Утеха за оние кои се со „скршен дух“
ДЕНЕС Сатановиот свет е ‚дојден до бесчувство‘ (Ефесјаните 4:19; 1. Јованово 5:19). Прељубата и блудот ги има насекаде. Во многу земји, 50 проценти од браковите, па и повеќе, завршуваат со развод. Хомосексуалноста е општо прифатена. Сексуалното насилство — силувањето — честопати се спомнува на вестите. Порнографијата претставува индустрија која носи профит од милијарди долари (Римјаните 1:26, 27).
Меѓу најподмолните перверзии спаѓа сексуалната злоупотреба на недолжни деца. Како што е случај и со сета друга мудрост на Сатановиот свет, сексуалната злоупотреба на деца е „животинска, демонска“ (Јаков 3:15, НС). Списанието Time вели дека само во САД „секоја година кај властите се регистрирани повеќе од 400.000 случаи на потврдени сексуални напади што ги пријавуваат наставниците и лекарите“. Кога жртвите на таквата злоупотреба ќе станат возрасни луѓе, многу од нив сѐ уште носат болни рани, а тие рани се вистински! Библијата вели: „Духот [умствената склоност, внатрешните чувства и мислите] на човекот го поткрепува во немоќ, а скршен [ранет, измачен] дух — кој може да поткрепи“ (Изреки 18:15).
Добрата вест за Божјето Царство привлекува најразлични луѓе, вклучувајќи ги и оние кои се со ‚сокрушени срца‘ и со „опаднат дух“ (Исаија 61:1-4). Не изненадува тоа што многумина од оние кои чувствуваат емоционална болка, одговараат на следниов повик: „Кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22:17). Христијанското собрание може да биде место на утеха за таквите лица. Тие се радуваат кога ќе дознаат дека наскоро страдањата ќе бидат минато (Исаија 65:17). Меѓутоа, дотогаш можеби ќе им биде потребно да бидат ‚утешувани‘, а раните да им бидат ‚лекувани‘. Павле со право ги советувал христијаните: „Утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите“ (1. Солунјаните 5:14).
„Потиснати сеќавања“
Во последниве години некои се „сокрушени по срце“ од причини кои другите тешко можат да ги разберат. Тие се возрасни луѓе кои, врз основа на она што се опишува како „потиснати сеќавања“, велат дека биле сексуално злоупотребени кога биле деца.a Некои не ни помислуваат дека биле злоупотребувани сѐ додека, неочекувано, во мислите не им се вратат впечатливи сцени и „сеќавања“ на лицето (или лицата) кои ги злоупотребиле додека биле мали. Дали некој во христијанското собрание има такви вознемирувачки мисли? Во некои земји да, и затоа овие оддадени поединци можеби доживуваат длабока болка, лутина, чувство на вина, срам или осаменост. Исто како Давид, и тие можеби се чувствуваат како да се одвоени од Бог и извикуваат: „Зошто Господи се оддалечуваш и не сакаш на неволните во право време да им помогнеш?“ (Псалм 9:21).
Стручњаците за ментално здравје не можат баш најдобро да разберат многу аспекти од ваквите „сеќавања“. Но, таквите „сеќавања“ можат да влијаат врз духовноста на предадените христијани. Затоа, кога се соочуваме со нив, со доверба бараме водство од Божјата Реч. Библијата дава „разум во сѐ“ (2. Тимотеј 2:7; 3:16). Исто така, на сите кои се засегнати од нив, им помага да имаат верба во Јехова, кој е „Отец на милосрдноста и Бог на секоја утеха, Кој нѐ утешува при секоја наша мака“ (2. Коринтјаните 1:3, 4).
Дали навистина се случило тоа?
Во светот постојат многу полемики во врска со тоа што претставуваат овие „сеќавања“ и до кој степен ги прикажуваат работите кои навистина се случиле. Јеховините сведоци „не се дел од светот“ и затоа не се мешаат во таквите полемики (Јован 17:16, НС). Според објавените извештаи, понекогаш се покажало дека „сеќавањата“ се вистинити. На пример, откако осигурителниот службеник Франк Фицпатрик „се сетил“ дека бил злоупотребен од страна на некој свештеник, уште скоро сто други жртви изјавиле дека истиот свештеник ги злоупотребил и нив. Се вели дека свештеникот го признал насилството.
Меѓутоа, треба да се спомене и тоа дека извесен број поединци не можеле да ги поткрепат своите „сеќавања“. Некои кои се измачувани на ваков начин, имале впечатливи потсетувања на лицето кое го извршило насилството или на самото насилство како се извршува на одредено место. Меѓутоа, противдоказите подоцна јасно покажале дека деталите од овие „сеќавања“ не би можеле да бидат вистинити.
Наоѓање на засолниште
Сепак, како може да им се даде утеха на оние кои се со „скршен дух“ поради таквите „сеќавања“? Сети се на Исусовата споредба за ближниот Самарјанин. Разбојници нападнале некој човек, го истепале и го ограбиле. Кога дошол Самарјанинот, се сожалил на ранетиот човек. Што сторил тој? Дали барал да го слушне секој поединечен детаљ во врска со тепањето? Дали добил опис од крадците и веднаш отишол да ги гони? Не. Човекот бил повреден! Затоа Самарјанинот нежно му ги преврзал раните и љубезно го однел на безбедно место во блиската гостилница каде што можел да закрепне (Лука 10:30-37).
Навистина, постои разлика меѓу физички рани и „скрушен дух“ поради сексуална злоупотреба во детството која навистина се случила. Сепак, и едното и другото причинува голема болка. Но, она што го сторил Самарјанинот за ранетиот Евреин покажува што може да се стори за да му се помогне на сохристијанинот кој е потиштен. Првенствено треба да му се даде утеха полна со љубов и да му се помогне да закрепне.
Ѓаволот го измачувал верниот Јов, очигледно убеден дека или емоционалната или физичката болка ќе ја скрши неговата беспрекорност (Јов 1:11; 2:5). Оттогаш, Сатана честопати се обидувал да го користи страдањето — сеедно дали ќе го предизвика директно или индиректно — за да ја ослаби верата на Божјите слуги. (Спореди 2. Коринтјаните 12:7-9.) Зарем треба да се сомневаме дека денес Ѓаволот ја користи злоупотребата на деца и ‚опаднатиот дух‘ на многу возрасни луѓе кои го доживеале тоа (или ги вознемируваат „сеќавања“ дека го доживеале тоа), со цел да ја ослаби верата на христијаните? Исто како Исус кога бил нападнат од Сатана, христијанинот кој доживува болка но решително одбива да ја напушти својата беспрекорност, вели: „Бегај од Мене, сатано!“ (Матеј 4:10).
Остани духовно јак
„Верниот и разумен роб“ има објавено материјал за да помогне во соочувањето со духовната и емоционалната болка што е предизвикана од злоупотреба на деца (Матеј 24:45-47, НС). Искуството покажува дека на жртвата ѝ помага тоа што може да се ослони на ‚Господа и на силата на неговата моќ‘ така што ќе го стави на себе „сето оружје Божјо“ (Ефесјаните 6:10-17). Во тоа оружје спаѓа библиската ‚вистина‘, која го разобличува Сатана како врвен непријател и ја растерува темнината во која тој работи со своите приврзаници (Јован 3:19). Потоа, тука е „оклопот на правдата“. Оној кој е потиштен треба да се труди да се придржува кон праведните мерила. На пример, некои имаат силни нагони да си нанесат повреда или да извршат неморал. Секојпат кога ќе им се спротивстават на тие нагони, тие победуваат!
Духовното оружје го вклучува и ‚благовестието на мирот‘. Додека им се зборува на другите за Јеховините намери, зајакнат е и оној што зборува и оној што слуша (1. Тимотеј 4:16). Ако си ти со „скршен дух“ и затоа ти е тешко да зборуваш за добрата вест, настојувај да придружуваш некој друг христијанин додека тој или таа го извршува ова животоважно дело. Не заборавај го и „штитот на верата“. Имај вера дека Јехова те сака и дека ќе го надомести сето она што си го загубил. Не се сомневај во тоа дека и Исус те сака, а тоа го докажал така што умрел за тебе (Јован 3:16). Сатана отсекогаш лажно тврдел дека Јехова не се грижи за своите слуги. Тоа е само уште една од неговите големи, злобни лаги (Јован 8:44; спореди Јов 4:1, 15-18; 42:10-15).
Ако поради болка во срцето ти е тешко да веруваш дека Јехова е заинтересиран за тебе, ќе ти помогне дружењето со другите кои цврсто веруваат дека тој навистина покажува грижа (Псалм 118:107, 111; Изреки 18:1, НС; Евреите 10:23-25). Не му дозволувај на Сатана да ти ја одземе наградата на животот. Запомни, „шлемот на спасението“ е дел од оружјето, а исто така и „духовниот меч“. Библијата е инспирирана со светиот дух, а него Сатана не може да го уништи (2. Тимотеј 3:16; Евреите 4:12). Нејзините успокојувачки зборови можат да ја смират емоционалната болка. (Спореди Псалм 106:20; 2. Коринтјаните 10:4, 5.)
На крајот, постојано моли се за сила да издржиш (Римјаните 12:12; Ефесјаните 6:18). Искрената молитва го поткрепила Исуса за време на силната емоционална агонија, а таквата молитва може да ти помогне и тебе (Лука 22:41-43). Дали ти е тешко да се молиш? Ако е така, тогаш замоли некој друг да се моли со тебе и за тебе (Колосјаните 1:3; Јаков 5:14). Светиот дух ќе ги поддржи твоите молитви. (Спореди Римјаните 8:26, 27.) Како што е случај со тешките физички болести, некои луѓе кои имаат длабоки емоционални рани можеби нема да бидат потполно излечени во овој систем на ствари. Но, со Јеховина помош можеме да истраеме, а истрајноста претставува победа, како што било и во случајот со Исус (Јован 16:33). „Надевајте се на Него сите луѓе, отворете го срцето ваше пред Него: Бог е нашиот помошник“ (Псалм 61:8).
Што да се стори со лицето за кое се тврди дека злоупотребило некого?
Лицето кое сексуално ќе злоупотреби дете е силувач, па така и треба да се гледа на него. Секој кој станал жртва на такво нешто, има право да го обвини насилникот. Па сепак, не треба брзоплето да се поднесе обвинението доколку тоа се базира само на „потиснати сеќавања“ за злоупотреба. Во тој случај, за оној кој страда најважно е повторно да стекне одреден степен на емоционална стабилност. Откако ќе помине некое време, тој може да биде во подобра положба да ги одмери „сеќавањата“ и да одлучи што ќе стори во врска со нив, ако воопшто нешто презема.
Разгледај го случајот на Дона. Наводно, таа имала проблеми со исхраната и отишла кај советник — очигледно некој кој бил со сомнителна стручност. Кратко потоа таа почнала да го обвинува својот татко за инцест и тој бил даден на суд. Поротниците не можеле да дојдат до заедничко решение, па така таткото не отишол в затвор, но морал да плати 100.000 долари за судски трошоци. Но, после сето тоа Дона им рекла на своите родители дека повеќе не мисли дека се случила некаква злоупотреба!
Мудро е тоа што го рекол Соломон: „Она што го виделе твоите очи не брзај да го изнесеш во обвинение“ (Изреки 25:8). Ако постои оправдана причина за сомневање дека насилникот за кој мислиш дека ја извршил злоупотребата сѐ уште злоупотребува деца, можеби ќе треба да се даде предупредување. Во тој случај можат да помогнат и собраниските старешини. Друга можност е малку да почекаш. Можеби со текот на времето ќе се откажеш од таа намера. Но, доколку сакаш да се соочиш со насилникот за кој мислиш дека ја извршил злоупотребата (откако најнапред ќе процениш како ќе се чувствуваш после можниот одговор), имаш право да го сториш тоа.
Додека закрепнува оној кој доживува „сеќавања“, можат да се појават непријатни ситуации. На пример, во мислите на поединецот можат да се појават живи слики дека бил злоупотребен од некого кого тој или таа го гледа секој ден. Не можат да се дадат никакви правила како да се постапи во таква ситуација. „Секој ќе го понесе своето бреме“ (Галатјаните 6:5). Понекогаш, некој може да мисли дека е вклучен и некој роднина или член од потесното семејство. Сети се на сомнителната природа на некои „потиснати сеќавања“ кога ќе треба да се идентификува оној за кој постои сомнение дека е насилник. Во таква ситуација, сѐ додека случајот не е цврсто утврден, одржувањето на контакти со семејството — барем преку повремени видувања, со писма или по телефон — би покажало дека поединецот се обидува да следи библиски начин на постапување. (Спореди Ефесјаните 6:1-3.)
Што можат да сторат старешините?
Ако на старешините им пристапи некој член на собранието кој доживува впечатливи сцени што му се враќаат во мислите или „потиснати сеќавања“ за злоупотреба во детството, обично се одредуваат двајца од нив за да помогнат. Во меѓувреме, овие старешини треба љубезно да го охрабрат потиштениот да се сосредоточи на соочувањето со емоционалната болка. Името на кој и да е насилник од „сеќавањето“ треба да се чува во строга тајност.
Првенствена задача на старешините е да делуваат како пастири (Исаија 32:1, 2; 1. Петрово 5:2, 3). Особено треба да внимаваат ‚да се облечат во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост‘ (Колосјаните 3:12). Нека сослушаат љубезно, а потоа нека ги применат закрепнувачките зборови од Библијата (Изреки 12:18). Некои кои се погодени од болни „сеќавања“, изразиле благодарност за старешините кои редовно ги посетуваат или дури им телефонираат за да проверат како се. Таквите контакти не одземаат многу време, а покажуваат дека Јеховината организација се грижи. Кога оној кој е погоден ќе увиди дека неговите христијански браќа навистина го сакаат, ќе може повторно да стекне значителен степен на емоционална рамнотежа.
Што ако потиштениот одлучи да поднесе обвинение?b Тогаш двајцата старешини можат да го советуваат лично да му пристапи на обвинетиот, во согласност со начелото од Матеј 18:15. Ако обвинителот не е емоционално спремен да го стори тоа лице в лице, тогаш тоа може да се стори по телефон или, пак, со писмо. Со тоа, на обвинетиот му се дава можност да се изјасни пред Јехова со својот одговор на обвинението. Можеби ќе изнесе и докази дека тој не ја извршил злоупотребата. Или, пак, можеби обвинетиот ќе признае и ќе дојде до помирување. Каков благослов би било тоа! Ако тој признае, двајцата старешини можат понатаму да постапуваат во согласност со библиските начела.
Ако се негира обвинението, старешините треба да му објаснат на обвинителот дека повеќе ништо не може да се стори по судски пат. Тогаш собранието и понатаму ќе гледа на обвинетиот како на недолжен. Библијата вели дека пред да се започне со судска постапка, мора да има двајца или тројца сведоци (2. Коринтјаните 13:1; 1. Тимотеј 5:19). Дури и ако повеќе од едно лице „се сеќава“ на злоупотребата од страна на исто лице, природата на таквите сеќавања е многу несигурна за да биде темел за правни одлуки без други поткрепувачки докази. Тоа не значи дека таквите „сеќавања“ се сметаат за лажни (или за вистинити). Но, кога една работа се поставува како правен случај, мора да се следат библиските начела.
Како да се постапи ако обвинетиот — иако го негира злоделото — е навистина виновен? Дали „се извлекол“, така да се каже? Се разбира дека не! Прашањето за тоа дали е виновен или не, може слободно да се остави во Јеховини раце. „Гревовите на некои луѓе се познати и однапред ги водат на суд, а на некои по нив одат [подоцна се покажуваат, НС]“ (1. Тимотеј 5:24; Римјаните 12:19; 14:12). Книгата Изреки вели: „Очекувањето на праведниците е радост, а надежта на нечестивите ќе загине“. „Со смртта на нечестивиот човек, исчезнува надежта негова“ (Изреки 10:28; 11:7). Конечно, Јехова Бог и Христос Исус ќе спроведат вечно судење во правда (1. Коринтјаните 4:5).
Спротивстави му се на Ѓаволот
Кога оние кои се предани истрајуваат и покрај голема физичка или емоционална болка, даваат огромен доказ за нивната внатрешна сила и љубов кон Бог! И колкаво само сведоштво е тоа дека моќта на Јеховиниот дух ги поддржува! (Спореди 2. Коринтјаните 4:7.)
На таквите се однесуваат Петровите зборови: „Спротивете му се [на Сатана] со тврда вера“ (1. Петрово 5:9). Тоа можеби нема да биде лесно. Понекогаш може да биде тешко дури и да се размислува трезвено и логично. Но, биди храбар! Наскоро нема повеќе да постојат Ѓаволот и неговите лукави постапки. Навистина, ние копнееме по времето кога „Сам Бог . . . ќе ја избрише . . . секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:3, 4).
[Фусноти]
a Изразот „потиснати сеќавања“, како и други слични изрази, ставени се во наводници за да се разликуваат од вообичаените сеќавања што ги имаме сите ние.
b Чекорот кој е опишан во овој пасус можеби ќе биде неопходен и доколку случајот станал општо познат во собранието.