се вративме во Лагос по различни патишта. Кон крајот на 1984 година продадов уште една пратка со дрога. Сон ми беше да заработам еден милион долари и потоа мирно да си живеам во Соединетите Држави.
Во 1986 година, ги собрав сите пари што ги имав и купив чист хероин во Лагос. Го однесов во друга земја, но таму заврши во рацете на еден алчен дилер кој никогаш не ми го плати. Бидејќи се плашев дека ќе ме убијат, се вратив во Лагос без да кажам збор за тоа што се случи. Пропаднав, и финансиски и емоционално. За прв пат, седнав и почнав да размислувам за смислата на животот. Се запрашав: ‚Зошто ми се случуваат сите тие успеси и неуспеси?‘
Се враќам кај Бог
Кратко потоа, една вечер му се молев на Јехова да ми помогне. Па, следното утро, на мојата врата чукна еден постар човек со неговата сопруга. Тие беа Јеховини сведоци. Мирно ги сослушав и зедов списание. „И моите родители се Јеховини сведоци“, им објаснив. „Алис Обара ја проучуваше Библијата со мене.“
Стариот човек, П. К. Огбанефе, одговори: „Ние добро ги познаваме Обарови. Тие сега служат во нашата нигериска подружница во Лагос“. Ме поттикнаа да се видам со нив. Средбата со Обарови многу ме охрабри. Потоа, брат Огбанефе почна да ја проучува Библијата со мене, и наскоро почнав да правам промени во мојот неморален начин на живот. Беше многу тешко да се прекине со долгогодишното користење на дрога. Сепак, бев решен да си го средам животот.
Но, колку многу искушенија и притисоци имав! Моите таканаречени пријатели доаѓаа кај мене дома и ми нудеа различни работи што ми беа вистинско искушение. Повремено повторно им се враќав на пушењето и на неморалот. Потоа во молитва му го излевав срцето на Бог. Наскоро сфатив дека, бидејќи пријателите од светот беа тие што ме одвлекоа, не се тие оние што можеа да ми помогнат. Сфатив дека, ако сакам да напредувам духовно, ќе морам да си отидам од Лагос. Но, се срамев да се вратам дома во Илеша. Сепак, на крајот му напишав писмо на татко ми и на постариот брат и ги прашав дали можам да се вратам дома.
Татко ми ме увери дека ќе им биде драго да се вратам и брат ми рече дека тој ќе ми помага финансиски. Значи, по десет години откако ги напуштив родителите, се вратив дома. Срдечно бев пречекан. „Ти благодарам Јехова!“, извика мајка ми. Кога татко ми се врати вечерта, рече: „Јехова ќе ти помага“. Со целото семејство заедно, тој му се помоли на Јехова и го молеше да ми помага сега, кога се вратив да ја вршам Неговата волја.
Надоместување за изгубеното време
Продолжив со проучувањето на Библијата и брзо напредував; се крстив на 24 април 1988 година. Веднаш станав многу активен во службата на проповедање. На 1 ноември 1989 година, почнав да служам како пионер — полновремен проповедник. Во 1995 година, бев повикан во десеттиот клас на Школата за организациско оспособување во Нигерија. Потоа, во јули 1998 година, бев именуван како патувачки надгледник и ги посетував собранијата на Јеховините сведоци. По една година бев благословен со Рут, која ми стана сопруга и придружник во патувањата.
И други членови од моето семејство духовно напредуваа. Еден од моите браќа, кој исто така престана да му служи на Јехова, повторно почна да му служи на вистинскиот Бог и се крсти. Драго ми е што татко ми виде дека се вративме. Тој среќно служеше како слуга помошник во собранието сѐ до својата смрт во 1993 година, на 75 годишна возраст. Мајка ми продолжува да му служи на Јехова со ревност во Илеша.
Пропатував низ вкупно 16 земји во Европа, Азија и Африка во потрага по богатство. Поради тоа, си нанесов многу маки (1. Тимотеј 6:9, 10). Кога ќе се сетам на минатото, многу ми е жал што запустив толку многу од моите млади години со дрога и со неморал. Жал ми е затоа што ги повредив Јехова Бог и моето семејство. Сепак, благодарен сум што останав жив за да се вразумам. Решен сум да му останам лојален на Јехова и да му служам засекогаш.
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци, но сега не се печати.
[Слика на страница 13]
Како бунтовен тинејџер
[Слика на страница 15]
На денот на моето крштавање
[Слика на страница 15]
Со мојата сопруга, Рут